
Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ соопшти дека ќе ги упати на разгледување иницијативите во врска со јавните настапи на доц. д-р Петар Богојески, потенцирајќи дека можни се и институционални мерки.
Од институцијата потврдуваат дека доставените материјали ќе ги разгледаат надлежните тела со цел да утврдат дали постојат повреди на професионалните и етичките обврски. Во официјалниот одговор испратен до уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, нагласено е дека академската слобода и слободата на изразување не ја исклучуваат одговорноста на вработените.
Според Етичкиот кодекс на Воената академија, предвидени се механизми за формално оградување од јавни ставови и иницирање постапка пред надлежниот работодавец, доколку постои правна основа. Од институцијата истакнуваат дека секоја евентуална мерка ќе мора да се темели на утврдени факти, непристрасна постапка и почитување на правата на засегнатите лица.
Во одговорот, Воената академија јасно се дистанцира од личните политички и идеолошки ставови на своите вработени, нагласувајќи дека тие не претставуваат официјални позиции на институцијата. Академијата гарантира дека иницијативите нема да останат без институционално разгледување и дека јавноста ќе биде информирана за донесените заклучоци и мерки во рамките на законските можности.
Реакцијата на институцијата следува по јавните настапи на Богојески, кои предизвикаа реакции во јавноста, особено по неговото гостување во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа. Претходно, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги осуди неговите ставови, оценувајќи дека со нив се оправдува насилството врз жените и децата и се промовира нивната подредена положба.
Златев со поднесената иницијатива го отвори прашањето за професионалната и етичката одговорност на Богојески како наставен кадар во институција задолжена за образование на идните офицери. Засега не е соопштено дека е утврдена повреда или дека е изречена каква било санкција.



