Прескокни до содржината
Реклама

Четири лица уапсени по инцидентите пред Уставниот суд во Варшава, полициски кордон го обезбедува просторот

Четири лица уапсени по инцидентите пред Уставниот суд во Варшава, полициски кордон го обезбедува просторот
Фото: Нетпрес

Четири лица се уапсени во петокот вечерта во Варшава, за време на инцидентите што се случија пред зградата на Уставниот суд, а полициски кордон и понатаму го обезбедува просторот околу седиштето на оваа судска институција.

Како што пренесува Newsmax Polska, три лица упаднале во просторот на Уставниот суд, прескокнувајќи ја оградата, додека четвртото лице било уапсено поради навредување полициски службеник.

Да потсетиме, политичари и граѓани собрани пред зградата на судот во петокот вечерта алармираа за наводно насилно преземање на Уставниот суд, по што следеле бројни полициски интервенции.

Поради инцидентите, полскиот претседател Карол Навроцки го прекинал патувањето во Сенегал и се вратил во земјата откако полицијата влегла во просториите на Уставниот суд.

Во соопштението полицијата навела дека припадниците на службите „го почитувале правото на учесниците на собирот мирно да ги изразат своите ставови“, додавајќи дека за време на спроведувањето на активностите „не биле употребени средства за принуда, како службени палки или рачни фрлачи на солзавец“.

Претседателот на полскиот Уставен суд, Богдан Швиенчковски, е суспендиран, како и потпретседателот на судот, Бартломеј Сохањски.

Bучиќ по изборниот пораз го угости поранешниот унгарски премиер Орбан

Bучиќ по изборниот пораз го угости поранешниот унгарски премиер Орбан
Фото: Нетпрес

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ му беше домаќин во саботата на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан во Белград, откако двајцат, во период од седум месеци, ја загубија власта на парламентарните избори во своите земји – Орбан по 16 години, а Вучиќ по 14.

Вучиќ, кој ја предводеше листата на Обединета Србија, околу Српската напредна партија (СНС), на 25-ти октомври, час иполовина по затворањето на гласачките места на парламентарните избори, го призна поразот на неговата СНС и победата на Студентската листа.

Орбан ги загуби изборите, по 16 години на власт, во април оваа година од опозициската Тиша на својот поранешен близок соработник и дипломат Петер Маѓар.

Поранешниот српски претседател го угости Орбан во семејната куќа на неговите родители во близина на Белград. За време на средбата, тој нагласи дека и покрај нивните изборни порази, тие не го изгубиле достоинството, ниту, пак, нивното пријателство е нарушено.

„Многу ми е драго што можам да го угостам Виктор Орбан, мојот голем пријател, мојот брат. Убаво ќе го минеме времето тука, во куќата на мојот татко, недалеку од Белград. И да, двајцата неодамна загубивме на изборите, но не го изгубивме достоинството, гордоста или верата. Добредојде, Виктор“, рече Вучиќ во видео што го објави на Instagram.

Орбан одговори на добредојдето велејќи дека „пријателите секогаш остануваат пријатели“ и дека „вистинските пријатели стануваат уште поблиски во тешки времиња“.

„Можеш да бидеш сигурен, Александар, дека секогаш сум на твоја страна. Покрај тоа, знаеш дека ова беше повеќе од само пријателство меѓу нас двајца. Тоа беше голем успех – подобрување на односите, дури и братството, меѓу Србија и Унгарија, меѓу Србите и Унгарците. Останувам посветен на продолжување по овој пат“, рече поранешниот унгарски премиер.

Орбан рече дека се надева дека Србите и Србија ќе бидат успешни во иднина и им посака на Вучиќ, неговото семејство и на српскиот народ сè најдобро.

„Нека Бог го благослови вашиот маченик, вашиот народ и вас“, рече Орбан.

Вучиќ, прегрнувајќи го Орбан, ја заврши објавата со пораката „Ќе се вратиме!“

Бугарскиот печат и социолошките аналитичари за прогнозите од вториот круг за избор на претседател

Бугарскиот печат и социолошките аналитичари за прогнозите од вториот круг за избор на претседател
Фото: Нетпрес

Спроти вториот круг од изборите за седмиот претседател на Бугарија каде избирачите треба да се определат помеѓу двете кандидатски двојки Илијана Јотова и Кирил Валчев и Андреј Ѓуров и Георги Кандев, бугарските медиуми анализираат кој има повеќе шанси да биде новиот станар на „Дондуков“ број 2, адресата на претседателската палата.

Јотова е веќе претседател, а Валчев е досегашен директор на БТА. Таа ја презеде претседателската функција од Румен Радев во јануари оваа година, кој се повлече за да учествува на парламентарните избори, на кои однесе убедлива победа. Таа ја има поддршката токму од премиерот Радев и неговата Прогресивна бугарска партија и коалицијата која ја предводи.

