Прескокни до содржината
Реклама

Кривична пријава против жена од Берово, ја тепала 12-годишната ќерка

Кривична пријава против жена од Берово, ја тепала 12-годишната ќерка
Фото: Опсервер

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднела кривична пријава против 39-годишна жена од беровско поради сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда“ и „неизвршување на судска одлука“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 9 октомври 2026 година, во Берово, пријавената физички ја нападнала својата 12-годишна ќерка.

Дополнително, жената постапила спротивно на решението за заштита од семејно насилство, издадено од Основниот суд во Берово.

За случајот е поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.

Турција им забрани пристап до социјалните мрежи на деца помлади од 15 години

Турција им забрани пристап до социјалните мрежи на деца помлади од 15 години
Фото: Опсервер

Во Турција стапи на сила забраната за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години. Проверката на возраста на постојните кориснички сметки ќе продолжи до 31 март 2027 година, а во текот на преодниот период платформите постепено ќе ги затвораат профилите на децата, пренесува „Анадолија“.

Турција во средината на октомври им забрани на давателите на услуги на социјалните мрежи да нудат услуги на малолетници помлади од 15 години, согласно новите прописи на Дирекцијата за сајбер-безбедност.

Во уредбата се наведува дека давателите на услуги „не можат да им нудат услуги на деца кои немаат наполнето 15 години“.

Покрај тоа, платформите мора да понудат различни видови услуги и да ги преземат неопходните мерки за заштита на корисниците постари од 15 години. Проверката на возраста треба да даде приоритет на заштитата на личните податоци, со примена на методи што утврдуваат дали корисникот го исполнува возрасниот услов, без да го откриваат неговиот идентитет.

За да пристапат до социјалните мрежи, корисниците ќе мора да ја потврдат својата возраст преку владината платформа за електронски услуги е-Девлет. По проверката, ќе добијат дигитален токен со информации за нивната возраст.

На лицата помлади од 15 години ќе им биде одбиен пристапот, додека тинејџерите на возраст од 15 до 18 години ќе можат да ги користат социјалните мрежи, но со одредени ограничувања.

Размената на пораки ќе биде можна само со профилите на пријателите, преносите во живо ќе бидат забранети, а корисниците нема да гледаат реклами наменети за возрасни.

Студентите го прифаќаат новиот модел на Владата за студентски оброк

Студентите го прифаќаат новиот модел на Владата за студентски оброк
Фото: МКД.мк

Тие се согласуваат на моделот што го предложија Владата и МОН, а кој се темели на: воведување нов систем М-студентски оброк; вкупните средства на месечно ниво да се покачат од 3.500 денари на 4.500 денари – на месечно ниво; јавно објавен список на оператори и маркети каде што ќе можат да ги користат средствата; попустите да важат до крајот на месецот, без разлика дали студентот ја потрошил сумата од 4.500 денари.

Притоа студентите нагласуваат дека имаат два услова.

„Овие услови да бидат внесени во законот за субвенциониран студентски оброк, а листата на компаниите и мерките да биде јавно објавена пред стапување на сила на овој закон. Овој модел го прифаќаме по консултациите со студентите во нашите организациски ентитети“, се нагласува во соопштението на претставниците на студентите.

Возрасен скопјанец нападнат и ограбен во домот, ги познавал напаѓачите

Возрасен скопјанец нападнат и ограбен во домот, ги познавал напаѓачите
Фото: Нетпрес

Денес (01.11.2026) во 05:30 часот во СВР Скопје, К.П.(76) од скопско, пријавил дека на 31.10.2026 околу 21:15 часот во неговиот дом бил физички нападнат од две лица кои ги познавал.

„Притоа, едно од лицата го удрило со кундак од огнено оружје, по што двајцата му одзеле пари“, информира МВР.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Црна Гора воведе визи за пет земји, Русија и Белорусија возвраќаат со иста мерка

Црна Гора воведе визи за пет земји, Русија и Белорусија возвраќаат со иста мерка
Фото: Нетпрес

Црна Гора од неделата воведе визи за граѓаните на Русија, Белорусија, Кина, Турција и Саудиска Арабија, со цел да ја усогласи својата визна политика со правилата на Европската унија и да исполни една од обврските во преговорите за пристапување.

Одлуката на црногорската влада, донесена во јули, почна да се применува на 1-ви ноември. Новиот режим предвидува исклучоци за лица со одредени важечки европски визи или дозволи за престој.

Русија и Белорусија одлучија да возвратат со реципрочни мерки. На црногорските граѓани ќе им бидат потребни визи за влез во Русија од 30-ти декември, додека Белорусија ја воведе истата обврска од 1-ви ноември, потврди црногорското Министерство за надворешни работи.

