Прескокни до содржината
Реклама

Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 30 октомври 2026 е 306,05 евра за мегават час, на МЕМО 324,86 евра за мегават час

Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 30 октомври 2026 е 306,05 евра за мегават час, на МЕМО 324,86 евра за мегават час
Фото: Нетпрес

Согласно податоците за движењето на цените на берзата HUPX во Унгарија за 30 октомври 2026 просечната часовна цена на еден мегават час електрична енергија (baseload) изнесува 306,05 евра/mwh, додека на MEMO цената е 324,86 евра/mwh.

Цената на електричната енергија во текот на дневните часови (9:00 – 15:00) (Power solar peak) на HUPX постигна ниво од 293,58 евра за мегават час, а на MEMO 308,57 евра.

Цена на Storage MAX, индекс кој ја покажува разликата помеѓу часовните берзански цени помеѓу 12 и 14 часот наспроти часовните берзански цени во периодот помеѓу 18 и 20 часот, изнесува 145,02 евра за мегават час.

Цената на природниот гас пак на унгарската берза CEEGEX изнесува 92,12 евра, додека цената според индексот на холандската берза, TTF Dutch е 99,70 евра.

Информациите за движењето на цената на електрична енергија и на природниот гас може да помогнат во попрецизно планирање на буџетите за потрошувачката на електрична енергија, да се заштеди на сметките за струја, како и компаниите да носат информирани деловни одлуки со кои што ќе ги намалат своите трошоци и поуспешно ќе ги реализираат своите бизнис планови.

Пентагон подготвува план за воениот буџет значително помал од барањето на Трамп

Пентагон подготвува план за воениот буџет значително помал од барањето на Трамп
Фото: Нетпрес

Пентагон подготвува предлог за одбранбен буџет на САД значително помал од рекордните 1,5 трилиони долари што ги побара претседателот Доналд Трамп. Иако администрацијата јавно инсистира на таа сума, воените функционери зад затворени врати разработуваат план вреден околу 1,1 трилион долари, објави политичкиот портал „Политико“, повикувајќи се на четири лица упатени во разговорите.

Разликата изнесува дури 400 милијарди долари. Според порталот, на понискиот буџет работат Пентагон и конгресните комисии надлежни за државните расходи, додека Белата куќа и натаму јавно го застапува целосниот износ.

Еден од изворите на „Политико“ изјавил дека Пентагон не може јавно да признае дека се подготвува за понизок буџет.

„Никој од нив не очекува нешто ни приближно до износот од 1,5 трилиони долари“, изјавил поранешен функционер запознаен со разговорите.

Тој додал дека веќе сериозно се разработуваат планови за намалено финансирање, бидејќи таквиот развој на настаните се смета многу поверојатен од усвојувањето на целосното барање на Трамп.

Американскиот претседател побара историско зголемување на воените расходи за финансирање низа амбициозни проекти, меѓу кои новиот систем за противракетна одбрана „Златна купола“ и изградба на нови воени бродови.

Планот на Трамп предвидува 1,15 трилиони долари преку редовната буџетска постапка и дополнителни 350 милијарди долари преку посебна постапка, што би им овозможила на републиканците да одобрат дополнителни расходи без поддршка од демократите во Сенатот.

Сепак, републиканците се уште не постигнале договор за тоа како да ги обезбедат дополнителните средства, а расправите за воените расходи стануваат се понапнати.

Весникот „Вашингтон пост“ објави дека преговорите за одбранбениот буџет се во застој поради длабоките политички поделби, несогласувањата околу војната со Иран и влошените односи меѓу Пентагон и конгресмените.

Според „Политико“, воените функционери веќе разработуваат план на кои програми би им дале приоритет доколку се покаже дека Конгресот нема да го одобри побараниот износ.

Буџетските проблеми се појавуваат во време кога американската војска се обидува да ги надомести огромните трошоци од војната со Иран.

Според податоците на Пентагон, војната до 16 октомври ги чинела американските даночни обврзници околу 47,1 милијарда долари. Од таа сума, околу 29 милијарди долари се однесуваат на надоместување на потрошената муниција, речиси 12 милијарди на воени операции, а околу шест милијарди на изгубена опрема.

Помалиот одбранбен буџет би можел да го забави обновувањето на воените резерви и спроведувањето на дел од планираните проекти.

