
Македонија во натпреварот влегува по убедливата победа над Австрија од 91-59, додека Кипар ја совлада истата селекција со 77-72. Дуелот е втор за македонската репрезентација во групата и прв пред домашната публика.
Селекторот Берокал побара максимално сериозен и дисциплиниран пристап, нагласувајќи дека Кипар има шутери, играчи кои можат да настапуваат на повеќе позиции и квалитет во тактичкиот дел.
„Кипар е добар тим, има шутери, играчи кои можат да играат на повеќе позиции и да се ротираат. Имаат квалитет во тактичкиот дел и поинаков поглед на играта. Она што го посакувам и го барам е максимално сериозен и дисциплиниран натпревар од мојот тим. Мора да бидеме паметни, секој да даде сè од себе на теренот, затоа што овој меч со Кипар ни е многу важен. Тоа е шанса да бидеме поблиску до целта, а тоа е пласман во следната рунда. Мора да одиграме сериозен натпревар“, порача селекторот.
Берокал нема да може да смета на повредените Ваљмир Какруки и Андреј Андоноски, а дополнителен повик доби Дамјан Робев. Во составот се приклучија и Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.
Стојановски првиот повик за сениорската репрезентација го доби во 2008 година од тогашниот селектор Јовица Арсиќ.
„Дресот на Македонија за мене отсекогаш бил светост. Чувството да се игра за својата земја е посебно и секогаш е исто, без разлика дали настапуваме на Европско првенство или играме квалификации и претквалификации. Горд сум што имам можност толку години да ја претставувам Македонија и што стигнав до бројката од 100 натпревари. Тоа е голема чест за мене, но и мотив да продолжам да го давам максимумот. За репрезентацијата секогаш ќе бидам тука, додека ѝ треба мојата помош“, изјави капитенот.
Македонија има цел со победа да направи исчекор кон пласманот во квалификациите за Европското првенство 2029 година. Само првопласираната селекција ќе обезбеди место во квалификациите за Евробаскетот 2029.
„Нашата цел е победа. Играме на домашен терен, очекуваме поддршка од трибините. Противникот не треба да се потцени во ниту еден случај. Мора да излеземе, да го дадеме максимумот и да ја продолжиме победничката серија“, додаде Стојановски.






