Прескокни до содржината
Реклама

Револуционерен потег на Ла Лига

Револуционерен потег на Ла Лига
Фото: Опсервер

Ла лига воведе голема иновација на почетокот на оваа сезона, судиите беа интервјуирани пред телевизиските камери пред натпреварите. Овој иновативен пристап, инициран од Комисијата на судии, се применува со недели.

Сега Ла Лига и Комисијата за судии одат чекор понатаму, и покрај интервјуата пред натпреварите, ќе можеме да ги слушнеме судиите и по натпреварите. Ова ќе биде прв пат во историјата на шпанскиот фудбал и ќе се одржи овој викенд, кога ќе слушнеме најмалку двајца судии.

„DAZN“, открива дека еден од натпреварите каде што ќе можеме да ги слушнеме коментарите на судијата е баскиското дерби. По натпреварот Атлетик Билбао – Реал Сосиедад, кој започнува во недела во 21:00 часот на „Сан Мамес“, ќе зборува главниот судија.

„АС“, додава дека Ла Лига се одлучила за револуционерен потег со цел да го заштити и промовира добриот имиџ на судиите.

Најопасната саксија за секое растение

Најопасната саксија за секое растение
Фото: Опсервер

Бидејќи обично се евтини и изгледаат многу привлечно, многу луѓе со малку искуство во одгледувањето растенија брзаат да ги купат токму овие саксии – со што ги осудуваат своите омилени цвеќиња да бидат за брзо време исушени.

Станува збор за керамички саксии, кои лесно се вклопуваат во различни стилови на ентериер и делуваат како едноставно решение; исто така, често се многу достапни по цена. Сепак, тие имаат еден сериозен недостаток – немаат отвори за дренажа.

Јасно е дека соодветното истекување на водата по наводнувањето е еден од најважните услови за здрав раст на собните растенија. Тоа значи дека е клучно саксијата да има дупки на дното и тие дупки да останат проодни.

Како резултат на тоа, корените скапуваат, што постепено го слабее растението и на крајот доведува до негово изумирање.

Затоа, кога купувате саксија, не е доволно само да проверите дали таа одговара на вашиот ентериер; мора да го погледнете и дното за да се осигурате дека има соодветна дренажа.

Што ако веќе имам керамички саксии? Ако сте купиле растение во украсна керамичка саксија, нема потреба од паника – честопати, внатре има посебна пластична саксија со отвори за дренажа.

Сепак, доколку растението е засадено директно во керамичка саксија без отвори за дренажа, се препорачува што поскоро да го пресадите во соодветна саксија која има отвори за дренажа.

Денес се празнуваат: Светите маченици Козма и Дамјан, пророк Осија, маченик Андреј и Лазар Четиридневниот

Денес се празнуваат: Светите маченици Козма и Дамјан, пророк Осија, маченик Андреј и Лазар Четиридневниот
Фото: Нетпрес

Светиот пророк Осија

Син Веириин од племето Исахарово. Живееше и пророкуваше 800 години пред Христа. Неговите боговдахновени зборови се наоѓаат во неговата книга составена од четиринаесет глави. Му упати многу укорувања на Израилот и на Јуда за идолопоклонството, пророкуваше за казната Божја за гревовите, ја прорече пропаста на Самарија и на Израилот заради богоотстапништвото, а и милоста Божја кон Јудиното колено. Го прорече укинувањето и престанокот на старозаветната жртва и доаѓањето на Господ и богатството на даровите коишто Он ќе ги донесе со Себе на земјата. Живееше до длабока старост и мирно се упокои.

Тропар
О пророче јасновидче Господов, о гласу кој воскресната радост ни ја објави, о молитвениче кој покајанието како лек ни го понуди, Осие пророче Господов, тело и крв тоа не ти го открија, туку Отецот Небесен пред Кого сега стоиш, и за нас постојано се молиш. Господи, слава Ти.

