Мицкоски: Реалната нето-плата е за 5,2 отсто поголема од пред една година

Мицкоски рече дека реалната нето-плата е за 5,2 отсто повисока од пред една година и најави кога се очекува да почне изградбата на експресниот пат до Делчево.

64
Мицкоски: Реалната нето-плата е за 5,2 отсто поголема од пред една година (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека реалната нето-плата е за 5,2 отсто поголема од пред една година, повикувајќи се на податоците за септември објавени од Државниот завод за статистика.

Мицкоски ја спореди промената со септември 2022 година, кога, според него, реалната нето-плата била намалена за 5 отсто. Тој објасни дека реалната нето-плата се пресметува кога од нето-платата ќе се одземе инфлацијата, односно зголемените трошоци за живот.

Реклама

„Дали е тоа доволно? Јас би рекол дека не е. Дали треба уште? Треба“, рече Мицкоски, оценувајќи дека резултатот е добар со оглед на предизвиците во регионот и светот. Тој додаде дека сите проблеми не се решени, но дека состојбата е подобра отколку пред три години.

Мицкоски најави дека почетокот на изградбата на експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица, се очекува кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година. По јавната расправа била избрана една од двете разгледани траси, а апликацијата за проектот е поднесена пред меѓународните финансиски институции. Во тек е изработката на студија за изводливост и еколошка студија, рече премиерот.

За време на посетата на Делчево, Мицкоски изврши увид во градежните активности во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ и присуствуваше на почетокот на работите за реконструкција на градската спортска сала во населбата Спортско-рекреативен центар.