МЕМО воведува тргување со негативни цени и ги усогласува ценовните прагови со европските берзи

На организираниот пазар на електрична енергија се овозможува тргување со негативни цени, а проширени се и ценовните опсези на MATS и M7.

0
МЕМО воведува тргување со негативни цени и ги усогласува ценовните прагови со европските берзи (Проверено)
Фото: Проверено

Од 19 ноември 2026 година, на организираниот пазар на електрична енергија во земјата се овозможува доставување понуди и налози со негативни цени. Промената ја спроведуваат Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и МЕМО.

На пазарот ден однапред, MATS, ценовниот опсег се менува од 0,10 до 1.000 евра на -600 до 4.000 евра за мегават-час. Кај пазарот во тековниот ден, M7, опсегот се проширува од 0,10 до 9.999,99 евра на -9.999,99 до 9.999,99 евра за мегават-час.

Реклама

Можноста за доставување налози со негативни цени не значи дека тие автоматски ќе се формираат. Цените ќе зависат од пазарните услови, односно од понудата и побарувачката, а промената не значи автоматско намалување или негативни сметки за домаќинствата.

Негативните цени може да се појават кога производството ја надминува потрошувачката, особено во периоди на зголемено производство од обновливи извори. Механизмот им овозможува на учесниците поголема флексибилност и поттикнува подобро планирање на производството, инвестиции во батериски системи за складирање и поефикасно управување со енергетските позиции.

Промената е дел од реформските активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, реализирани во соработка со МЕМО. Таа е насочена кон унапредување на конкурентноста и флексибилноста на домашниот пазар и негово поврзување со европскиот енергетски пазар.