Голем штрајк во Грција, откажани летови и траекти и измени во превозот

Патничкиот сообраќај во Грција на 25 ноември е отежнат поради 24-часовен синдикален штрајк во кој учествуваат вработени во јавниот сектор, поморци, наставници и дел од аеродромскиот персонал. Откажани се одделни домашни летови и траектни линии, а има измени и во јавниот превоз.

0
Голем штрајк во Грција, откажани летови и траекти и измени во превозот (МКД.МК)
Фото: МКД.МК

Метро-линиите 2 и 3, електричниот воз и трамваите во Атина ќе сообраќаат од 9 до 18 часот, а приградскиот воз ќе биде во функција од 9 до 20 часот. Автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат редовно, но се очекува поголем број патници во периодите кога ќе има јавен превоз.

Штрајкот го погодува и поморскиот сообраќај. Синдикатите на поморците најавија прекин на работата на различни категории бродови, што може да доведе до откажувања и измени на траектните линии.

Реклама

Синдикатите ПЕМЕН и „Стефенсон“ најавија национален штрајк од полноќ до 24 часот, додека ПЕНЕН прогласи прекин на работата во пристаништата во Атика и на бродовите што ги поврзуваат Патрас и Игуменица со Јадранското Море. Бидејќи Панхеленската федерација на поморци не донесе единствена одлука за штрајк, на патниците им се советува пред поаѓањето да го проверат статусот на траектните линии.

Не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот, но авиокомпаниите „Аегеан“ и „Скај експрес“ откажаа одделни домашни летови поради учеството на вработените на регионалните аеродроми во штрајкот.

Летови нема да има на аеродромите на Астипалеја, Икарија, Калимнос, Карпатос, Касос, Кастелоризо, Касторија, Козани, Китира, Лерос, Милос, Наксос, Парос, Ситија и Сирос. На тие аеродроми ќе бидат дозволени само посебни летови, меѓу кои летови на државни функционери, воени и хуманитарни летови, како и летови за медицинска евакуација, потрага и спасување.

На патниците им се советува информациите за летовите да ги проверат кај авиокомпаниите и на аеродромите.

Реклама

Во штрајкот се приклучија и наставниците. Федерацијата на вработени во средното образование (ОЛМЕ) ги повика вработените во средните училишта и гимназиите да ја прекинат работата, а од бројот на наставниците што ќе штрајкуваат ќе зависи дали ќе се одржи наставата.

Потешкотии се очекуваат и во работата на јавните служби, даночните управи, фондовите за социјално осигурување и општините.

Меѓу главните барања на синдикатите се зголемување на платите, мерки за ублажување на последиците од високите трошоци за живот и домување, зајакнување на јавните служби, склучување колективни договори и враќање на 13. и 14. плата за вработените во јавниот сектор.

Синдикатот АДЕДИ закажа протест во 10:30 часот на плоштадот Клафмонус во Атина, а ПАМЕ ќе се собере во Пропилеја. Собирот на синдикатот на работниците е закажан за 11 часот во областа Омонија. Протести се најавени и во Солун и во други поголеми градови во Грција.