Прескокни до содржината
Реклама

Легендата на народната музика Јонче Христовски доби споменик во родната Битола

Легендата на народната музика Јонче Христовски доби споменик во родната Битола
Фото: Нетпрес

Долго најавуваниот споменик на бардот на македонската патриотска песна Јонче Христовски (1931-2000) конечно е поставен во неговиот роден град Битола, а свечено ќе биде откриен на Денот на ослободувањето на градот на конзулите 4 ноември.

Скулптурата е сместена на самиот влез во чаршијата, во непосредна близина на препознатливиот дрвен мост на реката Драгор, познат меѓу битолчани како Мостот на вљубените.

Проектот во чест на пејачот, текстописец и композитор се реализира со поддршка и документација од општината, а самата изработка на споменикот е донација од Стопанска банка АД Битола.

Со спомен-обележјето Битола и Македонија ѝ се оддолжуваат на својата исклучително популарна музичка легенда до ден-денешен за вонвременските хитови „Македонско девојче“, „Едно име имаме“, „Ако умрам ил’ загинам“, „Ој Вардаре македонски“, „Куќа имам на Пелистер“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Животе мој“ итн.

Почина Мишо Ковач, легендарниот пејач кој продаде над 20 милиони плочи

Почина Мишо Ковач, легендарниот пејач кој продаде над 20 милиони плочи
Фото: Опсервер

На 85-годишна возраст почина Мате Мишо Ковач, легендарниот пејач од Шибеник, еден од најпопуларните музичари на поранешна Југославија, кој во речиси петдецениската кариера продаде повеќе од 20 милиони плочи. Веста ја објави хрватскиот портал „Индекс“, повикувајќи се на извори блиски до пејачот.

Ковач е роден на 16 јули 1941 година во Шибеник. Интересот за музиката го покажал уште на 16-годишна возраст, а првите значајни успеси ги постигнал во шеесеттите години. Во 1961 година го поделил првото место на натпреварот „Првиот глас на Шибеник“, а три години подоцна потпишал договор со издавачката куќа „Југотон“.

Ѕвездениот статус го стекнал со песната „Нема повеќе да се вратиш“ од 1969 година, која била продадена во речиси 190.000 примероци. Во 1971 година победил на Сплитскиот фестивал со песната „Ќе заплаче зората“, со што се вброил меѓу најпопуларните пејачи во Југославија.

Во следните две децении создаде бројни хитови, меѓу кои „Друг ѝ ја расплетува косата, а јас ја сакам“, „Остана секогаш иста“, „Ако ме оставиш“, „Утре ми судат“ и „Ти си песна на мојата душа“. Пет пати бил прогласен за пејач на годината, а во 1989 година и за личност на годината во Југославија.

Неговиот живот бил исполнет и со тешки лични загуби. Во 1992 година трагично загинал неговиот 16-годишен син Еди. По трагедијата, Ковач одржал голем концерт на сплитскиот стадион „Пољуд“, пред околу 50.000 луѓе, и најавил повлекување од музиката. Сепак, подоцна се вратил на сцената.

Во јануари 1999 година, по долг период на лични тешкотии и борба со депресија, во Загреб се саморанил со огнено оружје во пределот на градите, но преживеал. Подоцна повторно настапувал, снимал албуми и соработувал со својата ќерка Ивана.

Во 2012 година ја добил наградата „Порин“ за животно дело, како признание за неговиот долгогодишен придонес во музиката.

Ѓорѓиевски организира бесплатна посета на Матка, обезбеден и превоз за граѓаните

Ѓорѓиевски организира бесплатна посета на Матка, обезбеден и превоз за граѓаните
Фото: МКД.мк

Град Скопје организираше бесплатен разглед на Матка и пештерата Врело за граѓаните, со обезбеден автобуски превоз и професионални туристички водичи од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој во објава на Фејсбук посочи дека целта на активноста е природните богатства на градот да им бидат подостапни на граѓаните, кои имале можност одблизу да се запознаат со нивните особености и да дознаат повеќе за нивното значење.

