Прескокни до содржината
Реклама

Пробиена е наводно непробојната радијациска бариера околу Земјата

Пробиена е наводно непробојната радијациска бариера околу Земјата
Фото: МКД.мк

Земјата е опкружена со таканаречените Ван Аленови појаси – две области во облик на крофна, исполнети со протони и електрони со голема енергија, кои ги заробува магнетното поле на нашата планета.

Во надворешниот појас преовладуваат електрони што добиваат енергија под влијание на Сонцето, додека голем дел од протоните во внатрешниот појас потекнуваат од честички што настануваат кога космичките зраци ќе удрат во Земјината атмосфера.

Повеќе од една деценија се сметаше дека внатрешниот појас претставува непробојна пречка за исклучително брзите и опасни електрони, познати како „електрони убијци“, и не им дозволува да се приближат премногу до Земјата.

Но за време на силната сончева бура во мај 2024 година, еден јапонски сателит забележал дека електроните токму во оваа област добиваат огромна енергија, иако научниците веруваа дека тоа таму не е можно, вели Саенс алерт.

„Покажуваме дека оваа бариера може да биде пробиена при екстремни вселенски временски услови“, пишува тимот предводен од физичарот Јошизуми Мијоши од Универзитетот во Нагоја, во истражувањето објавено во списанието Геофизикал рисрч летерс.

Таканаречените „електрони убијци“ претставуваат сериозна опасност во вселената околу Земјата. Под влијание на електромагнетните бранови, особено за време на геомагнетни бури, овие честички можат да достигнат брзина речиси еднаква на брзината на светлината.

Имаат толку голема енергија што можат да поминат низ заштитните обвивки на сателитите, да ја оштетат нивната електроника и да им го скратат работниот век. Претставуваат опасност и за астронаутите поради зголемената изложеност на зрачење.

Во 2014 година, набљудувањата на сондите Ван Ален на НАСА открија необично јасна граница на оддалеченост од околу три Земјини радиуси од центарот на планетата. Најенергичните електрони ретко ја преминуваа таа граница кон Земјата.

Научниците ја нарекоа „непробојна бариера“. Сметаа дека електромагнетните бранови во областа со ладна плазма околу Земјата ги исфрлаат електроните од нивните вообичаени патеки и ги насочуваат кон атмосферата, спречувајќи ги да навлезат подлабоко.

Но уште во 2018 година се појавија сомнежи дека станува збор за вистинска бариера. Истражувачите претпоставија дека електроните можат да навлезат подлабоко под влијание на промените во Земјиното магнетно поле, но геомагнетните бури обично стивнуваат пред тоа да се случи.

Во 2024 година, една анализа на податоци собрани меѓу 1996 и 2006 година покажа дека електромагнетните бранови создадени од молњите можат да ги насочат опасните електрони од внатрешниот радијациски појас кон Земјината атмосфера.

Тоа беше дополнителен доказ дека и во областа што наводно ја штити непробојната бариера веќе постојат високоенергетски електрони.

А потоа, во мај 2024 година, се случи една од најсилните сончеви бури.

Низа силни ерупции на Сонцето исфрлија милијарди тони наелектризирана плазма, која со огромна брзина се разлета низ Сончевиот Систем.

На Земјата тоа предизвика геомагнетна бура од категоријата Г5, највисоката на скалата за вакви бури. Нејзините ефекти беа забележани дури и на дното на океанот.

Бурата драстично го намали количеството ладна плазма во областа околу Земјата наречена плазмасфера. Така се создадоа услови за засилување на посебен вид електромагнетни бранови, познати како „хорски бранови“.

„Кога ќе се претворат во звук, звучат како птичја песна“, објаснува Мијоши.

Но наместо да ги растераат електроните, овие бранови им дале огромна дополнителна енергија, и тоа токму во внатрешноста на наводно непробојната бариера.

Клучните докази ги обезбеди јапонскиот сателит Арасе, кој ги следи радијациските појаси од 2017 година.

Додека бурата стивнувала, сателитот забележал нагло зголемување на количеството исклучително брзи електрони во внатрешноста на бариерата. Кај електроните со енергија од околу три мегаелектронволти, нивниот проток се зголемил повеќе од 5.000 пати во споредба со периодот пред бурата.

Особено важен бил редоследот на промените.

Прво се зголемил бројот на електроните со помала енергија. Околу 12 часа подоцна се појавиле електрони со поголема енергија, а по приближно еден ден нагло пораснал и бројот на оние со енергија поголема од три мегаелектронволти.

Тоа покажува дека електроните не биле само потиснати кон Земјата од подалечните делови на вселената, туку добивале дополнителна енергија на самото место, во областа што дотогаш се сметаше за заштитена.

Научниците открија и зголемена концентрација на електрони во близина на границата на бариерата. Таквиот распоред укажува дека честичките прво добивале енергија таму, а потоа се ширеле во двете насоки.

Според истражувачите, токму намалувањето на ладната плазма создало услови електроните да се однесуваат на начин што вообичаено се забележува само многу подалеку од Земјата.

Последиците траеле со месеци. Сателитот Арасе бележел постепено намалување на количеството високоенергетски електрони сè до октомври 2024 година, кога нова сончева бура го погоди просторот околу Земјата.

„Ова откритие покажува колку е важно да разбереме и да можеме да предвидиме како се однесуваат електроните со голема енергија при екстремни вселенски временски услови“, вели Мијоши.

