Прескокни до содржината
Реклама

Јан Гилан, легендарниот пејач на „Дип парпл“, во болница: Одложени два концерта

Јан Гилан, легендарниот пејач на „Дип парпл“, во болница: Одложени два концерта
Фото: В.Донев

Легендарниот британски рок пејач Јан Гилан, фронтменот на „Дип парпл“, беше хоспитализиран поради ненадеен здравствен проблем, поради кој бендот мораше да одложи два концерта во Германија. Веста беше потврдена во сабота, 31 октомври, со официјално соопштение на групата, а засега не се објавени детали за здравствената состојба на 81-годишниот музичар.

„Дип парпл“ требаше вечерва да настапат во арената „Ки“ во Лајпциг, а следната вечер, 1 ноември, во Спортхале во Хамбург, како дел од тековната светска турнеја „Сплат!“. Сепак, само неколку часа пред првиот настап, групата објави дека двата концерти морале да бидат одложени.

„Дип парпл“ објавија официјално соопштение

„Со големо жалење мораме да објавиме дека „Дип парпл“ нема да можат да настапат како што беше планирано вечерва во Лајпциг и утре вечер во Хамбург. Причината е поради итен здравствен проблем на Јан Гилан, поради кој тој моментално е хоспитализиран“, се наведува во соопштението на бендот.

Членовите на групата изразија жалење за ненадејната промена во распоредот на концертите и се извинија на публиката што планираше да присуствува на настапите.

„Свесни сме дека оваа вест доаѓа во последен момент и го споделуваме разочарувањето на сите наши прекрасни обожаватели“, рекоа музичарите.

Бендот и неговиот организациски тим веќе работат на пронаоѓање нови датуми за двата концерта. Сите претходно купени билети ќе останат валидни, а новите датуми ќе бидат објавени подоцна.

Здравствената состојба на пејачот засега е непозната

Во официјалното соопштение не се наведува што довело до хоспитализацијата на Гилан, ниту колку долго би можело да трае неговото лекување.

Бендот не објави никакви дополнителни медицински информации, па засега нема информации за сериозноста на неговата состојба или за можното времетраење на неговото закрепнување.

Веста предизвика загриженост кај фановите ширум светот, особено имајќи ги предвид возраста на Гилан и зафатениот распоред на концерти што Дип парпл го одржуваат и покрај повеќедецениската кариера.

Неизвесно продолжување на европската турнеја

Според официјалниот распоред, следниот концерт на Дип парпл е закажан за 3 ноември во Дортмунд, по што следат настапи во Берлин, Франкфурт и Нирнберг.

Засега, ниту еден од овие концерти не е официјално одложен, но сè уште не е познато дали Гилан ќе може да се врати на сцената на почетокот на следната недела.

Тековната турнеја следи по албумот „Splat!“, објавен во јули 2026 година, со кој бендот ја продолжи својата долга музичка историја и соработка со продуцентот Боб Езрин.

Иако членовите на Дип парпл се присутни на светската музичка сцена со децении, групата сè уште е активна на концерти, со настапи на големи европски и светски сцени.

Глас што ја одбележа историјата на хард рокот

Јан Гилан се приклучи на Дип парпл во 1969 година и стана еден од најпрепознатливите вокалисти во историјата на хард рокот.

Неговиот моќен глас и исклучително широкиот вокален опсег ги одбележаа некои од најважните изданија на групата, вклучувајќи ги албумите Deep Purple in Rock, Fireball, Machine Head и Made in Japan.

Песни како „Child in Time“, „Highway Star“, „Strange Kind of Woman“ и „Smoke on the Water“ станаа неопходен дел од рок историјата, додека стилот на пеење на Гилан силно влијаеше врз генерации хард-рок и хеви-метал вокалисти.

За време на неговата кариера, тој ја напушти групата и се врати во неа неколку пати, а во раните осумдесетти беше и пејач на групата Блек сабат, со која го сними албумот „Born Again“.

И покрај годините, Гилан продолжи да настапува и да снима нова музика, нагласувајќи во претходните интервјуа дека не сака да се пензионира сè додека има енергија и можност да ѝ пружи на публиката квалитетен настап.

Затоа, неговата моментална хоспитализација претставува неочекуван прекин на концертните активности на еден од најдолготрајните бендови во историјата на рок музиката.