„Некои од најголемите природни богатства се токму тука, на дофат на секој скопјанец. Наша обврска е да ги чуваме, а моја желба е што повеќе граѓани лично да ја доживеат убавината со која Скопје се гордее! Токму затоа, денес организиравме бесплатен разглед на Матка и Врело, можност нашите сограѓани да се оддалечат од секојдневието и да уживаат во едно од најубавите катчиња на нашиот град“, истакна Ѓорѓиевски.

Како дополнителен мотив за промоција на пештерата Врело, градоначалникот го посочи подвигот на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигна длабочина од 338 метри. Со тоа, Врело е запишана како најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.

Украинците ги нападнале Русите од под земја, минале 15 километри низ гасовод

Украинците ги нападнале Русите од под земја, минале 15 километри низ гасовод
Фото: Опсервер

Украинските сили извеле необична воена операција во близина на Купјанск, во Харковската област, користејќи подземни гасоводни цевки за да се инфилтрираат зад руските позиции. Според првичните податоци што ги соопшти Киев, во акцијата биле убиени повеќе од 100 руски војници, а над 30 биле заробени.

Украинските војници поминале повеќе од 15 километри низ подземната гасоводна инфраструктура, под линијата на фронтот во североисточниот дел на Украина. Операцијата, со кодно име „Велес“, била спроведена со учество на Вториот корпус на Националната гарда „Хартија“ и други украински единици.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, соопшти дека движењето низ подземниот премин било подолго од 15 километри. Еден од гасоводите имал пречник од само 1,2 метри, поради што војниците морале да се движат низ исклучително тесен простор.

Подготовките за операцијата траеле подолго време и вклучувале обука за борба во ограничен простор, како и развој на посебни технолошки решенија за навигација, комуникација и одржување на животот на војниците под земја.

Брајтон го нокаутира Манчестер Сити

Брајтон го нокаутира Манчестер Сити
Фото: EPA

Фудбалерите на Манчестер Сити загубија од Брајтон на својот „Етихад“ со 1:0 (1:0) во натпреварот од деветото коло на англиската Премиер лига.

Истите ривали се сретнаа на истото место пред само три вечери, тогаш натпреварот од Лига купот заврши 2:2, по што Сити имаше среќа да помине понатаму по подобро изведување на пенали.

Сепак, овој пат, тимот на Фабијан Хирцелер се подготви уште подобро го победи лидерот и ја оствари најголемата победа во сезоната.

Херој на триумфот на галебите беше Јасин Аџари, кој постигна гол во 11-та минута по големата грешка на Матеуш Нуњеш.

Во поголемиот дел од натпреварот, Манчестер Сити имаше контрола врз топката и многу подобри шанси, но едноставно не знаеја како да стигнат до мрежата на противникот.

Брајтон изгради ѕид пред својот гол, а најдобрите можности ги пропушти Илиман Ендиае, кој двапати ја погоди стативата од многу добри позиции.

Брајтон се покажа како нерешлива енигма за Сити бидејќи ова беше шестиот натпревар по ред во кој не загубија од овој ривал, но ќе се памети дека на овој 31 октомври ја забележаа својата прва победа во Манчестер.

„Граѓаните“ остануваат на 21 освоен бод, исто како и Арсенал, кој ќе го игра својот натпревар од деветото коло во недела на „Енфилд“ против Ливерпул.

Брајтон е веднаш зад нив на третата позиција со 16 бода, исто колку и Челзи со натпревар повеќе.

Премиер лига, 9. коло:

Челзи – Манчестер Јунајтед 2:0 (0:0)
Роџерс 50, Палмер 64п

Борнмут – Лидс 2:0 (1:0)
Еванилсон 31, Адли 90+4

Брентфорд – Нотингем Форест 2:0 (1:0)
Миленковиќ 30аг, Тијаго 76

Ковентри – Сандерленд 3:1 (2:0)
Сакамото 17, Авониџи 37, Рудони 52 – Ле Фе 67

Хал – Ипсвич 2:2 (0:1)
Ирегбунам 58, МекБурни 68 – Флорентино 22, Енцисо 74.

