Прескокни до содржината
Реклама

Приватен авион со девет лица се урна во Флорида и експлодира во пламен

Приватен авион со девет лица се урна во Флорида и експлодира во пламен
Фото: МКД.мк

Засега не е познато дали има загинати или повредени меѓу патниците и екипажот на авионот „лирџет 60“, ниту меѓу луѓето на тлото во населбата во округот Палм Бич.

Според американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА), авионот полетал од меѓународниот аеродром Остин-Бергстром во Тексас и бил на пат кон Бахамите. Властите засега не соопштија што го предизвикало падот, ниту кои лица биле во авионот.

Џим Рејнолдс, портпарол на аеродромот Остин-Бергстром, изјави дека станува збор за приватен авион. Тој не можеше веднаш да даде дополнителни информации за лицата што патувале со него.

„Ова дефинитивно е трагедија“, рече тој.

На видеоснимки направени од луѓе во автомобили е забележан застрашувачкиот момент кога авионот нагло паѓа од небото, удира во близина на патот и експлодира. Пламенот се издигнувал меѓу парчињата искршен асфалт околу кратерот, додека присутните, во шок, коментирале дека авионот паднал на само неколку метри од куќите и на неколку сантиметри од возилата што минувале по патот. Густ црн чад го прекрил местото на несреќата.

Засега не е јасно дали при падот биле оштетени куќи.

Канцеларијата на шерифот на округот Палм Бич го затвори сообраќајот во двата правци и ги повика возачите да ја избегнуваат областа. На местото веднаш пристигнаа пожарникари и други служби за итна помош.

Жена што работи во близина изјави дека по несреќата во областа околу два часа немало струја.

Околностите под кои се урнал авионот сè уште се истражуваат.

Еврогол од тинејџерот од Босна за победа на Јувентус во дербито

Еврогол од тинејџерот од Босна за победа на Јувентус во дербито
Фото: EPA

Фудбалерите на Јувентус го победија Наполи со 2:0 во дербито на 10-то коло од Серија А.

Керим Алајбеговиќ е херојот на Јувентус.

Тинејџерот од Босна и Херцеговина изведе вистинско ремек-дело во 70-та минута и ја отвори вратата кон победата за „Старата Дама“ во дуелот против Наполи.

Младиот играч од средниот ред ја прими топката од Жергова, а потоа брилијантно со левата нога го погоди контра-аголот на голманот. Топката се одби од стативата и заврши во мрежата.

Триумфот на Јувентус беше потврден со прецизен удар на Жереми Бога во 87-та минута.

Задачата на домаќините беше олесната во 75-та минута кога играчот на Наполи, Маријанучи, доби втор жолт картон и го остави својот тим со десетмина на теренот.

Првото полувреме беше повеќе или помалку израмнето, но потоа Јуве доминираше во вториот дел и заслужено победи.

ДИК за изборите за градоначалник во Брвеница: Јахиј освои 4.442, а Радичевски 4.177 гласови

ДИК за изборите за градоначалник во Брвеница: Јахиј освои 4.442, а Радичевски 4.177 гласови
Фото: Нетпрес

Кандидатот на Национална алијанса за интеграција Аркин Јахиј на вториот круг од изборите за градоначалник во Брвеница освоил 4.442 гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Стојанчо Радичевски 4.177 гласови, објави Државната изборна комисија на прес-конференција. Ова се првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат од сите 24 избирачки места во десетте населени места во општина Брвеница.

Одѕивот на гласачите е 54, 29 отсто односно на гласање излегле 8. 820 избирачи.

Претседателот на ДИК Бојан Маричиќ на прес-конференција изјави дека гласањето минало во фер и демократска атмосфера.

Приговори за гласањето може да се поднесат до вторник.

Подносителите на листи на кандидати имаат право да поднесат приговори до ДИК за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето. Приговорите може да се поднесуваат најдоцна до вторник, 3 ноември до 19 часот. ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот да донесе одлука во однос на приговорот, а против одлуката на ДИК подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на жалбата.