„Таквото знаење е важно за процена на опасностите од зрачењето за вселенските летала и за подобрување на идните прогнози за вселенските временски услови.“

Откритието ја менува досегашната претстава за заштитата што ја обезбедуваат радијациските појаси. Дури и областите што се сметаа за непробојни можат да станат опасни при силни сончеви бури, а тоа значи дека процените за безбедноста на сателитите и астронаутите ќе мора да ги земат предвид и ваквите екстремни услови.

Кузмановски: Некои играчи не се борат доволно за дресот на Пелистер

Кузмановски: Некои играчи не се борат доволно за дресот на Пелистер
Фото: МКД.мк

Пелистер доживеа тежок пораз, а Кузмановски знае дека за да се победи во „Јане Сандански“ мора да се даде многу повеќе од она што денеска го покажа битолскиот тим.

„Долго време се подготвувавме за овој натпревар, знаевме колку е тешко да се игра во „Јане Сандански“. Среќен сум за некои добри моменти кои ги имавме во првото полувреме, како требаше да играме борбено, но за да извојуваш победа против Вардар во ваква атмосфера тоа не е доволно, треба да имаш константни 60 минути, да бидеш на максиумум. Мислам дека се потребни 16 играчи за да се дојде до победа. Во овој модерен ракомет кој се игра во Европа потребно е секој играч да има придонес за на крај да се радуваш. Мислам дека е тешко, добрите моменти ќе ги издвоиме и одиме понатаму, првенството не е завршено само со еден натпревар, има уште многу да се игра“, вели Кузмановски.

„Кога ќе направиме анализа, ќе видиме дека правевме доста технички грешки кои Вардар ги казни. Секој играч треба добро да размисли. Како што кажав, потребни ни се 16 играчи кои треба да се борат за дресот на Пелистер, но некои тоа не го покажуваат. Одиме понатаму, не е ништо решено“.

Ковачки му честиташе на Јахији за победата на изборите во Брвеница

Ковачки му честиташе на Јахији за победата на изборите во Брвеница
Фото: МКД.мк

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки вечерва во Брвеница му честиташе на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Општината Аркин Јахији и посочи дека разликата со нивниот кадидат Стојанчо Радичевски е околу 200 гласа.

„Секако би сакал да им честитам на противниците кои остварија победа во овој изборен циклус. Некогаш против бројките не се може, бројките се тие кои што се. Успеаа да донесат многу луѓе од надвор кои не живеат тука и живеат надвор од границите на оваа тактовина, меѓутоа гласаа за кандидатот на ДУИ и јас би му честитал во оваа прилика“, изјави Ковачки.

Жителите од десетте населени места во Општина Брвеница избираат градоначалник откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на општината, Јовица Илиевски. Функцијата на вршител на должноста градоначалник во изминатите месеци ја извршуваше Роберт Милошески.

Во Избирачкиот список беа запишани 16.256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство, а во затвор или во притвор се девет избирачи.

Победник на изборите во вториот круг е кандидатот кој добил поголем број гласови. На првиот круг од изборите во Брвеница победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Радичевски со разлика од околу 800 гласови. Во вториот круг одѕивот на гласачите е за околу 10 отсто поголем отколку во првиот.

Режисерот Мајкл Ман случајно се застрелал

Режисерот Мајкл Ман случајно се застрелал
Фото: Нетпрес

Режисерот Мајкл Кенет Ман, најпознат по неговиот криминален трилер „Heat“, е повреден во несреќа на стрелиште во Лос Анџелес, потврди неговата портпаролка за новинската агенција dpa.

Осудесет итригодишниот филмаџија претрпел „површни повреди“ во инцидентот во саботата, прима медицинска помош и се подготвува да ја напушти болницата, изјави портпаролката.

Веб-таблоидот TMZ прв ја објави несреќата, повикувајќи се на полициски извори. Според TMZ, Ман, кој е искусен рекреативен стрелец, случајно се застрелал во ногата додека се обидувал да го стави пиштолот во футролата.

Ман е познат по режирањето сурови криминални трилери во кои глумеле некои од најголемите холивудски ѕвезди.

Во неговиот класик од 1995 година „Heat“, Роберт Де Ниро игра криминален гениј кому зад петиците му е детективот што го игра Ал Пачино во напната игра на мачка и глушец.

Во филмот од 2004 година „Collateral“, Том Круз игра бескрупулозен платен убиец кој ноќе крстари по улиците на Лос Анџелес Ман, исто така, ја режираше филмската адаптација на телевизиската серија „Miami Vice“ во која Колин Фарел и Џејми Фокс играат детективи кои фаќаат криминалци.

Франција истражува кој ќе ги плати штетите од милијарда евра од безредијата

Франција истражува кој ќе ги плати штетите од милијарда евра од безредијата
Фото: REUTERS

Трошоците за покривање на штетата предизвикана од немирите во Франција наскоро може да се одземат од надоместоците за домување, но некои демонстранти можеби ќе треба да платат за прозорци што никогаш не ги скршиле, пишува во неделата Associated Press.

Францускиот Сенат претходно седмицава со 229 гласови „за“ и 105 „против го одобри содветниот закон, откако неколкуте седмици протести поради високите трошоци за живот се претворија во најлошите безредија во земјата последниве години, предизвикувајќи штета проценета на повеќе од милијарда евра.

Само минатиот викенд, полицијата уапси речиси 2.400 лица, властите соопштија дека илјадници продавници биле ограбени или оштетени, а во Лимож беше запалено историското градско собрание од XIX век.

И не е само Франција земјата којашто бара кој да плати за штетите. Низ цела Западна Европа, владите го насочуваат своето внимание не само кон учесниците во безредијата, туку и кон нивните родители и кон апликациите што ги повикуваат да излезат на улица.