Американците предупредуваат: Се подготвува напад во Москва, можни се голем број жртви

Американците предупредуваат: Се подготвува напад во Москва, можни се голем број жртви
Фото: МКД.мк

Американските дипломати ги повикаа своите државјани денеска, 31 октомври, да го избегнуваат подрачјето на музејот и паркот, како и местата каде што се собираат поголем број луѓе.

„Американската амбасада во Москва доби информации за веродостојна закана од настан што би можел да предизвика голем број жртви денеска, 31 октомври, во подрачјето на музејот и паркот Царицино“, се наведува во предупредувањето.

Амбасадата не соопшти за каква точно закана станува збор, кој би можел да стои зад неа, ниту врз основа на какви информации го издала предупредувањето.

На американските државјани им се советува да бидат внимателни, да ги следат локалните медиуми, да ги држат мобилните телефони наполнети и да носат документи за идентификација.

Според пишувањето на рускиот независен медиум Новаја газета Европа, американските власти го координираат одговорот на заканата со руските власти.

Предупредувањето се однесува на музејско-парковскиот комплекс Царицино, популарно место за прошетки и културни настани во јужниот дел на Москва.

Рускиот портал Фонтанка објави дека за денеска во комплексот бил предвиден концерт на оргули и дека интернет-страницата на музејот во моментот на нивното известување била недостапна.

Американскиот Стејт департмент и претходно издаде предупредување од највисокото, четврто ниво, со кое ги советува своите државјани да не патуваат во Русија.

Меѓу причините се наведуваат ризикот од терористички напади, последиците од војната против Украина и можноста за произволно приведување американски државјани.

САД предупредуваат и дека нивната амбасада има ограничени можности да им помогне на Американците во Русија.

Засега нема потврда дека во Царицино се случил напад. Руските власти не објавија детали за можната закана.

Неандерталците биле многу слични на луѓето – зошто тогаш преживеавме само ние?

Неандерталците биле многу слични на луѓето – зошто тогаш преживеавме само ние?
Фото: МКД.мк

Во најголем дел од нашата еволутивна историја, човештвото се состоело од повеќе различни човечки видови, пишува Њујорк тајмс.

Да ги земеме, на пример, последните 100.000 години. Неандерталците, кои често карикатурално се прикажуваат со испакнати коски кај веѓите, живееле низ Европа и западна Азија. Таинствените, високи денисовци (древни роднини на современиот човек и неандерталците) ловеле и собирале храна во Азија. Нискиот хомо флоресиенсис, сличен на хобит, живеел на еден индонезиски остров. Последните претставници на хомо еректус штотуку исчезнале од Јава. Нашиот вид, хомо сапиенс, бил само една од варијантите на човечкиот род.

Примамливо е да претпоставиме дека светот во кој денес постои само еден човечки вид е нешто нормално. Но за многу научници што го проучуваат далечното минато, токму сегашноста претставува загатка.

„Живееме во необично време“, вели Крис Стрингер, палеоантрополог во Природонаучниот музеј во Лондон. „Зошто само ние останавме и што се случило со сите други?“

Со децении, приказната што човештвото ја раскажува за сопственото потекло беше испреплетена со претпоставки за нашата биолошка исклучителност. Човечката еволуција често се претставуваше како напредување кон големиот мозок, вештото користење алатки и сложените општествени односи на современиот човек.

Според таа приказна, другите хоминини, нашите предци и еволутивни роднини, биле примитивни видови што еволуцијата ги оставила зад себе. Нивното исчезнување се сметало за природен исход. А ние сме биле среќниот крај на приказната.

