
А потоа, половина час подоцна, сè уште на истиот митинг, пред истата публика и од истата говорница, Трамп повторно ја раскажа приказната за Вили Хортон, користејќи дел од истите зборови и и двата пати погрешно наведувајќи ги фактите.
Трамп, кој минатата година стана најстариот претседател во американската историја во моментот на стапувањето на должноста, а во јуни наполни 80 години, покажува завидна физичка издржливост додека патува низ земјата во пресрет на изборите за Конгресот. Но неговите настапи низ земјата и во Белата куќа оваа есен беа проследени со многу збунувачки моменти што повторно ги отворија прашањата за неговата возраст и ментална состојба.
Често заборава и се повторува. Зборува подолго, користи повеќе вулгарни зборови и почесто изнесува категорични тврдења отколку кога првпат се кандидираше за претседател пред една деценија. Неговите долги говори, во кои постојано скока од тема на тема, понекогаш стануваат уште понеповрзани. Дава изјави по кои луѓето се прашуваат за што воопшто зборува или што всушност сакал да каже. А иако никогаш целосно не ги почитувал непишаните правила на претседателската функција, сега изгледа уште поспремен да кажува работи што ниту еден друг претседател не би ги кажал.
За едно неоградено градилиште изјави дека „само Хиспаноамериканец би можел да преживее таков пад“. Сака да им забрани влез на имигрантите од Норвешка „затоа што не ја добив Нобеловата награда“. Вели дека „не му е гајле“ ако изгледа дека повеќе му е гајле за профитот на нафтените компании отколку за работниците што едвај врзуваат крај со крај. Ормускиот Теснец погрешно го нарекува „Хормонски Теснец“. На поддржувачите им порача „да мамат колку што можат“ на изборите на 3 ноември. Вели дека воените лица што оддаваат тајни информации „треба да бидат стрелани“. А тука е и неговата необјаснива опседнатост со машките задници.
Дури и самиот Трамп понекогаш изгледа изненаден од она што го кажува и од тоа колку неговите поддржувачи сепак го обожаваат. „Јас можам да ги кажам најголемите глупости, а вие ќе аплаудирате. ‘Ох, колку те сакам’“, рече зачудено на неодамнешниот митинг во Кларксвил, Тенеси. „Но ние не кажуваме глупости“, брзо додаде. „Го кажуваме она што е здрав разум. Кажуваме работи што имаат смисла.“
За Трамп, на митинзите често е поважно да ја забавува публиката отколку да зборува смислено, а некои од неговите шокантни изјави очигледно имаат цел да предизвикаат смеа. Неговите сојузници велат дека премногу сериозно се сфаќаат коментари што всушност се само шеги. Тој отсекогаш бил провокативен говорник, подготвен да предизвика негодување само заради провокација. Трамп го брани својот начин на зборување, во кој слободно преминува од една мисла на друга, како „брилијантен“ говорнички стил што го нарекува „преплетување“.
Но се чини дека тоа „преплетување“ станува сè позаплеткано. Една анализа на Њујорк тајмс, направена со помош на вештачката интелигенција, ги опфати изјавите на Трамп од говори, митинзи, социјални мрежи, интервјуа и јавни средби. Таа откри значителни промени во споредба со периодот кога ја почна претседателската кампања во 2015 година, на 69-годишна возраст, иако промените се помалку изразени во споредба со 2024 година, кога беше спроведена слична анализа. Општиот заклучок е дека јавниот говор на Трамп денес е повулгарен, поневоздржан и помалку поврзан отколку пред една деценија.
„Кажува толку многу глупости, дури и за неговите стандарди, толку многу шокантни и агресивни работи“, изјави поранешниот републикански конгресмен од Флорида, Френсис Руни. „Таков агресивен и офанзивен речник никогаш не сум слушнал од претседател.“
Белата куќа ги отфрли тврдењата дека способностите на Трамп ослабеле. Портпаролот Дејвис Ингл ја пофали неговата „бистрина, неспоредлива енергија, неуморна работна етика и досега невидена достапност“ и ги отфрли грижите поради неговите провокативни изјави.
