Прескокни до содржината
Реклама

Пјонгјанг тестирал нов борбен систем

Пјонгјанг тестирал нов борбен систем
Фото: Нетпрес

Севернокорејската државна новинска агенција KCNA соопшти во неделата дека одбранбените институти на земјата тестирале нов оружем систем.

Тестот имал цел „да се процени борбената применливост и моќта на кластерска боева глава на тактичка балистичка ракета“, соопшти новинската агенција KCNA.

Тестот покажал дека, поради својата супермоќна густина, стандардната кластерска (распрснувачкa или касетна) боева глава од тип 2 е способна да уништи целна област од 12-13 хектари.

„Ние ги делиме касетните боеви глави на боеви глави за специјална намена и боеви глави од четири стандардни типови. Оваа година ќе се обидеме да осигуриме дека нашите единици можат да ги изберат и користат сиве овие боеви глави во зависност од нивните оперативни задачи“, изјави шефот на Главната ракетна дирекција на Северна Кореја, цитиран од руската агенција ТАСС.

Пјонгјанг ги засили своите демонстрации на воена моќ последните седмици со повеќекратни ракетни тестови и демонстрација на беспилотни летала. Аналитичарите веруваат дека тестовите може да бидат дел од напорите за модернизација на вооружените сили на земјата. Северна Кореја стекна искуство во спроведувањето на современи борбени операции со испраќање војници да учествуваат во војната во Украина на страната на својот сојузник Русија во одбраната на руската Курска област, забележува Reuters.

Минатата седмица Северна Кореја истрела околу 10 балистички ракети од својот источен брег во морето, дента кога германскиот канцелар Фридрих Мерц беше во посета на Јужна Кореја на самит и зборуваше за воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва како наводна закана за Европа.

САД ја предупредиле Москва за можен терористички напад

САД ја предупредиле Москва за можен терористички напад
Фото: Нетпрес

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека од Соединетите Американски Држави добила информации за подготовки за можен терористички напад во Москва, по што презела соодветни мерки, објави ТАСС, пренесувајќи ја информацијата од БТА.

„Од американската страна, преку партнерски канали, добиени се информации за подготовки за терористички чин во Москва. Во моментов се преземаат соодветни мерки“, се наведува во соопштението на ФСБ.

Претходно, Амбасадата на САД во Москва соопшти дека располага со информации за „веродостојна закана од инцидент со повеќе жртви“ во музејскиот комплекс Царицино во Москва. Од амбасадата информираа дека американската влада го координира својот одговор со руските власти.

„Владата на САД го координира својот одговор со надлежните руски власти“, се наведува во соопштението на амбасадата, од каде што ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа околу палатата од царскиот период, која се наоѓа во голем парк во јужниот дел на Москва.

Музејскиот комплекс Царицино е затворен поради спроведување оперативни активности, изјавил извор од руските разузнавачки служби.

Според рускиот канал „База“, за кој се наведува дека е близок до полицијата, паркот бил затворен вечерва, а посетителите биле повикани да го напуштат просторот. На местото пристигнале и полициски службеници.

Граѓаните чуваат 7,5 милијарди евра во банките, но колкумина навистина имаат заштеда?

Граѓаните чуваат 7,5 милијарди евра во банките, но колкумина навистина имаат заштеда?
Фото: Опсервер

На банкарските сметки на македонските граѓани се наоѓаат 7,51 милијарда евра, а депозитите продолжуваат да растат и покрај инфлацијата и високите животни трошоци. Сепак, оваа сума не открива колкав дел од парите е распределен меѓу населението, а колкав е концентриран кај граѓаните со највисоки приходи.

Податоците на Народната банка, објавени по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври, покажуваат дека вкупните депозити во банкарскиот систем во септември достигнале речиси 11,2 милијарди евра. Од нив, депозитите на домаќинствата изнесувале 7,51 милијарда евра, наспроти околу 7,2 милијарди евра на почетокот на годината. Тоа претставува раст од приближно 310 милиони евра за девет месеци.

Доколку вкупната сума се подели на околу 1,83 милиони жители, просекот би изнесувал приближно 4.100 евра по жител. Сепак, станува збор само за математичка пресметка, а не за реална слика за заштедите на граѓаните. Во депозитите се вклучени и средствата на трансакциските сметки, парите по видување и орочените депозити, што значи дека не станува збор исклучиво за долгорочни заштеди.

За да се утврди колку навистина штеди просечниот граѓанин, потребни се подетални податоци за висината на депозитите и бројот на штедачи. Вкупната сума не покажува колку домаќинства располагаат со значителни заштеди, а колку едвај успеваат да ги покријат тековните потреби.

