Прескокни до содржината
Реклама

Силен земјотрес го погоди Халкидики, почувствуван дури до Атина

Силен земјотрес го погоди Халкидики, почувствуван дури до Атина
Фото: МКД.мк

Земјотресот е регистриран во 11.45 часот, со епицентар во морето, на 47 километри југоисточно од местото Сикија на кракот Ситонија.

Според ревидираните податоци на Геодинамичкиот институт во Атина, жариштето на земјотресот било на длабочина од 15,3 километри.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека потресот бил почувствуван во источниот дел на Солун, додека Катимерини и Скај јавија дека бил почувствуван и во поширокото подрачје на Атина.

Според градоначалникот на Ситонија и грчката противпожарна служба, засега нема пријавени проблеми или штети од земјотресот.

Обвинител и професор тврдат дека власта во Србија изнесува државни пари преку границата со Хрватска

Обвинител и професор тврдат дека власта во Србија изнесува државни пари преку границата со Хрватска
Фото: МКД.мк

Бакиќ денеска за српскиот весник Данас изјави дека дознал оти „режимот уште еден ден пред изборите почнал да изнесува пари преку Батровци“.

„Постојат начини тие пари да се вратат во Србија, како и одговорните за тоа кривично дело да платат висока цена за своите постапки“, изјави Бакиќ.

Тој не откри повеќе детали за наводното изнесување на парите, но изрази очекување дека јавноста во наредните денови ќе добие детален извештај.

Слични информации, според сопственото тврдење, добил и обвинителот на Врховното јавно обвинителство Горан Илиќ, кој раководи со новоформираната Комисија за обезбедување законитост во постапувањето на јавните обвинители.

„Од повеќе извори слушнав дека на граничниот премин Батровци се изнесуваат државни пари. Пренесувањето на парите, наводно, го обезбедуваат офицери на граничната полиција“, изјави Илиќ за Нова.рс.

Тој побара надлежните обвинителства веднаш да ги проверат овие информации и да преземат мерки за спречување на евентуалното незаконско изнесување пари.

„Надлежните јавни обвинителства не смеат да седат со скрстени раце, туку мора да побараат проверка на овие наводи и да преземат други мерки со кои би се запрела оваа криминална операција“, рече Илиќ.

Според него, сега не е време обвинителите да седат во своите кабинети, туку да дејствуваат.

Засега нема официјална потврда дека државни пари навистина се изнесувани од Србија, ниту информации за евентуалните износи или за лицата што би биле вклучени.

Студенти во Србија бојадисаа графити на Ратко Младиќ и пораки на омраза

Студенти во Србија бојадисаа графити на Ратко Младиќ и пораки на омраза
Фото: МКД.мк

Граѓаните донеле боја, четки, картон и други додатоци и, заедно со студентите, го уредиле подвозникот во близина на една од главните раскрсници во градот.

Тие поставиле плоча на оградата на подвозникот со порака дека пораките на омраза немаат место во Суботица и дека сакаат да ги уредат јавните простори низ целиот град.

„Пораките на омраза не се добредојдени во нашиот град. Го организираме ова место како што ќе го организираме целиот град“, напишаа учесниците во акцијата.

На таблата, тие предупредија и дека луѓето што повторно ќе пишуваат графити на омраза ќе бидат евидентирани и дека ќе бидат казнети.

„Видовте дека знаеме како да се организираме. Не си играјте. Играта е завршена“, се наведува во пораката.

Акцијата ја обезбедувала полицијата во Суботица. Полициските службеници привремено затвориле една сообраќајна лента со службено возило, додека студентите и граѓаните ги бојадисувале ѕидовите од двете страни на подвозникот.

Студентска листа претходно ги повика граѓаните низ цела Србија да се вклучат во чистењето и средувањето на јавните простори, вклучувајќи ги зградите, улиците и парковите.

Студентите ги поканија граѓаните да донесат кеси за ѓубре, градинарски алати, садници и други додатоци и да помогнат во своите населби или други локации во градот.

Тие особено предупредија на навредливи графити како што се „студенти усташи “ и „блокадери терористи“, кои се наоѓаат на фасадите на зградите низ цела Србија.

Студентска листа соопшти дека акциите не се временски ограничени и ќе продолжат додека не се заврши планираната работа.

Десетици илјади излегоа на протести низ Италија

Десетици илјади излегоа на протести низ Италија
Фото: Нетпрес

Десетици илјади луѓе, претежно студенти и работници, излегоа на улиците низ цела Италија во петокот, барајќи повисоки плати и подобри јавни услуги и протестирајќи против високите трошоци за живот и зголеменото трошење на оружје.

Синдикатот „Unione Sindacale di Base“ повика на општ 24-часовен штрајк, со протести планирани во повеќе од 40 градови.