И тоа можеби и не е крајот на тоа. Шпанската веб-страница за проверка на факти Maldita.es идентификуваше повици за протести за Ноќта на вештерките во 46 градови во најмалку девет европски земји, од кои некои повикуваат на грабежи.

Официјалните лица велат дека целта е да се спречат идните немири и да се покријат трошоците од претходните. Противниците на мерката предупредуваат дека проширувањето на одговорноста би можело да ги казни луѓето кои не извршиле насилство и да ги предизвика и другите да протестираат.

Во Франција, секој што свесно се приклучува на група што планира насилство може да добие наредба да плати до 10.000 евра за она што е уништено. Истото важи и за секој што свесно останува на местото на настанот откако полицијата ќе нареди толпата што ја предизвикала штетата да се растера.

Најтешкиот дел е собирањето пари, бидејќи сторителите честопати се слабо платежно способни или се само со приход што законот го штити од конфискација, се наведува во извештајот на францускиот Сенат.

Новиот француски закон има цел да обезбеди уште еден извор на приход: парите што државата ги користи за издршка на семејствата.

Францускиот закон веќе генерално ги смета родителите за одговорни за штета предизвикана од нивните деца под 18 години. Според законот, откако судската одлука ќе стане правосилна, парите би можеле да се задржат од семејните додатоци и помошта за домување. Сенаторите додадоа на приходите и одредба со што би можеле да бидат засегнати минимална поддршка за приход до околу 650 евра по лице месечно, па дури и додатокот за почетокот на училишната година, што семејствата го добиваат за училишен материјал. За покривање на трошоците за издршка заштитена од конфискација останува само минималниот износ.

Поддржувачите на мерката тврдат дека жртвите заслужуваат обештетување и дека трошоците не треба да ги сносат даночните обврзници. Заменувањето на голем излог може да чини десетици илјади евра. Од немирите во 2023 година, осигурителите исплатиле 793 милиони евра во 16.400 барања, според француската федерација на осигурители.

Групите за права ги повикаа пратениците да го отфрлат законот, предупредувајќи дека тој ќе влијае врз попрачување на мирните протести и ќе им наштети на семејствата кои се потпираат на социјална помош.

Конфискацијата на овие плаќања „може да има катастрофални последици за најсиромашните“, изјави во соопштение Натали Годар од филијата на Amnesty International во Франција.

Крајната десница го поддржа законот во Сенатот, каде што конзервативците имаат мнозинство. Но тој мора да се гласа и во Националното собрание (долниот дом на францускиот парламент), каде што ниту еден блок нема мнозинство.

Одземањето на социјалните бенефиции за учесниците во немирите е долгогодишна идеја на Марин Ле Пен, лидерка на крајно десничарската партија Национален собир. Сега владата го призна тоа, а Ле Пен води во анкетите на јавното мислење за претседателските избори следната пролет.

Во Италија, аргументот започнува со приказна за едно семејство. „Зад излогот на оваа продавница е семејство кое целиот свој живот правело жртви“, рече премиерката Џорџа Мелони на 20-ти октомври, кога објави нов строг безбедносен декрет за борба против малолетничката деликвенција по грабежите во Милано.

Нејзиниот принцип е изразен во три италијански зборови: „Chi rompe paga“ – „Кој крши, плаќа“. „Да, ако оној што го крши е малолетник, родителите плаќаат“, рече Мелони.

Родителите сега можат да се соочат со казни до 1.000 евра, сума којашто се удвојува за втор прекршок, освен ако не можат да докажат дека не можеле да го сопрат своето дете. Може да им се наложи да платат за предизвиканата штета, а според францускиот закон, парите наменети за издршка на деца и образование би можеле да се користат за покривање на штетата предизвикана од ограбена продавница.

„Повикувањето на одговорност на родителите може да помогне, но само казните веројатно нема да ги одвратат тинејџерите кои се водени од притисок од врсниците или желбата да бидат прифатени во групата“, вели Клаудио Бертолоти, директор на START InSight, компанија за истражување на безбедноста.

Организирањето насилство за време на протест, дури и онлајн, сега е казниво со затвор од четири до 12 години.

Платформира Telegram и WhatsApp треба да ги затворат ваквите канали кога поттикнуваат насилство, велат експертите. Портпарол на Telegram изјави за Associated Press дека компанијата поддржува мирно изразување и протести, но дека „повиците на насилство, вандализам и кражба се изрично забранети и се отстрануваат штом ќе бидат откриени“. Додак и дека Telegram отстранил слични повици поврзани со протестите во Мадрид.

TikTok и Meta, која е сопственик на WhatsApp, не одговорија веднаш на барањата за коментар.

Telegram затвори групен канал во Барселона кој поттикнувал грабежи за Ноќта на вештерките, но на негово место брзо се појави друг, привлекувајќи повеќе од 2.000 членови, објавија шпанските медиуми.

Францускиот закон ќе им овозможи на властите да бараат специфични нелегални повици за насилство или грабежи да бидат отстранети без претходно судско одобрение. Доколку останат онлајн 24 часа, властите би можеле да наредат блокирање на веб-адресите. Овие одлуки може да се обжалат на суд.

САД се движат во спротивна насока. Таму, законодавството генерално ги штити платформите од граѓанска одговорност за објавите на корисниците, а администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги нарече европските правила „цензура“.

Во својата анализа Associated Press наведува дека Велика Британија ги покажува границите на отстранувањето содржини. Откако три девојки беа убиени во Саутпорт во 2024 година, според агенцијата лажни тврдења се ширеле онлајн, проследени со немири. Парламентарен комитет откри дека алгоритмите придонеле за поширока дистрибуција на штетна содржина, од која голем дел не го кршела законот.

