Монд: Кои се всушност француските ултралевичари, на кои им се припишува саботното насилство

Франција повторно се соочува со прашањето кој стои зад насилството што ги придружува масовните протести. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека групи предизвикувачи на нереди и ограбувачи, меѓу кои, како што тврди, има многубројни припадници на ултралевицата и радикалната левица, се судираа со полицијата со цел да предизвикаат што поголемо насилство.

0
Монд: Кои се всушност француските ултралевичари, на кои им се припишува саботното насилство
Фото: МКД.мк

Поради сè почестата употреба на терминот „ултралевица“, парискиот весник Монд објави објаснување за неговото историско значење и политичките идеи поврзани со ова движење. Според оценката на францускиот министер, една од целите на радикалните групи е да навлезат во центрите на големите градови, и покрај одлуките на властите протестните поворки да ги насочат по други улици.

Историски гледано, ултралевицата се појави како збир на политички струи што отидоа подалеку налево од традиционалните комунистички партии. Една од нејзините струи е комунизмот на работничките совети, кој се залага за непосредно организирање на работниците во совети и ја отфрла водечката улога на политичките партии.

Реклама

Историчарот Силвен Булук, експерт за анархизам и за екстремната левица, објаснува дека овие групи од самиот почеток го критикувале не само капитализмот, туку и самата структура на комунистичките партии, отфрлајќи ги парламентарниот процес и учеството на избори.

За разлика од пошироката крајна левица, која може да дејствува преку избори, парламенти и политички организации, ултралевичарските струи се залагаат за целосно раскинување со постојните институции. Тие ги отфрлаат и хиерархиските облици на организирање, а политичката борба ја насочуваат кон судир со симболите на државата, капитализмот и авторитетот.

Терминот доби широка употреба во Франција по аферата Тарнак од 2008 година, кога група активисти се најдоа под сомнение за саботажа на железничката инфраструктура, вклучително и пругите за брзи возови. Случајот првично беше квалификуван како терористички, а осомничените во јавноста и медиумите беа опишувани како припадници на ултралевицата.

Експертот за радикални движења Серж Косерон оцени дека станува збор за широк и сеопфатен поим, кој по тој случај го популаризира тогашната министерка за внатрешни работи Мишел Алио-Мари. Во почетокот терминот главно се користеше во безбедносните кругови за означување насилни групи од крајната левица, но со текот на времето неговата употреба се прошири и на различни облици на радикално политичко дејствување.

Реклама

Историчарот Жил Кандар предупредува дека зборот „ултралевица“ денес често функционира како политичка етикета, бидејќи самиот по себе сугерира екстремност и радикализам, без прецизно објаснување за какви групи станува збор. Тој смета дека е погрешно автоматски да се изедначуваат ултралевицата и ултрадесницата, што одредени политичари го прават сè почесто.

Во расправата за политичкото насилство, политикологот Изабел Сомије укажува на разликите во историските последици од дејствувањето на екстремните групи. Според податоците што ги изнесе за Монд, меѓу 1986 и 2017 година на ултралевицата ѝ се припишуваат пет смртни случаи, а на ултрадесницата 52.

Така, во Франција се води двојна расправа: за одговорноста на радикалните групи за насилството на улиците, но и за тоа каде завршува политичкиот радикализам, а каде почнува безбедносната закана. Токму затоа терминот „ултралевица“ повторно стана дел од жесток политички судир, пишува Монд.