Љупчо Пренџов избран за заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Љупчо Пренџов е избран за заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на седницата на Извршниот комитет одржана на 12 ноември.

24
Љупчо Пренџов избран за заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги информирал сопартијците за средбата со раководството на Влен, на која биле отворени прашања за функционирањето на коалицијата, енергетските состојби и кадровските решенија.

На средбата со претставниците на владејачкиот партнер од албанскиот политички блок биле дискутирани принципите на коалицијата и предизвиците во енергетиката. Разговорите за кадровските решенија, според Мицкоски, ќе продолжат во наредниот период.

Реклама

Блерим Сејдиу од Влен на 12 ноември најавил дека ќе одржат редовна средба со премиерот, како дел од состаноците што се одржуваат на секои две недели и на кои се разговара за актуелни прашања.

Членовите на Извршниот комитет разговарале и за случајот со Алта банка. Според донесените заклучоци, опозицијата дејствува во насока на рушење на банката и оштетување на граѓаните, додека институциите работат на изнаоѓање решение.

Пренџов по изборот му се заблагодарил на претседателот Христијан Мицкоски и на членовите на Извршниот комитет за поддршката.

„Му благодарам на претседателот Христијан Мицкоски за укажаната доверба, како и на членовите на Извршниот Комитет за поддршката. Ова за мене претставува ново поглавје во политичкиот ангажман, кое го започнувам со јасна определба – довербата да ја оправдам со личен ангажман, доследност и конкретна работа. Продолжуваме со јасна цел, заедничка посветеност и одговорност кон партијата и кон Македонија. Довербата е обврска. Одговорноста е да се оправда со работа и резултати“, напишал Пренџов.

На седницата била донесена и одлука за теренска агенда на координаторите од Извршниот комитет, кои во наредниот период ќе ги посетуваат општинските и месните комитети на партијата.