„Сè друго се сметаше за примитивно и сурово“, вели Елинор Счери, научничка што се занимава со археологија во Институтот за геоантропологија „Макс Планк“, присетувајќи се на идеите што доминирале во расправите за човечката еволуција во осумдесеттите години, кога како дете првпат се заинтересирала за оваа област. „Тогаш беше многу популарно сфаќањето: ‘Ние преживеавме затоа што бевме најдобри’.“

Но во текот на нејзината кариера, приказната за човечкото потекло постојано се менувала и се преиспитувала со појавата на нови докази. Меѓу нив се и откритијата што покажуваат дека разликата во когнитивните способности меѓу хомо сапиенсот и неговите блиски роднини била помала отколку што претходно се мислело. И тие поседувале сложени способности: создавале уметност, ги погребувале мртвите и го користеле огнот. Сепак, денес на планетата живеат повеќе од осум милијарди луѓе, сите припадници на само еден вид.

Во сложената приказна за човечката еволуција, неандерталците, кои живееле релативно неодамна и се темелно проучувани, се на некој начин најпознатите протагонисти. Нивната судбина може да ни помогне да одговориме на големото прашање: како сме станале единствениот преживеан човечки вид? Што, всушност, се случило со неандерталците?

Еден поедноставен одговор би бил дека тие сè уште се тука, присутни во мали количества во ДНК-та на денешните луѓе. Истражувањата на древната ДНК покажаа дека неандерталците, денисовците, а можеби и други човечки видови, не исчезнале целосно, туку преку меѓусебно размножување биле делумно вклучени во генетското наследство на современиот човек.

Но кога би можеле да ги прашаме неандерталците, веројатно не би сметале дека сè уште постојат на планетата. Зошто тогаш современиот човек останал сам? Колкав дел од нашиот успех се должи на уникатни способности, а колкав на обична среќа? Може ли минатото да нè научи нешто за егзистенцијалните ризици со кои се соочуваме денес и во иднина?

Дали сме победници што успеале да преживеат или само следните на ред за еволутивно исчезнување?

Дали неандерталците биле исти како нас?

Замислете еден ден во плеистоценот. Група луѓе палат оган за да зготват храна, удирајќи кремен од пирит. Ловат крупен дивеч. Собираат растенија за јадење, а можеби и за лекување. Цртаат по ѕидовите на пештерите. Се грижат за болните и за членовите на заедницата со попреченост, па дури изведуваат нешто слично на лекување забен корен за да ја ублажат силната забоболка.

Но тие луѓе не се хомо сапиенс. Тие се неандерталци.

Човечката еволуција долго време се замислувала како искачување по скала, со попримитивните видови на пониските скалила.

Меѓутоа, археолошките откритија ја претворија таа едноставна скала во разгранета и испреплетена грмушка, полна со видови хоминини за кои не може едноставно да се каже дека биле понапредни или позаостанати едни од други. Фосилните наоди денес опфаќаат видови што живееле во исто време, меѓусебно се размножувале и најверојатно поседувале рани облици на некои од нашите способности.

Кога неандерталците биле откриени во 19 век, научниците „претпоставувале дека се некаде на половина пат до шимпанзата“, вели Џон Хокс, палеоантрополог од Универзитетот во Висконсин-Медисон. „Денес разбираме дека биле на 95 проценти од патот до современиот човек.“

Идеите за човечката исклучителност постојано се рушат, и тоа не само кога станува збор за нашите најблиски роднини. Во 2010 година Зерај Алемсегед, палеоантрополог од Универзитетот во Чикаго, открил докази што го довеле во прашање доминантното сфаќање дека камените алатки биле посебна иновација на нашиот род, хомо. Тој пронашол животински коски со траги од сечење со камени алатки, поврзани со австралопитекус афаренсис, претчовечкиот вид што стана познат благодарение на фосилот Луси, откриен во етиопскиот регион Афар. Откритието го помести почетокот на употребата на камени алатки за 800.000 години наназад, на пред 3,4 милиони години.

„Тоа беше многу, многу контроверзно“, се присетува Алемсегед.

Постојано се појавуваат и други докази за сличностите меѓу способностите на неандерталците и хомо сапиенсот. Стрингер ја посочува пештерата Бруникел во Франција, стара 176.500 години, каде што археолозите откриле загадочни кружни структури изградени од искршени сталагмити, со докази дека врз нив гореле огни.

