Полициски возила ќе снимаат сообраќајни прекршоци и надвор од зоните со камери

МВР планира полициски возила, вклучително и цивилни, да регистрираат сообраќајни прекршоци и надвор од местата со фиксни камери.

22
Полициски возила ќе снимаат сообраќајни прекршоци и надвор од зоните со камери (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

МВР планира да вклучи голем број полициски возила со уреди за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци, пред сè за несоодветна брзина. Регистрираните прекршоци ќе се внесуваат директно во дигиталниот електронски систем, најави министерот Панче Тошковски.

Тошковски рече дека мерката има цел да ја засили контролата и на делови од патиштата каде што нема фиксни камери од системот „Безбеден град“.

Реклама

Според него, возачите веќе ги знаат местата на кои се поставени камерите и таму почесто ги почитуваат правилата, додека на други локации се забележува поинаков начин на управување со возилата. Со мобилната контрола, како што посочи, нема да може однапред да се претпостави каде ќе се наоѓаат полициските возила.

Тој најави дека со уреди ќе бидат опремени и цивилни полициски возила, а прекршоците што ќе ги констатираат ќе се процесираат преку електронскиот систем. Мерката, според министерот, е важна и за остварување на целите од Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030.

Тошковски соопшти и дека до крајот на ноември треба да заврши воведувањето на „Безбеден град“ во СВР Струмица и во градовите што ги покрива тој сектор, по што системот треба да се имплементира во СВР Штип. Тој очекува системот да почне да се применува на целата територија на Македонија до крајот на 2026 или на почетокот на 2027 година.