Засега, останува неизвесно кога Јан Гилан ќе се врати на сцената и дали планираното продолжение на турнејата ќе се одржи според закажаното.

Публиката ширум светот очекува нови информации, првенствено за неговото здравје и закрепнување.

По пет илјади долари за секој Американец доколку републиканците победат на изборите

По пет илјади долари за секој Американец доколку републиканците победат на изборите
Фото: Нетпрес

Американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно им вети на Американците по пет илјади долари доколку Републиканската партија победи на конгресните избори закажани за 3 ноември, објави денеска американската телевизиска мрежа “Еј-Би-Си“.

„Ова се најважните избори во историјата“, изјави Трамп пред своите поддржувачи собрани синоќа во Дејтона Бич, во сојузната држава Флорида.

Претседателот на САД ја искористи можноста повторно да вети дека секој граѓанин на САД ќе добие по пет илјади долари доколку републиканците победат на изборите. Ветувањето отвори прашања и за законитоста на таквото ветување и за начинот на кој би се обезбедиле средствата за негово спроведување.

„Републиканците имаат шанса да постигнат добар резултат. Можеби дури и многу добар“, изјави Трамп од Овалната соба пред да замине на собирот во Флорида.

Сепак, набргу потоа тој ги ублажи своите изјави, во услови на најниска досегашна популарност поради високите животни трошоци и тензиите во односите со Иран.

„Обично претседателот, без разлика дали е добар или лош, републиканец или демократ, губи на изборите на средината од својот мандат, кога се избираат сите членови на Претставничкиот дом и една третина од членовите на Сенатот“, рече Трамп, наведувајќи историски точна констатација.

На овие избори што традиционално се одржуваат на средината од претседателскиот мандат, демократите се надеваат дека ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом од републиканците, а можеби и врз Сенатот.

До вчера напладне 47,9 милиони Американци веќе гласаа, согласно дозволените процедури за предвремено гласање.

Тепачка меѓу навивачки групи пред „Јане Сандански“, едно лице повредено, едно приведено

Тепачка меѓу навивачки групи пред „Јане Сандански“, едно лице повредено, едно приведено
Фото: Нетпрес

Едно лице е повредено, а друго е приведено по физичка пресметка меѓу навивачки групи пред спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, потврдија од Министерството за внатрешни работи.

Според полициските информации, помала група припадници на навивачката група „Фемили“ нападнала навивачи на кошаркарскиот клуб „Работнички“, кои чекале да влезат на спортски натпревар.

Инцидентот бил пријавен денеска, околу 18:55 часот во СВР Скопје.

Од МВР информираат дека повеќе членови на навивачката група „Фемили“ се движеле од улицата „Васко Карангелески“ кон спортската сала, каде што претходно биле собрани околу 50 навивачи на КК „Работнички“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Претседателот Навроцки го обвини Туск за насилно преземање на Уставниот суд на Полска

Претседателот Навроцки го обвини Туск за насилно преземање на Уставниот суд на Полска
Фото: Нетпрес

Сериозна политичка и институционална криза ја зафати Полска, откако претседателот Карол Навроцки го обвини премиерот Доналд Туск дека неговата влада насилно презема контрола врз Уставниот суд. Судирот ескалираше откако судијката Ана Корвин-Пјотровска објави дека го суспендирала претседателот на Судот, Богдан Свјечковски, и дека таа ќе го преземе неговото раководење.

Полскиот Уставен суд доцна синоќа соопшти дека Корвин-Пјотровска, судијка со најдолг судиски стаж, го суспендирала Свјечковски, кој беше назначен за претседател на Судот за време на претходната влада предводена од националистичката партија „Право и правда“ (ПиС). Според дополнителните информации од полските медиуми, суспендиран бил и потпретседателот на Судот, Бартломеј Сохањски.

Корвин-Пјотровска објавила дека ја презема одговорноста за управувањето со институцијата, но легитимноста на нејзината одлука веднаш била оспорена од досегашното раководство на Судот и од политичките сојузници на Свјечковски.

Претседателот Навроцки, кој е политички близок до претходната националистичка власт, го прекинал официјалното патување во Африка и се вратил во Варшава за да реагира на случувањата.

