
Португалија се бори со една од најлошите кризи со домувањето во Европа, а младите луѓе се најтешко погодени. Цените на недвижностите се зголемија повеќе од двојно од 2017 година, а кириите за нови договори речиси се удвоија.
Организаторите изјавија дека неколку илјади луѓе се собрале на плоштадот Росио. Полицијата не ги објави своите проценки за бројот на демонстрантите.
Рита Силва, портпаролка на движењето за прифатливо домување Casa para Viver, изјави за телевизијата RTP дека „луѓето покажуваат извонредна упорност, сила и решителност“ по неколкуте седмици протести поради кризата со домувањето, зголемувањето на трошоците за живот и „огромните тешкотии во заработката за живот“.
„Не гледаме подготвеност на владата да слуша и затоа протестите ќе продолжат“, рече таа.
Министерот за внатрешни работи Луиш Невеш изјави дека владата ја почитува легитимноста на протестите, но очекува тие да продолжат „на уреден и цивилизиран начин“ и „во согласност со законот“.
Демонстрантите бараат владата да го повлече законот со кој се олеснуваат иселувањата и се укинуваат ограничувањата за кирија за нови договори. ОВој предлог-закон го мина првото читање во парламентот, а крајно десничарската партија Чега се воздржа.
Премиерот Луиш Монтенегро во четвртокот ја отфрли можноста за повлекување на предлог-законот, но рече дека е отворен за промени пред конечното гласање што се очекува во наредните недели.
Лидерот на Социјалистичката партија, Хозе Луиш Карнеиру, во саботата ја повика владата да се вклучи во преговори со опозициските партии и демонстрантите, наместо „арогантно да ги наметнува своите ставови, понекогаш дури и со авторитарни призвуци“.