Засега не е донесена конечна одлука за намалување на барањето на Трамп. Станува збор за интерни подготовки за можноста Конгресот да не ги одобри рекордните воени расходи, додека администрацијата продолжува да го застапува првичниот план. (МИА)

Визуелно-акустичниот перформанс „Звучна илустрација“ на Глигор Кондовски во Скопје

Визуелно-акустичниот перформанс „Звучна илустрација“ на Глигор Кондовски во Скопје
Фото: Опсервер

Виолинистот, композитор и филмски автор Глигор Кондовски денеска ќе го претстави визуелно-акустичниот перформанс „Звучна илустрација“, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Настанот започнува во 19:30 часот.

Програмата опфаќа седум целини: „Интродукција“, „Одек во просторот“, „Звучен пејзаж“, „Прекршување“, „Видлив звук“, „Звучен судир“ и „После звукот“.

Кондовски е роден во 1980 година. Дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност и филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмски уметности во Тетово. Магистрирал филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје, а во моментов е на мастер-студии по композиција.

Работи како педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Со своите ученици освоил бројни награди на државни и меѓународни натпревари.

Негови музички изданија се објавени за „Шарла“, „ПМГ Џез“ и „Аксиома“, како и за странски издавачки куќи. Настапувал на фестивалите „Крај Вардарот џез“, „Скопско лето“, „Џез во градот“ и „Прилеп џез фестивал“.

Автор и на наградувани филмови и фотографски изложби

Како филмски автор реализирал краткометражни и документарни филмови прикажувани во земјата и странство. Во 2022 година ја добил гран-при наградата за „Белешка“ на Државниот фестивал на аматерски филм во Валандово. Документарниот филм „Сонцето не грее на сите страни“ бил прикажан на „Астерфест“ во 2023 година.

Кондовски се занимава и со фотографија. Меѓу неговите самостојни изложби се „Тетовски џез моменти“, „На сцена“, „Сфера“ и „Импровизации“. Последната била поставена во „Центар-Јадро“ во Скопје и во „Порта Џез“ во Битола.

Путин е подготвен да одговори на повици од Макрон, Мерц и Зеленски

Путин е подготвен да одговори на повици од Макрон, Мерц и Зеленски
Фото: Нетпрес

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да одржи телефонски преговори и со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц, истакна Дмитриј Песков, прес-секретарот на рускиот претседател, во коментар за каналот „Јунашев Лајв Телеграм“.

Новинарот го праша портпаролот на Кремљ што би направил Путин ако Макрон или Мерц го повикаат.

„Тој исто така ќе се јави. Отворен е за дијалог со сите“, одговори Песков.

На прашањето дали Путин би разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски ако се јави, Песков одговори: „Никој сè уште не се јавил“.

На 27 октомври, Стаб и Сторе одржаа телефонски разговор со Путин. Според канцеларијата на финскиот лидер, било разговарано за украинското прашање и идните разговори во Абу Даби. Кремљ, од своја страна, објави дека Путин ја проценил моменталната ситуација во зоната на конфликт во Украина и ја нагласил потребата од траен мир.

Данската премиерка Мете Фредериксен го критикуваше повикот, наведувајќи дека разговорот не бил координиран со ниту една земја од ЕУ.

И естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна, коментирајќи го разговорот, нагласи дека „секој контакт“ меѓу Европа и Русија мора да го пренесе „единството“ на ЕУ и „решителноста“ на Европејците „да ја поддржат Украина и да го одржат притисокот врз Русија“.

Претходно, Русија не ја исклучи можноста односите со Европа да бидат обновени дури по 40 години.

Луѓето со мрачни особини на личноста повеќе ги ценат истите особини кај партнерот

Луѓето со мрачни особини на личноста повеќе ги ценат истите особини кај партнерот
Фото: МКД.мк

Истражувањето го предводеше Катарина П. да Силва од Универзитетот во Сао Пауло, која разговараше за наодите со порталот „Псајпост“. Како што објасни, идејата произлегла од фасцинацијата со познати криминалци како американскиот сериски убиец Тед Банди, кој добивал многу љубовни писма во затвор.

Психолозите ги нарекуваат овие особини „темна тријада“ на личноста. Таа се состои од нарцисоидност, макијавелизам и психопатија. Нарцисоидноста подразбира преувеличување на сопствената вредност и постојана потреба за восхит; макијавелизмот вклучува пресметано манипулирање со другите; а психопатијата се карактеризира со безчувствителност, импулсивност и недостиг на емпатија. Овие особини постојат во поблага форма кај многу луѓе и не значат дека лицето има растројство на личноста.

