Прескокни до содржината
Реклама

Три авиони со жители на Олешки пристигнаа во Белорусија

Три авиони со жители на Олешки пристигнаа во Белорусија
Фото: Нетпрес

Три авиони со жители на градот Олешки, во Херсонскиот регион, кои сакаа да го продолжат своето патување кон Украина, слетаа на аеродромот Гомељ во Белорусија како дел од хуманитарна операција за евакуација, објави белоруската агенција БелТА.

Според агенцијата, евакуираните патувале со автобус до Анапа, од каде што биле префрлени во Гомељ.

На аеродромот ги пречекале членови на Министерството за вонредни ситуации, медицински персонал и волонтери на Црвениот крст, кои им пружиле помош.

За најмладите патници се обезбедени игралишта и цртани филмови, додека евакуираните ќе чекаат во Гомељ за да заминат кон контролниот пункт Нова Гута, преку кој ќе влезат во Украина.

На 29 октомври Белорусија се приклучи на хуманитарната операција во градот Олешка, и според БелТА, обезбеди услови за контакти меѓу претставниците на Русија и Украина, како и помош и безбедност за време на нејзиното спроведување.

Жителите на Олешки, во Херсонскиот регион, беа евакуирани како дел од хуманитарна операција договорена меѓу Киев и Москва со посредство на САД, и беа прегледани од медицински персонал во Симферопол, на Крим.

„Пристигнатите жители беа прегледани од медицинскиот персонал. По вечерата, сите беа сместени во соби каде што можеа да се одморат по патувањето“, изјавија од привремениот сместувачки капацитет.

Лавров: Зеленски мора да дојде во Москва ако сака средба со Путин

Лавров: Зеленски мора да дојде во Москва ако сака средба со Путин
Фото: Опсервер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да отпатува во Москва доколку сака директна средба со рускиот претседател Владимир Путин. Ова повторно го порача шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, нагласувајќи дека Москва е подготвена да ја гарантира безбедноста на украинскиот претседател.

Лавров истакна дека Путин повеќепати изјавувал оти е подготвен да се сретне со Зеленски, и покрај случувањата во изминатите шест години, откако украинскиот лидер дојде на власт.

„Тој тоа го рече откако Зеленски повика на директна средба. А претседателот Путин одговори дека ако Зеленски сака да се сретне, треба да дојде во Москва; ние ќе ја обезбедиме неговата безбедност“, изјави Лавров на прес-конференција по првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта.

Од друга страна, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха претходно изјави дека Зеленски е подготвен да се сретне со Путин и директно да разговара за територијалните прашања во рамки на напорите за завршување на војната, но дека средбата не може да се одржи во Москва.

Во интервју за финскиот весник „Хелсингин Саномат“, Сибиха рече дека за Киев местото на средбата не е од клучно значење, под услов тоа да не биде Москва или Белорусија. Тој со шеговита забелешка додаде дека можеби треба да се исклучи и Северна Кореја.

Сибиха ја оцени руската покана до Зеленски да дојде во Москва како „несериозна“.

Пријавила дека сопругот ја нападнал со тврд предмет и ѝ се заканувал во семејниот дом во Чаир

Фото: Опсервер
Фото: Опсервер

Дваесет и четиригодишна жена од Скопје пријавила дека била физички нападната и добивала закани од сопругот во семејниот дом на подрачјето на Бит-пазар.

Според информациите од МВР, случајот бил пријавен денеска во 3 часот наутро, а нападот се случил претходниот ден, околу 13 часот. Според пријавеното, нејзиниот 24-годишен сопруг ја нападнал со тврд предмет и ѝ нанел повреди, а упатувал закани и кон неа и кон нејзиното семејство.

Жената пријавила и дека претходно била психички и физички малтретирана од сопругот.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вицегувернерите на Народната банка на Србија побараа истрага за одземањето на дозволата на Алта банка

Вицегувернерите на Народната банка на Србија побараа истрага за одземањето на дозволата на Алта банка
Фото: МКД.мк

Алта банка е во сопственост на бизнисменот Давор Мацура, кому во средината на октомври не му беше дозволен влез во Црна Гора од причини поврзани со националната безбедност, поради што беше вратен од аеродромот во Подгорица.

