Прескокни до содржината
Реклама

Комунистичката партија на Кина ќе го засили надзорот врз своите кадри

Комунистичката партија на Кина ќе го засили надзорот врз своите кадри
Фото: Нетпрес

Кинеската Kомунистичка партија ќе го засили надзорот врз своите кадри, внимателно испитувајќи ги нивните средства, социјални контакти и онлајн активности за да се спречи корупција или нелојалност, се вели во документот објавен во неделата.

Документот, исто така, повикува на „подобрување на внатрешната демократија во партијата за подобро дефинирање на овластувањата на функционерите и обезбедување дека различните мислења се дискутираат при донесувањето одлуки“.

Мерките се содржани во одлука на Централниот комитет објавена в неделата, неколку дена по завршувањето на годишната пленарна седница во Пекинг посветена на управувањето и борбата против корупцијата која се забележува во државниот апарат.

Текстот, кој ги утврдува партиските упатства, повикува на подобар надзор врз високите кадри и „спроведување проверки кога нивните семејни средства и трошоци јасно ги надминуваат нивните редовни приходи“.

Исто така, повикува на зголемен надзор врз „економските активности“ на нивните сопружници, деца и сопружници на нивните деца.

Партијата, исто така, ветува дека ќе се бори против корупцијата, што вклучува виртуелни валути, меѓународни финансиски текови и блокчејн, технологија што се користи за трансакции со дигитални средства, меѓу другото.

Документот, исто така, повикува на зајакнување на контролата врз „онлајн активностите на членовите на партијата“. Повикува на спроведување подлабоки истраги за кадрите, особено за да се добие подобар увид во „нивните општествени односи“.

Во однос на управувањето, текстот повикува на „зголемување на квалитетот на внатрешната демократија во партијата“.

Партиските функционери на чело на секоја институција мораат „внимателно да ги слушаат различните мислења, правилно да се однесуваат кон малцинските мислења и да ја избегнуваат практиката на монополизирање на дискусијата и донесувањето одлуки, како и на патронажните односи“, се нагласува во документот.

„Тие не можат самостојно да одлучуваат за тоа што треба да се дискутира колективно, ниту да ја наметнуваат својата лична волја наместо колективната одлука на раководните тимови“, се забележува во документот.

Ова го потврдува принципот на „колективно лидерство“, според кој важните прашања мора да се одлучуваат колективно, а не со одлука на поединечен функционер.

Според бројни аналитичари, претседателот Кси Џинпинг владее со многу поиндивидуален стил откако дојде на власт кон крајот на 2012 година. Сепак, нема индиции дека одредбите од новиот документ се насочени против неговиот начин на управување, забележуваат аналитичарите за AFP.

Алкараз го освои трофејот во Виена

Алкараз го освои трофејот во Виена
Фото: Нетпрес

Карлос Алкараз, 23-годишниот шпански тенисер, го освои турнирот во сала АТП 500 во Виена по финалната победа против Австралиецот Алекс де Минор со 6-1, 6-4.

Алкараз со тоа ја освои 28-та АТП титула во кариерата, а четвртата оваа година. Претходно славеше на Отвореното првенство на Австралија во 2026 година, а потоа во Доха и Токио.

Де Минор остана на 11 победи на АТП турнирите, а ова беше 12-ти пораз во финалиња за 27-годишникот од Австралија. воедно продолжи и серијата порази на Де Минор во дуелите против Алкараз, кој сега води со максималните 7-0.

Во финалниот натпревар, Алкараз го доби првиот сет со 6-1 за 36 минути, со три брејка. Во вториот дел, Де Минор, и покрај многуте проблеми, успеа да ги добие своите сервис гемови до 4-5 и одигра многу подобро отколку во првиот сет. Сепак, тоа беше премалку за Алкараз, кој направи брејк во последниот гем од натпреварот и ја прослави вкупната победа во Виена.

Горига: Да играш за Македонија е голема одговорност!