Сличното бара слично

Во студијата учествуваа 400 возрасни Бразилци на возраст од 18 до 60 години, со просечна возраст од околу 28 години. Најпрво, тие пополнија прашалник со 12 ставки кој се однесуваше на нивните сопствени „темни“ особини. Потоа, користејќи ја истата скала, тие оценија колку, според нив, е пожелна секоја од овие особини кај партнерот.

Колку поизразена била одредена особина кај учесниците, толку повеќе тие ја ценеле таа особина кај своите партнери. Оваа поврзаност била најсилна во однос на нарцизмот, а нешто послаба во однос на психопатијата и макијавелизмот. Врската не можела да се објасни преку склоноста кон преземање ризик и потрагата по возбудувања, откако истражувачите ги зеле предвид сопствените особини на личноста на учесниците.

Ниту славата ниту богатството не го прават насилникот попривлечен

Во вториот дел од студијата, учесниците прочитале краток опис на измислена личност. На скала од 1 до 7 оцениле колку би биле подготвени да стапат во врска со неа.

Љубезна и услужлива личност доби просечна оценка од 5,92. Пресметлива и манипулативна личност без криминално досие доби 2,40, додека истата таа личност – откако физички нападнала некого – доби 1,52.

Истражувачите потоа провериле дали славата, богатството или исклучително привлечниот изглед можат да го направат насилникот попривлечен. Ниту една од овие особини не помогнала. Славниот насилник добил оценка 1,46, богатиот 1,49, а исклучително привлечниот 1,60. Овие оценки статистички не се разликуваа од оценките за насилниците кај кои недостигаа овие особини.

„Главниот заклучок е дека, и покрај доказите за одредена привлечност на антисоцијалните црти и криминалците, просоцијалноста останува многу попожелна особина при изборот на партнер“, рече Да Силва.

Според неа, физичкиот напад веројатно бил посилна причина за одбивање отколку која било позитивна особина.

Ограничувања на студијата

Истражувањето го мери она што луѓето велат дека го сакаат, наместо партнерите што всушност ги избираат. Повеќето учесници се оценија себеси многу ниско на скалата за „темни“ особини. Учесниците беа пообразовани од просекот и беа регрутирани главно преку универзитети и социјални мрежи, додека описите на измислените поединци не вклучуваа фотографии.

Претходните истражувања спроведени врз вистински парови од Велика Британија и Фиџи, исто така, покажаа дека партнерите имаат слични нивоа на овие особини.

Минималната плата во Хрватска следната година ќе изнесува 1.130 евра

Минималната плата во Хрватска следната година ќе изнесува 1.130 евра
Фото: Нетпрес

Владата на Хрватска денеска усвои Уредба со која ја одреди висината на минималната плата за следната година.

„Одлучивме минималната плата да биде 1.130 евра“, обелодени хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на отворениот дел од седницата на Владата.

Тој додаде дека минималната заработка денес во Хрватска изнесува 1.050 евра, така што следната година минималната плата ќе биде повисока за 80 евра.

Пленковиќ потсети дека минималната плата од 2016 година пораснала од 414 евра на 1.130 евра.

„Тоа е номинален раст од 173 проценти, а реален раст, кога ќе се одземе инфлацијата, од 97 проценти. Во Хрватска минимална плата примаат 50 илјади работници. Сметаме дека овој предложен раст е реален, ги штити работниците, посебно оние со најниски плати, а исто така води сметка за конкурентноста и потребите на хрватската економија“, рече Пленковиќ.

Тој изјави и дека со растот на минималната плата ќе порасне и минималната студентска саатница на 7,06 евра.

Што се случува со мозокот кога јадете кикирики секојдневно?

Што се случува со мозокот кога јадете кикирики секојдневно?
Фото: Нетпрес

Дали јадењето кикирики секој ден помага во одржувањето на меморијата како што старееме?
Неодамнешна научна студија покажува дека јадењето кикирики секој ден може да помогне во подобрувањето на одговорот на мозокот на инсулин во областите поврзани со меморијата кај постарите возрасни лица.

Студијата е објавена во списанието „Food & Function“, а ја спроведоа истражувачи од медицинскиот центар на Универзитетот Мастрихт во Холандија, со цел да се испита ефектот од редовната консумација на кикирики врз одговорот на мозокот на инсулин со напредувањето на возраста.

Во експериментот учествуваа 31 здраво лице на возраст помеѓу 60 и 75 години.

Учесниците јаделе 60 грама печени кикирики со лушпа и без сол секој ден во текот на 16 недели, а потоа истражувачите ги споредиле резултатите со друг период во кој не јаделе кикирики.