Светите маченици и бесребреници Козма и Дамјан

Едни од оние коишто се именуваат со ова име мирно се упокоија на 1 ноември. Другите беа каменувани во Рим на 1 јули, а овие третите беа од Арабија и под денешниот датум за нив станува збор. По занимање беа лекари, но кога ја примија Христовата вера ги исцелуваа болните со името на Исус Христос. Заради ова чудотворно лечење за нив се расчу на сите страни. Злобните незнабожци ги фатија и ги одведоа пред кнезот Лисиј во градот Егас. Бидејќи Светите браќа по никоја цена не сакаа да се одречат од Христа, најпрво ги фрлија во море, а потоа во оган. Но Семоќниот Бог ги спаси и од потоп и од оган. Ангел Господов им се јави спасувајќи ги. Незнабожечкиот кнез му го припишуваше ова на некоја нивна магија. А тие му одговорија: „Никаква магија не знаеме и не користиме, но ја имаме силата Христова којашто н ? спасува и нас и сите што го повикуваат пресветото име Христово.“ Тогаш ги удираа со камења, но камењата се одбиваа од нив; ги стрелаа со стрели, но и стрелите се одбиваа. Најпосле ги обезглавија со меч. Со нив пострадаа и примија венец на слава Светите Леонтиј, Антим и Евтропиј. Пострадаа во времето на Диоклецијан и Максимијан. Од нивните свети мошти се јавија многубројни чуда, како во времето кога беа живи.

Тропар
Душите ваши за Христа оневестувајќи ги, наука бесплатна проповедавте, која душа и тело во вечност приведува, о Козмо и Дамјане. Сила која не само што лекува, туку недопирлив од минливоста го прави човека, насекаде Господ преку вас се покажуваше. Со неа свети угодници молитвено закрилете ги нашите души, вие кои двојна награда добивте заедно со Леонтиј, Антим и Евтропиј од Раката бесмртна.

Преподобниот маченик Андреј

Христијански свештеник роден на Крит. Во времето на гонењето на иконите се покажа како голем поборник на иконопочитувањето. За да го изобличи злочестивиот цар Копроним за неговото иконоборство, Св. Андреј отиде во Цариград. Еден ден царот беше во црквата на Св. маченик Мамант. Андреј влезе во црквата, застана пред царот и јавно пред сите го укори: „Подобро ќе беше цару да си ги гледаш војничките работи и да управуваш со народот одошто да Го гониш Христа и Неговите слуги.“ За ова Св. Андреј беше многу биен и мачен и влечен по улиците. Еден еретик го удри со секира и го уби. Така ја предаде својата света душа на Бога, во 767 година. Неговите мошти се извор на исцеленија за болните.

Тропар
Крстот свој земајќи го, по Христа тргна, отфрлајќи ја лагата на светот. Јован великиот на покајание повикуваше, а ти Андрее цареви и народ изобличуваше, кои ликот Христов во човека го нагрдија и иконите ги осквернаа, непочитувајќи Го Оној Кој во тело дојде и пред човекот се појави. Венец маченички примајќи, Небесата те прославија, сега чест и од нас примајќи, застапништво од тебе пред Бога просиме, о достојнославен мачениче.

Лазар Четиридневниот

Главното празнување му е на 17 март и на Лазарова Сабота во Чесниот Пост. Под денешниот датум се празнува преносот на неговите мошти од островот Кипар во Цариград. Царот Лав Мудриот изгради храм на Св. Лазар во Цариград и неговите мошти ги пренесоа таму во 890 година. Кога после близу илјада години го откопаа Лазаровиот горб во градот Китија на Кипар, најдоа мермерна плоча со натпис: „Лазар Четиридневниот, пријател Христов.“

Како да го победите хроничното одложување на обврските: три методи што можат да ви помогнат да завршите сè што сте започнале

Како да го победите хроничното одложување на обврските: три методи што можат да ви помогнат да завршите сè што сте започнале
Фото: МКД.мк

Истражувањата покажуваат дека помеѓу 85 и 95 проценти од луѓето признаваат дека повремено ги одложуваат задачите, додека речиси 20 проценти се хронични одложувачи, според д-р Џозеф Ферари, професор по психологија на Универзитетот „Депол“ во Чикаго.

Иако одложувањето на обврските често се доживува како недостиг на дисциплина, стручњаците истакнуваат дека тоа може да биде поврзано со емоционалната состојба, стресот и стравот од неуспех. Промената на начинот на размислување и неколку практични стратегии можат да помогнат во надминувањето на оваа навика.

Моника Пакер, авторка на книгата „Лепливи навики“, изјави за американската телевизиска станица КСЛ дека одложувањето на обврските е човечка склоност, но дека тоа не значи оти луѓето мора да се помират со таквото однесување. Првиот чекор, според неа, е да престанеме да го гледаме тоа како нешто што не може да се промени.

