
Десеттиот Медиумски фестивал Скопје започнува на 17 ноември во Лабораториум и ќе трае до 19 ноември. Јубилејното издание, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), носи филмска програма, дискусии и работилници за новинарството.
Фестивалот ќе ги обработи темите поврзани со улогата на медиумите во демократските општества, менталното здравје на новинарите, правната заштита во професијата и медиумската писменост.
Првата фестивалска вечер ќе биде отворена со документарниот филм „Птици на војната“, кој ја следи приказната на либанска новинарка и сириски снимател што известуваат од воени жаришта. По проекцијата ќе се одржи дискусија за промените на медиумската сцена во изминатата деценија и предизвиците за медиумите во иднина, со прикажување ретроспективно видео за досегашните девет изданија.
На 18 ноември е предвидена работилница за справување со стресот и превенција од професионално согорување, која ќе ја води психотерапевтката Радмила Живановиќ. Во програмата е вклучена и дебата за позицијата на жените во новинарството и застапеноста на темите што ги засегаат жените во јавниот простор.
Во филмската програма на 18 ноември ќе биде прикажан и документарниот филм „Укради ја приказнава, те молам!“, посветен на американската новинарка Ејми Гудман, како и „Демократија во мрак“, кој преку лични сведоштва ги обработува општествените промени во Унгарија.
Последниот фестивалски ден ќе биде посветен на правната заштита на новинарите и медиумската писменост. Работилницата за договорите, работните ангажмани и механизмите за правна заштита ќе ја води Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници.
Програмата опфаќа и документарен филм за распадот на еден од водечките унгарски медиуми и борбата на новинарите за уредувачка независност, „80 гневни новинари“. Фестивалот ќе биде затворен со проекција на „Господин Никој против Путин“, добитник на Оскар за најдобар документарен филм за 2025 година, и со дебата за медиумската писменост.
Влезот на фестивалските настани е слободен, а дел од програмата ќе се пренесува и на Фејсбук-каналите на Медиумскиот фестивал Скопје и ПИНА.