Истовремено, расте и задолжувањето на населението. Во септември кредитите на граѓаните достигнале приближно 4,93 милијарди евра, додека депозитите биле повисоки за повеќе од две милијарди евра.

Во текот на годината депозитите на домаќинствата бележеле претежно раст, иако имало и повремени намалувања. Во март граѓаните повлекле околу 31,8 милиони евра, додека во јули заштедите достигнале приближно 7,52 милијарди евра. Во август се намалиле на 7,49 милијарди, за во септември повторно да пораснат на 7,51 милијарда евра.

Податоците укажуваат и на поголема ориентација кон денарско штедење и подолгорочно орочување на дел од средствата, што може да се поврзе со довербата во домашната валута и каматните стапки што ги нудат банките.

Сепак, можноста за штедење не е иста за сите граѓани. Додека некои домаќинства можат редовно да издвојуваат дел од приходите и да создаваат финансиска резерва, други најголемиот дел од средствата ги трошат за храна, домување, струја, греење и превоз.

Затоа, растот на депозитите не мора да значи и подобрување на животниот стандард на целото население. За да се добие пореална слика за финансиската состојба на граѓаните, потребни се податоци за тоа колку домаќинства имаат заштеда доволна за неколку месеци, колку не можат да покријат непредвиден трошок и кај кого се концентрирани најголемите депозитни средства.

Милијардите во банките покажуваат дека банкарскиот систем располага со сè повеќе средства, но сами по себе не значат дека секој граѓанин има поголема финансиска сигурност.

Северна Кореја обвинета за кражба на криптовалути во вредност од 6 милијарди долари

Северна Кореја обвинета за кражба на криптовалути во вредност од 6 милијарди долари
Фото: Нетпрес

Американското Федералното истражно биро (FBI) доцна во саботата објави дека Северна Кореја наводно е одговорна за хакерски напад на 29-ти октомври „или околу оваа дата“, во кој се украдени дигитални средства во вредност од 6,3 милијарди долари од берзата за криптовалути Binance.

Бирото соопшти дека нападот го извршиле севернокорејски хакери кои припаѓаат на групата TraderTraitor. Компанијата за анализа на блокчејн „TRM Labs“ претходно го припиша нападот на истата група.

Според TRM, хакерските напаѓачи преместиле поголем дел од 6,3 милијарди долари во рок од 20 минути, очигледно обидувајќи се да спречат замрзнување на средствата.

FBI соопшти дека „забележало актери од TraderTraitor кои конвертирале украдени средства“, главно во криптовалутата Ethereum.

„Се очекува овие средства дополнително да бидат ‘перени’ со конвертирање преку (децентрализираните финансии) DeFi и услуги за инстант замена на криптовалути, бидејќи тие ги подготвуваат за натамошни фази на перење пари“, соопшти FBI.

Берзата за криптовалути Binance објави во саботата дека успеала да покрие 90 отсто од износот украден во хакерскиот напад. Останатите 10 отсто се однесуваат на токени со помала ликвидност, што значи дека може да биде потебно повеќе време тие да се добијат во бараните количества, се вели во соопштението на компанијата објавено на социјалната платформа X.

„Binance ќе го преземе финансискиот ефект од украдените средства, а не нашите корисници“, додаде берзата.

Се верува дека станува збор за најголемата кражба на криптовалути. Меѓу украдените средства се биткоин, етереум и стаблкоини како Tether и USD Coin, чија вредност е поврзана со традиционалните валути.

Облачно и дождливо време, во вторник се очекуваат пообилни врнежи

Облачно и дождливо време, во вторник се очекуваат пообилни врнежи
Фото: Опсервер

Времето денеска ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на квадратен метар. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се движи од 7 до 11 степени, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.

Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време со повремен дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9 степени, а максималната ќе достигне 14 степени.

Во наредните денови времето ќе биде под влијание на циклонска активност. Од денеска до вторник ќе биде претежно облачно и постудено, со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Пообилни врнежи се очекуваат во вторник.

На повеќе места се очекува да наврнат над 25 литри дожд на квадратен метар за 24 часа, а локално, во текот на прогнозираниот период, количината може да надмине и 60 литри на квадратен метар.

Од среда, па и во наредните денови, се очекува стабилизирање на временските услови.

Комеморативна седница во чест на проф. д-р Зоран Велковски

Комеморативна седница во чест на проф. д-р Зоран Велковски
Фото: МКД.мк

„Со длабока почит и благодарност ќе се потсетиме на неговиот исклучителен придонес, посветеноста кон науката и образованието и човечките вредности по кои ќе остане запаметен меѓу колегите, студентите и пошироката академска заедница. Неговото дело и споменот за него ќе продолжат да живеат низ генерациите што ги образуваше и инспирираше“, велат од Факултетот.