Почнете пред да се создадат идеални услови

Како што пишува британскиот весник „Индипендент“, еден од наједноставните начини за справување со одложувањето на обврските е едноставно да почнете со работа, наместо да чекате да имате слободно време или да се создадат совршени услови.

Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил препорачува создавање работна средина што ја олеснува концентрацијата, како што е наоѓање мирно место за работа или за телефонски разговор. Сепак, подготовките не треба да станат нова пречка, па предолгото избирање работен простор или чистењето на бирото можат само дополнително да го одложат почетокот.

„Забележуваме дека штом ќе почнете да извршувате некоја задача, самата задача почнува да ве мотивира“, изјави во јули за Њујорк тајмс д-р Кетрин Монтон, доцент на Универзитетот „Ратгерс“.

Управувајте со емоциите, а не само со времето

Одложувањето на задачите често се поврзува со негативните емоции што ги предизвикува одредена задача. Сомнежот во сопствените способности, недостатокот на интерес или стравот од неуспех можат да ги наведат луѓето да ја одложат задачата со цел привремено да го намалат стресот или да си го подобрат расположението.

Клиничкиот психолог Беки Бикат Тилахун од клиниката во Кливленд објаснува дека проблемот не е секогаш управувањето со времето, туку управувањето со емоциите. Перфекционизмот, исто така, може да игра значајна улога, бидејќи стравот дека резултатот нема да биде доволно добар го отежнува дури и самото започнување со работа.

Фуша Сироа, професорка по социјална психологија и психологија на здравјето на Универзитетот во Дарам, Велика Британија, смета дека е важно да се најдат поздрави начини за справување со непријатните емоции, наместо одложувањето да се користи како начин за привремено олеснување.

Ова може да подразбира попозитивен став кон сопствените способности и свесно справување со стресот.

Наградете се себеси откако ќе завршите некоја задача

Друг метод е да се наградите себеси откако ќе завршите некоја напорна или непријатна обврска. Според Тилахун, ваквиот пристап може да му помогне на мозокот да го поврзе вложениот напор со позитивен исход, со што се зголемува мотивацијата за идните задачи.

Пример за тоа е плаќање една сметка, проследено со 15 минути гледање омилена телевизиска емисија, пред да се премине на следната сметка.

Сепак, важно е да се одолее на искушението да се земе наградата пред да се заврши задачата. Експертите препорачуваат да се наградите за секоја постигната помала цел, што создава дополнителен поттик за продолжување со работата и за исполнување на преостанатите обврски.

Ја пронајдоа љубовта кога тој имаше 68, а таа 30 години: Љубовната приказна на Патрик Стјуарт и неговата сопруга

Ја пронајдоа љубовта кога тој имаше 68, а таа 30 години: Љубовната приказна на Патрик Стјуарт и неговата сопруга
Фото: Опсервер

Веста за смртта на актерот Патрик Стјуарт растажи многумина. Тој остава зад себе бројни незаборавни улоги, како и интересна љубовна приказна со Сани Озел, која беше 38 години помлада од него, и која остана покрај него сè до последниот момент.

„Со голема тага објавуваме дека сер Патрик Стјуарт почина вчера во својот дом во Лос Анџелес, опкружен со љубовта и грижата на неговата сакана сопруга Сани, по кратка, но тешка борба со Алцхајмерова болест и деменција со Левиеви тела“, изјави неговиот претставник во соопштението објавено вчера.

Стјуарт и пејачката и текстописец Озел се запознале во 2008 година во „Franny’s“ – пицерија во Бруклин која денес е затворена – каде што таа во тоа време работела како келнерка.

Ѕвездата од „Ѕвездени патеки“ (Star Trek) се присети на нивната прва средба во интервју за списанието „Пипл“ (People) во 2022 година. Во тоа време, тој настапуваше во претставата „Магбет“ од Вилијам Шекспир на Бродвеј.

„Една прекрасна жена ни пријде и рече: ’Господа, десертите вечерва се на сметка на куќата. Што би сакале?‘ Почнавме разговор, а таа ми кажа колку многу сакала да го гледа ’Магбет‘, но дека сите билети биле распродадени“, раскажа актерот.

Стујарт потоа ѝ го даде својот телефонски број, напоменувајќи дека тоа било единствениот пат во неговиот живот кога некому му го дал својот број и му рекол: „Јави ми се“. Подоцна повторно се сретнале зад сцената по една од изведбите на „Магбет“, а набргу потоа биле на својата прва средба.

