Прескокни до содржината
Реклама

Дигитализација и иновациите се неопходни за компаниите да опстанат и да бидат конкурентни

Дигитализација и иновациите се неопходни за компаниите да опстанат и да бидат конкурентни
Фото: Нетпрес

Владата ги помага домашните компании на нивниот пат кон технолошки развој и воведување иновативни модели во производствените процеси преку повеќе мерки и активности. Наша стратешка цел е јавната поддршка да ја насочуваме кон мерки кои создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата, да помогнеме домашните компании да бидат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари – рече денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески во обраќањето на годишната индустриска конференција „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“, која се одржа во рамките на Меѓународниот саем за техника, технологија, енергетика и иновации „Енерго технома“ 2026.

Конференцијата ги обедини претставниците на индустријата, институциите и експертската јавност во дискусија за дигиталната трансформација, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста на македонското производство.

„Ваквите саеми се уште едно потсетување за времињата во кои живееме, за технолошкиот напредок во светот и за компаниите кои го користат во нивното функционирање. Ние повеќе не говориме за потребата од дигитализација и воведување иновации во производствените капацитети, ние говориме за нивната неопходност со цел компаниите да опстанат, да растат и да бидат конкурентни на меѓународниот пазар“, оцени Ристески.

Се осврна на поддршката која Владата и Министерството за економија и труд им ја даваат на домашните компании во нивната дигитална трансформација и во развојот и воведувањето иновативни технолошки процеси со цел зголемување на конкурентноста на меѓународниот пазар.

Годишната индустриска конференција „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“ е во организација на Македонското здружение на металната и електроиндустријата (MAMEI), Стопанската комора на Македонија и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДигитМАК.

Скопје подготвено за најголемиот регионален настан за е-трговија

Скопје подготвено за најголемиот регионален настан за е-трговија
Фото: Нетпрес

На само неколку дена до почетокот на деветтата Регионална конференција за е-трговија, финалните подготовки се во тек за еден од најзначајните бизнис и технолошки настани во регионот. Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), конференцијата на 3 ноември ќе ги обедини водечките компании, експерти, претприемачи и носители на одлуки од регионот и пошироко, со заедничка цел – размена на знаења, искуства и решенија за забрзан развој на дигиталната трговија.

Годинешната програма ќе донесе повеќе од 30 домашни и меѓународни говорници, меѓу кои експерти и претставници на глобални компании како Amazon, Google DeepMind, LinkedIn, Tesla и Visa, како и Decathlon, Wolt, Ananas Ecommerce, Gjirafa, Iute и други компании кои активно го обликуваат развојот на дигиталната економија.

Преку две паралелни сцени – главна и практична – учесниците ќе имаат можност да слушнат за најновите трендови, но и за конкретни стратегии и бизнис-решенија применливи во секојдневното работење. Во фокусот ќе бидат вештачката интелигенција и AI агентите, иднината на онлајн купувањето, прекуграничната продажба, градењето брендови и лојалност преку гејмификација, спојувањата и преземањата на компании (M&A), како и влијанието на глобалните дигитални платформи и логистичките услуги врз регионалните пазари. Посебен акцент ќе биде ставен на тоа како компаниите можат да ги искористат новите технологии за да станат поконкурентни, поефикасни и поподготвени за промените во однесувањето на потрошувачите.

Покрај глобалните трендови, конференцијата ќе понуди и конкретен увид во состојбите и предизвиците на регионалниот пазар преку презентација на новите годишни анализи на АЕТМ. И покрај напредокот во дигиталната поврзаност и пристапот до финансиски услуги, Западен Балкан сè уште има значителен неискористен потенцијал за развој на е-трговијата. Јазот меѓу користењето интернет и онлајн купувањето, недоволно развиените дигитални вештини и високата застапеност на готовинските плаќања остануваат меѓу клучните предизвици. Токму овие прашања ќе бидат разгледани преку најновите податоци и споредбени анализи, со цел да се идентификуваат можностите за понатамошен раст и дигитална трансформација на бизнисите во регионот.

