
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Бугарската агенција за безбедност на храната и Европската комисија за контрола на шап и лигавка, од 10 до 12 ноември 2026 година спроведува заедничка симулациска вежба за болеста шап и лигавка.
Целта на тридневната вежба е проверка и унапредување на подготвеноста на надлежните ветеринарни служби за навремено откривање, пријавување и ефикасно справување со евентуална појава на оваа заразна болест кај животните, како и зајакнување на прекуграничната соработка и координацијата.
На 10 ноември, во Скопје и Софија, преку видеоконференциска врска и кабинетски вежби, учесниците работат на симулирани сценарија за појава на болеста, со акцент на постапувањето на надлежните институции и размената на информации. На 11 ноември, во регионот на Струмица, ќе се одржи практичниот теренски дел, каде што ќе се спроведат активности за употреба на лична заштитна опрема, клинички преглед на животните, земање примероци за лабораториско испитување и епидемиолошко истражување.
На 12 ноември ќе се одржи завршна сесија на која ќе бидат презентирани прелиминарните резултати и ќе се оценат подготвеноста и оперативните капацитети на ветеринарните служби. Од АХВ нагласуваат дека активностите се исклучиво во рамки на симулациска вежба, дека не станува збор за вистинска појава на болеста и дека нема причина за загриженост кај граѓаните и сточарите.







