Прескокни до содржината
Реклама

НБА: Портланд убедлив во Солт Лејк Сити

НБА: Портланд убедлив во Солт Лејк Сити
Фото: Нетпрес

Кошаркарите на Портланд го победија Јута Џез со 112:90 на гостински терен во Солт Лејк Сити во првиот натпревар од саботниот распоред на НБА лигата .

Неизвесноста на резултатот траеше само до резултатот 7:7, а потоа гостинските играчи направија серија од 16:0 и повеќе немаше неизвесност. Портланд ја одржуваше таквата предност до полувремето, а во второто полувреме разликата беше над 20 поени.

Ова беше прв натпревар за Треилблејзерс без повредениот Џа Морант, кој ќе отсуствува најмалку четири седмици, но тоа не се почувствува против индиспонираните кошаркари на Џез.

Дени Авдија беше најдобар стрелец кај гостите со 24 поени, Дамијан Лилард додаде 22 поени, а Тумани Камара, Скут Хендерсон и Џру Холидеј постигнаа по 14 поени.

Дарин Петерсон беше најдобар стрелец во домашниот тим со 16 поени, а Лаури Марканен постигна 13 поени во ужасна шутерска изведба (3/14).

Портланд е на четвртото место во Западната конференција со скор од 4-1, зад Мемфис (5-0), Хјустон (5-1) и Оклахома Сити (4-1). Јута е рангирана на 14-то место со скор од 1-5, а само Сакраменто (0-5) е полош.

Дневен хороскоп за недела, 1-ви ноември 2026-та

Дневен хороскоп за недела, 1-ви ноември 2026-та
Фото: Нетпрес

ОВЕН
Неделниот ден може да започне со инспирација и желба да се направи нешто различно од вообичаеното. Сепак, може да се појави тензија во односите, особено доколку некој се обидува да ја наметне својата волја. Попладнето ќе ви понуди интересна идеја или неочекувана можност за пријатно искуство. Доцна навечер ќе биде попаметно да ги оставите контроверзните прашања настрана и да се фокусирате на она што навистина зависи од вас.

БИК
Спомен или разговор со блиска личност денеска може да разбуди силни чувства на почетокот на денот. Не дозволувајте старите несогласувања да ја расипат домашната атмосфера, особено доколку причините за нив одамна ја изгубиле својата важност. Попладнето ќе донесе можност да промените нешто во ситуацијата или да пронајдете неконвенционално решение за семеен проблем. Навечер, ќе ви биде полесно да го вратите мирот доколку прифатите дека не треба сè да се реши веднаш.

БЛИЗНАЦИ
Интересни информации може да ве насочат денеска кон тема што долго време сакате да ја истражите. Бидете внимателни во разговорите претпладнето, бидејќи различните мислења лесно можат да се претворат во непотребна конфронтација. Неочекувана средба или промена на плановите ќе го направи попладнето поживо и ќе ви даде можност за нови идеи. До крајот на денот ќе можете да ги средите вашите впечатоци и да процените кои од нив заслужуваат посериозно внимание.

РАК
Денеска прашање поврзано со вашите лични финансии или безбедност може да предизвика посилна реакција отколку што очекувавте. Не брзајте со купувања или финансиски одлуки, особено доколку тие се диктирани од желба да компензирате некое незадоволство. Попладнето ќе ви помогне да најдете поинаков пристап кон практичен проблем што досега ви беше тежок. Вечерта фокусирајте се на мирни активности и мали нешта што ви даваат чувство на стабилност.

ЛАВ
Ќе почувствувате силен наплив од енергија и желба денеска сами да одредите како ќе го поминете вашиот неделен ден. Сепак, во првата половина од денот може да се појави тензија со личност која има различни очекувања или се обидува да ве ограничи. Попладнето ќе донесе повеќе слобода, нови искуства и можност да ја покажете вашата креативна страна. Избегнувајте прекумерно работно оптоварување доцна навечер и дајте си време мирно да ги разгледате вашите следни чекори.

ДЕВИЦА
Потребата за тишина и личен простор денеска може да биде посилна од вообичаеното. Не обидувајте се да ја разберете реакцијата на секој друг човек или да најдете објаснување за нешто што сè уште не е доволно јасно. Попладнето ќе ви донесе неочекуван увид и може да ви помогне да гледате на стара грижа на поинаков начин. Вечерта е добро време да ги прекинете непотребните грижи и мирно да се подготвите за претстојната седмица.