ДИК конечните резултати од изборите ќе ги објави веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по завршување на нивната конечност а тоа значи 24 часа по завршување на целосната постапка по приговорите.

– Ги очекуваме записниците од сите избирачки места и утре во текот на денот ќе закажеме седница за соопштување на првичните официјални резултати – најави Маричиќ на прес-конференцијата.

Илијана Јотова го победи Андреј Ѓуров и ќе биде првата претседателка на Бугарија

Илијана Јотова го победи Андреј Ѓуров и ќе биде првата претседателка на Бугарија
Фото: Нетпрес

Илијана Јотова го победи Андреј Ѓуров и ќе биде следната претседателка на Бугарија, покажуваат првичните резултати од денешниот втор круг претседателски избори, кои исто како и првиот круг ги одбележа ниска излезност.

Податоците од сите агенции за испитување на јавното мислење покажуваат водство на кандидатите Илијана Јотова и Кирил Валчев пред Андреј Ѓуров и Георги Кандев.

Според паралелното пребројувањето на гласовите спроведено од „Маркет линкс“, Јотова победи со 57,4% наспроти 39,6% за Ѓуров. Излезноста изнесуваше 29,1%.

„Алфа рисрч“ објави дека Јотова освоила 57,1%, а Ѓуров добил 39,3%.

И податоците од „Тренд“, покажуваат победа на Јотова со 58,1% од гласовите, наспроти 38,9% за Ѓуров.

Според паралелното пребројување спроведено од „Галуп“, Илијана Јотова води со повеќе од 16%. За кандидатите Илијана Јотова и Кирил Валчев гласале 56,1%, додека за Андреј Ѓуров и Георги Кандев гласале 39,9%.

Одѕивот на на денешниот втор круг од изборите, според агенциите за испитување на јавното мислење, е околу 30 отсто.

Бугарските граѓани денеска, на вториот круг од претседателските избори, одлучуваа меѓу кандидатските двојки Илијана Јотова – Кирил Валчев и Андреј Ѓуров – Георги Кандев. По првиот круг, во кој ниту една од вкупно 27 кандидатски двојки не освои доволно гласови за победа, претседателската трка се сведе на двајцата кандидати со најголема поддршка.

Првиот круг, одржан на 25 октомври, помина со исклучително низок одѕив. Од вкупно 6,6 милиони граѓани со право на глас, на избирачките места излегоа 1.525.034 гласачи, односно 22,98 проценти. Јотова и Валчев освоија 34,76 отсто од гласовите, додека Ѓуров и Кандев добија 31,95 проценти, со разлика од 42.700 гласови.

Баерн во големи рпоблеми пред мечот со Атлетико

Баерн во големи рпоблеми пред мечот со Атлетико
Фото: depositphotos

Фудбалерите на Баерн, Исмаел Саибари и Серж Гнабри, ќе бидат надвор од терените во наредниот период поради повреди здобиени на натпреварот со Борусија Дортмунд, потврди германскиот шампион.

Во возбудливиот „Класикер“, дерби натпреварот од осмото коло на Бундеслигата, Баерн, како домаќин, ремизираше со тимот предводен од Нико Ковач со 2:2.

Баварците, во првите половина час останаа без двајца фудбалери. Прво, Саибари се повреди во 24-та минута, по дуелот со голманот на Борусија, Грегор Кобел.

Репрезентативецот на Мароко непријатно се приземји, го напушти теренот со помош на медицинскиот персонал.

Баерн веќе потврди дека офанзивниот играч за врска е опериран откако беше утврдено дека скинат лигамент на глуждот на десната нога.

Само неколку минути подоцна, се повреди и Серж Гнабри – Германецот исто така мораше да го напушти натпреварот.

Гнабри заработи повреда на задниот дел од левата нога и ќе ги пропушти барем следните неколку натпревари.

Подоцна во текот на натпреварот, крилниот напаѓач Михаел Олисе исто така немаше среќа, францускиот репрезентативец исто така беше принуден да биде заменет, но Баерн не го спомена него играч во своето соопштение.