Закани, гафови и машки задници: говорите на Трамп стануваат сè понеобични

Закани, гафови и машки задници: говорите на Трамп стануваат сè понеобични
Фото: МКД.мк

Во почетокот на говорот на неодамнешниот предизборен митинг во Гринвил, Северна Каролина, претседателот Доналд Трамп ја раскажа приказната за криминалниот случај на Вили Хортон, кој придонесе за поразот на демократскиот претседателски кандидат Мајкл Дукакис во 1988 година.

А потоа, половина час подоцна, сè уште на истиот митинг, пред истата публика и од истата говорница, Трамп повторно ја раскажа приказната за Вили Хортон, користејќи дел од истите зборови и и двата пати погрешно наведувајќи ги фактите.

Трамп, кој минатата година стана најстариот претседател во американската историја во моментот на стапувањето на должноста, а во јуни наполни 80 години, покажува завидна физичка издржливост додека патува низ земјата во пресрет на изборите за Конгресот. Но неговите настапи низ земјата и во Белата куќа оваа есен беа проследени со многу збунувачки моменти што повторно ги отворија прашањата за неговата возраст и ментална состојба.

Често заборава и се повторува. Зборува подолго, користи повеќе вулгарни зборови и почесто изнесува категорични тврдења отколку кога првпат се кандидираше за претседател пред една деценија. Неговите долги говори, во кои постојано скока од тема на тема, понекогаш стануваат уште понеповрзани. Дава изјави по кои луѓето се прашуваат за што воопшто зборува или што всушност сакал да каже. А иако никогаш целосно не ги почитувал непишаните правила на претседателската функција, сега изгледа уште поспремен да кажува работи што ниту еден друг претседател не би ги кажал.

За едно неоградено градилиште изјави дека „само Хиспаноамериканец би можел да преживее таков пад“. Сака да им забрани влез на имигрантите од Норвешка „затоа што не ја добив Нобеловата награда“. Вели дека „не му е гајле“ ако изгледа дека повеќе му е гајле за профитот на нафтените компании отколку за работниците што едвај врзуваат крај со крај. Ормускиот Теснец погрешно го нарекува „Хормонски Теснец“. На поддржувачите им порача „да мамат колку што можат“ на изборите на 3 ноември. Вели дека воените лица што оддаваат тајни информации „треба да бидат стрелани“. А тука е и неговата необјаснива опседнатост со машките задници.

Дури и самиот Трамп понекогаш изгледа изненаден од она што го кажува и од тоа колку неговите поддржувачи сепак го обожаваат. „Јас можам да ги кажам најголемите глупости, а вие ќе аплаудирате. ‘Ох, колку те сакам’“, рече зачудено на неодамнешниот митинг во Кларксвил, Тенеси. „Но ние не кажуваме глупости“, брзо додаде. „Го кажуваме она што е здрав разум. Кажуваме работи што имаат смисла.“

За Трамп, на митинзите често е поважно да ја забавува публиката отколку да зборува смислено, а некои од неговите шокантни изјави очигледно имаат цел да предизвикаат смеа. Неговите сојузници велат дека премногу сериозно се сфаќаат коментари што всушност се само шеги. Тој отсекогаш бил провокативен говорник, подготвен да предизвика негодување само заради провокација. Трамп го брани својот начин на зборување, во кој слободно преминува од една мисла на друга, како „брилијантен“ говорнички стил што го нарекува „преплетување“.

Но се чини дека тоа „преплетување“ станува сè позаплеткано. Една анализа на Њујорк тајмс, направена со помош на вештачката интелигенција, ги опфати изјавите на Трамп од говори, митинзи, социјални мрежи, интервјуа и јавни средби. Таа откри значителни промени во споредба со периодот кога ја почна претседателската кампања во 2015 година, на 69-годишна возраст, иако промените се помалку изразени во споредба со 2024 година, кога беше спроведена слична анализа. Општиот заклучок е дека јавниот говор на Трамп денес е повулгарен, поневоздржан и помалку поврзан отколку пред една деценија.

„Кажува толку многу глупости, дури и за неговите стандарди, толку многу шокантни и агресивни работи“, изјави поранешниот републикански конгресмен од Флорида, Френсис Руни. „Таков агресивен и офанзивен речник никогаш не сум слушнал од претседател.“

Белата куќа ги отфрли тврдењата дека способностите на Трамп ослабеле. Портпаролот Дејвис Ингл ја пофали неговата „бистрина, неспоредлива енергија, неуморна работна етика и досега невидена достапност“ и ги отфрли грижите поради неговите провокативни изјави.

„На претседателот не му е гајле дали е политички коректен, туку дали ја прави Америка повторно голема“, рече Ингл. „Американскиот народ го сака тоа што претседателот е автентичен, отворен и ефикасен.“

„Проклет гениј“

Тешко е да се процени како возраста влијае врз човековите способности без медицински преглед, иако тоа не спречува многу лекари, политички коментатори и обични Американци да извлекуваат заклучоци за Трамп врз основа на она што го гледаат на телевизија.

Анализата на Њујорк тајмс, која го опфати периодот од 2015 година до четвртокот пред објавувањето на текстот, покажа дека Трамп во вториот мандат на митинзите користи 19 отсто повеќе зборови што не оставаат простор за нијанси, како „секогаш“, „никогаш“, „сè“ и „целосно“, отколку пред една деценија, и пет отсто повеќе отколку во 2024 година. Според експертите, таквото црно-бело размислување често го придружува стареењето или опаѓањето на когнитивните способности. Неговиот речник станува и повулгарен: сега користи речиси 15 пцовки на секои 10.000 збора, во споредба со 14 пред две години и шест пред една деценија. Таквата промена е во согласност со намалувањето на воздржаноста што може да се јави со возраста.