ВАГА
Средба со пријатели или разговорот за заеднички планови денеска може да ве исполни со пријатни очекувања. Сепак, може да се појават разлики околу тоа кој ги донесува одлуките или како треба да се развие одредена ситуација. Попладнето ќе ви понуди интересна можност да воспоставите контакт или на нов начин да гледата на старо пријателство. Вечерта ќе ви помогне да пронајдете разумна рамнотежа меѓу желбата да бидете со другите и потребата да ги одржувате сопствените граници.

ШКОРПИЈА
Професионално прашање или мисла за вашите идни цели може да ви го преокупира вниманието дури и денот за одмор. Не дозволувајте желбата да го контролирате развојот на настаните да создаде тензии во вашите односи со најблиските. Попладнето ќе ви даде можност да видите неконвенционално решение или да ја промените вашата претстава за тоа што значи успехот за вас. Доцна навечер, ќе биде полезно да ги разликувате вашите вистински приоритети од очекувањата што другите ги имаат од вас.

СТРЕЛЕЦ
Денеска идејата за патување, ново знаење или различно искуство може да ве инспирира уште од утрото. Не инсистирајте сите околу вас да го делат вашиот ентузијазам, бидејќи различните гледни точки можат да предизвикаат тензија. Попладнето е погодно за спонтана прошетка, интересен состанок или активност што ја проширува вашата имагинација. Вечерта ќе ви помогне да претворите смела идеја во пореален план.

ЈАРЕЦ
Нешто за кое мислевте дека веќе е завршена работа денеска може одново да го привлече вашето внимание и да бара преиспитување. Претпладне избегнувајте расправии за заеднички средства, одговорности или неискажани очекувања. Подоцна во текот на денот ќе најдете можност да го промените вашиот пристап и да се ослободите од непотребни компликации. До крајот на денот, трпението и трезвената проценка ќе ви помогнат да го вратите чувството на контрола без да влегувате во конфронтации.

ВОДОЛИЈА
Односите со некоја важна за вас личност денеска можат да бидат извор и на инспирација и на одредена тензија. Не ги претворајте разликите во борба за моќ, дури и кога сте убедени дека сте во право. Попладнето ќе донесе неочекуван пресврт или интересна идеја што може да ја промени атмосферата и да ве зближи. Вечерта е погодна за мирен разговор, во кој секој има можност да го искаже својот став и да биде слушнат.

РИБИ
Пријатна активност денеска може да ве инспирира да внесете повеќе убавина и разновидност во вашиот секојдневен живот. Сепак, не дозволувајте барањата на другите луѓе да ви го трошат целото слободно време. Неочекувана идеја ќе ви покаже како полесно да ги организирате вашите задачи и да ослободите простор за вашите сопствени интереси. Оставете го недовршеното за утре и дајте си доволно одмор, наместо да се стремите да бидете корисни за сите.

Облачно со повремени врнежи, од среда стабилно и суво време

Облачно со повремени врнежи, од среда стабилно и суво време
Фото: Нетпрес

Во недела на територијата на Македонија ќе преовладува претежно облачно со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 l/m²). Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец.

Утринските температури се движат од 3 до 11, додека највисоките во текот на денот соодветно ќе бидат во опстегот меѓу 6 и 15 Целзиусови степени.

И во Скопје и околината денеска ќе биде облачно со повремен дожд, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Температурата ќе достигне до 14 степени.

Под влијание на циклонска активност до вторник времето ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Пообилни врнежи ќе во вторник. На повеќе места се очекува да наврне поголема количество дожд (над 25 l/m² за 24 часа), а во текот на прогнозираниот период локално и над 60 l/m². Од среда и во деновите потоа ќе се задржи стабилно и суво време.

Барселона го декласира Алавес

Барселона го декласира Алавес
Фото: EPA

Барселона го победи Алавес со 6:1 на „Камп Ноу“ во 11-то коло од шпанската Ла Лига. Екипата на Ханси Флик водеше со 4:0 на полувремето.