Црногорската влада, исто така, го започна процесот на откажување на договорот за безвизен режим со Русија, Белорусија и Турција. За Турција, датумот на евентуалното воведување на реципрочни мерки сè уште не е официјално потврден.

Според руските дипломати, станува збор за долгоочекуван потег на Подгорица и има економска основа. Според Москва, ова е начин црногорските власти да започнат циклус на продажба на недвижности, кој Црна Гора го нема многу поради малата големина на земјата а беа во сопственост на руски државјани против кои често се спроведувале притисоци под превез на наводни „хибридни активности“. Москва јасно порача дека чекорот на црногорските власти има цел да ги избрка руските сопственици на недвижности од пазарот, а потоа да привлече нови купувачи, што на економија на земјата би ѝ донело приходи.

Кина го задржа безвизниот режим за црногорските граѓани до 31-ви декември 2026 година, додека виза беше потребна за патување во Саудиска Арабија и претходно.

Државјаните на петте земји кои легално влегле во Црна Гора до крајот на октомври можат да го продолжат својот престој според важечките правила, додека за новите доаѓање во земјата ќе мора да добијат виза, освен во случаи предвидени со закон.

Барањата за црногорски визи се поднесуваат во дипломатските и конзуларните претставништва или овластените визни центри надвор од Црна Гора.

Усогласувањето на визната политика со Европската унија е еден од условите за затворање на поглавјето 24 од преговорите, кое ги опфаќа правдата, слободата и безбедноста. Црногорската влада наведува дека со новите правила исполнила една од последните обврски од тоа поглавје.

Црна Гора преговара за членство во ЕУ од 2012 година. Досега, привремено затвори 21 од вкупно 33 поглавја од преговорите, а целта на црногорските власти е да ги завршат преговорите до крајот на 2026 година и да станат членка на Унијата во 2028 година.

Почина европска шампионка на 34 години

Почина европска шампионка на 34 години
Фото: Нетпрес

Ирската атлетичарка Кијара Мигин, поранешна европска шампионка и двократна олимпијка, почина на 34-годишна возраст по битката со рак на дебелото црево, кој ѝ бил дијагностициран во мај 2025 година.

Мигин ја претставуваше Ирска на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 и Токио во 2021 година. Најголемиот успех во кариерата го оствари во 2024 година, кога на Европското првенство во Рим го освои златниот медал на 1.500 метри со време од 4:04,66 минути.

Поради повреда на Ахиловата тетива, мораше да го откаже настапот на Олимписките игри во Париз истата година.

Во Нови Сад се одбележува втората годишнина од смртоносниот пад на настрешницата на железничката станица

Во Нови Сад се одбележува втората годишнина од смртоносниот пад на настрешницата на железничката станица
Фото: Нетпрес

Во Нови Сад денеска се одбележува втората годишнина од смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реновираната железничка станица, трагедија што предизвика бран антивладини протести против корупцијата, предвремените избори и пад на српската влада, додека сè уште се чека одговорните да седнат на обвинителната клупа.

Настрешницата се урна на 1 ноември 2024 година во 11 часот и 52 минути, под тежина на бетонот, стаклото и лошо изведените градежни завршни работи, а демонстрантите, предводени од студентите, ги гледаат виновниците во коруптивните владини зделки, злоупотребите и небрежноста.

Под бетонот и стаклото речиси веднаш починаа 14 претежно млади луѓе, а во следните денови и месеци, починаа уште две жртви, додека едно девојче преживеа со трајни последици.

Меѓу загинатите имаше четири деца на возраст од шест, 10, 16 и 17 години.

Под притисок на јавноста, по несреќата следеа апсења, меѓу кои и неколку министри и нивни соработници, но до денеска, и покрај тоа што обвиненијата беа изменети и дополнети, никој сè уште не е изведен пред суд.

Во Нови Сад денеска, симболично, во 11:52 часот, се одржа комеморативен состанок, свикан од студентското движење, а собирите на неколку локации во градот започнаа околу 9:30 часот, од каде граѓаните маршираа во поворки до местото на несреќата и им оддадопа почит на жртвите.

Патријархот на Српската православна црква, Порфирије, служеше на комеморацијата на жртвите во белградската катедрала Свети Сава.

Монд: Кои се всушност француските ултралевичари, на кои им се припишува саботното насилство

Монд: Кои се всушност француските ултралевичари, на кои им се припишува саботното насилство
Фото: МКД.мк

Франција повторно се соочува со прашањето кој стои зад насилството што ги придружува масовните протести. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека групи предизвикувачи на нереди и ограбувачи, меѓу кои, како што тврди, има многубројни припадници на ултралевицата и радикалната левица, се судираа со полицијата со цел да предизвикаат што поголемо насилство.