Ѓуров, пак, е поранешен технички премиер со Георги Кандев како кандидат за потпретседател. Тој е економист и политичар, со кариера во банкарството. Бил пратеник во Народното собрание и претседател на парламентарната група „Продолжуваме со промената“.

На првиот круг од претседателските и потпретседателските избори кои поминаа во рекордно ниска излезност, за кандидатската двојка Јотова – Валчев гласаа 34,76 отсто од избирачите, а Ѓуров и Кандев добија поддршка од 31,95 проценти. Од вкупно 6,59 милиони гласачи, на изборите излегоа да го дадат својот глас 1,525 милиони, при што полето „не поддржувам никого“ го обележале 4,43 проценти од гласачите или нешто над 67 илијади избирачи.

Со ваков тесен резултат прогнозите од социолошките анализи, јави екипата на МИА, која пристигна во Софија да го следи и вториот изборен круг, посочуваат дека веројатноста да победи на изборите ја има оној кандидат кој ќе ја добие поддршката од гласачите на опозициските ГЕРБ и ДПС, кои на изборите не излегоа со свој кандидат. Тие, пак, поддршката и јавно ја дадоа за Ѓуров и Кандев.

Поранешниот претседател Росен Плевнелиев, тројца поранешни премиери – Бојко Борисов, Иван Костов и Николај Денков – заедно со десетици поранешни министри, високи воени офицери, дипломати и јавни личности, непосредно пред вториот круг од изборите издадоа заедничка декларација со која ја изразуваат својата поддршка за претседателската кандидатура на Ѓуров и Кандев.

Комуникациските експерти, пак, со различни оценки за ефектите од јавната дебата на Јотова и на Ѓуров одржана во четвртокот на Бугарската национална телевизија во однос на тоа кој колку бил подготвен во нивната способност да ги убедат гласачите да излезат на гласање и да го заокружат нивниот број.

Весникот „Труд“ меѓу другото посочува дека изборите в недела ќе покажат и дали Бугарија е подготвена за првпат во својата историја да избере жена за претседател или се уште не е дојдено времето за тоа. Резултатот од изборите, како што се посочува, ќе покаже и дали и како тој избор ќе влијае на промена на соодносот на политичките сили во земјата.

„Телеграф“ во рубриката политика на втората страница објавува дека за спроведување на двата круга на претседателските избори Централната изборна комисија ќе потроши околу 3 милиони евра. Во текстот има и препораки до избирачите како да гласаат на машините за да се избегнат евентуални проблеми. На првиот круг од претседателските и потпретседателските избори биле регистрирани проблеми кај 31 машина за гласање, од кои две биле користени на гласачките места во странство.

Весникот „Труд“, пак, на насловната страница донесува вести за почетокот на зимата, за затворањето на главната железничка станица во престолнината поради започнување со четиримесечна реконструкција…, но нема ниту збор за претседателските избори. Нивниот колумнист Иван Стамболов – Сула овојпат го анализира проблемот на Европа со мигрантите во текстот насловен „На мигрантите со љубов и омраза“.

Србија назадува во слободата на медиумите, нема напредок во владеењето на правото, оценува Европската комисија

Србија назадува во слободата на медиумите, нема напредок во владеењето на правото, оценува Европската комисија
Фото: Опсервер

Србија бележи дополнително назадување во областа на слободата на медиумите, нема напредок во владеењето на правото, а резултатите во борбата против корупцијата и организираниот криминал остануваат многу ограничени. Ова се дел од оценките во новиот извештај на Европската комисија за Србија, кој официјално треба да биде објавен на 4 ноември.

Во документот, кој го опфаќа периодот од крајот на 2025 година до крајот на септември 2026 година, се наведува дека политичката поларизација го отежнувала функционирањето на демократските институции. Посебно се издвоени масовните студентски и граѓански протести, како и нападите врз студенти, активисти и мирни демонстранти.

Европската комисија оценува дека надлежните институции, вклучително и полицијата, во повеќето случаи не преземале соодветни мерки. Во извештајот се посочуваат и случаи во кои полициски службеници биле присутни за време на нападите, но не интервенирале. Забележан е и мал број информации за постапките против полицајци осомничени за полициска бруталност.

Документот наведува дека полицијата во повеќе наврати влегувала во универзитетски простории, меѓу кои и во Ректоратот во Нови Сад во септември 2025 година, како и во зградата на Универзитетот во Белград во април 2026 година. Во март годинава полицијата влегла и во седиштето на опозициска парламентарна партија во Белград.

Комисијата изразува загриженост и поради тврдењата на тогашните државни функционери дека протестите биле странски поттикната „обоена револуција“, без да бидат понудени докази за таквите обвинувања.