Анализата, спроведена со помош на вештачката интелигенција, покажа дека во вториот мандат Трамп два и пол пати почесто прави долги, неповрзани или збунувачки отстапувања од темата во говорите и на митинзите отколку за време на кампањата во 2016 година, иако приближно исто толку често како во 2024 година. Неговиот вокабулар останува приближно ист, како и сложеноста на неговиот говор, која одговара на нивото на ученик од четврто или петто одделение. Просечниот современ американски претседател зборува на ниво на осмо одделение.

Трамп сега има помалку јавни настапи: во просек 1,3 настани во работен ден, во споредба со 2,1 во првиот мандат. Но на интернет објавува во просек 21 порака дневно, наспроти 13 во 2016 година, иако помалку од 34 дневно пред две години. Претседателот, кој има навика да останува буден до доцна во ноќта, во 30 отсто од ноќите во вториот мандат објавувал пораки меѓу полноќ и пет часот наутро, а во 240 наврати објавил по десет или повеќе пораки во еден час.

Лекарот на претседателот изјави дека Трамп е ментално бистар. Во извештај на три страници, објавен во мај, д-р Шон П. Барбабела, лекарот на Белата куќа, наведе дека Трамп освоил максимални 30 поени на Монтреалскиот тест за процена на когнитивните способности. „Когнитивните и физичките способности се одлични“, напиша тој.

Монтреалскиот тест е кратка проверка за откривање можни знаци на Алцхајмерова болест или други когнитивни нарушувања. Вклучува едноставни задачи, како препознавање лав, камила и носорог, цртање часовник, повторување зборови или броеви по редослед и набројување што повеќе зборови што почнуваат на буквата Ф во рок од една минута. „Никој не може да го направи ова“, тврдеше Трамп пред неколку недели, додавајќи: „Но јас можам. Знаете зошто? Затоа што сум проклет гениј!“

Се чини дека Трамп е чувствителен на впечатокот дека неговите способности слабеат, па на шестина неодамнешни митинзи самиот ги спомена когнитивните тестови, без никој да го праша. Во Чиликоти, Охајо, во средата навечер, се нарече себеси „човек со многу висок коефициент на интелигенција“, опширно ги опиша тестовите и ја спореди својата интелигенција со онаа на поранешните претседатели Барак Обама и Џозеф Р. Бајден.

„Не заборавајте дека јас сум единствениот претседател што ги положил без исклучок — положив три когнитивни тестa“, рече тој. „Јас сум единствениот претседател што се согласиl да ги направи. А тешки се, знаете? Обама не би можел да ги положи. За Бајден и да не зборуваме.“

„Не ми е гајле“

Иако понекогаш задремува за време на состаноците во Белата куќа, Трамп црпи енергија од публиката кога патува низ земјата. Зборува, зборува и зборува — двојно подолго отколку во 2016 година, според анализата на Њујорк тајмс. Неговите говори на митинзите сега траат во просек 85 минути, во споредба со 42 минути пред една деценија.

Тој е крајно недисциплиниран во говорите и се гордее со тоа. Кажува работи што очигледно не му одат во прилог. Иако многу Американци се незадоволни од високите цени на горивото, неодамна во Пери, Џорџија, изјави дека високите цени на нафтата се добра работа затоа што индустријата за фосилни горива заработува стотици милијарди долари. Уште додека го кажуваше тоа, самиот призна дека ќе предизвика негативни наслови. „Не ми е гајле“, рече. „Ќе го кажам. Заработуваме проклето богатство.“

Тој скока од мисла на мисла, често без да ја доврши реченицата, вметнувајќи една спонтана приказна во друга. Во Пендлтон, Јужна Каролина, почна да зборува за трансродовите спортисти, се прекина за да раскаже приказна за некого што го запознал во Израел, спомена анкета без да ги објасни нејзините резултати, а потоа премина на климатските промени:

„Имате многу рекорди што жените баш и нема да ги соборат. Ќе речат: ‘Кој, по ѓаволите, го соборил?’ Или пливачката што беше одлична пливачка, па погледна налево, погледна надесно и виде огромен човек до себе.

Го имате видено — ја имате видено на телевизија. И мораше да се натпреварува. А жена ми рече: ‘Те молам, не раскажувај такви приказни. Тоа се ужасни приказни за еден претседател. Можеш ли да го замислиш Џорџ Вашингтон како раскажува такви приказни?’ Не, затоа што Џорџ Вашингтон живееше во нормални времиња. Тогаш немаше мажи што се натпреваруваат во женски спортови.

Ви го ветувам ова. Не го познавав Џорџ Вашингтон лично, но тогаш немаше осакатување на вашите деца за трансродови цели. Мислите ли дека Џорџ некогаш морал да се справува со работите со кои ние мораме да се справуваме, Тим? Јасне мислам.

Абрахам Линколн — запознав еден млад човек од Израел. Го прашав: ‘Кој ти е омилен претседател?’ Ми рече: ‘Абрахам Линколн’. Реков: ‘Ох’. Реков: ‘Тоа е убаво’. Го сакаме Абрахам Линколн. Но подоцна ќе видите нешто, затоа што имаат анкета — неодамна направија анкета. Ќе ја видите. Но јас прогласив и вонредна состојба во енергетиката на национално ниво и ѝ ставив крај на Зелената нова измама, една од најголемите измами во историјата на нашата земја.“

„Тој е вистински маж“

Како и многу луѓе што се во деветтата деценија од животот, Трамп понекогаш кажува работи што звучат непримерно. Неговото внимание кон машката анатомија, на пример, во последно време стана особено забележливо.