„Вечеривме заедно, и еве нè денес“, изјави тој тогаш. „Никогаш претходно немав запознаено некој како неа. Таа е толку интелигентна и образована. Нејзините интелектуални достигнувања се извонредни. Таа памети сè. Мојот живот е постојано интересен, а за тоа во голема мера можам да ѝ се заблагодарам на Сани“, изјави актерот за магазинот „Пипл“ (People).

По неколкугодишна врска, двојката стапила во брак во септември 2013 година на церемонија кај езерото Тахо, која ја водел долгогодишниот пријател на Стујарт и негов колега од франшизата „Икс-мен“ (X-Men), сер Ијан Макелен. Озел е родена и израсната во Рино, Невада, недалеку од местото каде што се одржа свадбата.

Стујарт го одбележа овој посебен настан со разиграна објава на социјалните мрежи, придружена со фотографија од младенците како се смешкаат во базен со топчиња.

„Да, се венчавме“, напиша тој покрај фотографијата.

Неколку години подоцна, актерот откри дека Макелен немал законско овластување да склучува бракови во Невада, што значи дека нивната венчавка кај езерото Тахо не била правно важечка.

За време на гостувањето во емисијата „Џими Кимел во живо!“ (Jimmy Kimmel Live!) во 2020 година, кога Пит Бутиџеџ беше гостин-водител, Стјуарт откри дека тој и Сани всушност „официјално се венчале во мексикански ресторан“ во Лос Анџелес. На церемонијата присуствувале неколку нивни пријатели, а Меккелен ја водел венчавката.

Патрик Стјуарт претходно беше во брак со Шила Фалконер од 1966 до 1990 година, а со Венди Њус од 2000 до 2003 година. Од првиот брак има син и ќерка.

„Без повод за поводи“ од Иван Антоновски во КИЦ: Нови читања на македонската книжевност

„Без повод за поводи“ од Иван Антоновски во КИЦ: Нови читања на македонската книжевност
Фото: МКД.мк

Необјавени ракописи, недоволно проучени дела, поинакви толкувања на познатите писатели и нови поетски гласови се среќаваат во „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски. Книгата, во издание на „Матица македонска“, ќе биде промовирана на 3 ноември 2026 година, вторник, во 19 часот, во Салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар во Скопје.

Книгата ќе ја промовира проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература. По нејзиниот критички осврт кон изданието ќе следува разговор со авторот. Организатор на настанот е Културно-информативниот центар во Скопје.

„Без повод за поводи“ обединува 23 студии во пет целини. Низ нив, Антоновски истражува колку нашата претстава за македонската книжевност може да се прошири кога повторно ќе им се вратиме на изворите и на самите дела. Што останало надвор од вообичаените толкувања? Кои текстови биле запоставени? Како нивното читање го менува нашето разбирање на авторите и на времето во кое твореле?

Такви прашања отвораат студиите за најраната поезија на Блаже Конески и молитвените облици во неговото творештво, за необјавените драми на Васил Иљоски, за книжевната критика на Коста Солев Рацин и за есеистиката на Анте Поповски. Повеќе текстови му се посветени на Ацо Шопов, со внимание кон присуството на Македонија во неговата поезија, почетоците на неговиот опус, поетската форма и делата што останале настрана од поголемиот критички интерес.

Истражувањата ги поврзуваат поезијата, драмата, прозата и есеистиката со прашањата за припадноста, културната меморија и човековото искуство. Во тој распон се опфатени домот и корените кај Горан Стефановски, Гоце Делчев во македонскиот драмски текст, книжевното претставување на Митра Миладинова и митските значења на водата во „Големата вода“ од Живко Чинго.

Љубовта и стварноста во поезијата на Даница Ручигај и библиските слоеви во „Небото ми е дома“ од Катица Ќулавкова отвораат други толкувачки перспективи. Книгата се осврнува и на творештвото на Јован Павловски, Санде Стојчевски и Раде Силјан, поврзувајќи автори од различни генерации и со различни творечки определби.

Посебно место добиваат истражувањето на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век, богатството на македонскиот јазик осум децении по кодификацијата и современите апокрифи во јужнословенски контекст, разгледани преку македонски книжевни примери. Погледот кон книжевната стварност по постмодернизмот и обемната студија за македонските поети родени во самостојна Македонија го поврзуваат преиспитувањето на наследството со следењето на современите книжевни текови.

