
Инвестициите во технологијата за вештачка интелигенција ширум светот, кои надминаа трилион долари од минатата година, ги направија некои економии поотпорни во време кога притисоците врз трошоците за живот ги оптоваруваат домаќинствата и ги обликуваат националните политики.
Повеќето централни банки ги зголемија каматните стапки само неколкупати или воопшто не го сторија тоа, но би можеле да следат повеќе зголемувања доколку инфлаторните притисоци во економијата се прошират на други сектори на економијата. Глобалниот колапс на пазарите на обврзници последните месеци, исто така, ги заостри финансиските услови преку повисоки приноси.
Цените на суровата нафта, кои се движеа над 100 долари за барел од 7-ми октомври, достигнаа шестмесечно рекордно ниво од над 117 долари за референтната марка Brent минатата седмица и се зголемија за повеќе од 60 отсто од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на крајот од февруари.
Дури и аналитичарите кои не очекуваа брз крај на војната сега изразуваат поголема загриженост за можноста за обновена инфлација, особено со оглед на отпорноста на растот на светската економија.
Повеќе од 500 економисти анкетирани од Reuters низ целиот свет овој месец ги зголемија своите прогнози за инфлација за 2027 година за 31 од 50-те економии опфатени со истражувањето, како и нивните прогнози за економски раст за 23 од нив.
„Повторно почнувам многу повеќе да се грижам за инфлацијата. Колку подолго ситуацијата на Блискиот исток продолжува да се развива и ескалира, и колку стануваат посилни целокупните притисоци врз цените, толку е поголема веројатноста да видиме не само повисока инфлација, туку и поупорна инфлација“, вели Џанет Хенри, главен економист за глобални прашања во HSBC.
Економистите ги зголемија своите прогнози за инфлацијата за 2027 година за 15 од 21 анкетирани развиени економии. Тоа сугерира дека загриженоста за инфлацијата се шири и влијае на економиите кои обично доживуваат низок ценовен притисок.
Генерално, прогнозите за средната инфлација за 2027 година се зголемија за 0,7 отсотни поени во последните три квартални анкети за Велика Британија, за 0,5 отстотни поени за еврозоната и за само 0,2 отстотни поени досега за САД. Се зголемија за 0,4 отстотни поени за Индија и 0,5 отстотни поени за Бразил.
Влијанието на зголемувањето на цените врз буџетите на домаќинствата е централно за политичките кампањи низ целиот свет. Истражувањата на јавното мнение покажуваат дека гласачите се загрижени за овие прашања пред среднорочните избори во САД на 3-ти ноември, а кампањата за претседателските избори во Бразил, која го донесе актуелниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва до четвртиот мандат, исто така беше водена од прашања поврзани со зголемувањето на трошоците за живот.
За разлика од двете претходни анкети во април и јули, кои скицираа сценарио на слаб раст и висока инфлација, најновите проекции укажуваат на сценарио во кое ценовните притисоци се придружени со посилни економски перформанси.
Економистите ги зголемија своите прогнози за глобалниот раст и за оваа и за следната година на 3,0 и 3,2 отсто, соодветно, од 2,9 и 3,1 отсто во јулското истражување, иако прогнозата за 2027 година е пониска од стапката на раст од 3,4 отсто проектирана од Меѓународниот монетарен фонд.