Покрај богатата едукативна програма, деветтото издание ќе понуди и бројни можности за деловно вмрежување, размена на искуства и воспоставување нови партнерства. Изложбениот простор и специјално наменетата нетворкинг-зона ќе овозможат директни средби меѓу е-трговците, финансиските и технолошките компании, агенциите, стартапите и другите учесници во дигиталниот екосистем.

За уште поефикасно поврзување, повторно ќе биде достапна и официјалната мобилна апликација на конференцијата, преку која учесниците ќе можат однапред да закажуваат индивидуални состаноци, да воспоставуваат контакти и да ги следат сите информации поврзани со програмата и активностите на настанот.

Со комбинација од глобални искуства, регионални анализи, практични решенија и можности за вмрежување, конференцијата има за цел не само да ги претстави промените што ја обликуваат е-трговијата, туку и да поттикне конкретни идеи, соработки и нови деловни можности.

Целосната агенда и повеќе информации за деветтата Регионална конференција за е-трговија се достапни на официјалната веб-страница.

Конференцијата се реализира со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Дајнерс и Ананас како златни партнери, Комерцијална банка, Халкбанк, Сава Пензиско Друштво, НЛБ Банка и Wolt како сребрени партнери, како и Минт, Сава Осигурување, Унибанка, Евроинс, РСМ, Акција24, Пивара Скопје, Зегин, ЕВН, Маркев и ELS како бронзени партнери, заедно со бројни други партнери и соработници.

1 на 4

Папата гласаше по пошта на среднорочните избори во САД

Папата гласаше по пошта на среднорочните избори во САД
Фото: Нетпрес

Папата Лав XIV гласаше на среднорочните избори во Соединетите држави, како што правеше „секогаш кога имал можност“, соопшти Ватикан во петокот.

„Папата Лав XIV го оствари своето право на глас како граѓанин на Соединетите Американски Држави секогаш кога имал можност. Во согласност со оваа добро воспоставена практика на граѓанско учество, Папата го испрати своето гласачко ливче по пошта во Чикаго“, се наведува во соопштението.

Таканаречените среднорочни избори во САД се одржуваат на 3-ти ноември. Тоа е гласање кое би можело фундаментално да ги преобликува последните две години од вториот мандат на претседателот Доналд Трамп и да одреди кој ќе го води Конгресот додека земјата се подготвува за претседателските избори во 2028 година.

Тие се одржуваат во средината на претседателскиот мандат, а се избираат сите 435 членови на Претставничкиот дом, 35 ​​од стоте сенатори и 36 гувернери.

Сонародниците Лав и Трамп не се согласуваат по прашањата за миграцијата и војните.

Тренчевска за амандманите на СДСМ: Посебниот додаток за децата со попреченост да се зголеми за 15%

Тренчевска за амандманите на СДСМ: Посебниот додаток за децата со попреченост да се зголеми за 15%
Фото: Опсервер

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на амандманската расправа во Собранието образложи предлог амандман на СДСМ за обезбедување дополнителни 20 милиони денари за зголемување на посебниот додаток за деца со попреченост до 26-годишна возраст за 15%.

Тренчевска посочи дека зголемувањето е потребно за да им се помогне на семејствата кои подолг период апелираат дека поддршката што ја добиваат од државата не е доволна.

„Од 2024 година до денес, ниту еднаш не е зголемено правото на посебен додаток за деца со попреченост до 26-годишна возраст, ниту пак кое било друго право од детска и социјална заштита“, истакна Тренчевска.

Таа нагласи дека родителите веќе две години бараат зголемување на додатокот, бидејќи постојните средства не ги покриваат нивните потреби.

„Имајќи предвид дека и родителите на децата со попреченост, оние коишто го примаат овој додаток, апелираат дека средствата коишто ги добиваат од државата се малку и не им стигнуваат, бараат две години наназад да се зголеми правото“, рече пратеничката на СДСМ.

Со предложениот амандман се предвидуваат дополнителни средства во рамките на надоместоците за детска заштита, наменети за повисок посебен додаток.

„И овие средства се дополнителни средства; целта е да се зголеми правото на посебен додаток за 15%“, посочи Тренчевска.

Таа порача дека амандманот е конкретен одговор на барањата на семејствата на децата со попреченост.

