
Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) денеска одржа тркалезна маса со цел да се поттикне дијалог за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје.
Настанот се одржа во рамки на проектот „Чист воздух за потрошувачите: Подигнување на одговорноста на бизнисите во Скопје“, кој се спроведува со финансиска поддршка од Фондот за чист воздух – Clean Air Fund преку Consumers International.
Целта на тркалезната маса е да се овозможи размена на мислења меѓу компаниите од транспортниот и енергетскиот сектор, надлежните институции, локалната самоуправа, експертската јавност и претставниците на потрошувачите, со акцент на поголема одговорност и транспарентност на компаниите.
На настанот беа претставени резултатите од истражувањето за ставовите и искуствата на потрошувачите, досегашната комуникација со компаниите и нивните одговори, како и Водичот за граѓаните за чист воздух.



