
Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење. Новиот Кривичен законик се подготвува по три децении, а двата текста се дел од реформата на казненото законодавство.
Подготовката на новиот Кривичен законик започнала во 2019 година. Работната група предводена од академик Владо Камбовски спровела консултации од 2020 до 2026 година со претставници на правосудството, академската заедница, надлежните институции и граѓанските организации.
Во предложениот текст се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а биле разгледани повеќе од 50 мислења и предлози. Работната група за новиот Закон за кривичната постапка, предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ и составена од 25 членови, го завршила текстот во октомври 2026 година. Предлогот предвидува усогласување со 25 европски директиви и стандарди.
Предложените решенија опфаќаат унапредување на конфискацијата и финансиските истраги, регулирање на електронските докази и посебните истражни мерки, подобра заштита на жртвите и можност за одржување рочишта и изведување докази на далечина. Во подготовката на двата законски текста поддршка обезбедиле меѓународни партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Министерството за правда наведува дека реформата треба да создаде законска рамка за ефикасни истраги, правични судски постапки, еднаква примена на законот и одговорност без исклучоци, а нејзината вредност ќе се покаже преку примената и резултатите за граѓаните.