„За да излеземе во пресрет на оваа категорија граѓани, го предлагаме овој амандман за зголемување од 15%“, нагласи Тренчевска.

ОКТА: Финансиски резултати за третиот квартал и девет месеци од 2026 година

ОКТА: Финансиски резултати за третиот квартал и девет месеци од 2026 година
Фото: Нетпрес

ЕБИТДА заклучно со септември 2026 година достигна 2.340 милиони денари, поттикната од растот на продажбата и вреднувањето на залихите.

Во текот на третиот квартал од 2026 година, меѓународните пазари на нафта останаа нестабилни, под влијание на долготрајните геополитички тензии и нарушувањата на регионалните и глобалните синџири на снабдување. Предизвиците во снабдувањето, придружени од зголемените трошоци за транспорт и сурова нафта, продолжија да влијаат врз цените на дериватите и поширокото пазарно опкружување.

И покрај ваквите пазарни услови, ОКТА оствари силни финансиски и комерцијални резултати во деветте месеци од 2026 година. ЕБИТДА достигна 2.340 милиони денари, во споредба со 513 милиони денари во истиот период од 2025 година, додека добивката пред оданочување се зголеми на 2.307 милиони денари. Овие резултати беа поддржани од значително зголемениот обем на продажба, подобрените комерцијални перформанси и добивките од вреднувањето на залихите.

Прилагодената ЕБИТДА, без ефектот од вреднувањето на залихите, достигна 1.127 милиони денари, што е двојно повеќе во споредба со 564-те милиони денари остварени во деветте месеци од 2025 година, потврдувајќи значително подобрување на основните деловни перформанси.

Силната побарувачка на пазарот и зголемената логистичка флексибилност, значително го зголемија вкупниот обем на проджба во текот во деветмесечниот период од 2026 година. Користењето на продуктоводот Солун-Скопје дополнително ги зајакна капацитетите на ОКТА за снабдување на регионалниот пазар, кој продолжува да се соочува со построги услови за снабдување. Приходите од продажба достигнаа 57.622 милиони денари, што претставува раст од 105% на годишно ниво, првенствено поттикнат од поголемиот обем на продажба на домашниот и извозниот пазар, како и од од зголемените цени на горивата.

Во третиот квартал од 2026 година, ЕБИТДА се искачи на 996 милиони денари од 264 милиони денари во истиот период од 2025 година, што одразува силен раст на обемот и значителни добивки од вреднувањето на залихите. Прилагодената ЕБИТДА се зголеми на 297 милиони денари, што е за 15% повисоко во однос на истиот период од 2025 година, додека приходите од продажба се зголемија повеќе од двојно на 25.137 милиони денари. Оперативните трошоци пораснаа за 35% во деветмесечниот период од 2026 година, главно одразувајќи ги повисоките регулаторни такси, трошоците за вработените и другите услуги што ги поддржуваат стратешките иницијативи за раст на компанијата.

Паралелно со силните комерцијални остварувања, ОКТА продолжи да го поддржува домашниот пазар преку насочени, привремени иницијативи за попуст на горива воведени во периоди на исклучителна нестабилност на меѓународните цени. Од март 2026 година, ваквите иницијативи обезбедија повеќе од 7 милиони евра поддршка на пазарот, придонесувајќи за неговата стабилност и помагајќи во намалувањето на притисокот низ целиот синџир на снабдување со гориво, а воедно одржувајќи ја безбедноста и сигурноста во снабдувањето.

Покрај финансиските резултати, третиот квартал од 2026 година беше обележан и со лансирањето на кампањата „Програма гаранција“, зајакнувајќи ја посветеноста на ОКТА на гарантиран квалитет и количина на горивата. Компанијата продолжи да ја унапредува и својата агенда за корпоративна општествена одговорност преку насочени иницијативи за заштита на животната средина, безбедност на патиштата и образование, зајакнувајќи ја поддршката за заедниците во кои работи.

Во периодот што следи, се очекува геополитичките случувања, глобалните економски услови и динамиката на понудата и побарувачката да продолжат да влијаат на пазарите на горива. ОКТА останува фокусирана на оперативната извонредност, безбедноста и сигурноста на снабдувањето, дисциплинираната распределба на капиталот и континуираното извршување на стратешките иницијативи на компанијата, поддржувајќи одржливо долгорочно создавање на вредност за своите акционери и сите други засегнати страни.