До убедливата победа Каталонците ги предводеа Рафиња, Ламине Јамал, Фермин Лопез и Ентони Гордон, додека единствениот гол за гостите го постигна Маријано Дијаз. Со убедлива победа Барселона одговори на поразите во дуелите со ПСЖ и во Лигата на шампионите и Реал во Ла Лига.

Со оваа победа Барселона се врати на челната позиција во Ла Лига.

Барселона стигна до 30 бода, второпласираниот Атлетико Мадрид има 28, додека Реал Мадрид е трет со 24 бода и натпревар помалку. Алавес остана на десеттото место на табелата со 12 бода.

Наредниот викенд Барселона ќе му гостува на Атлетико во Мадрид.

Хамилтон за „влакно“ пред Расел ја освои пол-позицијата во Мексико

Хамилтон за „влакно“ пред Расел ја освои пол-позицијата во Мексико
Фото: Depositphotos

Луис Хамилтон ја освои првата пол-позиција за Ферари во тековната сезона, во првенството во Формула 1. Британецот до 105-та пол-позиција во кариерата, дојде пред сонародникот Џорџ Расел од Мерцедес и тимскиот колега Шарл Леклер.

Седумкратниот светски шампион му ја донесе на Ферари првата пол позиција во новата ера на автодромот „Ерманос Родригез“, во Мексико Сити, со круг од 1:16.514 минути.

Најблиску до Хамилтон беше Џорџ Расел во Мерцедес, кој заостануваше само девет илјадити делови од секундата. Двајцата се потрудија да се стават во позиција да триумфираат во Мексико Сити и да останат во конкуренција за титулата.

Сепак, сè зависи од лидерот во генералниот пласман, Кими Антонели, кој беше петти во квалификациите, но ќе стартува четврти благодарение на казната што ја доби Макс Ферстапен.

За младиот Италијанец да биде крунисан утре, четири трки пред крајот на сезоната, доволно е да освои два бода.

Италијанецот, кој триумфираше во Тексас минатиот викенд, има предност од 123 бода во однос на Расел и 124 во однос на Хамилтон.

Актуелниот шампион Ландо Норис имаше шесто време, по него следеше вториот возач на Ред Бул, Исак Хаџар, додека Лијам Лосон беше осми. Новозеланѓанецот, како и Ферстапен, беше казнет со поместување за една позиција назад, што ќе му користи на неговиот тимски колега Арвид Линдблад, додека 10-то место на стартот ќе го заземе Пјер Гасли од Алпин.

Трката за Големата награда на Мексико на програмата е во недела во 21:00 часот.

Илјадници луѓе повторно протестираат во Лисабон, барајќи повлекување на законот за кириите

Илјадници луѓе повторно протестираат во Лисабон, барајќи повлекување на законот за кириите
Фото: Нетпрес

Илјадници демонстранти се собраа на еден од главните плоштади во Лисабон во саботата, зголемувајќи го притисокот врз малцинската централно-десничарска влада на Португалија да го повлече предложениот закон за наем, за кој велат дека дополнително ќе ја влоши кризата со домувањето во земјата.

Португалија се бори со една од најлошите кризи со домувањето во Европа, а младите луѓе се најтешко погодени. Цените на недвижностите се зголемија повеќе од двојно од 2017 година, а кириите за нови договори речиси се удвоија.

Организаторите изјавија дека неколку илјади луѓе се собрале на плоштадот Росио. Полицијата не ги објави своите проценки за бројот на демонстрантите.

Рита Силва, портпаролка на движењето за прифатливо домување Casa para Viver, изјави за телевизијата RTP дека „луѓето покажуваат извонредна упорност, сила и решителност“ по неколкуте седмици протести поради кризата со домувањето, зголемувањето на трошоците за живот и „огромните тешкотии во заработката за живот“.

„Не гледаме подготвеност на владата да слуша и затоа протестите ќе продолжат“, рече таа.

Министерот за внатрешни работи Луиш Невеш изјави дека владата ја почитува легитимноста на протестите, но очекува тие да продолжат „на уреден и цивилизиран начин“ и „во согласност со законот“.

Демонстрантите бараат владата да го повлече законот со кој се олеснуваат иселувањата и се укинуваат ограничувањата за кирија за нови договори. ОВој предлог-закон го мина првото читање во парламентот, а крајно десничарската партија Чега се воздржа.