Насловот „Без повод за поводи“ ја изразува и истражувачката определба на авторот: годишнините и културните настани да поттикнуваат читања чие значење ќе трае и по завршувањето на чествувањата. „Оваа книга не нуди последен збор. Таа нуди продолжување на разговорот“, пишува Антоновски во предговорот. Оттука произлегува и поканата до читателот повторно да им пристапи на познатите дела, со љубопитност за она што претходните читања го оставиле незабележано.

Заштедени пет милиони евра за една година благодарение на СЕПА

Заштедени пет милиони евра за една година благодарение на СЕПА
Фото: Нетпрес

Интеграцијата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе носи практични придобивки за граѓаните и за деловните субјекти, а истовремено нуди и дополнителен потенцијал за зајакнување на економијата преку иновации, дигитална трансформација, поголема конкурентност и подобрена финансиска вклученост, вели вицегувернерот во Народната банка Игор Величковски, во публикација за Европскиот совет за плаќања, по повод една година од интегрирањето на земјава во СЕПА.

Вицегувернерот наведува дека за граѓаните испраќањето 500 евра во земја на СЕПА е во просек шест пати поевтино отколку според моделот на кореспондентно банкарство, додека трошоците за добивање таков трансфер се намалени за половина.

„Испраќањето на 20.000 евра од бизнисите до договорна страна на СЕПА сега чини девет пати помалку според системот СЕПА, со видливи намалувања и на страната на примачот. За завршување на плаќањата во евра претходно беа потребни од еден до три работни дена, а трансакциите преку СЕПА сега се обработуваат во истиот работен ден или, најдоцна, до следниот работен ден“, информира Величковски.

Најновите податоци покажуваат дека СЕПА каналот веќе опфаќа речиси 70 отсто од трансакциите, според бројот на влезни и излезни текови, што, резултира со значителни заштеди на банкарските провизии, проценети на околу пет милиони евра во текот на првата година од учеството во СЕПА.

„Тоа се директни финансиски заштеди за домаќинствата и бизнисите, создавајќи дополнителни можности за инвестиции и локален раст, како и потенцијално зајакнување на конкурентноста, особено за малите и средните претпријатија и извозниците“, вели вицегувернерот Величковски.

Тој оценува дека досега има значително зајакнување на ценовната конкуренција, додека промените во бројот и разновидноста на учесниците на пазарот се одвиваат постепено.

„Надоместоците за СЕПА-трансакциите значително се намалија, а цените кај различните даватели на услуги станаа сè поконкурентни“, вели Величковски, подвлекувајќи дека приоритет на Народната банка се инстант плаќањата како следен голем чекор во посветеноста за модернизацијата на националниот платен систем.

Симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I““

Симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I““
Фото: МКД.мк

На свеченото отворање ќе се обратат претседателот на Меѓународниот организациски и научен комитет, проф. д-р Митко Б. Панов, коорганизаторот од Универзитетот во Болоња, проф. д-р Џузепе Маино, деканот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Илче Мицевски Игнат, директорката на Музејот на македонската борба, Анче Илиевска, амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери, како и архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г.г. Стефан.

Во рамките на отворањето ќе биде промовиран и зборникот на трудови „Вмрежување“ од тринаесеттиот меѓународен симпозиум „Денови на Јустинијан I“, одржан во 2025 година. Во публикацијата се истражуваат политичките, дипломатските, црковните, интелектуалните и културните мрежи во византискиот и средновековниот свет.

Специјалната тематска целина на годинашното издание е „Граници“ (Borders), посветена на политичките, религиозните, културните и симболичките разграничувања во византискиот и средновековниот свет, но и на интеракциите и поврзувањата што ги надминувале тие граници.

Пленарното предавање ќе го одржи проф. д-р Нора Беренд од Универзитетот во Кембриџ, на тема „Замислувајќи ги границите во средниот век“ (Imagining Borders in the Middle Ages).

На шесте научни сесии, што ќе се одржат денеска и утре во Музејот на македонската борба, свои трудови ќе презентираат истражувачи од универзитети и научни институции од повеќе од 15 земји. Широкиот тематски опфат и интердисциплинарниот пристап ја потврдуваат меѓународната препознатливост на симпозиумот и неговиот придонес во развојот на византиските и средновековните студии.

„Денови на Јустинијан I“ се афирмираа како меѓународен академски форум што обединува истражувачи и поттикнува научен дијалог за византиското и средновековното историско, културно и духовно наследство.