Крилниот напаѓач Луис Диаз, голманот Мануел Нојер и младиот играч од средниот ред Бара Сапоко Ндијаш веќе го пропуштија Класикер поради повреди.

Баерн е лидер во Бундеслигата, по осум кола има 18 бода, исто како и Дортмунд, додека Фрајбург е на третото место со 16 бода.

Сами против сите! Жителите на Бревница ќе ја имаат поддршката на Владата, порача Мицкоски

Сами против сите! Жителите на Бревница ќе ја имаат поддршката на Владата, порача Мицкоски
Фото: МКД.мк

Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својот профил а Фејсбук вечерва по поразот на локалните избори во Брвеница.

„Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3.000 на 4.200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1.300, но за жал недоволно за целосна победа. Благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа, сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата. Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа“; порача Мицкоски.

ФСБ уапси тинејџер поради закани за напад во Москва: „Благодарни сме им на САД за дојавата“

ФСБ уапси тинејџер поради закани за напад во Москва: „Благодарни сме им на САД за дојавата“
Фото: МКД.мк

ФСБ вчера потврди дека преку воспоставените канали за соработка добила информации од САД за подготовка на напад во Москва и дека презема соодветни мерки, пренесе ТАСС.

Според руската безбедносна служба, тинејџерот објавил фотографии на Тикток на кои носи тактичка облека и фантомка, а во рацете држи предмет што личи на автоматско оружје. Објавил и фотографии направени во музејот-парк Царицино, со натпис „Најдов место“.

При претресот на неговиот дом биле пронајдени облеката и предметите што се гледаат на фотографиите. Според ФСБ, на неговиот телефон било утврдено дека следел неонацистички канал на Телеграм и дека пребарувал информации за терористички напади, масовни убиства и други насилни дејства.

„Благодарни сме ѝ на американската страна за доставените информации“, соопшти ФСБ.

Американската амбасада во Москва во саботата предупреди на веродостојна закана од напад со голем број жртви во комплексот Царицино и ги повика американските државјани да ја избегнуваат областа.

По предупредувањето, планираните настани во комплексот беа откажани, а безбедносните мерки беа засилени. Паркот привремено беше затворен.

Рускиот Истражен комитет сега одлучува какви правни мерки ќе бидат преземени против малолетникот.

Жестоко Супер Класико, Бока слави победа над Ривер

Жестоко Супер Класико, Бока слави победа над Ривер
Фото: EPA

Фудбалерите на Бока Јуниорс го победија својот најголем ривал Ривер Плата со 1:0 во 15-то коло од аргентинската Клаусура.

Супер Класико го реши дефанзивецот на Бока, Лаутаро ди Лољо во 27-та минута. Клучниот момент во дербито се случи во 10-та минута, кога Ривер остана со играч помалку на теренот.

Лукас Мартинез Кварта беше трагичар на гостите поради исклучително непромислен фаул врз напаѓачот на Бока во шестата минута. Тој погрешно ја процени ситуацијата, како последен одбранбен играч, па го фати и го собори домашниот играч со двете раце.

Набрзо дојде пресудата од ВАР собата – црвен картон.

Со еден играч помалку против високо мотивираниот вечен ривал и пред „лудилото“ на трибините, беше само прашање на време кога Ривер ќе капитулира.

Тоа се случи десет минути подоцна, по еден корнер, кога гореспоменатиот Ди Лољо ја погоди мрежата на гостите и ги запали трибините.

Во продолжението, Бока успеа да ја одржи контролата и да резултира со сигурна игра, пред сè, а нервите на гостите стануваа сè потенки. Гонзало Монтиел заработи црвен картон во 79-та минута за груб лизгачки старт длабоко во противничката половина.

Тој беше испратен од теренот и со полициска придружба, бидејќи домашните фанови фрлаа се и сешто кон него.

Бока ја забележа третата последователна победа без да прими гол против својот најголем ривал.

Манасиевски порача дека продолжува поддршката од Владата за Општина Брвеница

Манасиевски порача дека продолжува поддршката од Владата за Општина Брвеница
Фото: Нетпрес

ВМРО-ДПМНЕ им се заблагодари на жителите на општина Брвеница кои го дале својот глас за кандидат Стојанчо Радичевски, кој загуби во вториот круг од локалните избори.