Горига: Да играш за Македонија е голема одговорност!
Фото: РФМ

Дмитро Горига веќе е дел од македонската ракометна репрезентација и денес првпат ја облече опремата на нашиот национален тим и се појави на својата прва прозивка како репрезентативец на Македонија.

„Прв повик за селекцијата на Македонија. Ова е голема одговорност. Сакам да покажам колку сум спремен и да му помогнам на овој тим. Немаме многу време за подготовки, но јас ќе го дадам својот максимум на секој натпревар.

Голема благодарност за сите македонски навивачи. Вардар е причината што јас ќе заиграм за Македонија, поддршката од македонските фанови ја забележувам и сега.

Сакам да играм за Македонија и ќе доаѓам секогаш кога ќе бидам повикан. Знам дека ќе чувствувам притисок, но ќе се справам со него. Има огромна разлика од ракометот и атмосферата во Македонија отколку во Украина“, рече новиот бек на Македонија, кој на крај откри дека ја учи македонската химна!

На 41. издание на „Макфест“ 27 нови песни и настапи на македонски музички ѕвезди

На 41. издание на „Макфест“ 27 нови песни и настапи на македонски музички ѕвезди
Фото: Нетпрес

Со две фестивалски вечери, 27 нови композиции и средба на повеќе генерации македонски музичари, Штип го заокружи 41. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Овогодишната програма донесе спој на нови авторски остварувања, добро познати естрадни имиња и песни што потсетуваат на богатото музичко наследство на фестивалот, кој повеќе од четири децении е еден од најзначајните настани во македонската забавна музика.

Финалната вечер понуди 18 композиции, од кои шест беа избрани на првата фестивалска вечер, додека останатите 12 беа нови музички премиери. Во продолжението на натпреварувачката програма настапија „Арте-Факт“, Тамара Грујеска, Елена Наумова, Теа Златева, Анастасија Спасевска и Драгана Јовановска, кои со своите композиции повторно застанаа пред публиката.

Посебна димензија на втората вечер ѝ даде присуството на афирмирани македонски музичари, од кои дел по подолга пауза повторно се вратија на сцената на „Макфест“. Агни Авшар, Наташа Малинкова, Марија Данева, Викторија Лоба, Јован Јованов и Тони Зен, Теа Трајковска, Марија Спасовска, Ристо Самарџиев, Елвир Мекиќ, Врчак и Симона Поповска, Огнен Здравковски и Давид Темелков беа дел од музичката програма, носејќи различни интерпретации, стилови и генерациски искуства.

Меѓу впечатливите моменти на вечерта беше и нејзиното отворање, со потсетување на еден од препознатливите макфестовски хитови – „Ти ме сакаш знам“, на Јован Јованов и Маја Саздановска. Водителите Димитар Атанасовски и Марјана Станојковска ја отпеаја песната, додека Атанасовски ја збогати изведбата со придружба на виолина, создавајќи убаво музичко потсетување на фестивалските хитови што продолжуваат да живеат низ годините.

На сцената се случи и уште една интересна музичка средба – Јован Јованов и Тони Зен се претставија со новата композиција „Уште ми требаш“, со што ја продолжија приказната на некогашниот хит „Итно ми требаш“.

Во текот на вечерта, на сцената се обрати и Слаткаристика, кој сподели дел од своето лично искуство со пелтечењето, охрабрувајќи ги сите што се соочуваат со овој предизвик да продолжат да сонуваат и да работат на остварување на своите цели. Тој упати и порака за поголемо разбирање и прифаќање, потсетувајќи дека лицата што пелтечат имаат многу што да кажат и заслужуваат да бидат слушнати.

Во рамките на овогодишното издание беше доделено и признанието за најслушана песна во периодот меѓу двата фестивала, кое ѝ припадна на Лара Иванова за хитот „Доминантен“. За младата пејачка, ова признание има дополнителна симболика, бидејќи токму на макфестовската сцена во 2019 година го имаше својот прв фестивалски настап. Со наградата уште еднаш се потврди и присуството на македонската музика во секојдневното слушателско искуство.