„Синоќа во Република Полска дојде до нарушување на уставниот поредок и насилно преземање на една уставна институција“, се наведува во неговата изјава, која рано утринава пред зградата на Судот ја прочитал неговиот соработник.

Навроцки потоа се упатил кон зградата на Уставниот суд, каде што биле распоредени засилени полициски сили. Пред институцијата се собрале неколку стотици демонстранти, меѓу кои и поддржувачи на опозициската десница, кои барале враќање на Свјечковски на функцијата.

За време на неговото пристигнување дошло и до физичка конфронтација со судии пред влезот во зградата. Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат како претседателот се пробива низ групата луѓе за да влезе во Судот. Додека неговиот тим го обвинил другата страна дека го попречувала претседателот, претставници на судиите тврделе дека Навроцки физички се конфронтирал со нив.

Полскиот претседател повикал на итни консултации со претставници на парламентарните политички групи, со цел, како што навел, да се стабилизира политичката ситуација и да се обнови уставниот поредок.

Премиерот Доналд Туск, од друга страна, ги брани постапките на својата влада и тврди дека целта е враќање на владеењето на правото во земјата. Европската Унија со години ја критикуваше претходната влада на партијата „Право и правда“ поради промените во правосудниот систем и политичкото влијание врз судството.

„Овој процес е тежок, понекогаш дури и болен и бара одлучно дејствување. Друг пат нема“, напиша Туск на платформата „Икс“.

Судирот околу Уставниот суд е дел од подлабоката институционална криза во Полска, која трае со години. Спорот започна во 2015 година, кога партијата „Право и правда“ назначи судии на места за кои претходно веќе имало избрани кандидати. По доаѓањето на власт во 2023 година, владината коалиција на Туск најави реформи со кои требаше да се обнови независноста на правосудството.

Но, претседателот Навроцки, кој ја презеде функцијата во 2025 година, се спротивстави на дел од тие промени и одби да потврди неколку судиски назначувања предложени од парламентарното мнозинство. Во меѓувреме, Свјечковски одбиваше да им овозможи преземање на функциите на судиите избрани од актуелното мнозинство.

Така, спорот за составот и раководењето со Уставниот суд прерасна во отворена конфронтација меѓу претседателот и владата, при што двете страни ја оспоруваат легитимноста на постапките на другата страна.

Новите случувања дополнително ја продлабочуваат политичката поделба во Полска, а засега останува неизвесно како ќе се разреши спорот околу раководењето со една од најважните уставни институции во земјата.

Кејн промаши пенал, Борусија во 89-та минута освои бод во Минхен

Кејн промаши пенал, Борусија во 89-та минута освои бод во Минхен
Фото: EPA

Баерн и Борусија Дортмунд одиграа нерешено 2:2 во големото дерби од осмото коло на Бундеслигата, во натпревар обележан со промашен пенал од Хари Кејн, поништен гол на Белингем, повреди на тројца играчи од домашната екипа и возбудлив финиш.

Натпреварот на „Алијанц Арена“ започна свечено. Хари Кејн ја покажа „Златната топка“, која ја освои за прв пат во кариерата во понеделникот, пред 75.000 гледачи. Англискиот репрезентативец доби стоечки овации од трибините, а потоа следеше големото дерби.

Баерн имаше можност, но Олисе немаше среќа да погоди во деветтата минута. Неговиот удар завршши во стативата.

Во првиот дел двајца играчи на Баерн, побараа измени, поради повреди. Саибари, во 24-та минута, откако промаши во ситуација еден на еден со Кобел, остана да лежи на тревата, а потоа го напушти теренот, а две минути подоцна измена побара и Гнабри.

И покрај кадровските проблеми, Баерн постигна гол за водство, о 38-та минута преку Лајмер, по додавањето од Олисе.

Боруија експресно возврати, но голот на Белингем беше поништен поради прекршокот на Чукуемека над голманот Убриг.

На почетокот на второто полувреме, Баерн имаше идеална можност да го дуплира водството. Беше досуден пенал за домашниот тим, Хари Кејн ја презеде одговорноста, но добитникот на „Златната топка“ не успеа да го реализира пеналот. Неговиот удар заврши во гредата.