„Додека ние ја потенциравме силата на единството, за една Брвеница за сите, нашите опоненти максимално го искористија национализмот и повикаа гласањето да биде врз основа на етничка припадност, а не врз основа на програма, визија и проекти. Радичевски во својата програма вети подобра иднина, повеќе инфраструктурни проекти и нови улици, наспроти поделбите по етничка линија од страна на ДУИ, директно и индиректно поддржана во вториот круг од СДС, политичката партија Левица и ВРЕДИ. По овие избори, граѓаните, Македонци и Албанци, ќе очекуваат проекти, а не национализам. Ќе очекуваат резултати, а не демагогија за тоа од која политичка партија доаѓа градоначалникот. За нас резултатот е повеќе од одличен, затоа што, споредено со последните парламентарни избори, имаме 1.300 гласови повеќе. Иако тоа не беше доволно за победа, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст во бројот на освоени гласови“, изјави Манасиевски.

Тој потсети дека во првиот круг од овие предвремени локални избори, ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ги декласирала директните опоненти, СДСМ и Левица.

„Жалиме што Вреди во Брвеница ја пропушти можноста да биде поразлична партија од ДУИ, исто како што се покажа и дека кандидатите на СДС и Левица беа тројански коњ во корист на ДУИ, за да ги трошат гласовите на гласачкото тело. Сами против сите. Го почитуваме резултатот, а волјата на граѓаните е неприкосновена. Сепак, Брвеница нема да биде заборавена. Владата, предводена од премиерот Мицкоски, ќе продолжи да го помага и да вложува во развојот на Брвеница“, порача Манасиевски.

Бугарија е на чекор до првата избрана претседателка во историјата

Бугарија е на чекор до првата избрана претседателка во историјата
Фото: МКД.мк

Според две излезни анкети објавени по затворањето на гласачките места, 61-годишната Јотова освоила околу 51 отсто од гласовите, додека нејзиниот противкандидат, поранешниот привремен премиер Андреј Ѓуров (50), добил меѓу 43 и 45 отсто.

Конечните резултати се очекуваат в понеделник, по пребројувањето на сите гласови. Според анкетите, излезноста изнесувала меѓу 27 и 29 отсто, нешто повеќе отколку во првиот круг на 25 октомври, кога гласале околу 23 отсто од избирачите.

Претседателските избори се одржаа во услови на зголемена загриженост за безбедноста во Црно Море, по серијата напади со дронови врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег минатиот месец. Нападите предизвикаа меѓународна осуда и стравувања од ширење на војната во Украина.

Се стравува дека загинале околу 20 морнари, а нападите ја натераа бугарската влада да побара помош од сојузниците за зајакнување на поморската безбедност. Во средата потона грчки контејнерски брод откако бил погоден од поморски дронови.

Двајцата претседателски кандидати ги осудија нападите и повикаа на дипломатско завршување на војната. Премиерот Румен Радев, кој ја поддржува Јотова, изјави дека исходот од нападите „ѝ оди во прилог на Руската Федерација“.

Јотова ја презеде функцијата вршител на должноста претседател во јануари, откако Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори. Тој победи предводејќи изборна листа што многу политички аналитичари ја оценија како блиска до Кремљ.

„Гласав Бугарија да биде силна земја во силна Европа, но и да има сопствена надворешна политика и свој глас кога треба да го брани она што е најважно – националниот интерес“, изјави Јотова по гласањето.

Нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров, кој годинава беше привремен премиер, ја има поддршката од прозападните и реформските партии. Тој подолго време се залага за поддршка на Украина, а за време на премиерскиот мандат потпиша договор за безбедносна соработка со Киев.

„Денес гласав за безбедна, стабилна и европска Бугарија“, изјави Ѓуров.

Поддршка за него изразија и повеќе политичари од десницата, меѓу кои и поранешниот премиер Бојко Борисов.