41. издание на фестивалот започна со вечер посветена на новите музички имиња, на која 15 изведувачи и музички состави ги претставија своите авторски композиции. Настапија Анастасија Спасевска, Драгана Јовановска, Девана, Kaly и Гоки, Санела Шукриевска, Ненад Вржалски, „Три пати на ден“, Дорис Ди, „Арте-Факт“, Ана Цамбулева, Доно, Тамара Грујеска, Теа Златева, Марија Наумоска и Елена Наумова.

Ревијалниот дел од првата вечер го одбележа Антониа Гиговска, која во поинакво, интимно музичко издание интерпретираше дел од своите песни и познати макфестовски хитови. Посебен емотивен момент беше и музичкиот омаж посветен на Владо Јаневски, со кој беше оддадена почит на авторот и изведувач чии песни се вградени во македонската забавна музика.

Со ова издание, „Макфест“ уште еднаш ја потврди својата улога како платформа што ги поврзува афирмираните музичари со новите автори и изведувачи. Двете вечери понудија вкупно 27 нови композиции, што е значаен придонес кон домашната музичка продукција и можност за создавање нови песни што допрва ќе го бараат својот пат до слушателите.

По 41 издание, вредноста на „Макфест“ не се мери само преку песните што низ годините станале евергрини, туку и преку континуитетот во создавањето нова музика и отворањето простор за генерации што доаѓаат.

МВР поднесе кривична пријава за насилството пред „Јане Сандански“, приведени се тројца

МВР поднесе кривична пријава за насилството пред „Јане Сандански“, приведени се тројца
Фото: Опсервер

СВР Скопје поднесе кривична пријава за насилство против П.А., во врска со вчерашниот инцидент пред спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, кога група од околу 30 припадници на навивачката група „Фемили“ физички нападнале околу 50 навивачи на КК „Работнички“. Во нападот, 16-годишно момче од Скопје се здобило со тешки телесни повреди.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, навивачите на „Работнички“ чекале да влезат на спортскиот натпревар кога биле нападнати.

П.А. е лишен од слобода, а по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, против него е поднесена кривична пријава по брза постапка, за кривично дело „насилство“ од член 386, ставови 4 и 6 од Кривичниот законик.

Во врска со инцидентот, полициски службеници ги привеле и М.М. (18) и Д.П. (18), двајцата од Скопје.

Од СВР Скопје информираат дека продолжува повикувањето на лица за кои ќе се утврди дека учествувале во насилството, по што против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Од МВР апелираат до навивачките групи на фер и спортско однесување, нагласувајќи дека полицијата нема да толерира насилство.

Шкендија Арачиново и Тиквеш ремизираа на денешниот меч

Шкендија Арачиново и Тиквеш ремизираа на денешниот меч
Фото: Нетпрес

Шкендија Арачиново и Тиквеш ги поделија бодовите играјќи 1-1 на тешкиот терен на Чаир.

Домаќините успеаја брзо да го отворат резултатот кога искусниот Марко Симоновски погоди во шестата минута за водство од 1-0.

Примениот гол го разбуди тимот од Кавадарци кој ја презеде иницијативата, па преку Лавал и Висдом Окере создаде неколку сериозни закани, но мрежата на Шкендија остана мирува до крајот на првиот дел.

По голема грешка на Керим во домашната одбрана, топката дојде до нововлезениот Лусианињо кој од непосредна близина ја смести во мрежата за израмнување на 1-1.

Во финишот од натпреварот Сила пропушти прилика за целосен пресврт, додека Шкендија успеа да го одбие налетот и да го сочува бодот до крајниот судиски свиреж.

Лазаров: Луксембург не е наивен противник и очекувам да бидеме на висина на задачата

Лазаров: Луксембург не е наивен противник и очекувам да бидеме на висина на задачата
Фото: МКД.мк

Селекторот на ракометната репрезентација на Кирил Лазаров, го најави почетокот на квалификациите за Европското првенство во 2028 година, каде прв противник ќе биде селекцијата на Луксембург.

