Шестмина загинаа во пад на авион кај Мисисипи, меѓу нив и две деца

Шест лица загинаа откако мал авион се урна во Мексиканскиот Залив, меѓу Паскагула и островот Хорн кај американската сојузна држава Мисисипи, на 24 ноември 2026 година.

0
Шестмина загинаа во пад на авион кај Мисисипи, меѓу нив и две деца (МКД.МК)
Фото: МКД.МК

Станува збор за авион од типот „Цесна 210“ со еден мотор, кој летал од Њу Орлеанс кон Форт Мајерс, Флорида. Во леталото имало четворица возрасни и две момчиња на возраст од осум и десет години.

Контролата на летање го изгубила контактот со авионот околу 15:45 часот по локално време. Според податоците на Крајбрежната стража на САД, пред губењето на контактот авионот губел височина со брзина од околу 10.000 стапки, односно приближно 3.000 метри во минута.

Реклама

Спасувачките екипи со часови трагале по патниците, а на површината на водата најпрво ги пронашле кабината на авионот, сплав и три елеци за спасување. Во операцијата учествувале Крајбрежната стража, властите на Мисисипи и локалните служби за итни случаи.

Нуркачите ги пронашле телата во трупот на авионот, изјави портпаролот на Крајбрежната стража, Хуан Рос.

„Иако ова не е исходот на кој се надевавме, благодарни сме за добрата координација меѓу надлежните служби. Таа ни овозможи брзо да ги пронајдеме лицата во авионот и на нивните семејства да им дадеме одговори“, изјави Тревор Блаунт, координатор на спасувачката операција на Крајбрежната стража.

Причината за несреќата ја истражуваат Федералната управа за авијација на САД (FAA) и Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB).