Бајден го нарече Путин „луд кучкин син“, Кремљ му врати дека е „вистински срам за Америка“

Американскиот претседател Џо Бајден го нарече рускиот претседател Владимир Путин „луд кучкин син“ во синоќешниот говор на собирање средства за неговата кампања.

Бајден зборуваше за климатските промени кога вклучи критики за Путин.

„Имаме луди кучкини синови како Путин и другите, и постојано мораме да се грижиме за нуклеарен конфликт, додека егзистенцијална закана за човештвото е климата“, рече Бајден во обраќањето до донаторите во приватен дом во Сан Франциско, како дел од тридневното собирање средства за кампањата за претседателските избори во ноември, кога ќе се кандидира за втор мандат.

Џо Бајден, со своите изјави против рускиот претседател Владимир Путин, ги поткопува САД, реагираше денеска Кремљ, со оценка дека последната изјава на Бајден е лош обид да глуми „холивудски каубој“.

„Употребата на таков јазик од страна на американскиот претседател против друг шеф на држава тешко дека ќе му наштети на нашиот претседател. Но, таквиот говор го деградира оној што го користи. Бајден се обиде да глуми холивудски каубој, но, искрено кажано, не мислам дека тоа е можно“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Дали Путин некогаш изговорил барем еден груб збор во своето обраќање? Тоа никогаш не се случило. Ваквиот речник само ја поткопува Америка“, додаде Песков и порача дека зборовите на Бајден се „вистински срам за САД“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи – Марија Захарова, пак, денсака изјави дека следниот пат кога Бајден ќе ја употреби фразата „луд кучкин син“, треба да се потсети дека Американците таа фраза ја поврзуваат со неговиот син, Хантер Бајден.

- Реклама -