Прескокни до содржината
Реклама

Ограбен 76-годишен маж во скопско, напаѓачите го удриле со кундак од пиштол

Ограбен 76-годишен маж во скопско, напаѓачите го удриле со кундак од пиштол
Фото: Опсервер

Седумдесет и шестгодишен маж од скопско пријавил дека бил физички нападнат од две лица што ги познавал, кои потоа му одзеле пари од домот.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен денеска (1 ноември), во 5:30 часот, во СВР Скопје. Според пријавата, нападот се случил претходната вечер, на 31 октомври, околу 21:15 часот, кога двете лица влегле во неговиот дом и физички го нападнале.

Притоа, едно од лицата го удрило со кундак од огнено оружје, по што двајцата му одзеле пари.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Иранската револуционерна гарда: Повеќе немаме географски ограничувања во војувањето

Иранската револуционерна гарда: Повеќе немаме географски ограничувања во војувањето
Фото: МКД.мк

Мохеби, во обраќање во провинцијата Керман, рече дека Иран е во судир со, како што го нарече, „најзлосторничкиот режим во светот“, пренесува иранската агенција Тасним.

„Поминавме низ неколку фази од оваа војна и во нив постигнавме победи. Првата победа е тоа што го спречивме непријателот да ги оствари своите цели. Непријателот влезе во војната со намера да ја урне Исламската Република и да го подели Иран, но не успеа“, изјави Мохеби.

Говорејќи за Соединетите Американски Држави, тој оцени дека Вашингтон не успеал да ги оствари своите цели на југот на Иран и затоа се свртел кон преговори и посредување.

„Соединетите Држави тврдеа дека обезбедуваат слободна пловидба и енергетска безбедност, но и покрај тоа што ја имаат најголемата морнарица во светот и со децении се присутни на Блискиот Исток, не успеаја да го отворат Ормускиот Теснец ниту на неколку часа“, рече Мохеби.

Тој додаде дека САД не успеале да ја гарантираат ниту безбедноста на сопствените воени бази, а уште помалку безбедноста на другите држави во регионот.

Портпаролот на Револуционерната гарда тврди и дека Иран успеал да открие и да нападне американски разузнавачки бази на податоци, што го претстави како значаен неуспех на американските разузнавачки служби.

„Америка создаде претстава во светската јавност дека располага со технолошки напреден разузнавачки систем и дека никој не може да ги открие нејзините бази на податоци. Но Исламската Република Иран ги идентификуваше, ги откри и ги нападна тие бази“, изјави Мохеби.

Според него, тоа покажува дека американските разузнавачки податоци може да бидат откриени и следени, што тој го оцени како голем пораз за Вашингтон.

Романија нуди да ги финансира американските војници на своја територија за да ги задржи

Романија нуди да ги финансира американските војници на своја територија за да ги задржи
Фото: МКД.мк

Според порталот Дифенс Романија, Букурешт подготвил доверлив предлог за финансирање дел од трошоците за американското воено присуство во земјата.

„Доверливиот предлог на Романија, кој го потврдија дипломатски извори, опфаќа покривање на трошоците за сместување, логистичка поддршка и функционирање на локалните воени објекти што ги користат американските сили“, наведува порталот.

Романските власти истовремено планираат да ги зголемат издвојувањата за одбраната, вклучително и инвестиција од четири милијарди евра за проширување на воената база Михаил Когалничану.

Овие планови доаѓаат во време кога романската влада се соочува со економски предизвици и потреба од намалување на јавната потрошувачка за да го ублажи буџетскиот дефицит.

Во Романија моментално се распоредени повеќе од 5.500 војници од земјите членки на НАТО, од кои приближно 1.500 се припадници на американските вооружени сили.

Најголем дел од американските војници се стационирани во воздухопловната база Михаил Когалничану и во воената база Девеселу, каде што се наоѓа дел од противракетниот одбранбен систем на НАТО.

Во Девеселу во мај 2016 година почна да функционира копнениот противракетен систем Еџис ашор.

