Туск: Европа нема да прифати договор за безбедност меѓу Русија и САД

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека европските земји нема да прифатат нова безбедносна архитектура на континентот договорена без нивно учество од Русија и САД. Тој порача дека Европа мора директно да учествува во одлучувањето за сопствената безбедност.

1
Туск: Европа нема да прифати договор за безбедност меѓу Русија и САД (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Туск зборуваше по разговорите на рускиот претседател Владимир Путин со специјалниот претставник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, и Џаред Кушнер во Москва. На средбата била разгледана можноста за поширок договор за европската безбедност, паралелно со преговорите за завршување на војната во Украина.

Путин изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп предлага договор за европските безбедносни инструменти, но дека европските лидери одбиваат да разговараат за тоа пред да биде постигнат мировен договор за Украина.

Реклама

„Претседателот Трамп предлага договор за европските безбедносни инструменти како целина. А што слушаме од Европејците? Не, само кога ќе се постигне мир во Украина“, рече Путин.

Според американскиот портал „Аксиос“, Вашингтон побарал од Москва да подготви предлог за нов безбедносен договор со Европа. Предлогот, покрај руските барања, би содржел и мерки за намалување на тензиите и гаранции дека нема да има нови воени конфликти.

Русија со години бара ограничување на проширувањето на НАТО и намалување на военото присуство на Алијансата во Источна Европа, додека европските земји инсистираат дека идниот безбедносен поредок не може да се преговара без нивна согласност.

Американскиот претставник Џаред Кушнер објави дека Русија и Украина постигнале договор за вклучување претставници на европските земји во следната рунда мировни преговори, но Москва сè уште официјално не го потврдила тоа.

Кушнер наведе дека трајниот крај на непријателствата бара сигурни безбедносни гаранции, јасни механизми за демаркација и меѓусебно преземени обврски за намалување на воените и политичките тензии. Според него, учеството на европските претставници би овозможило да се разговара и за поширокиот систем на повоена европска безбедност, покрај територијалните прашања меѓу Русија и Украина.