Суд ги блокира обидите на Трамп да го тужи WSJ за известувањето за Епштајн

Суд ги блокира обидите на Трамп да го тужи WSJ за известувањето за Епштајн
Фото: Нетпрес

Aмерикански суд во саботата трајно го отфрли вториот обид на претседателот Доналд Трамп да го тужи весникот The Wall Street Journal за клевета, односно за известувањето на весникот за неговите врски со сексуалниот престапник Џефри Епштајн.

Окружниот суд во сојузната држава Флорида утврди дека Трамп повторно не успеал да докаже дека имало лоша намера во написите на весникот, што е предуслов за јавни личности кои сакаат да тужат за клевета.

„Како и во првиот случај, тој потфрли“, напиша демократскиот судија Дарин П. Гејлс.

Гејлс ја истакна „внимателната и темелна истрага“ на весникот и напорите на новинарот да побара коментар од Трамп и други службени лица пред да ја објави сторијата. „Фаќајќи се за сламја, изменетата тужба се обидува да измисли недостатоци во истрагата“, напиша Гејлс.

Адвокатите на Трамп тврдат дека известувањето требало да се отфрли откако претседателот ги негираше неговите врски со Епштајн.

„Ова не е она што го бараат правилата за злонамерност и е неконзистентно со Првиот амандман“, додаде Гејлс.

Трамп поднесе нова тужба барајќи најмалку 10 милијарди долари отштета.

Саботната пресуда, исто така, го блокира повторното судење за истото прашање.

Десет години, речиси 7.000 подарени книги: „Матица македонска“ за секој ученик во Демир Хисар

Десет години, речиси 7.000 подарени книги: „Матица македонска“ за секој ученик во Демир Хисар
Фото: МКД.мк

Книгите ги прими м-р Славче Велјановски, директор на Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар. Наменети се за учениците во основните училишта „Браќа Миладиновци“ во Жван, „Даме Груев“ во Смилево и „Гоце Делчев“ во Демир Хисар, како и во средното училиште „Крсте Петков Мисирков“.

Иницијаторот на акцијата, поетот и книжевен критичар Раде Силјан, основач на „Матица македонска“, е роден во Жван. Неговата замисла е учениците од родниот крај да го имаат она што им недостигало на многу претходни генерации, меѓу кои и неговата: книги со кои ќе растат и ќе ги создаваат своите лични библиотеки. Таа замисла се остварува со секоја нова годишна донација, преточувајќи ја приврзаноста кон родниот крај во конкретна грижа за неговите млади жители.

Особената вредност на дарувањето е во неговата истрајност и целосниот опфат. Поддршката ги следи учениците низ повеќе години од нивното школување, а секој нов примерок е можност за збогатување на личната библиотека и поттик за читање. Речиси седум илјади подарени книги претставуваат голем материјален, образовен и културен влог во една општина, со кој се опфатени учениците и од градот и од помалите населени места.

Оваа традиција има посебно значење токму во Демирхисарско, крај што ѝ дал на Македонија некои од нејзините најзначајни писатели. Од него, покрај Силјан, потекнуваат Петре М. Андреевски, Божин Павловски, Веле Смилевски, Јордан Плевнеш, Горјан Петревски и други истакнати автори. Со дарувањето книги на учениците, почитта кон тоа книжевно наследство се поврзува со грижа за неговото продолжување. Меѓу денешните млади читатели можеби растат и идните писатели што ќе му дадат нови значајни дела на македонскиот јазик.

По повод Месецот на книгата, Домот на културата „Илинден“ му додели благодарница на Раде Силјан за придонесот во развивањето на навиките за читање и љубовта кон пишаниот збор кај децата во Општина Демир Хисар.

Годинашното дарување има и двоен јубилеен белег: десеттата последователна донација се совпаѓа со 35-годишнината од основањето на „Матица македонска“. Издавачката куќа го одбележува својот јубилеј и со продолжување на поддршката за оние од кои зависи иднината на книгата: новите генерации читатели.

Oблачно со повремени врнежи од дожд

Oблачно со повремени врнежи од дожд
Фото: МКД.мк

Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец.

Утре времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 30л/м²) и дневни температури од 10 до 17 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец.

Вашингтон и Брисел во судир околу Меѓународниот кривичен суд, каде ќе застане Македонија?

Вашингтон и Брисел во судир околу Меѓународниот кривичен суд, каде ќе застане Македонија?
Фото: МКД.мк

Најновиот судир меѓу Вашингтон и Брисел околу Меѓународниот кривичен суд (МКС) повторно го отвора прашањето за позицијата на Македонија и нејзините обврски во процесот на пристапување кон Европската Унија. Додека американската администрација воведува санкции против Судот, ЕУ бара нивно укинување и најавува мерки за заштита на неговото функционирање. Во меѓувреме, од Скопје се очекува да го реши долгогодишното несогласување со европската позиција во врска со договорот за непредавање американски лица на МКС.