„Мислам дека веќе имаме големо искуство зад себе. Очекувам да бидеме на висина на задачата, но ќе барам внимателност од момчињата, затоа што Луксембург не е наивна екипа, а од неодамна има и селектор со огромно искуство.

Немаме многу видео-материјали од играта на противинкот, но знаеме дека поседува квалитет и нема да се залажуваме пред почетокот на мечот.

Максимално ќе го искористиме краткиот период за подготовка и очекувам да бидеме прецизни и фокусирани во работата. Особен акцент ќе ставиме на техничко-тактичките замисли, па очекувам да излеземе подготвени на теренот, со голема желба за победа.

Имаме и нов играч во ростерот, тоа е Дмитро Горига. За него кажав и на прес-конференцијата дека се работи за квалитетен ракометар, кој изрази желба да игра за Македонија.

Играше за Вардар, нашата јавност го знае многу добро. Сега е член на ПИК Сегед каде очекувам уште повеќе да напредува. Со него добиваме поширока ротација и конкуренција во составот, па се надевам дека ќе ни биде од корист во мечевите што следат“, изјави Лазаров.

Високата инфлација на светско ниво ќе продолжи и следната година

Високата инфлација на светско ниво ќе продолжи и следната година
Фото: Нетпрес

Високата инфлација во светската економија ќе продолжи следната година, покажа анкета на Reuters спроведена меѓу стотици економисти објавена минататс седмица, со растечка загриженост дека ценовните притисоци ќе се зголемат над зголемените трошоци за енергијата предизвикани од конфликтот на Блискиот исток.

Инвестициите во технологијата за вештачка интелигенција ширум светот, кои надминаа трилион долари од минатата година, ги направија некои економии поотпорни во време кога притисоците врз трошоците за живот ги оптоваруваат домаќинствата и ги обликуваат националните политики.

Повеќето централни банки ги зголемија каматните стапки само неколкупати или воопшто не го сторија тоа, но би можеле да следат повеќе зголемувања доколку инфлаторните притисоци во економијата се прошират на други сектори на економијата. Глобалниот колапс на пазарите на обврзници последните месеци, исто така, ги заостри финансиските услови преку повисоки приноси.

Цените на суровата нафта, кои се движеа над 100 долари за барел од 7-ми октомври, достигнаа шестмесечно рекордно ниво од над 117 долари за референтната марка Brent минатата седмица и се зголемија за повеќе од 60 отсто од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на крајот од февруари.

Дури и аналитичарите кои не очекуваа брз крај на војната сега изразуваат поголема загриженост за можноста за обновена инфлација, особено со оглед на отпорноста на растот на светската економија.

Повеќе од 500 економисти анкетирани од Reuters низ целиот свет овој месец ги зголемија своите прогнози за инфлација за 2027 година за 31 од 50-те економии опфатени со истражувањето, како и нивните прогнози за економски раст за 23 од нив.

„Повторно почнувам многу повеќе да се грижам за инфлацијата. Колку подолго ситуацијата на Блискиот исток продолжува да се развива и ескалира, и колку стануваат посилни целокупните притисоци врз цените, толку е поголема веројатноста да видиме не само повисока инфлација, туку и поупорна инфлација“, вели Џанет Хенри, главен економист за глобални прашања во HSBC.

Економистите ги зголемија своите прогнози за инфлацијата за 2027 година за 15 од 21 анкетирани развиени економии. Тоа сугерира дека загриженоста за инфлацијата се шири и влијае на економиите кои обично доживуваат низок ценовен притисок.

Генерално, прогнозите за средната инфлација за 2027 година се зголемија за 0,7 отсотни поени во последните три квартални анкети за Велика Британија, за 0,5 отстотни поени за еврозоната и за само 0,2 отстотни поени досега за САД. Се зголемија за 0,4 отстотни поени за Индија и 0,5 отстотни поени за Бразил.

