
Изјавата ја даде на седница на Хрватскиот сабор, одговарајќи на прашање на пратеникот од ХДЗ, Андро Крстуловиќ Опара, за отворените прашања меѓу двете земји. Крстуловиќ Опара предупреди на ставовите на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за спомен-плочата во Морињ и договорот за границата, оценувајќи дека не придонесуваат за брзо решавање на споровите.
Пленковиќ рече дека до Црна Гора е доставен предлог-договор за копнената граница и дека принципите на Бадинтеровата комисија за разграничување треба да бидат прифатливи за Подгорица.
„Ако тоа не ѝ одговара на Црна Гора, тогаш испраќа порака дека не може да го прифати принципот на Бадинтеровата комисија и дека не верува во принципот според кој републичките граници се истовремено и граници меѓу државите настанати по распадот на поранешна СФРЈ“, рече Пленковиќ.
Според него, таквиот став би бил сериозен проблем за европскиот пат на Црна Гора. „Во таков случај, Црна Гора нема да ги затвори пристапните преговори како што планира“, порача хрватскиот премиер.
Хрватска претходно инсистираше да се решат сите отворени прашања со Црна Гора пред да го поддржи нејзиното членство во ЕУ. Подгорица на 20 октомври одлучи да го промени името на базенот во Котор, кој го носеше името на Зоран Гопчевиќ, поранешен чувар во логорот Морињ, а потоа одобри поставување спомен-плоча на местото на некогашниот логор.
Загреб и натаму инсистира на решавање на преостанатите спорни прашања, меѓу кои е и разграничувањето.