Посебно внимание во извештајот е посветено на протестот од 15 март 2025 година и сомнежите за употреба на звучен топ. Според Европската комисија, најавите за кривично гонење на лицата кои јавно зборувале за случајот создале атмосфера на заплашување и ја ограничиле слободата на изразување.

Слободата на медиумите е една од областите во кои Србија бележи дополнително назадување. Европската комисија предупредува на заплашување на новинарите, говор на омраза и влошување на нивната безбедност. Загриженост е изразена и поради притисоците, нападите и заплашувањето на организациите на граѓанското општество.

Во делот за воените злосторства, Комисијата го критикува односот на српските власти кон негирањето на злосторствата и величањето на осудените воени злосторници. Како пример се наведува погребот на Ратко Младиќ, осуден за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства, за кој се оценува дека придонел за величање на воените злосторства. Во извештајот се посочува и дека повеќе од 1.800 предмети за воени злосторства остануваат нерешени.

Нема значаен напредок ниту во нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово. Европската комисија оценува дека внатрешнополитичките проблеми на двете страни го попречиле спроведувањето на договорот постигнат во 2023 година во Брисел и Охрид. Состојбата на северот на Косово е оценета како мирна, но кревка.

Во извештајот се споменуваат и односите меѓу Србија и Црна Гора, кои главно се оценети како стабилни, но проследени со меѓусебни обвинувања. Наведени се и изјавите на Александар Вучиќ со кои ја доведувал во прашање независноста на Црна Гора, како и инцидентот од 3 јуни 2026 година, кога црногорската полиција вратила во Белград чартер-лет со 87 поддржувачи на Вучиќ.

Европската комисија предупредува и дека Србија не остварила напредок во усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Во документот се нагласува дека напредокот на Србија и Косово кон членство во ЕУ е директно поврзан со нормализацијата на нивните односи.

Француските средношколци и студенти повикаа на блокади на образовните установи

Француските средношколци и студенти повикаа на блокади на образовните установи
Фото: Нетпрес

Синдикатите на средношколците и на студентите во Франција (Union syndicale lycéenne и Union étudiante) денеска пред почетокот на протестите во Париз, повикаа на блокади на образовните установи од следниот вторник, објави парискиот весник „Ле Монд“.

Портпаролката на Студентскиот синдикат, Сабрин Карбаш, повика на блокада на универзитетите и средните училишта од вторник, а за четврток 5 ноември, најави студентски демонстрации во знак на поддршка на работниците што штрајкуваат.

Според двата синдиката, француската Влада сè уште не одговорила конкретно на барањата на младите, кои се залагаат за подобри услови во образованието.

Денеска низ Франција се одржуваат протести поради високите животни трошоци, а за одржување на редот се распоредени 70 илјади припадници на полицијата и жандармеријата.

Николоски: Најголем проект за Кичево е автопатот кон Охрид

Николоски: Најголем проект за Кичево е автопатот кон Охрид
Фото: Нетпрес

Денеска остварив работна посета на општина Кичево и извршивме увид во реконструкција на улица Рудничка – напиша на својот ФБ профил, Александар Николоски, вицепремир и министер за транспорт.

Тој додава дека ова е проект што се реализира преку Министерството за транспорт во соработка со општината, каде вкупно се инвестира околу 30 милиони денари.

„-Преку различни програми кои што ги има Владата, вкупно инвестираме околу 360 милиони денари или околу 6 милиони евра во инфраструктурен развој на Општина Кичево. Ова е втората фаза од изградбата, првата фаза веќе се заврши, ја работевме заедно со Светската банка, така што кога ќе се заврши и втората фаза, ќе имаме еден прекрасен булевар кој што ќе се протега во овој дел на градот“, објави Николоски.

Тој истакна дека се продолжува со поддршка на Општината во соработка со градоначалникот, со пратеникот и со сите останати кои што даваат поддршка на Општината, со цел реализација на нови проекти.

„Веќе зборуваме за нови проекти, а сега тука се и најголемите проекти за Кичево, тоа е автопатот Охрид-Кичево, каде што имаме одлична динамика. Тука е автопатот Кичево-Букојчани кој што почна да се гради на 11 октомври. Ќе продолжиме да го поддржуваме Кичево“! истакна Николоски.

Најавено потпишување Меморандум за соработка со Царинската и гранична служба на САД

Најавено потпишување Меморандум за соработка со Царинската и гранична служба на САД
Фото: МКД.мк

Царинската управа денеска соопшти дека во блиска иднина ќе потпише Меморандум за разбирање и соработка со Царинската и граничната служба на САД (CBP) потенцирајќи дека документот ќе биде од историска важност.

– Потпишувањето на Меморандумот ќе претставува значаен чекор кон унапредување на институционалната соработка, интензивирање на размената на информации во рамките на важечките законски овластувања, подобрување на проценката и управување со ризик, како и зајакнување на активностите за откривање и спречување на прекуграничниот криминал и нелегалната трговија – се нагласува во соопштението од Царинската управа.

Ова, како што се посочува, го најави директорот Бобан Николовски за време на неговиот официјален работен престој во Вашингтон, каде оствари посета на Националниот центар за таргетирање при Царинската и граничната служба на САД. Националниот центар има клучна улога во анализата на податоци, проценката на ризик и идентификувањето на потенцијалните закани поврзани со патниците и товарот.

– Нашата заедничка цел е јасна: побезбедни граници, поефикасни царински контроли и олеснување на легалната трговија. Преку силни меѓународни партнерства, современи методи за анализа на ризик и посветена институционална соработка, остануваме цврсто определени за модернизација на Царинската управа и зајакнување на нејзините оперативни капацитети, во интерес на нашата држава, економијата и безбедноста на граѓаните – вели Николовски од САД.

Во рамки на работниот престој, директорот Николовски, воедно оствари работна посета на Министерството за внатрешна безбедност на САД (Department of Homeland Security – DHS), надлежни за координирање на клучните активности насочени кон обезбедување на безбедноста на Соединетите Американски Држави.

Целосна забрана за риболов на реката Треска

Целосна забрана за риболов на реката Треска
Фото: РИБАР 2011

Од утре, 1 ноември 2026 година, стапува во сила целосна забрана за риболов на реката Треска во Скопје, со цел заштита на рибниот фонд во периодот на природниот мрест.

Надлежните ги повикуваат сите риболовци да ја почитуваат забраната и да овозможат непречено одвивање на процесот на мрестење, нагласувајќи дека зачувувањето на рибниот фонд е заедничка одговорност.

Против секое лице кое ќе биде затекнато како лови риба во периодот на забраната ќе биде поднесена прекршочна пријава согласно член 101 став (1) точка 3, во врска со член 37 став (1) од Законот за рибарство и аквакултура.

За овој прекршок е предвидена глоба од 250 евра, а против сторителите ќе биде поднесена и кривична пријава за „Незаконит риболов“, согласно член 229 став (1) од Кривичниот законик.

Надлежните апелираат на одговорно однесување и почитување на забраната, со цел да се заштитат реката Треска и рибниот фонд за идните генерации.

Над 6 милиони евра директна помош за Кичево за инфраструктурен развој на општината

Над 6 милиони евра директна помош за Кичево за инфраструктурен развој на општината
Фото: МКД.мк

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оставри работна посета на општина Кичево, каде со градоначалникот Александар Јовановски изврши увид во реконструкција на улица Рудничка.

Ова е проект што се реализира преку Министерството за транспорт во соработка со оштината, каде вкупно се инвестира околу 30 милиони денари.

Во продолжение интегралната изјава на вицепремиерот Николоски:

“Денеска сме во посета на Општина Кичево, да видиме како оди со реализацијата на инфраструктурните проекти. Преку различни програми кои што ги има Владата, вкупно инвестираме околу 360 милиони денари или околу 6 милиони евра во инфраструктурен развој на Општина Кичево. Секако дел од тие проекти е и улица “Рудничка”, на која што сме во моментов, каде што добро се одвиваат работите. Вовед во градежни активности имаше на 15. октомври и во рок од 6 месеци истата треба да биде завршена, едно убаво булеварско решение. Ова е втората фаза, првата фаза веќе се заврши, ја работевме заедно со Светската банка, така што кога ќе се заврши и втората фаза, ќе имаме еден прекрасен булевар кој што ќе се протега во овој дел на градот. Продолжуваме и со поддршка на Општината во соработка со градоначалникот, со пратеникот и со сите останати кои што даваат поддршка на Општината, со цел реализација на нови проекти. Веќе зборуваме за нови проекти, а сега тука се и најголемите проекти за Кичево, тоа е автопатот Охрид-Кичево, каде што имаме одлична динамика. Тука е автопатот Кичево-Букојчани кој што почна да се гради на 11 октомври. Ќе продолжиме да го поддржуваме Кичево” – изјави Николоски.

Гласаа 104 болни и немоќни лица и осум лица во КЗУ за изборите за градоначалник во Брвеница

Гласаа 104 болни и немоќни лица и осум лица во КЗУ за изборите за градоначалник во Брвеница
Фото: Нетпрес

Вкупно 104 болни и немоќни лица и осум лица кои се наоѓаат во казнено-поправните установи го оствариле своето право на глас во пресрет на вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница.

Според податоците на Државната изборна комисија, од деветте пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи во државата, гласале осум лица.

Од вкупно 107 болни или немоќни лица со право на глас, своето избирачко право го искористиле 104 лица.

Од ДИК соопштија дека гласањето во текот на денот се одвивало без проблеми и дека на сите гласачи им била овозможена непречена и слободна реализација на правото на глас.

Вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница ќе се одржи утре.