Влијанието на зголемувањето на цените врз буџетите на домаќинствата е централно за политичките кампањи низ целиот свет. Истражувањата на јавното мнение покажуваат дека гласачите се загрижени за овие прашања пред среднорочните избори во САД на 3-ти ноември, а кампањата за претседателските избори во Бразил, која го донесе актуелниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва до четвртиот мандат, исто така беше водена од прашања поврзани со зголемувањето на трошоците за живот.

За разлика од двете претходни анкети во април и јули, кои скицираа сценарио на слаб раст и висока инфлација, најновите проекции укажуваат на сценарио во кое ценовните притисоци се придружени со посилни економски перформанси.

Економистите ги зголемија своите прогнози за глобалниот раст и за оваа и за следната година на 3,0 и 3,2 отсто, соодветно, од 2,9 и 3,1 отсто во јулското истражување, иако прогнозата за 2027 година е пониска од стапката на раст од 3,4 отсто проектирана од Меѓународниот монетарен фонд.

Драмата меѓу книгата и сцената: Заврши јубилејната асемблеја на „Еуродрам“

Драмата меѓу книгата и сцената: Заврши јубилејната асемблеја на „Еуродрам“
Фото: МКД.мк

Асемблејата се одржа од 27 до 31 октомври, со настани во Театар Комедија, Европска куќа – Скопје, „Лабораториум“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. На неа учествуваа 60 меѓународни гости од 28 земји: драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи, театарски уметници, истражувачи и други професионалци.

На последниот работен ден на Асемблејата, на 31 октомври (сабота), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ се одржа панелот „Зошто да се објавуваат драми?“, модериран од Бисера Бендевска. Во дискусијата учествуваа Доминик Долмие од издавачката куќа „Само за миг“ („L’Espace d’un instant“) – Париз, Бранка Бугариска од „Арс Ламина“ – Скопје и Несторас Пулакос од „Вакхикон“ – Атина.

Драмата живее и како книжевен текст и како сценска изведба, но нејзините печатени изданија често добиваат помалку внимание од прозата и поезијата. Кој денес купува и чита драми и како да се прошири нивната читателска публика беа меѓу клучните прашања на панелот.

Според Доминик Долмие од издавачката куќа „Само за миг“ – Париз, постојат два основни проблема во издавањето драмски текстови. Првиот го лоцираше во образованието и во распространетото мислење дека читањето драми е сложено, а вториот во политичките и економските прилики во Франција. Тој објасни дека често се објавуваат книги со лесни содржини што брзо се читаат, поддржани од маркетиншки систем што овозможува голема продажба и брза заработка, во согласност со принципите на капиталистичкото општество. Книгите со драмски текстови, според него, остануваат надвор од тој систем, а театарот претставува форма на отпор кон неговата логика.

Претставничката на „Арс Ламина“ – Скопје, Бранка Бугариска, посочи дека најголем дел од купувачите на книги со драмски текстови се театарски професионалци и студенти. Таа истакна дека тоа треба да се промени, бидејќи читањето драми нуди посебно читателско искуство, исто како читањето поезија или проза. Во таа смисла, додаде дека издавачите треба да развијат пристапи што ќе овозможат создавање нова публика за драмските текстови.

Издавачот Несторас Пулакос од „Вакхикон“ – Атина зборуваше за комерцијалниот аспект на објавувањето драми. Тој истакна дека објавувањето на драмскиот текст често го поврзува со неговата сценска изведба, со што на гледачите им се нуди можност да го купат и прочитаат делото што го виделе на сцена. Притоа нагласи дека културната вредност останува во основата на објавувањето драмски текстови, исто како и кај прозата и поезијата.

Учесниците на панел-дискусијата зборуваа и за сложениот процес на избор и превод на драмите, како и за потрагата по финансиски средства за нивното објавување. Иако условите се разликуваат од држава до држава, издавачите се соочуваат со слични проблеми. Во таа смисла, беше истакната улогата на „Еуродрам“ во изборот, преводот и поширокото претставување на драмските текстови.

Панелот беше организиран во партнерство со Европската федерација на театарски издавачи. За време на дискусијата, на видеобим беа прикажувани кориците на драмски изданија објавени на различни јазици.

