
Францускиот Сенат претходно седмицава со 229 гласови „за“ и 105 „против го одобри содветниот закон, откако неколкуте седмици протести поради високите трошоци за живот се претворија во најлошите безредија во земјата последниве години, предизвикувајќи штета проценета на повеќе од милијарда евра.
Само минатиот викенд, полицијата уапси речиси 2.400 лица, властите соопштија дека илјадници продавници биле ограбени или оштетени, а во Лимож беше запалено историското градско собрание од XIX век.
И не е само Франција земјата којашто бара кој да плати за штетите. Низ цела Западна Европа, владите го насочуваат своето внимание не само кон учесниците во безредијата, туку и кон нивните родители и кон апликациите што ги повикуваат да излезат на улица.
И тоа можеби и не е крајот на тоа. Шпанската веб-страница за проверка на факти Maldita.es идентификуваше повици за протести за Ноќта на вештерките во 46 градови во најмалку девет европски земји, од кои некои повикуваат на грабежи.
Официјалните лица велат дека целта е да се спречат идните немири и да се покријат трошоците од претходните. Противниците на мерката предупредуваат дека проширувањето на одговорноста би можело да ги казни луѓето кои не извршиле насилство и да ги предизвика и другите да протестираат.
Во Франција, секој што свесно се приклучува на група што планира насилство може да добие наредба да плати до 10.000 евра за она што е уништено. Истото важи и за секој што свесно останува на местото на настанот откако полицијата ќе нареди толпата што ја предизвикала штетата да се растера.
Најтешкиот дел е собирањето пари, бидејќи сторителите честопати се слабо платежно способни или се само со приход што законот го штити од конфискација, се наведува во извештајот на францускиот Сенат.
Новиот француски закон има цел да обезбеди уште еден извор на приход: парите што државата ги користи за издршка на семејствата.
Францускиот закон веќе генерално ги смета родителите за одговорни за штета предизвикана од нивните деца под 18 години. Според законот, откако судската одлука ќе стане правосилна, парите би можеле да се задржат од семејните додатоци и помошта за домување. Сенаторите додадоа на приходите и одредба со што би можеле да бидат засегнати минимална поддршка за приход до околу 650 евра по лице месечно, па дури и додатокот за почетокот на училишната година, што семејствата го добиваат за училишен материјал. За покривање на трошоците за издршка заштитена од конфискација останува само минималниот износ.
Поддржувачите на мерката тврдат дека жртвите заслужуваат обештетување и дека трошоците не треба да ги сносат даночните обврзници. Заменувањето на голем излог може да чини десетици илјади евра. Од немирите во 2023 година, осигурителите исплатиле 793 милиони евра во 16.400 барања, според француската федерација на осигурители.
Групите за права ги повикаа пратениците да го отфрлат законот, предупредувајќи дека тој ќе влијае врз попрачување на мирните протести и ќе им наштети на семејствата кои се потпираат на социјална помош.
Конфискацијата на овие плаќања „може да има катастрофални последици за најсиромашните“, изјави во соопштение Натали Годар од филијата на Amnesty International во Франција.
Крајната десница го поддржа законот во Сенатот, каде што конзервативците имаат мнозинство. Но тој мора да се гласа и во Националното собрание (долниот дом на францускиот парламент), каде што ниту еден блок нема мнозинство.
Одземањето на социјалните бенефиции за учесниците во немирите е долгогодишна идеја на Марин Ле Пен, лидерка на крајно десничарската партија Национален собир. Сега владата го призна тоа, а Ле Пен води во анкетите на јавното мислење за претседателските избори следната пролет.
Во Италија, аргументот започнува со приказна за едно семејство. „Зад излогот на оваа продавница е семејство кое целиот свој живот правело жртви“, рече премиерката Џорџа Мелони на 20-ти октомври, кога објави нов строг безбедносен декрет за борба против малолетничката деликвенција по грабежите во Милано.
Нејзиниот принцип е изразен во три италијански зборови: „Chi rompe paga“ – „Кој крши, плаќа“. „Да, ако оној што го крши е малолетник, родителите плаќаат“, рече Мелони.
Родителите сега можат да се соочат со казни до 1.000 евра, сума којашто се удвојува за втор прекршок, освен ако не можат да докажат дека не можеле да го сопрат своето дете. Може да им се наложи да платат за предизвиканата штета, а според францускиот закон, парите наменети за издршка на деца и образование би можеле да се користат за покривање на штетата предизвикана од ограбена продавница.
„Повикувањето на одговорност на родителите може да помогне, но само казните веројатно нема да ги одвратат тинејџерите кои се водени од притисок од врсниците или желбата да бидат прифатени во групата“, вели Клаудио Бертолоти, директор на START InSight, компанија за истражување на безбедноста.
Организирањето насилство за време на протест, дури и онлајн, сега е казниво со затвор од четири до 12 години.
Платформира Telegram и WhatsApp треба да ги затворат ваквите канали кога поттикнуваат насилство, велат експертите. Портпарол на Telegram изјави за Associated Press дека компанијата поддржува мирно изразување и протести, но дека „повиците на насилство, вандализам и кражба се изрично забранети и се отстрануваат штом ќе бидат откриени“. Додак и дека Telegram отстранил слични повици поврзани со протестите во Мадрид.
TikTok и Meta, која е сопственик на WhatsApp, не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Telegram затвори групен канал во Барселона кој поттикнувал грабежи за Ноќта на вештерките, но на негово место брзо се појави друг, привлекувајќи повеќе од 2.000 членови, објавија шпанските медиуми.
Францускиот закон ќе им овозможи на властите да бараат специфични нелегални повици за насилство или грабежи да бидат отстранети без претходно судско одобрение. Доколку останат онлајн 24 часа, властите би можеле да наредат блокирање на веб-адресите. Овие одлуки може да се обжалат на суд.
САД се движат во спротивна насока. Таму, законодавството генерално ги штити платформите од граѓанска одговорност за објавите на корисниците, а администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги нарече европските правила „цензура“.
Во својата анализа Associated Press наведува дека Велика Британија ги покажува границите на отстранувањето содржини. Откако три девојки беа убиени во Саутпорт во 2024 година, според агенцијата лажни тврдења се ширеле онлајн, проследени со немири. Парламентарен комитет откри дека алгоритмите придонеле за поширока дистрибуција на штетна содржина, од која голем дел не го кршела законот.
Извор: Нетпрес



