
На 21 ноември во рамките на 51. Млад отворен театар во МКЦ ќе се изведат претставите „Закопани чуда“ и „Смртен исход од атлетските повреди“, а ќе има и концерт на ARBËRESHË.
„Закопани чуда“ е мултимедијална претстава создадена според делото на Моника Херцег, посветена на љубовта, сеќавањето и илузијата. Преку три симболични простори, Рајската градина, Мостот и Станот, се прикажува живот исполнет со спомени, желби, нежност, страв и страст.
Во претставата настапуваат Леон Лучев и Јелена Граовац Лучев. Таа трае 90 минути, се изведува на хрватски јазик и има македонски наднаслови.
„Смртен исход од атлетските повреди“ е драматизација на истоимениот роман на Милица Вучковиќ и своевидна аутопсија на љубовна врска, раскажана од перспективата на главната протагонистка Ева. Во приказната врската постепено се претвора во простор на несигурност, изолација, гаслајтинг и насилство, отворајќи ги прашањата за манипулацијата, родовата надмоќ и границите на човечката издржливост.
Во улогите се Џана Пињо, Ален Муратовиќ, Дариан Мехмедбашиќ и Мак Мисира. Претставата трае 100 минути, се изведува на босански јазик и има македонски превод.
Во фоајето на кино-салата „Фросина“ во 22 часот е најавен концертот на ARBËRESHË, изведувачка родена во Швајцарија, со косовско-албански корени, а денес базирана во Приштина. Таа традиционалните песни од Косово, Албанија и Македонија ги спојува со глас, гитара, тапани и древни инструменти, а влезот на концертот е бесплатен.
Фестивалската програма продолжува на 22 ноември со претставата „Свињи“ на Театар „Златен Елец“ од Битола, во 20 часот во салата „Фросина“ при МКЦ. Во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец, во претставата настапуваат Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска.



