Јанев во посета на Германската федерална полиција за продлабочување на соработката

Директорот на БЈБ Александар Јанев во Германија разговарал за продлабочување на соработката во борбата против транснационалните безбедносни закани.

7
Јанев во посета на Германската федерална полиција за продлабочување на соработката (Опсервер)
Фото: Опсервер

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во рамките на работната посета на Германската федерална полиција, остварил билатерална средба со нејзиниот претседател д-р Дитер Роман, соопшти МВР.

На средбата биле разгледани актуелните безбедносни предизвици и можностите за продлабочување на соработката во справувањето со илегалната миграција, тероризмот, криумчарењето мигранти, организираниот криминал и недозволената трговија со дрога. Посебен акцент бил ставен на навремената размена на информации и заедничкото оперативно дејствување.

Реклама

Разговарано било и за зајакнување на капацитетите на македонската полиција, особено на граничната полиција, преку специјализирани обуки, размена на искуства и современи технички решенија. Биле разгледани можностите за воведување електронски гранични порти (E-gates), примена на системите на ЕУ за гранична контрола и унапредување на заедничките истражни тимови и оперативни работни групи.

Јанев изразил благодарност за континуираната поддршка од германската Влада во модернизацијата на македонската полиција, преку донации на возила, опрема, технички средства и специјализирани обуки.

Во разговорите било истакнато и значењето на вложувањето во човечките ресурси, знаењето и професионалниот интегритет на полициските службеници. Повторното отворање на Средното полициско училиште било посочено како стратешка инвестиција во иднината на македонската полиција, соопшти МВР.

На средбата била потврдена заедничката определба за натамошно продлабочување на партнерството, размена на информации и координирано дејствување во справувањето со транснационалните безбедносни закани.