Собирите следат по протестите претходно овој месец кои завршија со насилни судири со полицијата, грабежи на продавници и вандализам на јавен и приватен имот.

Петочните демонстрации беа претежно мирни, но полицијата во северозападниот град Торино употреби водени топови за да ги растера студентите и левичарските активисти кои се приближија до безбедносните коридори пред зградата на префектурата.

Во Рим голема поворка мина покрај Колосеумот. Демонстрантите поставија шатори таму и најавија дека ќе останат во текот на викендот. Контејнери за ѓубре беа поставени на средината од некои улици, а потоа запалени, пренесуваат медиумите.

Во Милано, демонстрантите маршираа по градската обиколница, завршувајќи го својот протест пред универзитетот.

Во Џенова, околу 15.000 пристанишни работници, студенти и други демонстранти влегоа во пристаништата, приклучувајќи се на слични собири во Европа и низ целиот свет против користењето на пристаништата за извоз на оружје. Тие, исто така, го истакнаа страдањето на морнарите во конфликтите низ целиот свет, од Персискиот залив до Црното Море.

Покрај Италија, бран протести истовремено зафати многу европски земји како што се Франција, Шпанија, Белгија, Албанија и Португалија, во голема мера мотивирани од незадоволството од високите трошоци за живот.

Поради изненадување на Трамп за Ноќта на вештерките, доцнеле повеќе од 200 летови во Вашингтон

Поради изненадување на Трамп за Ноќта на вештерките, доцнеле повеќе од 200 летови во Вашингтон
Фото: Опсервер

Прелет на претседателскиот авион над Белата куќа, организиран како изненадување за децата на прославата на Ноќта на вештерките, предизвика доцнење на десетици летови и вознемиреност кај жителите на Вашингтон, пренесува Ројтерс.

Авионот, кој ја носи ознаката „Ер форс уан“ кога во него патува американскиот претседател Доналд Трамп, синоќа двапати прелетал ниско над Белата куќа и околните населби. Поради тоа, Федералната управа за воздухопловство (ФАА) привремено го запрела сообраќајот на блискиот аеродром „Роналд Реган“.

Во моментот на прелетот, Трамп бил домаќин на детска прослава по повод Ноќта на вештерките. Белата куќа објавила снимка од настанот, опишувајќи го како „епски прелет“ организиран за децата што дошле по слатки.

Градските власти соопштиле дека известувањето за прелетот го добиле само 15 минути претходно, поради што многумина биле исплашени. Авиокомпаниите, пак, биле известени помалку од еден час пред настанот.

Според податоците на „ФлајтАвеар“, на аеродромот вчера доцнеле вкупно 202 лета, односно 26 отсто од појдовните и 17 отсто од пристигнувачките летови. Поголемиот дел од доцнењата биле поврзани со привременото запирање на воздушниот сообраќај.

Норвешка разгледува ограничувања за изградба на дата-центри

Норвешка разгледува ограничувања за изградба на дата-центри
Фото: Нетпрес

Норвешка разгледува ограничувања за изградба на нови центри за податоци, поради предупредувањата за очекувано големо оптоварување на електроенергетскиот систем и критиките за создавање само неколку стотици нови работни места со полно работно време.

„Пред три до четири години, речиси и да немаше дата-центри, а сега тие трошат меѓу три и четири терават часови (TWh) електрична енергија годишно, што е околу 2,5 проценти од вкупната потрошувачка во Норвешка“, изјави за Reuters шефот на Норвешката управа за водни ресурси и енергија (NVE) Кјетил Лунд.

До 2035 година, според извештајот на NVE објавен во четвртокот, тие би можеле да трошат 25 TWh електрична енергија, под претпоставка дека се користат веќе одобрените приклучоци кон електричната мрежа.

Норвешка произведува најголем дел од својата електрична енергија во хидроцентрали, а производството обично ја надминува потрошувачката за околу 15 TWh годишно. Сепак, сега постои ризик од недостиг на електрична енергија, бидејќи зголемувањето на производствениот капацитет е ограничено, предупреди NVE, по предупредувањето од операторот на преносниот систем Statnett.

Секторот за центри за податоци во Норвешка, кој е во голема мера во странска сопственост, е предмет на сè поголеми критики поради релативно малиот број работни места и неговото потенцијално влијание врз цените на електричната енергија. Слични дискусии се водат и во други земји, а центрите за податоци, исто така, се жешка тема пред изборите за Конгресот во САД.

Според студија нарачана од норвешкото Министерство за дигитализација и јавна администрација, центрите за податоци ќе генерираат директна додадена вредност од околу 3,2 милијарди круни (345 милиони долари) до 2025 година, вработувајќи околу 600 работници со полно работно време.

Некои политички партии се залагаат за привремено суспендирање на дозволите за нови дата-центри и нивна изградба. Црвената партија (Rodt) објави дека ќе поднесе таков предлог до парламентот следната недела, а други партии ја поддржаа иницијативата. Сè уште не е јасно дали предлогот ќе го добие потребното мнозинство во парламентот.

Малцинската влада предводена од Лабуристичката партија веќе работи на краткорочни и долгорочни мерки за ставање на ситуацијата под контрола, изјави за Reuters министерот за енергетика Терје Асланд.

„Сакаме во Норвешка да се отворат вистински центри за податоци, оние што се од стратешко значење на национално ниво. Исто така, проверувам како ваквите трендови влијаат врз електроенергетскиот систем“, рече норвешкиот министер.

Димитриеска-Кочоска: Стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и подобар животен стандард – приоритети на Буџетот за 2027 година

Димитриеска-Кочоска: Стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и подобар животен стандард – приоритети на Буџетот за 2027 година
Фото: Нетпрес

Стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување со постепената фискална консолидација, создавање услови за економски раст и инвестиции, редовна и навремена исплата и раст на платите и пензиите, повеќе средства за здравствена заштита, социјални надоместоци и слично. Ова се основните цели на Предлог-буџетот за 2027 година, којшто денеска го усвои Владата, а пред јавноста на прес-конференција го презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи со Предлог-буџетот за 2027 година се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари или 5,7% повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8% споредено со 2026 година). Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.

„Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети. Буџетот за 2027 година го подготвивме во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување и екстерни ризици, поради што посебно внимание посветивме на реалноста на проекциите, одржливоста на расходите и ефикасното користење на јавните средства“, рече министерката на прес-конференцијата.

Таа потенцира дека во 2027 година даночната политика ќе остане предвидлива, со фокус на унапредување на наплатата, намалување на даночната евазија и дигитализација на даночните процеси. При тоа даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари или раст од 6,4% во споредба со 2026 година.

Министерката посочи дека со Буџетот во 2027 се обезбедува редовно и непречено финансирање на сите законски и договорни обврски на државата.

„Со Буџетот се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, повеќе пари за исполнување на обврските што произлегуваат од членството на државата во НАТО, при што за одбраната се планирани средства во висина од 2% од БДП за зајакнувањето на одбранбените капацитети, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Посебен приоритет останува социјалната сигурност на граѓаните. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што е зголемување за 4,1%, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8%, согласно законското усогласување. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, додека за активните политики и мерки за вработување се планирани 2,9 милијарди денари. За здравствена заштита се обезбедени 3,9 милијарди денари повеќе во споредба со оваа година. Исто така, за општините преку блок дотации и дотации за ДДВ се планирани трансфери во износ од околу 36 милијарди денари“, појасни министерката.

Според министерката особено значаен сегмент на Буџетот за 2027 година се капиталните инвестиции кои се планирани на ниво од 40,8 милијарди денари.

„Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги. Притоа, не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на навремено спроведување на проектите и на конкретни резултати на терен.

Дополнително, покрај капиталните инвестиции што директно се финансираат од Буџетот, во 2027 година продолжува реализацијата на значајни инфраструктурни проекти преку ЈПДП како што е Коридорот 8 и 10 Д“, рече министерката.

Напомена повеќе проекти кошто ќе се реализираат во патната и железничката инфраструктура, образование, дигитализација, посочи на започнување нови проекти и забрзување на динамиката на тековни проекти.

„Сите овие инвестиции имаат една заедничка цел – подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги, поголема продуктивност и создавање услови за развој на економијата“, оцени министерката за финансии.

Посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплата на обврски кои што доспеваат во 2027 година ќе се обезбедува на домашниот и меѓународниот пазар. При тоа потсети дека следната година меѓу другото доспева за отплата Еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2023 година.

„Нашата определба е да градиме Буџет заснован на реални приходи, одговорно управување со расходите и јасно утврдени приоритети. Во 2027 година продолжуваме со фискална дисциплина, ефикасно користење на јавните средства и посилен фокус на капиталните инвестиции. Целта е да обезбедиме стабилни јавни финансии и да создадеме услови за одржлив економски раст и подобар животен стандард на граѓаните“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Со Предлог-буџетот за 2027 година проектиран е раст на БДП од 3,8% и стапка на инфлација на ниво од 3,2%.

