
Според предложените измени на Законот за спречување и заштита од семејно насилство, полициски службеник ќе може усно да нареди потенцијалниот насилник да го напушти домот ако на лице место процени дека постои сериозна опасност. Мерката ќе важи без оглед на тоа дали лицето е сопственик на домот.
Усната наредба ќе важи 48 часа, а полицијата во рок од шест часа ќе треба да му издаде писмена наредба на сторителот, да го извести надлежниот центар и да ја информира жртвата. Писмената наредба веднаш ќе биде доставена до судот, кој ќе одлучува без рочиште.
Предлог-измените се доставени до пратениците. По измената на законот ќе следуваат шест месеци условна примена, во кои треба да се донесат подзаконски акти и да се обучат полициските службеници, со учество на меѓународни партнери.
Предлогот отвора и можност за примена на електронски алки во граѓанска постапка, но деталите и потребното финансирање допрва треба да се утврдат.
ЛДП соопшти дека повторно го поднела својот предлог-закон за електронски нараквици и оцени дека најавата на Владата е задоцнета реакција по собирањето 17.500 потписи. Партијата наведе дека мерката претходно ја предложила во април 2025 и март 2026 година, а ја критикуваше Владата, велејќи дека тоа не е нејзина победа.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на брифинг со медиумите рече дека електронските алки се предвидени во граѓанска постапка, а нивната примена и финансирањето допрва треба да се разработат.