Подобрен одговор на мозокот на инсулин

Резултатите покажаа подобрување во одговорот на областите во десната хемисфера на мозокот на инсулин, вклучувајќи делови од хипокампусот, парахипокампалниот гирус, лингвалниот гирус и задниот цингуларен гирус, кои се области вклучени во процесите на меморија и други когнитивни функции.

За да го измерат овој одговор, истражувачите им дадоа на учесниците инсулин преку нос, а потоа користеа магнетна резонанца базирана на обележување на артериска крв за да ги измерат промените во протокот на крв во мозочните региони.

Инсулинот игра улога во голем број мозочни процеси поврзани со учењето, меморијата и комуникацијата помеѓу нервните клетки.

Одговорот на мозокот на овој хормон може да стане помалку ефикасен со напредувањето на возраста, промена што е поврзана со когнитивниот пад поврзан со возраста.

Сепак, истражувачите не покажаа дека јадењето кикирики го спречува когнитивниот пад или го спречува развојот на деменција, но тие забележаа промени во одговорот на специфични мозочни региони на инсулин.

Овие наоди се надоврзуваат на претходните истражувања на истиот тим за истата диететска интервенција, објавени во списанието Clinical Nutrition во 2025 година, каде што резултатите покажаа зголемување од 3,6% на вкупниот проток на крв во мозокот, заедно со подобрување од 5,8% на вербалната меморија по 16-неделниот интервентен период.

Истражувачите веруваат дека нутритивниот состав на кикириките може да објасни некои од овие ефекти, бидејќи тие содржат незаситени масти, влакна, витамини, минерали и биолошки активни растителни соединенија, како и растителни протеини.

Кикириките се исто така извор на аминокиселината L-аргинин, која телото ја користи за производство на азотен оксид, соединение кое помага во регулирањето на функциите на крвните садови и може да биде поврзано со процесите на учење и меморија.

Дали јадењето кикирики е доволно за да се заштити меморијата?
Овие наоди сè уште бараат понатамошни истражувања за да се утврди до кој степен регистрираните промени во одговорот на мозокот на инсулин се рефлектираат во меморијата и менталните перформанси.

Експериментот беше ограничен на 31 лице, а индикаторите што ги забележале истражувачите не се доволни за да се каже со сигурност дека кикириките обезбедуваат заштита од Алцхајмерова болест или други нарушувања на деменцијата.

Спроведувањето студии на поголем број учесници и нивното следење подолги периоди би помогнало да се разјасни оваа врска и да се утврди дали потенцијалните придобивки продолжуваат со текот на времето.

„Marvel“ се огласи по смртта на Патрик Стјуарт: „Тој беше вистински џентлмен“

„Marvel“ се огласи по смртта на Патрик Стјуарт: „Тој беше вистински џентлмен“
Фото: Опсервер

„Marvel Studios“ му оддаде почит на британскиот актер Патрик Стјуарт, кој почина на 87-годишна возраст. Стјуарт долги години го толкуваше ликот на Професор Икс (Professor X) во филмовите „Икс-мен“ (X-Men), а „Marvel“ сподели емотивна објава во негова чест на социјалната мрежа X.

„Сите во ’Marvel Studios‘ се длабоко тажни поради смртта на Патрик Стјуарт. Патрик му вдахна живот на професорот Чарлс Ксавиер на уникатен начин, внесувајќи во ликот извонредна елеганција, интелигенција и хуманост. Неговата изведба го дефинираше ликот на Професор Икс за генерации обожаватели – од филмовите ’Икс-мен‘ и ’Логан‘, па сè до ’Одмаздници: Суден ден‘ (Avengers: Doomsday)“, напишаа тие.

„Тој беше единствен актер, прекрасен соработник и вистински џентлмен. Нашите мисли се со неговата сопруга Сани, неговите деца, пријателите и безбројните обожаватели ширум светот чии животи ги допре преку својата работа“, додадоа тие.

Патрик Стјуарт почина во средата, на 28 октомври, во својот дом во Лос Анџелес.

Актерот почина по кратка борба со Алцхајмерова болест и деменција со Левиеви тела. Веста за неговата смрт ја потврди неговата портпаролка, Кели Буш Новак. Последните моменти ги помина опкружен од семејството и пријателите.