Поради сè почестата употреба на терминот „ултралевица“, парискиот весник Монд објави објаснување за неговото историско значење и политичките идеи поврзани со ова движење. Според оценката на францускиот министер, една од целите на радикалните групи е да навлезат во центрите на големите градови, и покрај одлуките на властите протестните поворки да ги насочат по други улици.

Историски гледано, ултралевицата се појави како збир на политички струи што отидоа подалеку налево од традиционалните комунистички партии. Една од нејзините струи е комунизмот на работничките совети, кој се залага за непосредно организирање на работниците во совети и ја отфрла водечката улога на политичките партии.

Историчарот Силвен Булук, експерт за анархизам и за екстремната левица, објаснува дека овие групи од самиот почеток го критикувале не само капитализмот, туку и самата структура на комунистичките партии, отфрлајќи ги парламентарниот процес и учеството на избори.

За разлика од пошироката крајна левица, која може да дејствува преку избори, парламенти и политички организации, ултралевичарските струи се залагаат за целосно раскинување со постојните институции. Тие ги отфрлаат и хиерархиските облици на организирање, а политичката борба ја насочуваат кон судир со симболите на државата, капитализмот и авторитетот.

Терминот доби широка употреба во Франција по аферата Тарнак од 2008 година, кога група активисти се најдоа под сомнение за саботажа на железничката инфраструктура, вклучително и пругите за брзи возови. Случајот првично беше квалификуван како терористички, а осомничените во јавноста и медиумите беа опишувани како припадници на ултралевицата.

Експертот за радикални движења Серж Косерон оцени дека станува збор за широк и сеопфатен поим, кој по тој случај го популаризира тогашната министерка за внатрешни работи Мишел Алио-Мари. Во почетокот терминот главно се користеше во безбедносните кругови за означување насилни групи од крајната левица, но со текот на времето неговата употреба се прошири и на различни облици на радикално политичко дејствување.

Историчарот Жил Кандар предупредува дека зборот „ултралевица“ денес често функционира како политичка етикета, бидејќи самиот по себе сугерира екстремност и радикализам, без прецизно објаснување за какви групи станува збор. Тој смета дека е погрешно автоматски да се изедначуваат ултралевицата и ултрадесницата, што одредени политичари го прават сè почесто.

Во расправата за политичкото насилство, политикологот Изабел Сомије укажува на разликите во историските последици од дејствувањето на екстремните групи. Според податоците што ги изнесе за Монд, меѓу 1986 и 2017 година на ултралевицата ѝ се припишуваат пет смртни случаи, а на ултрадесницата 52.

Така, во Франција се води двојна расправа: за одговорноста на радикалните групи за насилството на улиците, но и за тоа каде завршува политичкиот радикализам, а каде почнува безбедносната закана. Токму затоа терминот „ултралевица“ повторно стана дел од жесток политички судир, пишува Монд.

Уапсени двајца гостиварци, полицијата пронашла кокаин и марихуана

Уапсени двајца гостиварци, полицијата пронашла кокаин и марихуана
Фото: Нетпрес

Денеска (01.11.2026), полициски службеници од СВР Тетово – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, постапувајќи по претходно добиени оперативни сознанија, спроведоа акција за спречување на недозволена трговија со наркотични дроги, при што лишија од слобода две лица од Гостивар.

-По преземени оперативно-тактички мерки и активности, полициските службеници извршија интервенција во момент на купопродажба на улицата „Беличица“ во Гостивар. На местото на настанот од слобода се лишени Б.И.(42) и С.Ј.(48), двајцата од Гостивар. При извршениот преглед кај лицата биле пронајдени кокаин и марихуана, информира МВР.

По обезбедена судска наредба, извршен е претрес во домот на Б.И., при што биле пронајдени и одземени уште шест опаковки со кокаин, како и парични средства во различни апоени.

Двете лица се задржани во полициска станица за понатамошна постапка, по што против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци

Приведен 39-годишен скопјанец, ја тепал сопругата и ја избркал од семејниот дом

Приведен 39-годишен скопјанец, ја тепал сопругата и ја избркал од семејниот дом
Фото: Опсервер

Триесет и деветгодишен маж од Скопје бил приведен откако физички ја нападнал сопругата, ѝ се заканувал и ја избркал од семејниот дом во скопската општина Гази Баба.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 31 октомври, околу 17:30 часот, во семејниот дом, по што случајот бил пријавен во полиција.

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје го лишиле од слобода М.М. (39) во 21:55 часот, во Полициската станица Кисела Вода.

Според пријавеното, неговата 39-годишна сопруга и во изминатите години била изложена на психичко и физичко малтретирање од негова страна.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.