Премиерот Луиш Монтенегро во четвртокот ја отфрли можноста за повлекување на предлог-законот, но рече дека е отворен за промени пред конечното гласање што се очекува во наредните недели.

Лидерот на Социјалистичката партија, Хозе Луиш Карнеиру, во саботата ја повика владата да се вклучи во преговори со опозициските партии и демонстрантите, наместо „арогантно да ги наметнува своите ставови, понекогаш дури и со авторитарни призвуци“.

Две години од падот на настрешницата, судење сè уште нема: ќе донесат ли политичките промени правда за 16-те жртви?

Две години од падот на настрешницата, судење сè уште нема: ќе донесат ли политичките промени правда за 16-те жртви?
Фото: МКД.мк

Несреќата предизвика масовни студентски и граѓански протести низ Србија, кои прераснаа во движење против власта на Александар Вучиќ и на 25 октомври годинава доведоа до изборен пораз на Српската напредна партија (СНС), по 14 години владеење.

Но, и покрај политичкиот пресврт, две години по трагедијата сè уште нема ниту едно започнато судење за одговорноста за смртта на 16-те луѓе.

Истрагите се водат во три обвинителства, во Нови Сад, Белград и во Обвинителството за организиран криминал. Единствено обвинението на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад е правосилно, но сè уште не е познато кога ќе почне судскиот процес. Другите две истраги се во тек.

Случајот стана симбол на незадоволството од корупцијата, нетранспарентното трошење јавни пари и политичкото влијание врз институциите во Србија. Сега, по промената на власта, повторно се поставува прашањето дали ќе биде утврдена одговорноста не само на инженерите и службениците што непосредно учествувале во реконструкцијата на станицата, туку и на највисоките државни функционери.

Професорот Огњен Радоњиќ, член на независната Анкетна комисија што ја истражуваше трагедијата, за белградскиот весник Данас вели дека досегашните постапки се насочени главно кон пониските нивоа на одговорност, додека клучните политички одлуки останале надвор од истрагите.

Во обвинението во Нови Сад се опфатени поранешниот министер за градежништво и инфраструктура Горан Весиќ, неговата заменичка Анита Димоски, поранешниот директор на Железничката инфраструктура на Србија Небојша Шурлан и поранешната функционерка Јелена Танасковиќ, како и повеќе инженери и стручни лица.

Обвинителството за организиран криминал, пак, води посебна истрага за можни корупциски злоупотреби при реконструкцијата, во која се опфатени и поранешните министри Томислав Момировиќ и Горан Весиќ.

Според Радоњиќ, истражителите утврдиле сомнителни двојни фактурирања во вредност од околу 115 милиони долари, со кои кинескиот конзорциум ЦРБЦ–ЦЦЦЦ наводно стекнал противправна имотна корист. Тој нагласува дека овие наоди не ја исцрпуваат можната финансиска злоупотреба, бидејќи не биле целосно испитани цените на работите и сите договорни анекси.

Анкетната комисија, чиј член е Радоњиќ, тврди дека со проектот формално управувале надлежното министерство и Железничката инфраструктура на Србија, но дека најважните одлуки всушност се носеле во кабинетот на тогашниот претседател Александар Вучиќ.

Радоњиќ наведува дека Вучиќ кон крајот на 2022 година побарал забрзување на работите и бил подготвен за тоа да се издвојат дополнителни 65 милиони долари. Според наодите на комисијата, во неформалното управување со проектот учествувале и други високи функционери, меѓу кои Ивица Којиќ, Ана Брнабиќ, Милош Вучевиќ и Синиша Мали.

„Имате извршители, но мора да ја следите и командната одговорност“, вели Радоњиќ, нагласувајќи дека истрагата мора да утврди кој ги давал наредбите и каде се носеле одлуките.

Тој смета дека истрагата за корупција мора да продолжи со проверка на финансиските текови, даночните пријави и работењето на компаниите вклучени во реконструкцијата. Според него, работата на Обвинителството за организиран криминал била сериозно отежната по укинувањето на специјалната истражна група.

Уредникот на Форбс Србија, Иван Радак, оценува дека правосудството во изминатите две години не успеало ефикасно да се справи со сложеноста на случајот.

„Би се осмелил да кажам дека побрзо ќе ја дочекаме третата годишнина отколку почетокот на кое било од судењата“, рекол Радак за Данас.