„На претседателот не му е гајле дали е политички коректен, туку дали ја прави Америка повторно голема“, рече Ингл. „Американскиот народ го сака тоа што претседателот е автентичен, отворен и ефикасен.“
„Проклет гениј“
Тешко е да се процени како возраста влијае врз човековите способности без медицински преглед, иако тоа не спречува многу лекари, политички коментатори и обични Американци да извлекуваат заклучоци за Трамп врз основа на она што го гледаат на телевизија.
Анализата на Њујорк тајмс, која го опфати периодот од 2015 година до четвртокот пред објавувањето на текстот, покажа дека Трамп во вториот мандат на митинзите користи 19 отсто повеќе зборови што не оставаат простор за нијанси, како „секогаш“, „никогаш“, „сè“ и „целосно“, отколку пред една деценија, и пет отсто повеќе отколку во 2024 година. Според експертите, таквото црно-бело размислување често го придружува стареењето или опаѓањето на когнитивните способности. Неговиот речник станува и повулгарен: сега користи речиси 15 пцовки на секои 10.000 збора, во споредба со 14 пред две години и шест пред една деценија. Таквата промена е во согласност со намалувањето на воздржаноста што може да се јави со возраста.
Анализата, спроведена со помош на вештачката интелигенција, покажа дека во вториот мандат Трамп два и пол пати почесто прави долги, неповрзани или збунувачки отстапувања од темата во говорите и на митинзите отколку за време на кампањата во 2016 година, иако приближно исто толку често како во 2024 година. Неговиот вокабулар останува приближно ист, како и сложеноста на неговиот говор, која одговара на нивото на ученик од четврто или петто одделение. Просечниот современ американски претседател зборува на ниво на осмо одделение.
Трамп сега има помалку јавни настапи: во просек 1,3 настани во работен ден, во споредба со 2,1 во првиот мандат. Но на интернет објавува во просек 21 порака дневно, наспроти 13 во 2016 година, иако помалку од 34 дневно пред две години. Претседателот, кој има навика да останува буден до доцна во ноќта, во 30 отсто од ноќите во вториот мандат објавувал пораки меѓу полноќ и пет часот наутро, а во 240 наврати објавил по десет или повеќе пораки во еден час.
Лекарот на претседателот изјави дека Трамп е ментално бистар. Во извештај на три страници, објавен во мај, д-р Шон П. Барбабела, лекарот на Белата куќа, наведе дека Трамп освоил максимални 30 поени на Монтреалскиот тест за процена на когнитивните способности. „Когнитивните и физичките способности се одлични“, напиша тој.
Монтреалскиот тест е кратка проверка за откривање можни знаци на Алцхајмерова болест или други когнитивни нарушувања. Вклучува едноставни задачи, како препознавање лав, камила и носорог, цртање часовник, повторување зборови или броеви по редослед и набројување што повеќе зборови што почнуваат на буквата Ф во рок од една минута. „Никој не може да го направи ова“, тврдеше Трамп пред неколку недели, додавајќи: „Но јас можам. Знаете зошто? Затоа што сум проклет гениј!“
Се чини дека Трамп е чувствителен на впечатокот дека неговите способности слабеат, па на шестина неодамнешни митинзи самиот ги спомена когнитивните тестови, без никој да го праша. Во Чиликоти, Охајо, во средата навечер, се нарече себеси „човек со многу висок коефициент на интелигенција“, опширно ги опиша тестовите и ја спореди својата интелигенција со онаа на поранешните претседатели Барак Обама и Џозеф Р. Бајден.
„Не заборавајте дека јас сум единствениот претседател што ги положил без исклучок — положив три когнитивни тестa“, рече тој. „Јас сум единствениот претседател што се согласиl да ги направи. А тешки се, знаете? Обама не би можел да ги положи. За Бајден и да не зборуваме.“
„Не ми е гајле“
Иако понекогаш задремува за време на состаноците во Белата куќа, Трамп црпи енергија од публиката кога патува низ земјата. Зборува, зборува и зборува — двојно подолго отколку во 2016 година, според анализата на Њујорк тајмс. Неговите говори на митинзите сега траат во просек 85 минути, во споредба со 42 минути пред една деценија.