Во 60-та минута, Борусија успеа да израмни на 1:1 преку Гираси. Сепак, одговорот на Баерн беше брз. Само шест минути подоцна, Кејн учествуваше во акцијата од која Лајмер со глава ја врати топката пред голот, а Дајо Упамекано постигна гол за 2:1.

Нов шок, Баерн доживеа во 83-та минута, Олисе седна на тревата, а потоа побара измена.

Кога се чинеше дека сите три бода ќе останат во Минхен, во 89-та минута, преку Силва, Борусија успеа да стигне до ново израмнување и конечни 2:2.

Двата тима остнана на водечките позиции во Бундес лигата со по 18 поени, два повеќе од третопласираниот Фрајбург.

Промовиран проектот за традиционалните носии на малцинствата во Корча од Васил Стерјовски

Промовиран проектот за традиционалните носии на малцинствата во Корча од Васил Стерјовски
Фото: МКД.мк

За време на настанот беа претставени четири традиционални носии, изработени за македонската, ромската, влашката и египќанската заедница, како и информативната брошура „Етнокултурното наследство на Македонците, Ромите, Власите и Египќаните во Округот Корча“, подготвена од Васил Стерјовски. Брошурата е посветена на историјата, културното значење и идентитетот што го претставува традиционалната облека на овие заедници.

Настанот го водеше Здравко Нечофски, активист на македонската заедница, додека присутните беа поздравени од претставници на државни и локални институции, организации на граѓанското општество и разни заедници.

Како што пренесува весникот „Македониум“, во своето поздравно обраќање, Васил Стерјовски, претседател на македонското друштво „Сонце“, ја истакна важноста на соживотот меѓу заедниците и потребата од зачувување на културниот идентитет на секоја од нив.

„Округот Корча е пример за соживот на различни заедници, кои со векови го делеле истиот простор, создавале општествени односи и придонесувале за развојот на овој регион. Овој соживот е вредност што мора да ја чуваме и уште повеќе да ја зајакнуваме“, изјави Стерјовски.

Тој нагласи дека вистинскиот соживот не значи само да живееме еден покрај друг, туку и да ги познаваме и почитуваме идентитетите на другите, гарантирајќи дека секоја заедница има можност да ги зачува својот јазик, култура и традиции.

Според Стерјовски, демократско и европско општество е она во кое секој граѓанин се чувствува еднаков, каде што секоја заедница може да го зачува својот идентитет и каде што културната разновидност се вреднува како извор на богатство и развој.

Тој исто така подвлече дека зачувувањето на културното наследство не е само одговорност на здруженијата или на ангажираните поединци, туку заедничка должност на институциите, организациите, училиштата, семејствата и целото општество.

На настанот се обратија и Петрика Толкучи, претседател на Советот на Округот Корча, Лирика Појани, костимограф, Пали Колефски, градоначалник на Општина Пустец, Мухамет Рапи, претседател на здружението „Заедница за младинска интеграција“, Даниела Стоица, во име на здружението „Власите од Албанија“, Енџи Костури, во име на здружението „Дисутни Албанија“, Бурбуќе Нграчањ, во име на Народниот правобранител, и Хасим Кеци, потпретседател на Комитетот за национални малцинства.

Проектот има за цел да придонесе кон зачувувањето, повторното создавање и промоцијата на етнокултурното наследство на националните малцинства во Округот Корча, пренесувајќи ги на помладите генерации вредностите наследени од нашите предци и зајакнувајќи ја соработката, разбирањето и почитта меѓу заедниците.

На крајот беше пренесена пораката дека културното наследство е заедничко богатство и дека почитувањето на идентитетот на секоја заедница е важен услов за соживот и за заедничка европска иднина.

Македонското друштво „Сонце“ изразува благодарност до Комитетот за национални малцинства, Советот на Округот Корча, локалните институции, партнерските здруженија и сите учесници кои придонесоа за реализација на оваа активност.

На настанот беа присутни и претставници од верските заедници, Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител.

Иранскиот лидер нареди војската да биде подготвена веднаш и жестоко да одговори на секоја закана од САД и Израел

Иранскиот лидер нареди војската да биде подготвена веднаш и жестоко да одговори на секоја закана од САД и Израел
Фото: МКД.мк

Хамнеи го кажал ова на состанок со воени претставници, објави иранската новинска агенција ИРНА.

