
Од Делегацијата наведуваат дека реконструкцијата на домот била поддржана од Европската Унија, Владата на Северна Македонија и Германската развојна банка KfW, како дел од поширока програма за подобрување на студентското сместување.
Реновираните објекти биле официјално пуштени во употреба на 30 септември 2026 година и се во гарантен рок. Доколку се утврдат градежни недостатоци или технички проблеми, тие треба да се пријават преку соодветните канали, по што ќе ги разгледаат и отстранат одговорните изведувачи.
„Решавањето на реални проблеми и презентирање точни информации се од суштинско значење за заштита на интересите на студентите и за одржување на јавната доверба. Студентите имаат полно право да изразат загриженост, и тоа треба да се сфати сериозно. Подеднакво важно е да се осигури дека информациите што се споделуваат во јавноста се точни и соодветно проверени. Фотографии или изолирани инциденти не секогаш ја прикажуваат целосната слика, па затоа заклучоците треба да се засноваат на утврдени факти“, се наведува во соопштението.
Од Делегацијата додаваат дека надлежните органи и градежната компанија се одговорни за одржувањето и отстранувањето на недостатоците, а студентите треба совесно да ги користат објектите. „ЕУ очекува високи стандарди за квалитет и одговорност од сите чинители вклучени во нејзините инвестиции. Иако надлежните органи и градежната компанија се одговорни за одржувањето и поправката на недостатоците, и студентите имаат одговорност совесно да ги користат објектите – пред сè, за свое добро. Фактите се важни. Важни се и студентите“, велат од Делегацијата на ЕУ.
Реакцијата следува по јавните критики за условите во домот, откако во октомври студенти преку медиумите пријавуваа влага, протекување вода во собите, проблеми со греењето и неисправни ролетни. Делегацијата на ЕУ во Скопје соопшти дека нејзини претставници ги разгледале околностите и ги утврдиле фактите, вклучително и преку посета на објектите.