Мојсоска: ДПМНЕ им брои залаци на студентите, а милион евра троши за владини настани

Мојсоска: ДПМНЕ им брои залаци на студентите, а милион евра троши за владини настани
Фото: Опсервер

Пратеничката Јована Мојсоска од Левица на расправата за ребалансот на Буџетот посочи дека владејачкото мнозинство одбива да обезбеди средства за зголемување на субвенционираниот студентски оброк, додека истовремено троши речиси еден милион евра за техничка поддршка на владините настани.

Левица, додаде таа, поднесе амандман со кој бара дополнителни 4,9 милиони евра за зголемување на студентскиот оброк, кој веќе три години изнесува само 140 денари дневно, и покрај постојаниот раст на цените и трошоците за живот. Очекувано, кажа, пратениците на ДПМНЕ не го поддржаа амандманот, со што уште еднаш, како што оцени, покажаа дека нивните ветувања за младите завршуваат таму каде што треба да почне конкретната буџетска поддршка.

„ДПМНЕ се однесува како сè уште да е во опозиција, барајќи оправдувања и префрлајќи ја одговорноста за нерешените проблеми врз други, иако токму тие денес ја имаат власта и одговорноста да ги решаваат. Наместо да ја исполнат законската обврска и да обезбедат повисок студентски оброк, продолжуваат да се кријат зад изговори“.

Мојсоска посочи дека проблемот не е во потребата од нов модел за студентски оброк, како што најавува министерката за образование и наука, Весна Јаневска, туку во непочитувањето на веќе постојниот закон. Согласно законската одредба, износот на субвенционираниот студентски оброк треба да се усогласува со инфлацијата по секоја фискална година, пред донесувањето на Буџетот за следната година.

„Дали ние денес во Собраниево дебатираме за тоа да се почитува веќе донесен закон? На студентите не им треба дебата, ниту средби со министерката, туку почитување на законот. Вашите средби со студентите нема да им го вратат тоа што две години наназад се оштетени“, истакна Мојсоска.

Според пресметките на Левица, во изминатите три години студентите се оштетени за вкупно 6,5 милиони евра поради неизвршеното зголемување на оброкот. Мојсоска ја отфрли и аргументацијата дека претходното студентско раководство барало проширување на опфатот на корисници наместо зголемување на износот, нагласувајќи дека овие мерки не се меѓусебно исклучиви.

Особено лицемерно е, додаваат од партијата, што истата власт која постојано зборува за потребата младите да останат во Македонија, одбива да обезбеди услови за нивно достоинствено живеење. Додека Мицкоски ги повикува младите да ја градат својата иднина во државата, студентите се принудени да бараат зголемување на оброкот што не е усогласен со инфлацијата, оценуваат во Левица.

Мојсоска направи директна споредба со расходите за владините настани, посочувајќи дека Генералниот секретаријат на Владата, под раководство на Игор Јанушев, склучил тендер вреден речиси еден милион евра за изнајмување и техничка поддршка на опрема за владини настани.

„Кога треба да се трошат пари за владините набавки, тогаш има пари. Вашата Влада, со потпис на Игор Јанушев, имаше тендер од еден милион евра за изнајмување техничка поддршка на опрема за владини настани. Значи, имате пари за бимови, видеоѕидови и светлосни ефекти, ама трошките на студентите ќе им ги броите“, порача Мојсоска.

Таа остро реагираше и на обидите да се контролира за што студентите ги трошат средствата од субвенционираниот оброк, додека Владата одбива да го зголеми износот согласно растот на цените.

„Ќе им ги броите залаците на студентите, а за владините настани ќе трошите милион евра. Младината не се задржува во оваа држава со видеоѕидови и скапи прес-конференции, туку со соодветен животен стандард, на кој вие нема да им ги броите залаците“, истакна Мојсоска.

Левица предупредува дека декларативните пораки за младите немаат никаква вредност доколку не се преточат во конкретни мерки и буџетска поддршка. Со одбивањето на амандманот, ДПМНЕ повторно покажа дека и по доаѓањето на власт продолжува да се однесува како опозиција, без да преземе одговорност за проблемите што самата е должна да ги решава.