„Не го правам ова многу често со мажи“, рече Трамп на митинг со републиканскиот сенатор од Охајо, Џон Хастед, на 12 октомври. „Почнав да му го разгледувам телото затоа што не знаев дека е толку добар спортист. И го гледав, го меркав од глава до петици. Му го гледав задникот.“

Пет дена подоцна повторно го изрази восхитувањето од задникот на Хастед. „Му го разгледував задникот“, рече Трамп на митинг во Кентаки. „Никогаш порано не сум го правел тоа со… не, никогаш порано не сум го правел тоа со маж.“ Три дена подоцна, во Северна Каролина, повторно го пофали задникот на Хастед. „Неговиот задник е како куп мускули“, рече. Во Чиликоти го направи тоа повторно: „Прво му го погледнав задникот, а беше проклето цврст.“

Хастед не е единствениот маж што го заслужил восхитувањето на Трамп. Меѓу другите се:

Сенаторот Тим Скот, републиканец од Јужна Каролина: „Колку што можам да се вљубам во маж, а тоа не е многу, се вљубив во него, а тој случајно се вика Тим Скот.“

Сопругот на сенаторката Дарлин Греам, другата републиканска сенаторка од Јужна Каролина: „Тој е убав маж.“

Роберт Ф. Кенеди Помладиот, министерот за здравство и социјални услуги: „Има тело на триесетгодишник.“

Конгресменот Мајк Колинс, републиканец од Џорџија: „Мајк Колинс е убав маж. И вистински маж е.“

Во неделата во Мичиген, Трамп реши за промена да пофали женски задник. „Претходно видов еден проклето убав задник — Ники Минаж“, ѝ рече на публиката. „Тоа тешко може да не се забележи.“

Лесно избувнува

Трамп отсекогаш јавно го покажувал гневот на начин што не е вообичаен за другите претседатели. Но денес изгледа уште посклон веднаш да нападне.

Толку често им се нафрла на новинарите што едвај чека да го постават прашањето пред да ги нарече „болни“ и да им нареди: „Тишина!“ Кога новинар во четвртокот го праша дали го откажува патувањето во Канзас затоа што му здодеало да патува, Трамп го навреди поради физичкиот изглед. „Одвратен си! Стегни се малку. Изгледаш ужасно.“

И неговите повици до поддржувачите да гласаат стануваат сè повулгарни и понасилни. „Ако го направите тоа“, рече во Вандалија, Охајо, „ќе победиме, и тоа убедливо. И ќе им го набиеме в газ, така?“

Се претставува себеси како семоќен. „Можам да правам што сакам“, неодамна им рече на новинарите во Овалната соба. Како да сака да го докаже тоа, редовно се обидува да преименува мориња и други водни површини по Америка или по себеси. Побара од технолошките компании да престанат да го користат изразот „вештачка интелигенција“ и наместо тоа да велат „суперинтелигенција“. За оние што нема да го послушаат напиша на интернет дека се „НЕПРИЈАТЕЛОТ!“

Никогаш не покажувал некоја особена способност критички да се погледне себеси, но и покрај тоа, некои од неговите неодамнешни изјави се зачудувачки. Човекот што им лепи навредливи прекари на политичките противници, како „Талафрико“ за Џејмс Таларико и „Ени Трени“ за д-р Ени Ендрјус, неодамна со сосема сериозно лице тврдеше дека „јас не ги исмевам луѓето по цел ден“.

Исто така, врховниот командант што неодамна се закани дека ќе го „уништи“ Иран огорчено се пожали дека не ја добил Нобеловата награда за мир. Сепак, една вечер минатиот месец не можеше да се сети како се вика наградата што толку многу ја посакува. „Знае ли некој како се вика таа награда за мир?“, праша во Пендлтон, а потоа спомена друга: „Пулицеровата награда“.

Кога минатата недела во Порт Хјурон, Мичиген, се сети на името на Нобеловата награда, изјави дека би сакал да им забрани влез на сите имигранти од Норвешка, каде што се наоѓа комитетот што ја доделува наградата, затоа што тој не ја добил. „Не сакам никого од Норвешка“, рече. „Искрено, Норвешка е срање. Норвешка всушност стана посрана земја.“

Деновиве изгледа дека и самиот Трамп е свесен дека луѓето го набљудуваат и чекаат да видат што ќе се случи. „Го обожавам преплетувањето“, рече на републиканската конвенција пред изборите за Конгресот, одржана во септември во Далас. „Знаете што е преплетување? Зборувате за нешто, па вметнувате балска сала или авион или претседателскиот авион Ер форс уан. Но забележувате дека секогаш се враќам на истата тема.“

А сепак, продолжи Трамп: „Еден ден ќе дојде време кога ќе почнам да ги преплетувам темите, па ќе скокам од една на друга, без крај. Еден ден ќе се случи да не се вратам на првобитната тема и тогаш ќе можете да кажете дека веќе не сум тоа што бев. Океј? Тогаш ќе можете да кажете дека сум готов.“

Стојаноска: Вреди одигра улога на тројански коњ и ги раштрка гласовите во корист на ДУИ

Стојаноска: Вреди одигра улога на тројански коњ и ги раштрка гласовите во корист на ДУИ
Фото: МКД.мк

Пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, во гостување во централниот дневник на Сител телевизија, во живо од општина Брвеница, оцени дека коалицијата Вреди не успеала да се издвои од политиките на ДУИ, туку во вториот круг од локалните избори застанала зад кандидатот на НАИ.