„Група неандерталци навлегле длабоко во пештерата, носејќи ги сите материјали што им биле потребни за осветлување и гориво“, вели Стрингер. Луѓето што ги изградиле овие структури морале да планираат, да комуницираат и да соработуваат. „Тоа само по себе ни отвора прозорец кон сложеноста на нивниот ум“, додава тој.

И покрај сè подолгиот список на сличности, некои експерти сметаат дека толкувањето на фосилните наоди сега отишло предалеку во спротивната насока, кон ставот дека „неандерталците биле исти како нас“. Палеоантрополозите сакаат да поставуваат едно хипотетичко прашање: кога неандерталец би се возел во њујоршкото метро, дали некој воопшто би го забележал? Некои сметаат дека не би привлекол внимание.

Но дури и ако нашите култури биле слични, дали тоа значи дека неандерталците и другите видови го копирале нашето однесување и технологија? И колку тие влијаеле врз нас?

Ако човечките способности ги разгледуваме како постепен развој, а не како остри разлики меѓу видовите, мистеријата на нашето денешно самостојно постоење станува уште подлабока. Ако сме имале толку многу заедничко со овие блиски роднини, зошто преживеавме ние, а не тие?

Древната ДНК ја менува приказната

Во 2010 година беше објавен геномот на неандерталците, а со него дојде и сензационално откритие: тие не еволуирале директно во нас, но не ни исчезнале целосно.

Наместо тоа, неандерталците се вклучиле во популациите на современите луѓе и се меѓу нашите предци. Околу два проценти од ДНК на денешните луѓе со потекло надвор од Африка потекнуваат од неандерталците. И денисовците се размножувале со современите луѓе. Сè поголем број истражувања укажуваат дека геномот на хомо сапиенсот содржи и генетски траги од непознати предци, таканаречени „изумрени човечки линии“.

Оскудните докази за овие праисториски врски речиси сè друго ѝ оставаат на имагинацијата. Генетичарите можат да го утврдат временскиот период на меѓусебното размножување, на пример период од 7.000 години што започнал пред повеќе од 50.000 години, кога неандерталците и современите луѓе имале заеднички потомци. Но колку чести биле тие контакти? Дали биле доброволни? Дали имало насилство?

Едно неодамнешно истражување објавено во списанието Саенс откри дека овие врски следеле одреден образец: мажи неандерталци се размножувале со жени од видот хомо сапиенс. Но поинтимните детали остануваат непознати.

„Зачудувачки е колку работи сè уште не знаеме“, вели Џошуа Ејки, генетичар од Универзитетот Принстон. Тој раскажува дека по неговите предавања едно од првите прашања што му ги поставуваат е колку пати современите луѓе се размножувале со неандерталците. Одговорот би покажал дали тие врски биле „интересна споредна епизода во човечката историја или нешто суштински важно за тоа кои сме денес“, вели тој.

Според едно толкување на доказите, неандерталците сè уште се со нас, иако веќе не постојат како посебна популација.

За да откријат зошто е тоа така, научниците денес користат биотехнолошки методи за да ја испитаат функцијата на одделни неандерталски гени. На пример, ја внесуваат неандерталската или денисовската верзија на одредени гени во глувци или во клетки одгледувани во лабораторија, за да утврдат дали тие се развиваат или се однесуваат поинаку. Ваквите истражувања во наредните години ќе дадат поцелосна слика за функциите на неандерталските гени. Досега е утврдено дека тие имаат улога во имунитетот, биолошкиот часовник и анатомијата.

Но многу научници сметаат дека ДНК е само еден дел од сложената и динамична приказна во која важна улога имаат и движењето и големината на популациите, како и климатските услови. Луѓето од сите видови биле релативно малубројни, а животната средина можела да биде сурова. Понекогаш неандерталците биле поуспешни, понекогаш современите луѓе, а понекогаш мали популации од двата вида исчезнувале без да остават потомци што преживеале до денес.