Тој објаснува дека во постапката во Нови Сад е поднесено барање за заштита на законитоста пред Врховниот суд. Иако таквото барање формално не го одложува судењето, целокупната документација била испратена до Врховниот суд, што дополнително го забавило процесот.

Во истрагата за организиран криминал сè уште трае финансиското вештачење, додека постапката во Белград се однесува на техничкиот прием на реконструираната станица и на прашањето дали објектот смеел да биде пуштен во употреба.

Според Радак, политичките промени би можеле да придонесат за побрзо водење на постапките, особено ако повторно се формира специјалната истражна група за финансиските злоупотреби.

Тој смета дека, покрај утврдувањето на непосредната одговорност за уривањето на настрешницата, мора да се одговори и на прашањето зошто на граѓаните им било дозволено да минуваат под неа додека железничката станица сè уште била градилиште.

Неопходно е, додава, да се испита и дали ангажирањето голем број подизведувачи било оправдано или служело за извлекување пари од проектот.

„Иако политичките промени не би требало да влијаат врз правосудството, мислам дека ќе го намалат притисокот врз обвинителите“, вели Радак, изразувајќи надеж дека истрагите конечно ќе се поместат од мртва точка.

За Радоњиќ, трагедијата во Нови Сад останува многу повеќе од нерешен судски предмет. Таа беше непосредниот повод за протестното движење што го промени политичкиот пејзаж на Србија.

„Сè додека овој случај не се реши и сите одговорни не одговараат, тоа ќе остане жива рана на општеството што постојано ќе нè враќа назад“, заклучува Радоњиќ.

Спектакл во првото полувреме – Милан го победи Интер

Спектакл во првото полувреме – Милан го победи Интер
Фото: EPA

Милан го победи Интер со 3:1 (3:1), во 10-то коло во Серија А. Актуелниот првак на Италија, потклекна пред расположениот противник и го забележа првиот пораз во сезоната во домашниот шампионат. Интер со натпревар повеќе остана на делба на првата позиција со Лацио, додека Милан скокна на четвртото место, со 21 бод, четири помалку од двете водечки екипи.

Првото полувреме, во „Дерби дела Мадонина“, беше едно од најдобрите во последаната деценија.

Милан го нокаутира градскиот ривал во првите десет минути, со головите на Пулишиќ и Рабио.

Надежите на Интер ги врати Бастони во 22-та минута. Потоа Интер ја презеде иницијативата, ја притисна одбраната на Милан и создаде неколку шанси. Голманот Мајк Мањан особено се истакна, спречувајќи го шутот на Спенс од блиску со фантастична интервенција.

Сепак, крајот на првото полувреме им припадна на „росонерите“, поточно на Диего Мореира. Во 43-та минута, Николо Барела го фаулираше Јунус Муса на работ од шеснаесетникот, а младиот Белгиец со фантастичен удар погоди и го постави конечниот резултат.

Судири со полицијата избувнаа на протестите на младите во неколку германски градови

Судири со полицијата избувнаа на протестите на младите во неколку германски градови
Фото: Нетпрес

Неколку полицајци беа повредени во судирите со демонстрантите за време на протестите на младите во Германија против можното воведување на задолжителна воена служба, објави во саботата германската новинска агенција dpa.

Полицијата употреби бибер-спреј и водени топови откако демонстрантите почнаа да фрлаат камења, тули и други предмети кон полицајците.

Во Хамбург, неколку илјади луѓе учествуваа на демонстрации за време на кои учесниците, облечени во црно, а некои носеа маски за лице, ги урнаа пластичните бариери за изведување работи на коловозите и ги запалија во близина на станица на метрото. Полицијата неколкупати интервенираше за да ја растера толпата, користејќи бибер-спреј. Огновите беа изгаснати со водени топови. Според организаторите, помеѓу 6.000 и 7.000 луѓе учествуваа во протестот.

Во Франкфурт, полицијата ги разби протестите откако некои од демонстрантите фрлале шишиња, камења и пиротехнички средства кон полицајците.

Повредени се неколку полицајци, од кои еден можеби е сериозно повреден, изјави Роман Позек, министерот за внатрешни работи на покраината Хесен. Тој рече дека околу 100 левичарски екстремисти учествувале во нападите врз полицијата. Полицијата употреби водени топови врз демонстрантите и успеа да ја стави ситуацијата под контрола, додаде.