Стојаноска посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ во првиот круг го поддржале својот кандидат Стојанчо Радичевски, додека Вреди настапила со сопствен кандидат, за во вториот круг да се приклучи кон кандидатот на НАИ.

„Видете, јас не верувам дека вреди е некој голем фактор во општина во Брвеница, впрочем, тоа го покажа и резултатите од првиот круг на изборите тука. Инаку, јасно, ние на овие избори работевме одделно, односно, нашата партија заедно со коалицијата Твоја Македонија застана зад нашиот кандидат Стојанчо Радичевски, додека вреди во првиот круг работеше за нивниот кандидат, а во вториот круг одлучи да се приклучи на кандидатот на НАИ.

Стојаноска упати критики и кон коалицијата Вреди, обвинувајќи ја дека во вториот круг од изборите во Брвеница одиграла во корист на ДУИ, наместо да ја искористи можноста да покаже дека е политички различна од оваа партија, оценувајќи дека Вреди одиграла улога на „Тројански коњ“.

Жалиме што ете Вреди не ја искористи оваа прилика да покаже дека се поразлични од ДУИ туку, исто како и СДС и Левица. Мислам дека ја одиграа улогата на тројански коњ и одиграа за ДУИ, односно ги раштрка гласовите од гласачкиот базен. Што се однесува за тестот на владината коалиција, мислам дека локалните избори во Брвеница нема да бидат тест за оваа владина коалиција. Туку напротив, тест за коалицијата е реализацијата на владината програма, која што за сега сметам дека се одвива според планираното“, вели Стојаноска.

Осврнувајќи се на изборните резултати и политичката состојба во опозицијата, Стојаноска оцени дека СДС по локалните избори станала маргинална политичка партија, за што одговорност му припиша на партиското раководство предводено од Венко Филипче.

„Така, СДС стана, би рекла, маргинална партија после овие локални избори, особено заради катастрофалното нејзино раководење од страна на Венко Филипче. И јас сметам дека венковистите може би сега и би се радувале или навиваат да победи нивниот партнер ДУИ, што впрочем докажува дека секогаш кога ќе ги споменеме ДУИ и СДС, треба да сме свесни дека станува збор за две различни страни од една иста паричка“, рече Стојаноска.

Дали мажите треба да мократ седејќи или стоејќи? Научниците конечно го тестираа тоа

Дали мажите треба да мократ седејќи или стоејќи? Научниците конечно го тестираа тоа
Фото: МКД.мк

Дали е подобро мажите да мократ седејќи или стоејќи? Ова прашање веројатно си го поставиле многу мажи, а едно ново истражување покажува дека одговорот не е ист за сите.

Претходните истражувања покажаа дека за мажите со зголемена простата или други проблеми со мокрењето можеби е подобро да седат.

Во споредба со стоењето, седењето би можело да помогне во опуштањето на мускулите на карличното дно и поцелосното празнење на мочниот меур, вели Саенс алерт.

Но некои истражувања укажуваат на спротивното. Кај мажите на возраст до 50 години, мокрењето во седечка положба може да биде поврзано со поголема веројатност за истекување неколку капки урина по завршувањето на мокрењето.

Сега научниците решија да ја проверат оваа дилема со рандомизирано вкрстено истражување.

Истражувањето го спроведоа научници од Колумбиската група за уролошки истражувања, а резултатите се објавени во научното списание Неуролоџи енд уродинамикс.

Во истражувањето учествуваа 52 здрави мажи на возраст од 18 до 39 години, кај кои научниците го следеле мокрењето и во седечка и во стоечка положба.

Околу половина од учесниците биле случајно избрани прво да мократ седејќи, а потоа стоејќи, додека другата половина го правела тоа по обратен редослед.

Меѓу двете мерења имало пауза од најмалку 24 часа, за резултатите од првото мерење да не влијаат врз второто.

При секое мокрење научниците ја мереле максималната брзина на протокот на урината, односно колку брзо истекува урината во моментот кога млазот е најсилен, како и вкупното количество исфрлена урина.

Се покажало дека положбата речиси и не влијае врз резултатите.

„Кај здравите мажи положбата при мокрењето не влијаеше значително врз максималната брзина на протокот на урината ниту врз количеството исфрлена урина“, заклучија истражувачите.

Единствената разлика била тоа што на здравите мажи им требало малку повеќе време да го достигнат најсилниот млаз кога мокреле стоејќи.

Разликата била статистички значајна, но делумно зависела од резултатот на еден учесник што значително отстапувал од останатите. Затоа научниците сметаат дека таа веројатно нема вистинско медицинско значење.

На крајот, резултатите покажуваат дека за здравите мажи практично нема разлика дали мократ седејќи или стоејќи.

За некои ова можеби ќе биде олеснување.

Едно глобално истражување од 2023 година, во кое учествуваа повеќе од 7.000 мажи, покажа дека во САД околу 10 отсто од мажите мократ седејќи, додека во други земји тој процент е многу поголем.

Во Германија, на пример, 40 отсто од мажите рекле дека мократ седејќи, иако германскиот збор за маж што мокри седејќи понекогаш се користи и како навреда.

Во некои култури одлуката дали мажот ќе мокри седејќи или стоејќи е проследена со предрасуди. Но според досегашните научни сознанија, таа одлука нема особено значење за здравите мажи, освен кога станува збор за хигиената.

„Без оглед на положбата, се чини дека нема разлика во времето потребно за мокрење, брзината на протокот и степенот на празнење на мочниот меур“, напишаа истражувачите на физиологијата на мочниот меур Кристијан Моро и Шарлот Фелпс за Конверзејшн во 2023 година.