За значењето на оваа размена зборуваше и Иван Додовски, претседател на „Еуродрам“:

„На повикот на ‘Еуродрам’ оваа година пристигнаа 1.820 драмски текстови од различни јазични средини. Човек тешко би можел да следи толку обемна продукција од цела Европа, и тоа секоја година. Токму затоа е драгоцен изборот на ‘Еуродрам’: колегите од секој јазичен комитет го вложуваат своето знаење и време за да издвојат по три дела што заслужуваат пошироко внимание. Зад секој избор стојат часови внимателно читање, разговори и одмерување на уметничките вредности. Избраните дела потоа им ги препорачуваат на преведувачи, издавачи и театри низ Европа. За средина како нашата, оваа размена е особено драгоцена: им отвора пат на македонските автори кон странската публика, а нам ни овозможува да откриваме нови драмски гласови и да го збогатуваме домашниот репертоар“, истакна Додовски.

Истиот ден во Театар Комедија се одржа и настанот „Кутија – еден на еден“, кој понуди можност да се слушнат извадоци од драми на различни јазици, прочитани од членови на „Еуродрам“. Во оваа игра посетителите влечеа бројчиња и одеа до нумерираните позиции, каде што член на мрежата ги пречекуваше и им читаше извадок од драмски текст избран за превод од некој од јазичните комитети на „Еуродрам“.

На крајот од работниот сегмент на Асемблејата, Иван Додовски им врачи благодарници на членовите на тимот што учествуваа во успешната реализација на петдневниот настан.

Во вечерниот термин беше изведена претставата „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и продукција на Театар Комедија.

Покрај работните средби, програмата на Генералната асемблеја содржеше две панел-дискусии, две сценски читања на избрани драмски текстови, преведувачка работилница, промоции на две книги и на новите изданија „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ и „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, настанот „Кутија – еден на еден“, како и изведби на шест претстави во продукција на Театар Комедија, Драмски театар и Турски театар – Скопје. Програмата беше реализирана во целост, а гостите и организаторите изразија задоволство од средбите и размената во Скопје.

Седмицата на „Еуродрам“ и Генералната асемблеја беа реализирани со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите. Домаќини на Асемблејата беа Театар Комедија и Македонскиот комитет на „Еуродрам“.

Мицкоски во Германија: Дијаспората е нераскинлив дел од татковината

Мицкоски во Германија: Дијаспората е нераскинлив дел од татковината
Фото: МКД.мк

Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината, порача премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Третата конференција на задграничните комитети на партијата, што се одржа во Солинген, Германија.

На конференцијата присуствувале и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски, информираат од партијата.

Во обраќањето пред делегатите, Мицкоски ги презентирал состојбите во државата, економските показатели, за кои оценил дека укажуваат на раст, инфраструктурните проекти, како и мерките за справување со предизвиците во енергетиката предизвикани од глобалните случувања.

Говорејќи за меѓународната позиција на државата, тој истакнал дека Македонија станала држава за почит, која ги брани своите ставови со аргументи, јасни пораки и стратегија.

Актуелната положба на државата, според Мицкоски, е последица на грешките од минатото, кои ги оцени како „тешки како планини“.

Тој нагласил и дека ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема поддршка кај граѓаните, со предност поголема од поддршката на сите други политички актери заедно.

На конференцијата биле отворени и прашања за унапредување на комуникацијата меѓу македонската дијаспора и татковината, како и за можностите за инвестирање и враќање во Македонија.

Мицкоски од вчера престојува во работна посета на покраината Северна Рајна-Вестфалија во Германија. Според најавите од владината прес-служба, во рамки на посетата се предвидени средби на високо политичко ниво, како и разговори со претставници на компании, институции и деловната заедница.

Предвидено е премиерот да присуствува и на првиот самит „Посилни заедно – отпорноста како императив за целото општество“, каде што ќе учествува на панел-дискусијата „Од глобални промени до регионални реалности“.