Прескокни до содржината
Реклама

Зеленски утре пристигнува во Турција на разговори со Ердоган

Зеленски утре пристигнува во Турција на разговори со Ердоган
Фото: Опсервер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре ќе ја посети Турција, каде што со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе разговара за војната со Русија и безбедноста во Црното Море, соопшти денеска турското претседателство.

Средбата ќе се одржи во Истанбул, а разговорите ќе бидат насочени кон зајакнување на билатералната соработка, регионалните и меѓународните случувања, вклучително и руско-украинскиот конфликт.

Ердоган во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјавил дека Турција е подготвена да ги поддржи напорите за обновување на преговорите меѓу Украина и Русија со цел завршување на војната.

Турција претходно им доставила на Киев и Москва меморандум за запирање на нападите врз трговските бродови во Црното Море. Анкара, која одржува блиски односи со двете земји, повеќепати понуди да биде домаќин на мировни преговори.

ЕУ и Канада ја зајакнуваат соработката во областа на суровините и енергијата

ЕУ и Канада ја зајакнуваат соработката во областа на суровините и енергијата
Фото: Опсервер

Европската Унија и Канада постигнаа договор за зајакнување на трговската соработка во областа на суровините и енергијата, со посебен акцент на критичните минерали од Канада, објави „Политико“.

Преговорите, кои се одржале во Монтреал, завршиле успешно, а договорот треба да овозможи поголеми европски инвестиции во канадските природни ресурси, кои се клучни за енергетската транзиција. Инвестициите ќе се насочуваат преку Европската инвестициска банка.

Договорот предвидува и изработка на долгорочна студија за можностите за извоз на канадски течен природен гас (ЛНГ) во Европа. Канада располага со значителни резерви на гас, но нема доволно инфраструктура за негово втечнување и транспорт од источниот брег.

Во заедничката изјава, ЕУ и Канада најавија забрзување на соработката во проекти поврзани со ископување, преработка, рафинирање, производство и рециклирање критични суровини, како и можни заеднички проекти во трети земји.

Двете страни најавија и продлабочување на соработката во безбедноста, трговијата, технологијата, вештачката интелигенција и финансиските услуги.

Стравувањата од нови американски напади врз Иран ги крена цените на нафтата кон 118 долари

Стравувањата од нови американски напади врз Иран ги крена цените на нафтата кон 118 долари
Фото: Нетпрес

Цените на нафтата пораснаа во петокот на меѓународните пазари кон 118 долари, а стравот на трговците од можен нов американски напад врз Иран по изборите за Конгресот и „температурата“ во Хормуз се зголеми.

Во Лондон, со барелот за испорака во декември попладнево се тргуваше по цена од 2,79 долари повисока отколку на вчерашното затворање на тргувањето, на 117,67 долари. На американскиот пазар барелот беше поскап за 2,30 долари и изнесуваше 104,30 долари.

Засебните пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОРЕС) покажаа дека барелот од референтната нафтената кошничка на нејзините членки во четвртокот поевтинил за 1,88 долари, на 112,85 долари.

„Нафтените пазари се вознемирени пред изборите за Конгресот во САД. Некои инвеститори и аналитичари очекуваат американските сили повторно да го нападнат Иран по изборите“, коментираше аналитичарот на „Saxo Bank“, Оле Хансен.

Американците излегуваат на гласачките места за изборите за Конгресот на 3-ти ноември.

Американскиот претседател Доналд рамп, претходно овој месец изјави дека нови напади врз Иран не се планирани пред изборите. Во петокот, Трамп изјави за радио станицата KCMO во Канзас Сити дека војната со Иран наскоро ќе заврши, без да прецизира како тоа ќе се случи.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, во петокот изјави дека напредокот во разговорите за завршување на војната зависи од тоа дали Иран ќе ги прифати неговите услови, кои јасно им беа изнесени на медијаторите во неколку наврати, објави новинската агенција Mehr.