Актерската кариера на Стјуарт траеше повеќе од шест децении. Светска слава стекна со улогата на капетан Пикард во серијата „Ѕвездени патеки: Следната генерација“ (Star Trek: The Next Generation), а во раните 2000-ти години освои нова генерација гледачи како професорот Чарлс Ксавиер во филмскиот серијал „Икс-мен“. Тој повторно ја толкуваше оваа улога во бројни продолженија, вклучувајќи ги „X2“, „X-Men: Days of Future Past“ и „Logan“, како и во филмот на „Марвел“ од 2022 година, „Doctor Strange in the Multiverse of Madness“.

Најсекси „ангелот“ на VS блеска во нова кампања: тешко ќе можете да го тргнете погледот од неа

Најсекси „ангелот“ на VS блеска во нова кампања: тешко ќе можете да го тргнете погледот од неа
Фото: Опсервер

Кендис Сванепул уште еднаш ја покажа харизмата на вистинска заводничка. Нејзината најнова модна кампања воодушеви многумина.

Супермоделот Кендис Сванепул е заштитно лице на најновата новогодишна колекција на „Victoria’s Secret“. По нејзиното спектакуларно појавување на неодамнешната модна ревија на брендот, не е изненадување што таа сега е во центарот на вниманието во нивната најнова кампања.

Кендис гордо позираше во впечатливи парчиња – поточно, во долна облека од тантела во интензивна сина боја, која совршено ја истакна нејзината прекрасна фигура. Изгледот го заокружи со дијамантски ѓердан околу вратот и високи потпетици што ги нагласија нејзините витки нозе.

За да ја долови магијата на Новата година, еден од најпознатите светски модели позираше покрај огромни подароци, завиткани со украсни ленти.

Својот секси изглед го комплетираше со брановидна фризура и впечатлива шминка, што дополнително ја истакна нејзината харизма на вистинска заводничка.

Бил Гејтс откри кои четири професии најдолго ќе одолеваат на вештачката интелигенција

Бил Гејтс откри кои четири професии најдолго ќе одолеваат на вештачката интелигенција
Фото: Нетпрес

Соосновачот на „Мајкрософт“ (Microsoft), Бил Гејтс верува дека, во иднина, вештачката интелигенција ќе може да извршува голем дел од работните задачи што денес ги извршуваат луѓето. Сепак, според неговата проценка, постојат четири области во коишто луѓето би можеле да останат незаменливи уште долго време. Тоа се: програмирањето, биологијата, енергетиката и професионалниот спорт, пренесува „Ситимагазин“ (Citymagazin).

Гејтс во неколку наврати говорел за тоа како развојот на ВИ ќе го преобрази пазарот на трудот. Меѓу областите што ги издвојува во своите предвидувања се програмирањето, биологијата и енергетиката, додека професионалниот спорт го наведува како пример за активност во којашто луѓето сепак ќе претпочитаат да гледаат други луѓе, а не машини. За време на гостувањето во „Вечерашната емисија на Џими Фалон“ (The Tonight Show Starring Jimmy Fallon), милијардерот појасни дека, иако компјутерите ќе можат да извршуваат сè поголем број задачи, тоа не значи дека ќе сакаме сè да им препуштиме ним.

– Земете го бејзболот, на пример. Не би сакале да гледаме како компјутери играат бејзбол, рече Гејтс.

На прашањето дали во иднина воопшто ќе ни бидат потребни луѓе, тој одговори дека за повеќето работни места, тие веројатно нема да бидат неопходни.

– За повеќето работи – не. Ние ќе одлучиме што сакаме да задржиме за себе, но производството, превозот и производството на храна со текот на времето повеќе нема да претставуваат големи предизвици, објасни тој.

Дискусијата за иднината на човековата работа повторно се актуелизираше по веста дека „Мајкрософт“ планира да понуди пакети за доброволно заминување од работа на околу 60.000 вработени. Програмата е дел од напорите на компанијата да ја зголеми оперативната делотворност – област во којашто ВИ игра сè позначајна улога.

– Ова е доброволна програма со ограничено времетраење, која им овозможува на вработените што ги исполнуваат условите да го напуштат „Мајкрософт“, добивајќи финансиска поддршка и помош при планирањето на нивниот иден кариерен развој, изјави Ејми Колман, раководител на секторот за човечки ресурси во компанијата.

„Мајкрософт“ вработува повеќе од 220.000 луѓе ширум светот, а понудата би можела да опфати повеќе од една четвртина од работната сила. Според интерна белешка, за којашто извести „Бизнис инсајдер“ (Business Insider), програмата е наменета за вработени на одредени нивоа во Канада, Индија, Обединетото Кралство и САД.