Можеби постоел и елемент на обична среќа, вели Счери. Хомо сапиенсот, вид што потекнува од тропска Африка и имал повеќебројна популација, можеби едноставно имал предност во однос на видовите што живееле во делови од светот посилно погодени од суровите услови на ледената доба.

„Веројатно сè се сведува на случајност. Кога климата била доволно поволна, успевале да стигнат дотаму“, вели Хокс. „Се обидувале повторно и повторно. За мене тоа е суштината на човечката историја: во текот на целиот плеистоцен постојано сме доаѓале во нови предели.“

Она што можеби никогаш нема да го дознаеме

Според бројноста, неандерталските популации биле помали од популациите на хомо сапиенсот.

Животот на ловците и собирачите на храна никогаш не бил лесен. Наглите климатски промени, конкуренцијата со хомо сапиенсот и други фактори можеби ги довеле малите, изолирани неандерталски заедници до работ на опстанокот. Едно нешто сигурно знаеме: некои неандерталци станале предци на современите луѓе и продолжуваат да живеат во нашата ДНК.

Но како посебна група, тие исчезнале.

Сè поголем број археолози сметаат дека одговорот на прашањето зошто сме ги надживеале не е толку едноставен како пронаоѓањето некоја нова камена алатка. Наместо тоа, истражувањата испитуваат мрежа од меѓусебно поврзани фактори што потешко може да се прочитаат од фосилните остатоци: отпорноста на болести, брзината на културниот развој, социјалната интелигенција и способноста за создавање политички сојузи.

Многу детали од далечното минато ќе останат нејасни. Доказите се штури во споредба со длабочината на човечката љубопитност. Секое ново откритие отвора повеќе прашања отколку што дава одговори.

Но некои научници сметаат дека никогаш не било поважно да се соочиме со нашата далечна историја, во време кога егзистенцијалните ризици се појавуваат од повеќе страни. Човечкото потекло не е само апстрактна научна тема. Погледот кон далечното минато може да ни помогне да размислуваме и за иднината на нашето постоење.

„Важно е да разбереме дека нашиот вид, хомо сапиенс, не постои многу долго на Земјата, па затоа нашиот опстанок не е загарантиран“, вели Мајкл Петраглија, директор на Центарот за извонредност за истражување на човечкото потекло при Австралискиот истражувачки совет.

Ако ги погледнеме седумте милиони години човечка еволуција, воопшто не е сигурно дека хомо сапиенсот, и покрај извонредната способност да ја насели планетата и да користи технологија, на крајот ќе се покаже како успешен вид. Хомо еректус постоел повеќе од еден милион години, а неандерталците околу 400.000 години. Научниците сè уште расправаат за времето кога се појавил хомо сапиенсот, но многумина сметаат дека постоиме само околу 300.000 години.

„Не сум толку импресиониран од хомо сапиенсот. Мислиме дека сме толку успешни, толку неверојатни“, вели Петраглија. „Но ако ги ставиме работите во поширок контекст, ние сме ништо.“

Тавче гравче со суви пиперки и врток

Тавче гравче со суви пиперки и врток
Фото: Oliver Manev, Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Ако едно јадење мириса на македонска недела напладне, тоа е тавче гравче. Тајната не е во бројот на состојки, туку во трпението: гравот се вари додека не омекне сосем, а вртокот — запршка од кромид, брашно и црвен пипер — му дава длабочина и боја. Сувите пиперки одозгора се печат заедно со гравот и го зачадуваат секое зрно.

Време100 минутиПорции6ТежинаСредно

Состојки

  • 500 г бел грав (најдобро тетовски), натопен преку ноќ
  • 2 главици кромид, ситно сечкани
  • 3 суви црвени пиперки
  • 120 мл сончогледово масло
  • 2 лажици брашно
  • 1 лажица благ мелен црвен пипер
  • 1 лажичка лут мелен пипер (по желба)
  • 1 лажичка сушено нане (џоџен)
  • сол и свежо мелен бибер по вкус