Трговците беа вознемирени и од новиот напад врз танкер во Хормуз за време на викендот. Танкер беше оштетен во петокот во напад со експлозивни направи прикачени на него од мал брод, соопшти Организацијата за поморска трговија на Велика Британија (UKMTO). Не беше веднаш јасно кој го извршил нападот.

Ова беше првиот познат успешен напад со вакви средства во Хормускиот теснец откако САД ја започнаа војната со Иран во февруари, изјавија извори од индустријата за Reuters.

Во четвртокот Корпусот на чуварите на исламската револуција (IRCG, попозната како иранската Револуционерна гарда) одделно објави дека четири танкери налетале на мини во Хормуз, оспорувајќи го тврдењето на американската војска дека примарните рути се расчистени.

„Продолжената кинетичка активност во близина на Ормутскиот теснец ги зголемува сомнежите за одржливо дипломатско решение и ова ги држи цените високи во очекување на ескалација на конфликтот во наредните недели“, вели Саул Кавоник од компанијата „MST Marquee“.

Катарските медијатори повторно пристигнаа во Техеран во петокот како дел од координираните напори на САД и Иран да постигнат договор за прекин на конфликтот, изјави неименуван функционер за Reuters.

Франција повлекува седум милиони кондоми, откриена производствена грешка

Франција повлекува седум милиони кондоми, откриена производствена грешка
Фото: Опсервер

Франција повлекува седум милиони кондоми од европскиот пазар поради производствена грешка што може да предизвика нивно пукање или појава на ситни дупчиња, пренесува германската агенција ДПА.

Француската управа за заштита на потрошувачите ја забрани продажбата на 15 видови кондоми од повеќе брендови.

При инспекциски надзор на производствените погони биле утврдени неправилности во производството на ултратенки кондоми, односно нерамномерна дебелина на гумениот слој. Поради тоа, кондомите може полесно да пукаат или на нив да се појават ситни дупчиња.

Надлежните предупредуваат дека неисправните производи може да го зголемат ризикот од сексуално преносливи инфекции и несакана бременост.

Дел од кондомите биле повлечени уште претходно годинава, но постои можност неисправни производи и натаму да се наоѓаат во продавниците или кај потрошувачите низ Европа.

Пилешка чорба со ориз и лимон

Пилешка чорба со ориз и лимон
Фото: robin.norwood, Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Ова е чорбата што се вари кога некој дома е настинат, а се јаде и кога сите се здрави. Застројката — матено јајце со лимон, темперирано со топла супа — ѝ дава свиленост без павлака и една света киселост што ја разбудува целата чинија.

Време45 минутиПорции4ТежинаЛесно

Состојки

  • 400 г пилешки батаци без кожа
  • 1,5 л вода
  • 1 поголем морков, на ситни коцки
  • 1 главица кромид, ситно сечкана
  • 1 парче корен од целер (околу 50 г), рендан
  • 80 г ориз, испран
  • 2 лажици сончогледово масло
  • 1 јајце
  • сок од половина лимон
  • сол, свежо мелен бибер и магдонос

Подготовка

  1. Ставете ги батаците во ладна вода, зовријте и соберете ја пената. Додадете го морковот, кромидот, целерот, маслото и малку сол, па варете на тивко 25 минути.
  2. Извадете го месото, одвојте го од коските и раскинете го на парчиња со две виљушки.
  3. Додадете го оризот во чорбата и варете уште 12 минути, додека не омекне. Вратете го месото и тргнете го тенџерето од силниот оган.
  4. За застројката изматете го јајцето со лимоновиот сок, па со нишан додавајте по лажица топла чорба, постојано матејќи, додека садот не се стопли.
  5. Истурете ја застројката во чорбата мешајќи. Побиберете, посипете магдонос и служете веднаш — по застројката чорбата не смее повторно да зоврие.
Совет од кујната: Темперирањето е сè: минимум пет-шест лажици топла чорба во јајцето пред да го вратите во тенџерето. Избрзате ли, наместо свилена чорба добивате сварени јајчени влакна.