Тој е крајно недисциплиниран во говорите и се гордее со тоа. Кажува работи што очигледно не му одат во прилог. Иако многу Американци се незадоволни од високите цени на горивото, неодамна во Пери, Џорџија, изјави дека високите цени на нафтата се добра работа затоа што индустријата за фосилни горива заработува стотици милијарди долари. Уште додека го кажуваше тоа, самиот призна дека ќе предизвика негативни наслови. „Не ми е гајле“, рече. „Ќе го кажам. Заработуваме проклето богатство.“
Тој скока од мисла на мисла, често без да ја доврши реченицата, вметнувајќи една спонтана приказна во друга. Во Пендлтон, Јужна Каролина, почна да зборува за трансродовите спортисти, се прекина за да раскаже приказна за некого што го запознал во Израел, спомена анкета без да ги објасни нејзините резултати, а потоа премина на климатските промени:
„Имате многу рекорди што жените баш и нема да ги соборат. Ќе речат: ‘Кој, по ѓаволите, го соборил?’ Или пливачката што беше одлична пливачка, па погледна налево, погледна надесно и виде огромен човек до себе.
Го имате видено — ја имате видено на телевизија. И мораше да се натпреварува. А жена ми рече: ‘Те молам, не раскажувај такви приказни. Тоа се ужасни приказни за еден претседател. Можеш ли да го замислиш Џорџ Вашингтон како раскажува такви приказни?’ Не, затоа што Џорџ Вашингтон живееше во нормални времиња. Тогаш немаше мажи што се натпреваруваат во женски спортови.
Ви го ветувам ова. Не го познавав Џорџ Вашингтон лично, но тогаш немаше осакатување на вашите деца за трансродови цели. Мислите ли дека Џорџ некогаш морал да се справува со работите со кои ние мораме да се справуваме, Тим? Јасне мислам.
Абрахам Линколн — запознав еден млад човек од Израел. Го прашав: ‘Кој ти е омилен претседател?’ Ми рече: ‘Абрахам Линколн’. Реков: ‘Ох’. Реков: ‘Тоа е убаво’. Го сакаме Абрахам Линколн. Но подоцна ќе видите нешто, затоа што имаат анкета — неодамна направија анкета. Ќе ја видите. Но јас прогласив и вонредна состојба во енергетиката на национално ниво и ѝ ставив крај на Зелената нова измама, една од најголемите измами во историјата на нашата земја.“
„Тој е вистински маж“
Како и многу луѓе што се во деветтата деценија од животот, Трамп понекогаш кажува работи што звучат непримерно. Неговото внимание кон машката анатомија, на пример, во последно време стана особено забележливо.
„Не го правам ова многу често со мажи“, рече Трамп на митинг со републиканскиот сенатор од Охајо, Џон Хастед, на 12 октомври. „Почнав да му го разгледувам телото затоа што не знаев дека е толку добар спортист. И го гледав, го меркав од глава до петици. Му го гледав задникот.“
Пет дена подоцна повторно го изрази восхитувањето од задникот на Хастед. „Му го разгледував задникот“, рече Трамп на митинг во Кентаки. „Никогаш порано не сум го правел тоа со… не, никогаш порано не сум го правел тоа со маж.“ Три дена подоцна, во Северна Каролина, повторно го пофали задникот на Хастед. „Неговиот задник е како куп мускули“, рече. Во Чиликоти го направи тоа повторно: „Прво му го погледнав задникот, а беше проклето цврст.“
Хастед не е единствениот маж што го заслужил восхитувањето на Трамп. Меѓу другите се:
Сенаторот Тим Скот, републиканец од Јужна Каролина: „Колку што можам да се вљубам во маж, а тоа не е многу, се вљубив во него, а тој случајно се вика Тим Скот.“
Сопругот на сенаторката Дарлин Греам, другата републиканска сенаторка од Јужна Каролина: „Тој е убав маж.“
Роберт Ф. Кенеди Помладиот, министерот за здравство и социјални услуги: „Има тело на триесетгодишник.“
Конгресменот Мајк Колинс, републиканец од Џорџија: „Мајк Колинс е убав маж. И вистински маж е.“
Во неделата во Мичиген, Трамп реши за промена да пофали женски задник. „Претходно видов еден проклето убав задник — Ники Минаж“, ѝ рече на публиката. „Тоа тешко може да не се забележи.“
Лесно избувнува
Трамп отсекогаш јавно го покажувал гневот на начин што не е вообичаен за другите претседатели. Но денес изгледа уште посклон веднаш да нападне.
