
На почетокот на настанот пред публиката се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска. Амбасадорот ја нагласи важноста на културната соработка за негувањето на пријателските односи меѓу двете земји.
Ѓурчевски истакна дека културните настани и претставувањето на уметничките достигнувања отвораат можности за меѓусебно запознавање, размена и афирмација на културните вредности на Македонија и Хрватска.
Изложбата „Флуктуација“ ја истражува линијата како основен визуелен елемент, но и како носител на енергија, движење и емоција. Преку експериментирање со ритамот, текстурата, контрастот и слоевитоста, Филип Перески создава композиции што ја надминуваат статичноста на површината и му оставаат простор на гледачот за сопствено доживување и интерпретација.
„Изложбата е уште едно претставување на современата македонска ликовна сцена пред хрватската публика и потврда на заложбите на македонскиот КИЦ за промоција на актуелните уметнички идеи и творечки истражувања“, истакна Мими Ѓоргоска Илиевска.
На концертот „Звучен пат“ настапија виолинистот Симеон Гошев и пијанистката Анастасија Гичевска. Програмата опфати дела од César Franck, Henryk Wieniawski и македонскиот композитор Томислав Зографски, со што беа претставени различни стилски изрази и уметнички традиции.
Настанот е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб и се реализираше со поддршка на Министерството за култура и туризам. КИЦ преку изложби, концерти, книжевни, филмски и други културни програми создава можности за присуство на македонските уметници пред хрватската публика, како и за воспоставување професионални контакти, културни партнерства и меѓународна соработка.