На 9 октомври 2026 година администрацијата на Доналд Трамп воведе санкции против Меѓународниот кривичен суд. Европската Унија реагираше со барање за повлекување на мерките и со најава дека ќе преземе чекори за да обезбеди Судот да може непречено да ја врши својата работа.

Ова не е само дипломатски спор меѓу САД и европските институции. За Македонија, прашањето има и конкретна правна и политичка димензија, бидејќи земјата е членка на Римскиот статут, а Европската комисија со години укажува на потребата од усогласување на македонската позиција со заедничките ставови на ЕУ за Меѓународниот кривичен суд.

Римскиот статут е меѓународен договор со кој е основан Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, надлежен за гонење лица обвинети за најтешките злосторства што ја засегаат меѓународната заедница. Усвоен е на 17 јули 1998 година во Рим, а стапи во сила на 1 јули 2002 година. Македонија го потпиша Римскиот статут на 7 октомври 1998 година, а го ратификуваше на 6 март 2002 година.

Договорот со САД од 2003 година

Во 2003 година Македонија склучи билатерален договор со САД за непредавање американски лица на Меѓународниот кривичен суд. Европската позиција е дека ваквите билатерални договори не треба да ја поткопуваат независноста, функционирањето и интегритетот на МКС, основан со Римскиот статут.

Во извештајот за напредокот на Македонија за 2023 година, Европската комисија посочи дека договорот со САД не е усогласен со заедничките позиции на ЕУ за интегритетот на Римскиот статут и побара од земјата да ја усогласи својата позиција.

Ова значи дека прашањето е одамна дел од европската агенда за Македонија. Новите американски санкции само му даваат дополнителна политичка тежина и ја прават дилемата поизразена: како да се одржуваат стратешките односи со САД, а истовремено да се исполнуваат обврските што произлегуваат од европската интеграција?

Од Министерството за правда на Македонија на прашањата на МКД.мк одговорија дека Договорот со САД има сила на закон и дека нема никакви правни дилеми во однос на обврските од МКС.

„Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави кој се однесува на предавањето на лица на Меѓународниот кривичен суд (Службен Весник на РМ бр. 70/2003) е ратификуван во Собранието на Република Македонија, што значи тој е дел од внатрешниот правен поредок и има сила на закон.

Со овој Договор, Македонија се обврзува дека нема, без изразена согласност на Владата на САД, да предаде или на кој било начин пренесе на Меѓународен кривичен суд за која било цел, лица од САД. ‘Лица од САД’ согласно овој договор ги вклучува сите државјани на САД и сегашни и поранешни припадници на воен персонал на САД во однос на дела што се наводно извршени со сторување или со несторување додека тие се или биле припадници на воен персонал на САД.

Доколку Меѓународниот кривичен суд побара апсење и предавање лице од САД кое се наоѓа на македонска територија, за наводни дела предвидени во Римскиот Статут, предност има Договорот со САД и македонските власти не би го предале американскиот државјанин на МКС без согласност на Владата на САД. Треба да се има предвид дека, Римскиот статут односно надлежноста на МКС се однесува на следните кривични дела: геноцид (член6), злосторства против човештвото (член 7), воени злосторства и агресија (член 8).

Правната основа на овој билатерален договор произлегува и од Член 98 став 2 од Римскиот статут според кој: ‘Судот може да не бара предавање на лице ако тоа би ја натерало замолената државата да ги прекрши своите меѓународни обврски кон трета држава освен ако таа трета држава не се согласи’. Вакви договори САД има склучено со повеќе од 90 земји ширум светот, меѓу кои се и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија…“, се вели во одговорот од Министерството за правда на Македонија.

Од Министерството за одбрана на Македонија на прашањето дали оваа неусогласеност може да предизвика негативни последици за американската воена помош, заедничките вежби или воено-техничката соработка, велат дека на меѓусебните состаноци во делот на одбранбените прашања кои се воделе со претставници од САД, во изминатиов период не станало збор за ова прашање.

Во услови кога САД и ЕУ заземаат спротивставени позиции околу функционирањето на Меѓународниот кривичен суд, за Македонија повеќе не е доволно само да ја повторува определбата за европска интеграција. И покрај толкувањето од Министерството за правда, Македонија треба да покаже каква конкретна политика ќе води кога таа определба ќе бара правни и дипломатски одлуки што можат да влијаат врз односите со Вашингтон.

А.Д.