Чупиќ: Им благодарам на навивачите, тие се нашиот осми играч

Тренерот Иван Чупиќ е задоволен од изданието на неговите ракометари, особено во второто полувреме.

1
Илустрација: Чупиќ: Им благодарам на навивачите, тие се нашиот осми играч
Илустрација

„Ние секогаш сме фаворити кога играме дома, така се поставувавме и кога игравме во Лигата на шампионите, и така се поставуваме во македонската лига, не бегаме од таа улога. Јас многу добро знам, а запознаени се и моите играчи дека е многу тешко да се игра во „Јане“ и тука никој друг не смее да има улога на фаворит. Дерби, тежок меч, секогаш има тензија и емоции, во првото полувреме не бевме малку во грч, но ни требаше повреќе време за да влеземе во таа некоја наша натпреварувачка температура, но во второто полувреме излеговме со подобра одбрана, подобра транзиција, со повеќе фокус и на крајот освоивме два заслужени бода. Успеавме мечот да го донесеме до тоа во последните 10 минути да нема нервоза, да нема стрес, туку да е решен победникот“, вели Чупиќ.

„Секогаш влегуваме со нозете на земја, но знаевме дека ако одиграме добра одбрана, ако сме максимално фокусирани, тие во некој период од мечот мора да паднат. И нашата клупа дојде до израз, нашиот квалитет. Покажавме дека е многу тешко за секој да се игра во „Јане“ и сакам да продолжиме така, да знае секој противник дека тука тешко се победува“.

Чупиќ вели дека оваа победа е извинување за навивачите за поразите во Лигата на шампионите.

„Имавме тежок месец, четири порази во Лигата на шампионите, едно реми и една победа. Сакавме можеби и ненормални работи, да ја поминеме оваа група. Бевме малку тажни поради нашите навивачи кои прават врвна атмосфера, а ние не им се оддолживме на вистински начин, но мислам дека по денешниот натпревар ќе ни опростат и сакам уште еднаш да им се заблагодарам на поддршката, на енергијата, бидејќи навистина, тие се нашиот осми играч и јас сакам моите тимови да живеат со навивачите, со емоции, бидејќи спортот е емоции“.

Извор: МКД.мк