Италија за скокот на цените на гасот го обвини одложувањето на Германија за полнење на складиштата

Италија за скокот на цените на гасот го обвини одложувањето на Германија за полнење на складиштата
Фото: Нетпрес

Германија ја разочара Европа со предолгото одложување на полнењето на своите складишта за гас во обид да ги намали трошоците за државните енергетски компании пред приватизацијата, изјави функционер на италијанското Министерство за енергетика, велејќи дека Берлин ја носи одговорноста за најновото зголемување на цената на гасот.

Мегават-час гас за испорака во декември се тргуваше за 103,43 евра на холандската берза TTF попладне во петокот, најскапата од средината на декември 2022 година. Беше за 5,6 отсто поскап од вчерашното затворање.

Зголемувањето на цената на гасот отвори дебата за мерките за ограничување на скокот на цените, а воедно и зачувување на европскиот пазар, забележува Reuters.

Италијанската влада со месеци лобира кај Европската комисија да ѝ дозволи да користи буџетски пари за намалување на трошоците за гас и електрична енергија за домаќинствата и бизнисите.

Зборувајќи на конференцијата „Montel Italian Energy Day“ во Милано, Алесандро Ноче, главен директор за енергетските пазари при Министерството за енергетика, рече дека Рим потрошил стотици милиони евра за полнење на своите складишта за гас пред зимата.

„Во меѓувреме, Германија го одложи полнењето на своите складишта и се фокусира на приватизација на енергетските групи Uniper и SEFE, клучни играчи во процесот“, рече италијанскиот функционер.

„Вознемирен сум кога слушнав дека една европска земја одлучила да не ги полни своите складишта затоа што сака да приватизира компанија“, рече Ноче.

„Двојно сме погодени. Плативме 300 милиони евра за да го пополниме складишниот капацитет, а сега плаќаме повеќе за гас затоа што Германците го купуваат… тоа навистина ме лути“, додаде функционерот на италијанското министерство за енергетика.

Германскиот регулатор во четвртокот соопшти дека складиштата се полни со 61,7 отсто. Според податоците од здружението Гасна инфраструктура Европа (GIE), италијанските складишта се полни со речиси 91 отсто, додека просекот на ЕУ е околу 75 отсто.

Во писмена изјава за Reuters, германското Министерство за економија изјави дека зимските резерви на гас се безбедни, и покрај тоа што нивоата на залихи во складиштата се значително под законската цел за 1-ви ноември. Министерството соопшти дека не се очекува недостиг на гас во Германија оваа зима.

Владата во Берлин презеде дополнителни мерки на претпазливост, вклучително и зголемено вбризгување гас во складиштата и тендер за обезбедување резерви во втората половина од зимата. Некои од овие мерки нема да стапат во сила сè до по 1-ви ноември, соопшти Министерството.

Министерството, исто така, ги потврди плановите за замена на задолжителните цели за капацитет на складирање со национални стратешки резерви на гас.

Италијански функционер предупреди дека цената на гасот на TTF може да достигне помеѓу 150 и 180 евра за мегават-час доколку јануари е студен.

„Сè зависи од времето. Мораме да ‘навиваме’ за глобалното затоплување и да се надеваме на топол јануари. Доколку јануари е студен како минатата година, особено во Полска, Литванија и северна Германија, ќе има проблеми“, рече Ноче.

Полицијата го истражува престојот на Епстин на имот на британското кралско семејство

Полицијата го истражува престојот на Епстин на имот на британското кралско семејство
Фото: Опсервер

Шкотската полиција потврди дека спроведува проверки во врска со престојот на поранешниот принц Ендрју на приватниот кралски имот Балморал, каде што бил во друштво на починатиот сексуален престапник Џефри Епстин и неговата соработничка Гислејн Максвел, пренесува Еј-би-си њуз.

Од полицијата соопштија дека проверките се во многу рана фаза.