Значењето на симпозиумот се огледува и во градењето трајни академски и културни врски меѓу Македонија и Италија. Јустинијан I, родум од околината на Скопје, оставил значајно наследство во Италија, особено во Равена. Преку соработката меѓу Скопје, Болоња и Равена, симпозиумот го поврзува заедничкото историско наследство со современото академско партнерство и меѓународната културна соработка.

Симпозиумот традиционално се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, како и со поддршка од Амбасадата на Италија, Музејот на македонската борба и Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Ќендрим Ријани: За мене секоја претстава е соочување со себеси

Ќендрим Ријани: За мене секоја претстава е соочување со себеси
Фото: МКД.мк

До денес има реализирано триесетина професионални театарски претстави во повеќето балкански држави држави, една опера и три документарни филма, а неговите продукции освоиле десетици фестивалски признанија. Меѓу позначајните остварувања е и операта „Скендербег“, премиерно изведена на 23 декември 2019 година во Националната опера и балет во Скопје, прва опера на албански јазик во Северна Македонија.

Меѓу последните се и Шекспировата трагедија „Јулиј Цезар“ (2025-та) на Сплитското лето, а во 2026 година и „Отело“ во Националниот театар на Албанија и „Чекајќи го Годо“ во Албанскиот театар во Куманово. Неговиот репертоар ги поврзува Шекспир, Брехт и Чехов со современи драматуршки читања и прашања за моќта, општествените односи и човековата природа.

Неговата најнова постановка, „Животинска фарма“ според Џорџ Орвел, премиерно беше изведена на 7 октомври во театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, на камерната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Драматизацијата ја потпишуваат Ријани и Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а музиката е на Томе Темелкоски.

Во ова сценско читање животните, кое доживеа огромен успех кај домашната публика, наместо ветерница, сакаат да изградат театар, мотив што директно се поврзува со условите во кои работи прилепскиот ансамбл, без сопствена театарска зграда.

„Ваква претстава можеше да се постави само во прилепскиот театар, кој нема театар“, ќе рече Ријани.

Режисерите често велат дека го гледаат светот преку претставите што ги работат. Која претстава Ви го сменила погледот надвор од театарот, а не само кон театарот?

– Не можам да издвојам една конкретна претстава. Низ процесот на секоја претстава што ја реализирам, се трудам да растам, да се менувам и да го проширам својот поглед на светот.

Работам во различни земји, со различни менталитети, кои се обидувам однапред да ги анализирам за да изградам концепт кој е тесно поврзан со местото каде работам. Запознавам нови места и нови луѓе, кои на крајот од процесот стануваат дел од мојот живот.

За мене, секоја претстава е процес на анализа и поставување прашања пред публиката, но и соочување со себеси: со уверувањата што ги потврдувам, со оние што ги менувам и со одговорите што ги барам. По секоја претстава се прашувам не само колку подобар режисер сум станал, туку и колку подобар човек сум станал.

Режирате класици и модерни текстови на повеќе јазици и во повеќе држави. Каде најмалку се чувствувате како гостин, а каде најмногу?

– Генерално, каде и да работам, за кратко време почнувам да се чувствувам како да сум дел од тоа место. Можеби тоа е и заслуга на уметноста: културата уште од своето раѓање е замислена да создава спојувања, а не поделби. Така, каде и да работам, доаѓам како гостин, а си заминувам со чувство дека сум свој, со желба повторно да се вратам.

Можеби токму тоа е и главната причина зошто продолжувам да ја сакам оваа професија: каде и да работам, кога си заминувам, ме испраќаат со прашањето: „Кога повторно ќе ни дојдеш?“ Сè додека продолжува ваквото испраќање, тоа ќе остане мојот главен мотив да продолжам да се занимавам со оваа професија со уште поголема волја.

Дали некогаш сте се откажале од идеја за претстава поради цензура, притисок или самоцензура и од каде дошол тој притисок?

– Генерално, јас сум од оние што ги конкретизираат идејата и прашањата што сакаат да ги обработат во претставата уште во режисерската платформа, која потоа се доставува на одобрување до управниот одбор на театарот или до министерство. По тоа одобрување, станувам бескомпромисен кон обидите да се интервенира во суштината на мојот концепт.

Никогаш не сум се соочил со директен обид за цензура. Но , се случувало некоја моја претстава да биде симната од репертоарот и покрај тоа што на сите репризи била полна салата. Можеби нешто не му одговарало на следниот раководител.