Јаневска по посетата на „Стив Наумов“: Сè што треба да се поправи ќе се поправи, но не е точно дека се рушат ѕидови и протекуваат покриви

Јаневска по посетата на „Стив Наумов“: Сè што треба да се поправи ќе се поправи, но не е точно дека се рушат ѕидови и протекуваат покриви
Фото: Опсервер

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата на СДСМ за лошите услови во студентскиот дом „Стив Наумов“, посочувајќи дека студентите престојуваат во современ и реновиран објект, а евентуалните технички недостатоци ќе бидат отстранети навремено од изведувачот, со оглед дека објектот е под гарантен рок.

Јаневска денеска изврши непосреден увид во домот, откако претходно беа поканети медиумите, но и претставнци на политичката партија СДСМ, кои не се одзваа на поканата. При посетата на домот, министерката порача дека тврдењата за рушење ѕидови, протекување покриви и други сериозни недостатоци не одговараат на реалната состојба.

„Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партијата синоним за лицемерство, рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Живееја во ужасни услови во домовите. Сега е сосема поинаку, оваа Влада навистина се грижи за младите. Имавте можност да влезете во домот и да видите“, изјави Јаневска.

Министерката нагласи дека студентскиот дом „Стив Наумов“ е реконструиран од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека европските претставници при посетите го оценија како еден од најмодерните на Балканот.

„Не само ние туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко“, истакна министерката.

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека кај новоизградени објекти може да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека домот е под гаранција и дека изведувачката компанија ќе мора да ги отстрани сите утврдени дефекти.

„Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте“, изјави таа.

Министерката апелираше до семејствата на студентите да не подлегнуваат на обидите на политичките партии и други злонамерници да ги вознемируваат со информации дека нивните деца се сместени во небезбедни услови.

„Децата им живеат во убави услови кои досега ги немало во оваа земја и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме“, рече Јаневска.

Врховниот суд ги укина пресудите за модуларната болница во Тетово, предметот се враќа на повторно судење

Врховниот суд ги укина пресудите за модуларната болница во Тетово, предметот се враќа на повторно судење
Фото: Опсервер

Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот суд Тетово и Апелациониот суд Гостивар за случајот со модуларната болница во Тетово и го врати предметот на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.

Одлуката била донесена на седница на Советот за казниви дела на 22 октомври, откако судот ги уважил барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од осудените преку нивните бранители.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 22.10.2026 година, донесе пресуда во предметот КВП2-36/26 (во јавноста познат како Модуларна болница Тетово), со која ги уважи барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на осудените, поднесени преку нивните бранители“, се наведува во соопштението.

Со одлуката се укинати пресудата на Основниот суд Тетово од 16 мај 2025 година и пресудата на Апелациониот суд Гостивар од 26 ноември 2025 година.

Истовремено, Врховниот суд го отфрлил како недозволено барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од обвинетото правно лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово.

Предметот повторно ќе се разгледува пред Основниот суд Тетово.

Во трагедијата загинаа 14 луѓе, пациенти кои се лекуваа од ковид-19, додека 12 луѓе беа повредени. Предметот за пожарот во модуларната болница во Тетово еднаш веќе беше вратен на повторно судење со одлука на Апелациониот суд Гостивар.

Во втората жалбена постапка, во декември 2025 година, казните на поранешните директори Фљорин Бесими и Артан Етеми беа зголемени од една и пол на три години затвор, додека паричната казна за Клиничката болница Тетово беше зголемена од еден на 1,3 милиони денари.

Легендарниот Галијани може да стане претседател на Фудбалската федерација на Италија

Легендарниот Галијани може да стане претседател на Фудбалската федерација на Италија
Фото: МКД.мк

Се чинеше дека италијанскиот фудбал во јуни конечно доби одредена стабилност, кога Малаго убедливо победи на изборите против Џанкарло Абете, освојувајќи 68,58 проценти од гласовите. Сепак, изборите подоцна беа прогласени за неважечки, откако беше утврдено дека Малаго технички не ги исполнувал условите за кандидатура, бидејќи во тој момент не бил регистриран член на ФИГЦ. Тој доаѓаше од Италијанскиот олимписки комитет (КОНИ).

Поради тоа, на 6 октомври Федерацијата доби привремен комесар, а функцијата, донекаде невообичаено, повторно му припадна токму на Малаго. Тој ќе ја извршува до одржувањето на новите избори, закажани за 14 декември.

Одлуката беше потврдена и во заедничкото соопштение на АИЦ и АИАЦ, во кое се наведува дека претстојните избори претставуваат важна можност да се избере кандидат врз основа на неговата кариера, искуство и резултатите што ги постигнал во раководењето со фудбалските клубови.

Галијани од 1986 до 2017 година, односно повеќе од три децении, беше извршен директор на Милан во периодот кога клубот беше во сопственост на Силвио Берлускони. Потоа, од 2018 до 2025 година, извршуваше слична функција и во Монца, откако Берлускони го презеде клубот.