„Сите проверки се засноваат на докази, а потребите на жртвите се во нивниот центар“, се наведува во полициското соопштение.

„Никогаш не потврдуваме детали за истраги што се во тек и би било несоодветно дополнително да го коментираме овој случај“, додаваат од полицијата.

Американското Министерство за правда претходно годинава објави фотографии на кои се гледа поранешниот принц, сега познат како Ендрју Маунтбатен-Виндзор, како лови заедно со Епстин на имотот.

Британската полиција во февруари го уапси Маунтбатен-Виндзор и го задржа неколку часа под сомнение за злоупотреба на службената положба поврзана со неговите врски со Епстин.

Тоа беше првпат по речиси четири века да биде уапсен член на британското кралско семејство од толку висок ранг.

CAS пресуди дека руските хокеари можат да се натпреваруваат на светските првенства

Фото: Нетпрес
Фото: Нетпрес

Спортскиот арбитражен суд (CAS) во петокот пресуди дека руските хокеарски тимови можат да се натпреваруваат на светските првенства за мажи и жени следната година, поништувајќи ги одлуките на Меѓународната федерација за хокеј на мраз (IIHF) за нивно исклучување од натпреварите под нејзина надлежност.

CAS ги потврди жалбите поднесени од Руската хокеарска федерација против одлуката на IIHF да им забрани на руските тимови да учествуваат во настаните во сезоната 2026/2027.

Судот со седиште во Лозана изјави дека IIHF не доставил доволно докази за да ја оправда својата проценка дека безбедносните причини бараат континуирано исклучување на Русија од натпреварувањето.

Првиот турнир погоден од пресудата е Светското јуниорско првенство во хокеј во Канада, кое започнува на 26-ти декември.

Други настани на кои се однесува пресудата се Светското првенство во хокеј за жени во Канада следната година и Светското првенство во машка конкуренција во Германија.

CAS изјави дека пресудата се однесува исклучиво на легалноста на одлуките за исклучување и не се осврнува на прашања како што е дали руските селекции треба да се натпреваруваат под неутрално знаме и без национални обележја, како што е случајот со спортистите од таа земја во други спортови.

IIHF ја забрани Русија од повеќето меѓународни хокеарски натпревари во 2022 година, по руската инвазија на Украина. Русија, како независна држава, освои пет светски првенства во IIHF.

Облачно и постудено време со дожд до вторник, локално се очекуваат над 60 литри на квадратен метар

Облачно и постудено време со дожд до вторник, локално се очекуваат над 60 литри на квадратен метар
Фото: Опсервер

Времето утре ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.

Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.

Под влијание на циклонска активност до вторник времето ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Пообилни врнежи ќе има во недела и во понеделник кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник. На повеќе места се очекува да наврне поголема количина на дожд (над 25 l/m² за 24 часа), а во текот на прогнозираниот период локално и над 60 l/m². Од среда и во деновите потоа ќе се задржи постудено, но стабилно и суво време.

Сиљановска-Давкова во пресрет на COP31: Климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати

Сиљановска-Давкова во пресрет на COP31: Климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати
Фото: Опсервер

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на настанот „Национален дијалог во пресрет на СОР31“, организиран од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

За Сиљановска-Давкова климатските промени не се само прашање на заштита на природата, туку системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството и бара итност, одговорност и заедничка акција.

Таа ја нагласи важноста од брзо усвојување на Законот за климатска акција, кој, како што истакна, е еден од најважните документи во реформската агенда поврзана со ЕУ, а за кој е добиено зелено светло од Европската Комисија во однос на усогласеноста со европското законодавство.

Во пресрет на COP31, во Анталија, каде што претседателката ќе ја предводи македонската државна делегација, таа порача оти треба да настапиме со јасни национални приоритети, подготвени проекти и конкретно дефинирани потреби за финансирање.

Според неа, Конференцијата е можност не само да ги артикулираме нашите приоритети, туку и да покажеме дека сме подготвени климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати.