Судири со полицијата избувнаа на протестите на младите во неколку германски градови

Неколку полицајци беа повредени во судирите со демонстрантите за време на протестите на младите во Германија против можното воведување на задолжителна воена служба, објави во саботата германската новинска агенција dpa.

4
Судири со полицијата избувнаа на протестите на младите во неколку германски градови
Фото: Нетпрес

Полицијата употреби бибер-спреј и водени топови откако демонстрантите почнаа да фрлаат камења, тули и други предмети кон полицајците.

Во Хамбург, неколку илјади луѓе учествуваа на демонстрации за време на кои учесниците, облечени во црно, а некои носеа маски за лице, ги урнаа пластичните бариери за изведување работи на коловозите и ги запалија во близина на станица на метрото. Полицијата неколкупати интервенираше за да ја растера толпата, користејќи бибер-спреј. Огновите беа изгаснати со водени топови. Според организаторите, помеѓу 6.000 и 7.000 луѓе учествуваа во протестот.

Реклама

Во Франкфурт, полицијата ги разби протестите откако некои од демонстрантите фрлале шишиња, камења и пиротехнички средства кон полицајците.

Повредени се неколку полицајци, од кои еден можеби е сериозно повреден, изјави Роман Позек, министерот за внатрешни работи на покраината Хесен. Тој рече дека околу 100 левичарски екстремисти учествувале во нападите врз полицијата. Полицијата употреби водени топови врз демонстрантите и успеа да ја стави ситуацијата под контрола, додаде.

Демонстрациите во Франкфурт започнаа мирно во раните попладневни часови покрај реката Мајна, но тензиите ескалираа во центарот на градот во вечерните часови. Според полицијата, во маршот учествувле до 8.000 луѓе, додека организаторите рекоа дека имало околу 9.000.

Во Берлин, полициски палки беа употребени и за време на демонстрациите во централниот округ Мите. Околу 700 луѓе се собраа на плоштадот Розенталер Плац, од каде што се упатија кон округот Пренцлауер Берг.

Реклама

Полицијата ги предупреди учесниците да се воздржат од насилство и употреба на пиротехнички средства. Портпаролот на полицијата Јорн Ифландер изјави дека некои од демонстрантите се подготвени да извршат кривични дела и дека полицијата реагирала соодветно. Според полицијата, меѓу учесниците имало претставници на левичарските политички кругови и пропалестинските движења.

Протестите беа организирани на повик на младинското движење „Генерацијата Z презема акција“ (Gen Z regelt), кое повика на демонстрации во повеќе од 30 германски градови. Покрај евентуалното воведување на задолжителна воена служба, младите луѓе протестираа против недоволното финансирање за образование, неактивноста во врска со климатските промени и зголемувањето на трошоците за живот.

Според организаторите, повеќе од 100.000 луѓе учествуваа во протестите низ целата земја.

Германската полиција презеде обемни безбедносни мерки во пресрет на демонстрациите, вклучително и распоредување на беспилотни летала и водни топови.