Системот користи технологија за лансирање проектили што е предмет на безбедносни спорови меѓу Русија и НАТО, особено поради можноста лансерите да се користат и за офанзивни крстосувачки ракети. НАТО тврди дека постројката е наменета исклучиво за одбранбени задачи.

Советникот на романскиот претседател Мариус Лазурка кон крајот на октомври изјави дека Букурешт се залага за зголемување на американското воено присуство во земјата.

БИА наводно прислушувала обвинители што ја истражувале трагедијата во Нови Сад

БИА наводно прислушувала обвинители што ја истражувале трагедијата во Нови Сад
Фото: Опсервер

Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) прислушувала одредени обвинители од Јавното обвинителство за организиран криминал (ТОК) и ја следела нивната електронска комуникација, објави српскиот портал „Радар“.

Според неофицијалните информации до кои дошол медиумот, главната причина за тајниот надзор била истрагата за корупција при реконструкцијата на железничката пруга Белград – границата со Унгарија, како и на Железничката станица во Нови Сад, каде што при уривањето на настрешницата загинаа 16 лица.

„На овој начин БИА добивала информации за тоа што прават обвинителите во предметот ‘Настрешница’, но не само тоа. Ги прислушувале и другите обвинители што престојувале во истите простории со оние што биле под надзор. Така бил прислушуван и шефот на ТОК, обвинителот Младен Ненадиќ, кој секојдневно комуницира со сите обвинители од ова обвинителство. Знаеле за секој чекор на ТОК и што планираат во сите предмети“, изјавил за „Радар“ извор кој побарал анонимност од безбедносни причини.

Мерките за таен надзор врз обвинителите формално биле воведени поради наводна шпионажа. Според сознанијата на „Радар“, тие биле определувани на 9 и 30 април, 29 мај, 19 јуни и последен пат на 7 октомври 2026 година.

Како што дознава медиумот, директорот на БИА, Владимир Орлиќ, дури четири дена по парламентарните избори, односно на 29 октомври, иницирал целосно запирање на мерките за таен надзор.

Мерките првично биле целосно прекинати, но потоа повторно биле воведени во делот што се однесува на следењето криминални групи, што спаѓа во надлежностите на БИА.

Според информациите објавени од „Радар“, следењето на обвинителите траело до 29 октомври.

Излезноста до 11 часот во Брвеница е 13,82 отсто

Излезноста до 11 часот во Брвеница е 13,82 отсто
Фото: МКД.мк

Членови на Државната изборна комисија предводени од претседателот Бојан Маричиќ и денес во рамки на вториот круг посетија три избирачки места во Општина Брвеница каде се одвива втор круг од гласањето за избор на градоначалник.

Тие потоа одржаа и прес-конференција за медиумите, а претседателот Маричиќ со заклучок од теренската посета дека гласачите слободно и без сериозни проблеми излегуваат на гласање, а за тоа, според него, укажува и излезноста.

„До 11 часот на денешниот ден податоците од сите 24 избирачки места се дека излезноста изнесува 13,82 проценти, односно дека од вкупно запишаните 16 256 гласачи до 11 часот гласале 2245 граѓани. Најголема излезност до 11 часот се забележува во избирачкото место станува 2044, 22,12 проценти, додека најмала на избирачкото место 2047 каде има 5, 33 проценти“, истакна Маричиќ.

Тој направи споредба со првиот круг и оцени дека има зголемена излезноста.

Во споредба со првиот круг излезноста во 11 часот е зголемена за 4,71 процент. Тогаш пред две недели во овој период 11 часот гласале 1480 гласачи или 9,11 проценти од вкупниот број на запишани гласачи, сега се 13,82 отсто односно 2245, рече Маричиќ.

Во однос на заштитата на личното избирачко право до 11 часот до ДИК е доставен еден приговор кој е усвоен и на гласач му е овозможено да гласа.

„Ние на трите места каде што поминавме секаде течеше нормално дека некаде каде што имаше повеќе метеж и повеќе обиди за идентификација, сите беа успешни, така што стана она што го видовме ние е еден зголемен интерес, но и нормален тек на гласањето“, додаде тој.