Скандал во Пентагон: Американски генерал откривал тајни за Украина и Иран

Скандал во Пентагон: Американски генерал откривал тајни за Украина и Иран
Фото: Нетпрес

Додека Пентагон се обидува да открие кој од неговите редови доставувал доверливи информации до медиумите, се покажува дека едно од лицата одговорни за протекувањето бил човек од врвот на американскиот воен систем.

Генерал-потполковник Брет Силвија, еден од врвните воени планери на Пентагон, признал дека открил доверливи информации за Украина и Иран на двајца новинари од различни медиуми во текот на една година, според извештајот од внатрешна истрага добиен од американскиот портал „Аксиос“.

Министерот за одбрана Пит Хегсет го замени оваа недела, а според американски функционер, генералот ги признал своите постапки за време на видео интервју откако четири пати паднал на полиграф. Во извештајот се наведува дека Силвија соработувал со истражителите и го предал својот приватен телефон за форензичка анализа.

Тајни на Пентагон послужени во ресторан

Според истрагата, генералот протекувал доверливи информации најмалку од јуни 2025 година и комуницирал со новинарите преку апликацијата Сигнал.

Еден од состаноците дури се одржал во ресторанот „Силвер Дајнер“ во Арлингтон, откако на новинарот со кој се состанувал му била одземена дозволата за пристап до Пентагон. Во таа прилика, Силвија, користејќи белешки што ги направил додека читал класифициран документ, му пренел информации на новинарот за американската помош за Украина. Новинарот наводно работел на книга и се сретнал со генералот двапати, без знаење или одобрение од канцеларијата за односи со јавноста на Пентагон.

Истражителите биле особено привлечени од преписката преку „Сигнал“, за која американските власти се сомневаат дека Силвија намерно ја избришал, обидувајќи се да ги скрие контактите со еден од новинарите.

Генералот тврдел дека во јуни или јули добил порака која, доколку се сеќава, се однесувала на Иран. Според него, тој не одговорил на пораката, туку решил да ја избрише. Сепак, при бришењето, наводно случајно ја отстранил целата преписка, заедно со дневникот на повици. Сепак, истражителите се сомневаат дека бришењето не било случајно.

Силвија, исто така, призна дека е еден од 20-те функционери чии изјави биле искористени во весник во кој се критикува раководството на Пентагон.

Спорот на Хегсет со протекувањето информации

Отпуштањето на високо рангираниот офицер доаѓа во време кога Пентагон ги заострува мерките против протекување на класифицирани информации во медиумите.

Во јули, Министерството за одбрана објави формирање на заедничка работна група со Министерството за правда, задолжена за идентификување на изворите на неовластено протекување информации и ветување за построго кривично гонење на одговорните. Во исто време, односите меѓу Пентагон и американските медиуми стануваат сè позатегнати.

Неколку новинари и редакции ги вратија своите акредитации минатата година во знак на протест против рестриктивните правила за известување.

Имавме конструктивна средба, чекаме повратен одговор, кажа Мицкоски за разговорите со студентите

Имавме конструктивна средба, чекаме повратен одговор, кажа Мицкоски за разговорите со студентите
Фото: Опсервер

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како течат разговорите со студентите околу висината на студентскиот оброк и кои решенија беа понудени, изјави:

„Да, имавме средба на којашто разговаравме и за студентскиот оброк, но разговаравме и за полагањето на правосудниот испит. Мислам дека имавме конструктивна средба којашто траеше два часа. Ние го објаснивме предлогот којшто го има Владата и тој предлог цениме дека е многу подобар како решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се сложија. И сега чекаме повратен одговор, ни беше ветено дека истиот ден до вечерта ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите, не ја добивме. Еве денеска е втор ден, се надевам дека денеска ќе ја добиеме таа драфт-верзија којашто ќе ја комуницираат со колегите за тоа што е разговарано на состанокот.“

Во однос на тоа што е предложено околу полагањето на правосудниот испит и дали е тоа што го обзнани министерот за правда, премиерот Мицкоски додаде:

„Тоа што го комуницираше министерот за правда е тоа коешто ние како Влада го одработивме, бидејќи досега, морам да признаам, немало никаков предлог. Дури оние политички партии коишто денеска се обидуваат да ја поларизираат на етничка основа состојбата во државата, не направиле ништо повеќе од две децении. Ние како Влада еве преземавме иницијатива и цениме дека тоа решение коешто го нудиме, а коешто ќе биде испратено до Венецијанската комисија е решение коешто нуди од една страна задоволување на правото да се полага испитот на јазик на којшто е завршено високото образование, односно правото за својот мајчин јазик и второ да имаме владеење на правото затоа што лингва франка принципот, односно еден јазик во правосудството е практично главна препорака во мислењето коешто го дава Венецијанската комисија на Законот за јазици.“

Целта од 20 милијарди долари БДП до 2028 година е веќе постигната

Целта од 20 милијарди долари БДП до 2028 година е веќе постигната
Фото: Нетпрес

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постигна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега плeдира на 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање по означувањето на почетокот на изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во населеното место Јурумлери, истакна дека податоците на Државниот завод за ревизија се лоша вест за опозицијата.

„Ние со сите овие проекти што ги работиме и овие позитивни индикатори коишто се појавуваат имаме лоши вести за опозицијата. Тие би се радувале кога ние би можеле да тонеме во тоа политичко мочуриште во кое што тие ја оставија земјата на безидејност, уништена, ограбена, понижена држава, економија и граѓани. Ние се обидуваме овие нешто повеќе од две години сè тоа да го консолидираме и конечно еве првите индикатори излегуваат на сцена“, истакна Мицкоски.

Појасни дека растот на БДП за 2024 е нивелиран од 3 на 3,8 отсто, а во 2025 од 3,5 на 3,8 отсто.

„Но она што е поважно, нашата цел како Влада беше номиналниот бруто домашен производ на крајот од мандатот од оваа влада да биде 20 милијарди долари. Тој е веќе постигнат во 2025 година. Значи оваа година растеме уште побрзо. Сега имаме нова амбиција, плeдираме на 22 милијарди долари, но да видиме сега како ќе биде оваа година. Досега првата половина е над очекувањата. Како ќе биде понатаму ќе видиме“, рече Мицкоски.

Според премиерот, охрабрува податокот дека и индустриското производство во септември, што е последен месец од третиот квартал, пораснало за 2,4 отсто.

„И сега во третиот квартал имаме зголемено индустриско производство во услови кога имаме малтене невидлива, тивка трета светска војна што се случува во светот поради ова со енергенсите и во услови кога имаме намалена побарувачка поради пазарите и финансиски, но и оние коишто се поврзани со потрошувачката кај нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската Унија“, додаде Мицкоски.

Изрази задоволство од постигнатите резултати нагласувајќи дека секогаш може и подобро, но и оти тоа е најдобриот резултат во регионот и еден од најдобрите во Европа.

„Не можам да кажам дека сум незадоволен, задоволен сум. Секогаш може и подобро и одиме подобро, но ова е најдобриот резултат во регионот и еден од најдобрите во Европа, што претставува повторно лоша вест за нашата опозиција којашто би била најсреќна и би се радувала доколку ние потонеме во политичкото мочуриште коешто тие се обидуваат да го наметнат“, додаде Мицкоски.

Рама ја исклучи можноста за оставка, повика на дијалог

Рама ја исклучи можноста за оставка, повика на дијалог
Фото: Опсервер

Албанскиот премиер Еди Рама повторно ги повика демонстрантите во таа земја на дијалог денес, додека во исто време, на 18-тиот ден од протестот, тие стојат зад барањето тој да поднесе оставка, објавува албански „Јуроњуз“.

Рама објави слики од столчиња поставени пред кабинетот на премиерот на социјалните мрежи, со што истовремено повика на разговори со студентите, а ја исклучи можноста за оставка.

Утрово, Рама го повтори повикот до студентите за дијалог, кој досега го одбиваа.

Студентските протести од претходните денови беа обележани со судири со полицијата, тензии, апсења и повредени учесници.

На протестите им се придружија и универзитетски професори, кои најавија бојкот на наставата на факултетите.