Демонстрациите во Франкфурт започнаа мирно во раните попладневни часови покрај реката Мајна, но тензиите ескалираа во центарот на градот во вечерните часови. Според полицијата, во маршот учествувле до 8.000 луѓе, додека организаторите рекоа дека имало околу 9.000.

Во Берлин, полициски палки беа употребени и за време на демонстрациите во централниот округ Мите. Околу 700 луѓе се собраа на плоштадот Розенталер Плац, од каде што се упатија кон округот Пренцлауер Берг.

Полицијата ги предупреди учесниците да се воздржат од насилство и употреба на пиротехнички средства. Портпаролот на полицијата Јорн Ифландер изјави дека некои од демонстрантите се подготвени да извршат кривични дела и дека полицијата реагирала соодветно. Според полицијата, меѓу учесниците имало претставници на левичарските политички кругови и пропалестинските движења.

Протестите беа организирани на повик на младинското движење „Генерацијата Z презема акција“ (Gen Z regelt), кое повика на демонстрации во повеќе од 30 германски градови. Покрај евентуалното воведување на задолжителна воена служба, младите луѓе протестираа против недоволното финансирање за образование, неактивноста во врска со климатските промени и зголемувањето на трошоците за живот.

Според организаторите, повеќе од 100.000 луѓе учествуваа во протестите низ целата земја.

Германската полиција презеде обемни безбедносни мерки во пресрет на демонстрациите, вклучително и распоредување на беспилотни летала и водни топови.

Филипче распука и по Црвенковски – нарекувајќи го „мумија” и „балсамиран лик“ кој со години терал бизнис со ВМРО

Филипче распука и по Црвенковски – нарекувајќи го „мумија” и „балсамиран лик“ кој со години терал бизнис со ВМРО
Фото: Нетпрес

СДСМ под водство на Венко Филипче упати отворен напад врз својот прв претседател Бранко Црвенковски. Во партиско соопштение објавено на 29 октомври, по обвинувањата на негова адреса следуваат квалификациите „мумии“ и „балсамирани ликови“. Станува збор за официјален текст на Бихаќка, со кој раководството се пресметува со критичарите.

„На крај сега од ормарот го вадат Бранко Црвенковски“, пишува во соопштението. Веднаш потоа партијата го обвинува поранешниот лидер дека со години работи бизнис со ВМРО и дека помагал во создавањето на ЗНАМ.

„Човек што со години работи бизнис со ВМРО, човек што помагаше во правењето на ЗНАМ прва верзија. Мицкоски финансираше“, се вели во делот од соопштението посветен на Црвенковски.

Од прв претседател до „коски од ормарот”

„На тоа ли мисли Мицкоски кога вели дека ‘вади коски од минатото’? Доста веќе со коските од ормарот, со тие мумии и балсамирани ликови што направија сè за да ја згаснат СДСМ“, продолжува партиското соопштение.

На удар е човекот што ја предводеше СДСМ од нејзиното основање во 1991 година, а потоа беше и премиер и претседател на државата. Во сопствената официјална историја, партијата ја истакнува улогата на владата на Црвенковски од 1992 година во зачувувањето на стабилноста во првите години од независноста.

Нападот е дел од соопштението насловено „Последни претања на Платформата – ЗНАМ 2.0 – од Левица до Црвенковски“. Со него раководството ги претставува барањата за промени во СДСМ како операција во интерес на Христијан Мицкоски.

Критичарите ставени во ист кош со политичките противници

Во истото коминике се опфатени Платформата, Петре Шилегов, Максим Димитриевски, ЗНАМ, Левица, аналитичари и медиуми. Партијата ги поврзува со деловни интереси, Вучиќ и странски служби, третирајќи ги критиките кон актуелното раководство како дел од заеднички напад.

Барањата за реформи се сведуваат на желба за функции и промена на партиското обележје. За Платформата се тврди дека подготвува нова партија, по примерот на ЗНАМ.

Притоа, во објавениот текст не е наведена конкретна изјава на Црвенковски на која се одговара. Наместо полемика со негов став, Бихаќка објавува обвинувања за неговите наводни деловни и политички врски, проследени со груби лични дисквалификации.