Државната изборна комисија изутринава ги стави во функција бесплатната телефонска линија на која граѓаните можат да се информираат за прашања кои се од интерес на остварување на избирачкото право, како и телефонскиот број кој е наменет за лица со оштетен слух.

Зеленски: Украина погоди руска фабрика за ракети и уништи воена опрема вредна 70 милиони долари

Зеленски: Украина погоди руска фабрика за ракети и уништи воена опрема вредна 70 милиони долари
Фото: МКД.мк

Украинските сили ја погодија фабриката Каменски во руската Ростовска област, која е дел од руската одбранбена индустрија и учествува во производството на ракети, објави Зеленски на Телеграм.

„Нашите напади со долг дострел даваат резултати во Ростовската област. Погодена е фабриката Каменски, претпријатие од руската одбранбена индустрија што се занимава со производство на ракети“, наведе Зеленски.

Според него, украинската војска погодила и противвоздушен систем Панцир-С2, како и командно-штабно возило на системот С-400 Триумф.

„Вкупната вредност на погодените средства за противвоздушна одбрана изнесува околу 70 милиони долари“, истакна украинскиот претседател.

Зеленски им се заблагодари на припадниците на Службата за безбедност на Украина и на другите украински одбранбени сили за операцијата.

„Праведно се браниме од руската агресија и правиме сè за да ја намалиме способноста на Русија да ја продолжи“, рече Зеленски.

Според Укринформ, припадниците на Центарот за специјални операции Алфа при украинската Служба за безбедност за една недела неутрализирале 3.198 руски војници.

Судија ја отфрли тужбата на Трамп против „Волстрит џурнал“ за 10 милијарди долари

Судија ја отфрли тужбата на Трамп против „Волстрит џурнал“ за 10 милијарди долари
Фото: Опсервер

Американскиот судија Дарин Гејлс ја отфрли тужбата што претседателот Доналд Трамп ја поднесе против весникот „Волстрит џурнал“, барајќи 10 милијарди долари отштета поради објавен текст за наводно роденденско писмо до осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Судијата оценил дека аргументите во тужбата се „фаќање за сламки“.

Трамп лани ја тужеше матичната компанија на весникот, „Дау Џонс“, како и нејзиниот сопственик Руперт Мардок, откако „Волстрит џурнал“ објави писмо што, според весникот, Трамп му го напишал на Епстин во 2003 година, како дел од честитката за неговиот роденден. Тоа било пред Епстин да биде обвинет за сексуални злосторства, објави Би-би-си.

Трамп негираше дека го напишал или потпишал писмото, во кое имало сугестивен текст и цртеж со контури на женско тело.

Судијата Гејлс ја отфрли тужбата, оценувајќи дека таа не ги исполнува потребните правни услови и дека е спротивна на заштитата на слободата на печатот што ја гарантира Првиот амандман на американскиот Устав.

Гејлс претходно отфрли и тужба за клевета со која Трамп бараше 20 милијарди долари отштета. Неговиот правен тим потоа поднесе нова тужба, со барање за 10 милијарди долари, која судијата овојпат ја отфрли со конечна важност, што значи дека таа не може повторно да биде поднесена.

Трамп тврдеше дека писмото со неговиот потпис, кое го добил и објавил „Волстрит џурнал“, е лажно и дека обвинетите ја измислиле приказната со цел да го оцрнат.

Според весникот, писмото содржело неколку реда отчукан текст, врамен со рачно нацртана контура на гола жена, исцртана со дебел маркер.

Во наводната роденденска честитка до Епстин имало и хумористична референца за „енигмите што никогаш не стареат“, а писмото завршувало со зборовите: „Пријателот е прекрасно нешто. Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна мистерија“.

Околу 30 навивачи на „Фемили“ нападнале 50 навивачи на „Работнички“, тешко повреден 16-годишник

Околу 30 навивачи на „Фемили“ нападнале 50 навивачи на „Работнички“, тешко повреден 16-годишник
Фото: 360 степени

Осумнаесетгодишен скопјанец бил приведен поради учество во масовната тепачка што се случила пред спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, за време на кошаркарскиот натпревар меѓу екипите на КК „Скопје 2023“ и КК „Работнички“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 31 октомври, а М.М. (18) бил приведен во 23 часот.