Толку често им се нафрла на новинарите што едвај чека да го постават прашањето пред да ги нарече „болни“ и да им нареди: „Тишина!“ Кога новинар во четвртокот го праша дали го откажува патувањето во Канзас затоа што му здодеало да патува, Трамп го навреди поради физичкиот изглед. „Одвратен си! Стегни се малку. Изгледаш ужасно.“
И неговите повици до поддржувачите да гласаат стануваат сè повулгарни и понасилни. „Ако го направите тоа“, рече во Вандалија, Охајо, „ќе победиме, и тоа убедливо. И ќе им го набиеме в газ, така?“
Се претставува себеси како семоќен. „Можам да правам што сакам“, неодамна им рече на новинарите во Овалната соба. Како да сака да го докаже тоа, редовно се обидува да преименува мориња и други водни површини по Америка или по себеси. Побара од технолошките компании да престанат да го користат изразот „вештачка интелигенција“ и наместо тоа да велат „суперинтелигенција“. За оние што нема да го послушаат напиша на интернет дека се „НЕПРИЈАТЕЛОТ!“
Никогаш не покажувал некоја особена способност критички да се погледне себеси, но и покрај тоа, некои од неговите неодамнешни изјави се зачудувачки. Човекот што им лепи навредливи прекари на политичките противници, како „Талафрико“ за Џејмс Таларико и „Ени Трени“ за д-р Ени Ендрјус, неодамна со сосема сериозно лице тврдеше дека „јас не ги исмевам луѓето по цел ден“.
Исто така, врховниот командант што неодамна се закани дека ќе го „уништи“ Иран огорчено се пожали дека не ја добил Нобеловата награда за мир. Сепак, една вечер минатиот месец не можеше да се сети како се вика наградата што толку многу ја посакува. „Знае ли некој како се вика таа награда за мир?“, праша во Пендлтон, а потоа спомена друга: „Пулицеровата награда“.
Кога минатата недела во Порт Хјурон, Мичиген, се сети на името на Нобеловата награда, изјави дека би сакал да им забрани влез на сите имигранти од Норвешка, каде што се наоѓа комитетот што ја доделува наградата, затоа што тој не ја добил. „Не сакам никого од Норвешка“, рече. „Искрено, Норвешка е срање. Норвешка всушност стана посрана земја.“
Деновиве изгледа дека и самиот Трамп е свесен дека луѓето го набљудуваат и чекаат да видат што ќе се случи. „Го обожавам преплетувањето“, рече на републиканската конвенција пред изборите за Конгресот, одржана во септември во Далас. „Знаете што е преплетување? Зборувате за нешто, па вметнувате балска сала или авион или претседателскиот авион Ер форс уан. Но забележувате дека секогаш се враќам на истата тема.“
А сепак, продолжи Трамп: „Еден ден ќе дојде време кога ќе почнам да ги преплетувам темите, па ќе скокам од една на друга, без крај. Еден ден ќе се случи да не се вратам на првобитната тема и тогаш ќе можете да кажете дека веќе не сум тоа што бев. Океј? Тогаш ќе можете да кажете дека сум готов.“
Извор: МКД.мк