На Балканот, како и во другите области, и во културата се случува нов раководител да дојде со убедување дека сè почнува со него и дека се што било направено претходно не било подобро од она што тој планира да го направи. Но заборава дека неговиот план за иднината, ако навистина постои, ги има своите темели во она што е направено до моментот кога е дојден тој. Ниеден план без темели не може да биде успешен.

Што се однесува до самоцензурата, сум ја доживеал во попрактична смисла: буџетските ограничувања понекогаш ме принудувале да се откажам од идеи или сценски решенија што сум ги замислил. И недостигот од средства знае многу да ја ограничи творечката слобода.

Што мислите, дали публиката во Македонија, Косово , Хрватска и Албанија реагира различно на иста сцена?

– Можам да зборувам за реакциите на слична театарска естетика, бидејќи, кога зборуваме за иста сцена, треба да станува збор и за исто дело. Јас досега не сум режирал исто дело во две или три различни земји.

Не сум почувствувал некоја особена разлика. Можеби тоа е поврзано со фактот дека сме Балканци и имаме слични начини на прифаќање или неприфаќање на нештата.

Имате режирано и опера. Кога сценската идеја и музиката ќе се судрат, кој го има последниот збор?

– Операта, во споредба со драмскиот театар, е поконзервативна во својата структура. Тоа е поврзано и со партитурата, која има своевидна внатрешна математика: во театарот, два плус два често може да бидат пет, три или седум, додека во операта тежнеат да бидат четири. Музиката ги определува времето, ритамот и голем дел од драмското дејство. Во рамките на оваа структура, режисерот треба да го најде својот простор за сопствена креативност.

За мене, последниот збор му припаѓа на делото на композиторот, додека начинот на кој тоа оживува на сцената е заедничка одговорност на режисерот и диригентот. Кога сценската идеја и музиката се судираат, решението треба да произлезе од дијалогот меѓу нив. Неопходно е режисерот и диригентот да станат едно во концептот на претставата. Ниту еден од нив не може да оди напред без да го поведе другиот со себе на секој чекор.

Во Вашиот репертоар има текстови за грабање и губење власт. Што Ви е сè уште „нејасно“ на таа тема?

– Ништо не ми е нејасно! (се смее, н.з.) Можеби токму тоа е и причината зошто поставувам на сцена ремек-дела како „Артуро Уи“, „Макбет“, „Јулиј Цезар“, „Отело“, „Жените во парламентот“, „Животинска фарма“ и други.

Денешната политика, и на власта и на опозицијата, во светот, а особено во земјите во транзиција, толку јасно покажува до каде се подготвени да одат за власт: до уништување на сопствената татковина и сопствениот народ. Затоа класичните и античките ремек-дела што ја обработуваат темата на власта наоѓаат толку силен одраз во денешната политичка стварност.

Сте работеле во различни држави на Балканов. На кој јазик мислите додека режирате, а на кој ги давате забелешките на пробите?

– Зависи од јазикот на кој ја работам претставата. Се трудам мојот работен јазик да биде јазикот на местото каде работам, на глумците со кои работам и јазикот на кој се зборува во претставата. Немам комплекси, ако не го владеам добро; важно е да се разбереме, со зборови, гестови, цртежи или на други начини.

Тоа е убавината на театарот: невербалниот јазик често е помоќен од вербалниот. Верувам дека досега сум се снашол со сите јазици, нешто повеќе тешкотии имав со турскиот.

Што би требало да се смени во македонските театри за да го фатат светскиот момент на случување, тој чекор со современоста?

– Мислам дека театарот е една од најголемите вредности што ги имаме како земја, и од историски и од идентитетски аспект. Тој е едно од нашите нематеријални богатства што може достоинствено да ја претставува земјата во светот. Ние навистина имаме капацитет да создаваме добар театар.

Немаме море или силна индустрија, но имаме театар што докажал вистински вредности во рамките на поранешна Југославија. И подоцна сме добивале признанија и сме ја претставувале нашата земја со големо достоинство во Европа и пошироко.

Затоа и понатаму верувам дека треба да се промени начинот на кој политиката го гледа и го третира нашиот театар. Сите наши театри заслужуваат поголеми буџети и подобри услови за работа. Ни требаат помалку проекти по број, но повеќе квалитет и можности претставите да се развиваат и да живеат долго.