Според пријавеното, осомничениот, како член на навивачката група „Фемили Аеродром“, повикувал, поттикнувал и учествувал во тепачката, во која група од околу 30 навивачи на „Фемили“ физички нападнала околу 50 навивачи на КК „Работнички“, кои чекале да влезат на натпреварот.

Во тепачката тешко бил повреден и 16-годишен скопјанец, кој бил пренесен во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му била укажана лекарска помош.

Од СВР Скопје информираат дека преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста, вели Џефри Сакс за македонските евроинтеграции

Мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста, вели Џефри Сакс за македонските евроинтеграции
Фото: Принтскрин

Мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста. Тоа, секако, подразбира интегрирање на вашата земја, на Србија и на останатите земји кандидати во Европската Унија изјави еминентниот професор и аналитичар Џефри Сакс при обраќањето на школата на млади лидери на екс претседателот Ѓорѓе Иванов.

Иван Иванов го запраша: „Во Македонија, многу луѓе сметаат дека во XXI век нашето право на самоопределување е поткопано од билатералните спорови. Го променивме името за да го отвориме патот кон Европската Унија и станавме членка на НАТО, но патот кон ЕУ и понатаму останува блокиран. Што би ја советувале една мала држава како нашата во ваква ситуација и што треба да направи нашето политичко раководство?“

Џефри Сакс: Знаете, мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста. Тоа, секако, подразбира интегрирање на вашата земја, на Србија и на останатите земји кандидати во Европската Унија.

Верувам дека и Украина треба да стане членка на Европската Унија, но како неутрална држава. Не сакам Европа да се претвори во милитаристички простор, а уште помалку сакам да се дефинира како регион кој постои во спротивставеност со Русија. Тоа е огромна грешка, можеби и катастрофална.

Европа треба да биде регион на интеграција и соработка, регион кој заеднички ќе ја спроведува зелената трансформација, ќе гради инфраструктура и ќе обезбедува мир и трговска соработка со Русија, Кина, Индија и останатиот свет.

Се разбира, сакам вашата земја да стане членка на Европската Унија. Јас верувам во Европската Унија, но не во начинот на кој таа функционира во моментов.

Верувам во една реформирана визија за Европската Унија – како светилник на мирот, соработката, зелената економија и високиот квалитет на живот. Тоа е вистинската европска улога. Европа е особено добра во тоа.

Квалитетот на живот во Европа е многу висок и треба да остане таков. Не преку војни и милитаризација, туку преку промовирање на добриот живот, во аристотеловска смисла на зборот.

Зеленски: Трилатерални преговори меѓу Украина, САД и Русија можни од 6 до 10 ноември

Зеленски: Трилатерални преговори меѓу Украина, САД и Русија можни од 6 до 10 ноември
Фото: Опсервер

Трилатералните преговори на техничко ниво меѓу Украина, САД и Русија би можеле да се одржат од 6 до 10 ноември во Абу Даби, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи дека конечниот датум и местото на средбата сè уште не се утврдени.

„Средбата треба да се одржи во Абу Даби, но, како што знаете, има многу различни чувствителни прашања и предизвици на Блискиот Исток. Не знам дали ќе биде точниот датум и дали состанокот ќе се одржи во Абу Даби, но ние ќе го поддржиме“, изјави Зеленски во интервју за американскиот новинар Тони Перкинс, пренесува украинската агенција Укринформ.

Зеленски истакна дека Украина го поддржува предлогот на САД за одржување трилатерални преговори на техничко ниво.

„Пред сè, добро е што ќе имаме можност да ги вклучиме Русите во преговорите. Благодарни сме на американската страна за посредништвото за време на нашиот состанок во Осло. Токму САД предложија средбата да се одржи во ноември“, рече украинскиот претседател.

Украина очекува Вашингтон да го одреди датумот на трипартитните преговори. Зеленски претходно изрази надеж дека средбата би можела да се одржи пред 10 ноември, објави Укринформ.