
Српската парфимерија Јасмин го презема работењето на продавниците Cosmo од Тинекс-МТ и ќе продолжи да работи на постојните локации во Скопје. Компанијата најавува нови брендови и поширок асортиман за македонските купувачи.
Јасмин, парфимерија основана во Белград во 1956 година, влегува на македонскиот пазар преку преземање на работењето на продавниците Cosmo од Тинекс-МТ.
Продавниците ќе продолжат да работат на истите локации во Сити мол, Дајмонд, Ист гејт и во трговскиот центар Зебра. Објектот во Зебра Јасмин ќе го изнајмува од Тинекс-МТ, сопственик на центарот.
Компанијата соопшти дека ќе ја продолжи соработката со вработените на Тинекс-МТ во преземените продавници кои изразиле желба да останат работно ангажирани. Најавено е и проширување на бизнисот со нови брендови во понудата.
„Со задоволство влегуваме на македонскиот пазар. Ова е природен чекор во развојот на Јасмин како регионален играч и продолжување на нашата традиција долга седум децении“, изјави сопственикот на Јасмин, Драгослав Дражовиќ.
Управителката на Космо, Кристина Тодоровиќ Николиќ, оцени дека продавниците ќе продолжат со работа на истите локации и со истиот тим, сега како дел од Јасмин.
Јасмин во Србија има мрежа од 27 парфимерии и тим од над 200 вработени.