Исто така, самите раководители на театрите треба повеќе да работат на претставувањето на нашата сценска уметност на меѓународни фестивали. Тоа би ни овозможило да ја покажеме нашата вредност, да разменуваме искуства и да бидеме во постојан контакт со современите театарски текови.

Родени сте во Кичево, а работите во три држави. Што за Вас значи „дома” и дали тоа место се менувало со годините?

– Тоа никогаш не може да го промени местото на работа! Нашиот дом или татковина е таму каде што се нашите родители, сè додека се живи. Потоа, за нашите деца, домот е таму каде што сме ние, сè додека сме живи.

Имате двојно државјанство. Дали тоа е избор или обврска?

– Државјанството на Република Македонија ме поврзува со моето родно место, со земјата во која се моите родители. Што значи за мене местото каде што се моите родители, објаснив во претходниот одговор. Државјанството на Албанија е подарок од земјата во која студирав и во која реализирав голем број претстави. Ниту едно од нив не е обврска; и двете се чувства.

Режисерската работа е долга и често осамена. Што правите кога претставата е готова и Вие немате што повеќе да ѝ „дадете“?

– Можеби најубавото во уметноста е животот што се создава на сцената, кој наликува на нашиот живот и кој исто така еден ден умира. И во тоа наликува на животот.

Во една претстава градиме живот полн со емоции, свесни дека еден ден ќе умре, повеќе нема да постои и ќе ѝ го отстапи местото на друга. Исто како што градиме живот полн со емоции, свесни дека еден ден ќе умреме и повеќе нема да нè има, но ќе му го отстапиме нашето место на некој друг.

Како и во животот, каде што не постои крај, така и во претставата не постои момент кога веќе немаш што да дадеш. Но самиот треба да ѝ ставиш крај на својата склоност да даваш уште. Еден свесен режисер точно знае кога треба да си каже: „За оваа претстава, толку беше. Она што уште го имам на ум да го кажам, ќе го кажам во следната претстава“. Инаку, никогаш не би имало премиера, бидејќи потребата да се каже нешто и да се достигне совршенството никогаш не завршува.

Затоа се трудам, уште пред да заврши премиерата на претставата, да почнам да размислувам за следната претстава. Тоа ми ја олеснува разделбата со неа. Како во животот, кога ќе изгубиме некого, помислата на некој што сè уште не сме го изгубиле ни ја олеснува разделбата.

Што или кој ви е најстрогиот критичар?

– Животот, личниот развој, самоиздигнувањето. Секој ден што поминува откако сум завршил некоја работа ме тера да се критикувам себеси за нештата што немав мудрост да ги предвидам пред да се случат.

Често застанувам и размислувам за работите што сум ги направил. Гледајќи ги од денешна перспектива, забележувам безброј нешта што сум можел да ги направам подобро. Овој вид самокритика ме поттикнува да работам уште повеќе на следниот проект.

MИА

Вечер посветена на Бети Ѓорѓевиќ во КИЦ Белград

Вечер посветена на Бети Ѓорѓевиќ во КИЦ Белград
Фото: Опсервер

Македонскиот КИЦ во Белград, во соработка со „Танграм Центар“, организира вечер посветена на големата џез и соул интерпретаторка, со македонско потекло, Бети Ѓорѓевиќ.

Концертот, насловен по нејзиниот прв голем хит „Крај на мојата тага“ („Крај моје туге“) со кој се стекна со популарност уште во далечната 1974 година, ќе биде исполнет со сеќавања за неа, преку одбрани видео материјали, како и со музички интерпретации на познатите вокални солистки Нада Павловиќ и Снежана Бериќ-Екстра Нена, во пијано придружба на Небојша Костиќ.

Водител и сценарист на настанот ќе биде актерот Пеѓа Милојевиќ. Иницијатори и организатори на оваа меморијална музичка вечер се КИЦ Белград и директорот Васко Шутаров, а настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Бети Ѓорѓевиќ, која почина на 19 јануари годинава, беше редовен гост на сите поважни културни настани во организација на КИЦ Белград, а идејата да се реализира портрет посветен на нејзиниот богат музички живот, ја поддржуваше и силно и се радуваше.

Вечерта посветена на Бети Ѓорѓевиќ, ќе започне в петок (30 октомври) во 19,30 часот, во КИЦ Белград, на ул. Македонска 30, а за истата, веќе владее голем интерес во белградската јавност, меѓу почитувачите, соработниците и пријателите на Бети Ѓорѓевиќ, како и во српските медиуми, кои веќе најавија присуство на настанот.