Подготовка

  1. Исцедете го натопениот грав, ставете го во длабоко тенџере со ладна вода и оставете да зоврие десетина минути. Исцедете ја и фрлете ја првата вода — гравот ќе биде полесен за варење и за стомакот.
  2. Вратете го гравот во тенџерето со 1,5 л свежа вода и половина од сечканиот кромид. Варете на тивок оган 60–70 минути, додека зрното не може лесно да се згмечи меѓу два прста.
  3. Во тава загрејте го маслото и пропржете го останатиот кромид до златно. Тргнете од оган, вмешајте го брашното и двата вида црвен пипер — тоа е вртокот; пиперот не смее да загори, зашто ќе загорчи.
  4. Истурете го вртокот кај гравот, додадете го нането, посолете и побиберете. Јадењето треба да е густо како каша — ако е ретко, оставете го да покрчка уште неколку минути откриено.
  5. Претурете сè во земјено тавче или огноотпорен сад, наредете ги сувите пиперки одозгора и печете на 220°C околу 25–30 минути, додека површината не фати темноцрвена, румена корка.
Совет од кујната: Не солете го гравот додека вари — солта го стега зрното и го продолжува варењето. Посолете дури кога е сосем мек, непосредно пред вртокот.

Челси го победи Манчестер Јунајтед, му пресуди ли на Керик?

Челси го победи Манчестер Јунајтед, му пресуди ли на Керик?
Фото: МКД.мк

По мирното прво полувреме, домаќините поведоа во 50. минута. Ромео Лавиа ја одзеде топката, а Морган Роџерс ја искористи можноста за контранапад и со ефектен удар донесе предност за Челзи.

Позицијата на Јунајтед дополнително се влоши во 64. минута, кога Лисандро Мартинез го турна Фофана во шеснаесетникот. Судијата досуди пенал, а Аргентинецот доби втор жолт картон и беше исклучен. Кол Палмер беше сигурен од белата точка за конечни 2-0.

Челзи во продолжението постигна уште еден гол преку Естевао, но тој беше поништен. Со новите три бода, лондонскиот тим се искачи на четвртото место со 16 бода, додека Манчестер Јунајтед остана на 16. позиција со само седум бода. Притисокот врз менаџерот Мајкл Керик дополнително се зголемува и тој е пред отказ.

Ескалација на протестите во Тирана, демонстранти со качулки фрлаа камења кон полицијата

Ескалација на протестите во Тирана, демонстранти со качулки фрлаа камења кон полицијата
Фото: Опсервер

Нови судири меѓу демонстрантите и полицијата избувнаа денеска во Тирана, каде што група млади лица со качулки запалија канти за отпад и фрлаа камења кон полициските службеници пред Министерството за образование. Протестот е организиран од студенти кои бараат оставка од премиерот Еди Рама, јавува Франс прес.

Протестот започнал мирно, со собир на неколку стотици граѓани пред Министерството за образование. Демонстрантите извикувале „Рама, поднеси оставка!“ и „Нема Албанија без млади!“.

Подоцна, неколку десетици лица со качулки запалиле канти за отпад, а потоа почнале да вадат камења од тротоарот и да ги фрлаат кон полицијата.

Во близина на Министерството биле распоредени голем број припадници на специјалните полициски единици, а на местото бил присутен и воден топ.

Протестите против владата на Албанија траат со месеци, а започнаа во мај поради спорен проект за изградба на туристички објекти на албанското крајбрежје, од кој корист би имал соработник на американскиот претседател Доналд Трамп. Незадоволството подоцна се прошири и поради обвинувањата за корупција, состојбите во здравствениот систем и недостигот од можности за младите.

Од средината на октомври протестите станале сè понасилни. Биле запалени или оштетени повеќе јавни објекти, меѓу кои министерства и судници, како и бројни продавници.

Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо вчера соопшти дека од почетокот на насилните судири биле повредени речиси 350 лица, меѓу кои околу 200 полицајци, 100 демонстранти и 40 минувачи. Според него, досега биле уапсени 269 малолетници.

Албанската влада во средата најавила построги казни за насилството за време на протестите, вклучително и парични казни што може да достигнат 5.500 евра.