Од понеделник ќе работи и експозитурата на „АЛТА банка“ во Прилеп

Експозитурата на „АЛТА банка“ во Прилеп ќе започне со работа на 16 ноември, соопшти Народната банка. Клиентите со платежна сметка, но без платежна картичка, ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели.

8
Од понеделник ќе работи и експозитурата на „АЛТА банка“ во Прилеп (Опсервер)
Фото: Опсервер

Во експозитурата во Прилеп, клиентите со платежна сметка без платежна картичка ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит.

Продолжуваат да работат и филијалите на „АЛТА банка“ во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Таму клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Реклама

Клиентите од 10 ноември можат да ги користат електронското и мобилното банкарство. Лимитот е до 15.000 денари неделно за клиентите со платежна картичка и до 20.000 денари во период од две недели за оние без картичка.

Лимитите важат збирно за сите сметки на клиентот во Банката и ги опфаќаат плаќањата со картички во продавници и преку интернет, подигнувањето готовина од банкомати и на шалтер, како и плаќањата преку електронско и мобилно банкарство.

Физичките лица можат без ограничување на износот да располагаат со нови приливи на сметките во „АЛТА банка“ доколку средствата доаѓаат од платежни сметки во други банки и даватели на платежни услуги.

На компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку сметки во Банката им е овозможено да ги исплатат платите, заедно со соодветните даноци и придонеси. Народната банка соопшти дека продолжува да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ и да презема активности за полесен пристап до средствата и непречено извршување на платежните услуги.