„Доколку немаат проблеми со мокрењето, мажите можат слободно да ја изберат положбата што им одговара. Ако одлучат да стојат, само треба добро да нишанат.“

Но кај мажите што имаат проблеми со мокрењето, најдобрата положба можеби е поинаква.

Едно истражување од 2020 година, спроведено меѓу речиси 200 мажи, покажа дека оние што претпочитаат да мократ седејќи почесто пријавуваат симптоми на проблеми со уринарниот тракт.

Тоа, сепак, не значи дека седењето ги предизвикува проблемите. Можно е овие мажи да решаваат да седат токму затоа што веќе имаат тешкотии со мокрењето.

Но дали седењето навистина им помага?

По 50-годишна возраст кај многу мажи доаѓа до зголемување на простатата, што може да ја притисне мочната цевка и да го отежни мокрењето.

Урологот Рена Малик објасни на Јутјуб дека поради тоа некои мажи мора да се напрегаат при мокрењето или имаат послаб млаз.

Тоа може да го отежни мокрењето во стоечка положба и контролирањето на млазот.

„Затоа седењето може да биде попрактично од хигиенски причини“, објасни Малик.

Но таа призна дека засега станува збор само за претпоставки.

Научните резултати сè уште не даваат конечен одговор за мажите со уринарни проблеми.

Во 2014 година, анализа на 11 истражувања покажа дека мокрењето во седечка положба е поврзано со поцелосно празнење на мочниот меур, но само кај мажите што имаат симптоми на проблеми со долниот уринарен тракт.

Кај здравите мажи не беа забележани разлики поврзани со положбата.

Сепак, истражувањата опфатени со таа анализа главно имаа мал број учесници, а редоследот на мокрење во седечка и стоечка положба не беше случајно одреден.

„И што е особено важно“, додаваат авторите на најновото истражување, „студиите што пријавуваат дека нема разлики ретко спроведуваат формални анализи за еквивалентност, поради што нивните заклучоци понекогаш одат подалеку од она што податоците навистина го потврдуваат“.

Новото истражување отстранува дел од овие недостатоци.

„Од клиничка гледна точка, положбата при мокрењето има мало практично влијание врз мерењето на протокот на урината кај здравите мажи“, заклучуваат авторите.

Затоа, додаваат научниците, здравите мажи можат да мократ во положбата што најмногу им одговара.

Со други зборови, сами нека си решат.

20-годишник во притвор за напад врз малолетникот пред „Јане Сандански“

20-годишник во притвор за напад врз малолетникот пред „Јане Сандански“
Фото: МКД.мк

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20-годишник осомничен за насилство за време на конфликт меѓу навивачки групи пред спортскиот центар „Јане Сандански“. Кривичниот суд му одреди притвор во траење од 30 дена.

Обвинителството побара притвор поради опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците кои треба да бидат сослушани, како и опасност од повторување на делото. Судот го прифати предлогот на јавниот обвинител.

Според наводите во истрагата, за време на конфликтот меѓу навивачките групи пред влезот на спортскиот центар, осомничениот му задал удар во главата на малолетник од спротивната навивачка група. Од ударот детето се онесвестило и паднало на земја, по што со контузија на главата било пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Против 20-годишникот се води постапка за кривично дело „Насилство“ по член 386 став 6 во врска со ставовите 4 и 1 од Кривичниот законик.

Чупиќ: Им благодарам на навивачите, тие се нашиот осми играч

Чупиќ: Им благодарам на навивачите, тие се нашиот осми играч
Фото: МКД.мк

Тренерот Иван Чупиќ е задоволен од изданието на неговите ракометари, особено во второто полувреме.

„Ние секогаш сме фаворити кога играме дома, така се поставувавме и кога игравме во Лигата на шампионите, и така се поставуваме во македонската лига, не бегаме од таа улога. Јас многу добро знам, а запознаени се и моите играчи дека е многу тешко да се игра во „Јане“ и тука никој друг не смее да има улога на фаворит. Дерби, тежок меч, секогаш има тензија и емоции, во првото полувреме не бевме малку во грч, но ни требаше повреќе време за да влеземе во таа некоја наша натпреварувачка температура, но во второто полувреме излеговме со подобра одбрана, подобра транзиција, со повеќе фокус и на крајот освоивме два заслужени бода. Успеавме мечот да го донесеме до тоа во последните 10 минути да нема нервоза, да нема стрес, туку да е решен победникот“, вели Чупиќ.

„Секогаш влегуваме со нозете на земја, но знаевме дека ако одиграме добра одбрана, ако сме максимално фокусирани, тие во некој период од мечот мора да паднат. И нашата клупа дојде до израз, нашиот квалитет. Покажавме дека е многу тешко за секој да се игра во „Јане“ и сакам да продолжиме така, да знае секој противник дека тука тешко се победува“.

Чупиќ вели дека оваа победа е извинување за навивачите за поразите во Лигата на шампионите.

„Имавме тежок месец, четири порази во Лигата на шампионите, едно реми и една победа. Сакавме можеби и ненормални работи, да ја поминеме оваа група. Бевме малку тажни поради нашите навивачи кои прават врвна атмосфера, а ние не им се оддолживме на вистински начин, но мислам дека по денешниот натпревар ќе ни опростат и сакам уште еднаш да им се заблагодарам на поддршката, на енергијата, бидејќи навистина, тие се нашиот осми играч и јас сакам моите тимови да живеат со навивачите, со емоции, бидејќи спортот е емоции“.