Тој, исто така, повикал да се ажурираат податоците за американските и израелските објекти што би можеле да бидат цели на ирански напади.

Многу претставници на земјите од Блискиот Исток повикуваат на смирување на тензиите и спречување нов голем судир.

Претставници на Саудиска Арабија, Сирија и Египет денеска, на форум во Бахреин, повикаа на мир и најавија состаноци посветени на безбедноста на границите, со цел да се спречат меѓусебни напади.

Само осум од 100 жени Ромки се вработени, економската зависност ги изложува на поголем ризик од насилство

Само осум од 100 жени Ромки се вработени, економската зависност ги изложува на поголем ризик од насилство
Фото: МКД.мк

Неформираното образование, тешкиот пристап до вработување и економската зависност ги ставаат жените Ромки во особено ранлива положба. Недостигот од сопствени приходи за многу од нив значи и ограничени можности да ја напуштат средината во која се изложени на насилство. Дополнително, дискриминацијата ја чувствуваат при барањето работа, во здравствените установи и во образовниот систем.

Сабина Асанова, претседателка на Ромската асоцијација „Родоп“ од Штип, вели дека стравот, немањето финансиска сигурност и отсуството на поддршка ги обесхрабруваат жените да побараат помош.

„Голем дел од жените кои трпат насилство се повлекуваат и немаат храброст да пријават, бидејќи немаат поддршка и не знаат каде да се обратат. Финансискиот дел им е најголем проблем, исто така и домувањето. Немаат каде да се вратат. До сите жени Ромки апелирам да се охрабрат, да пријавуваат, да се образоваат, да станат дел од општеството, да се вработат, да се вклучат на пазарот на трудот и секогаш да бидат економски независни“, вели Асанова.

Во рамките на проектот се вклучени и стручни лица. Психологот Весна Трајковска посочува дека особено важна е улогата на институциите во обезбедувањето заштита и создавањето услови во кои жртвите нема да бидат оставени сами да се справуваат со последиците од насилството.

„Сметаме дека, пред сè, подигањето на свесноста е прв важен чекор за спречување и реагирање во случаите на семејно насилство. Но, исто така, важно е сите да понудиме институционална и вонинституционална поддршка за жртвите на насилство, секој на свој начин и во рамките на своите можности“, рече Трајковска.

Според податоците на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во периодот од 2022 до 2024 година биле вработени само осум од 100 жени Ромки. Неформираното образование и сиромаштијата остануваат главни пречки за нивно вклучување на пазарот на трудот.

Ќе биде спектакл: Распродадени билетите за дербито меѓу Вардар и Пелистер

Ќе биде спектакл: Распродадени билетите за дербито меѓу Вардар и Пелистер
Фото: МКД.мк

Од таборот на „црвено-црните“ потврдија дека интересот за пресметката е огромен, па се очекува вистинска ракометна атмосфера. Дополнителен шмек на дербито ќе му даде и присуството на гостинските навивачи. „Чкембари“ најавија пристигнување од Битола за да му дадат поддршка на својот тим.

Вардар и неговите навивачи подготвуваат и заедничка кореографија низ целата сала. Поради тоа, клубот ги повика гледачите да пристигнат најмалку 15 минути пред почетокот и да не ги поместуваат реквизитите поставени на нивните седишта сè додека не добијат знак од организаторите.

Дербито меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер е закажано за утре со почеток во 17:45 часот.

Исчезна петнаесетгодишно девојче од Куманово

Исчезна петнаесетгодишно девојче од Куманово
Фото: Нетпрес

Петнаесетгодишно девојче од Куманово е пријавено за исчезнато, откако на 29 октомври, околу 18 часот, се оддалечило од семејниот дом.

Според информациите од кумановската полиција, случајот бил пријавен во СВР Куманово на 30 октомври 2026 година, во 23:30 часот. Исчезнувањето го пријавил нејзиниот 28-годишен брат.

„На 30.10.2026 во 23:30 часот во СВР Куманово, А.А. (28) од Куманово пријавил дека на 29.10.2026 година, околу 18:00 часот, од домот се оддалечила неговата 15-годишна сестра“, информираат од полицијата.

Од СВР Куманово соопштуваат дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на девојчето.

Засега не се соопштуваат дополнителни информации за околностите под кои таа се оддалечила од семејниот дом.