Во соопштението вицегувернерите бараат обвинителството без одлагање да ги испита околностите што довеле до одземање на дозволата на 31 октомври, како и евентуалната кривична одговорност на функционери во Народната банка на Србија.

Тие истакнуваат дека со вистинската состојба во Алта банка, која драстично отстапувала од извештаите што банката ги доставувала до Народната банка на Србија, биле запознаени дури на итната вонредна седница на Извршниот одбор, свикана во вечерните часови во петокот, на 30 октомври.

„Особено е важно да се утврди кога и на кое раководно ниво постоеле сознанија за забележаните ризици и неправилности“, наведуваат вицегувернерите, барајќи да се испита и дали надлежните навремено постапувале по стручните процени и предупредувањата на вработените.

Според нив, обвинителството треба да утврди дали евентуалното непреземање или ненавременото преземање мерки претставува кривично дело за кое се гони по службена должност.

„Стабилноста што граѓаните и стопанството ја почувствуваа преку монетарната политика не смее да биде доведена во прашање поради пропусти на поединци“, предупредуваат тие, нагласувајќи дека независната истрага е неопходна за зачувување на довербата во финансискиот систем.

Вицегувернерите истовремено нагласуваат дека одлуките за монетарната политика биле носени независно, врз основа на стручни анализи, и дека стабилниот курс на динарот и ниското ниво на проблематични кредити покажуваат дека банкарскиот сектор во целина е здрав.

Соопштението го потпишаа сите четворица вицегувернери на Народната банка на Србија – Жељко Јовиќ, Ана Ивковиќ, Драгана Станиќ и Никола Драгашевиќ.

Украден пиштол „глок“ од незаклучено товарно возило во Чаир

Украден пиштол „глок“ од незаклучено товарно возило во Чаир
Фото: Опсервер

Седумдесет и четиригодишен скопјанец пријавил дека од неговото товарно возило во скопската општина Чаир му бил украден пиштол „глок“.

Според информациите од МВР, случајот бил пријавен на 30 октомври во 20:30 часот, а кражбата се случила пет дена претходно, на 25 октомври, околу 3:30 часот.

Според пријавеното, товарното возило не било заклучено кога од него бил одземен пиштолот.

Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Украина не исполни два услови, Европската комисија предложи да ѝ се исплатат 265 милиони евра помалку

Украина не исполни два услови, Европската комисија предложи да ѝ се исплатат 265 милиони евра помалку
Фото: МКД.мк

Според предлогот на Европската комисија, Украина не ги исполнила целосно обврските за именување независни членови во надзорните одбори на државните претпријатија и за подготовка на план за постепена либерализација на пазарите на гас и електрична енергија.

Од вкупно 18 услови предвидени за деветтата рата од финансиската помош, Европската комисија оцени дека Украина исполнила 16. Меѓу нив се модернизацијата на информатичкиот систем за извршување судски одлуки, усвојувањето стратегија за заштита на човековите права, програма за борба против трговијата со луѓе и стратегија за намалување на државната сопственост во банкарскиот сектор.

Како исполнети се оценети и обврските за инвестиции во образованието, здравството и домувањето, како и одредени мерки во областа на електронската идентификација и заштитата на животната средина.

Еден од неисполнетите услови предвидува именување надзорни одбори со мнозинство независни членови во 15 државни претпријатија. Украина ја спровела оваа обврска во десет претпријатија. Вториот услов се однесува на усвојување план за постепено отворање на пазарите на гас и електрична енергија по завршувањето на воената состојба.

При пресметувањето на предложената исплата, Европската комисија го зеде предвид делумното исполнување на условот за надзорните одбори, како и предвременото исполнување на една обврска предвидена за десеттата рата од помошта, поврзана со барање за регулаторна проверка од Меѓународната агенција за атомска енергија.

Поради тоа, Комисијата предложи да се ослободат дополнителни 529,4 милиони евра, со што намалувањето на побараниот износ се сведе на 264,6 милиони евра.

Украина побара вкупно 8,305 милијарди евра, а Европската комисија предложи исплата од 8,041 милијарди евра. По одбивањето на средствата за враќање на претходно исплатеното претфинансирање, Киев би требало да добие околу 7,8 милијарди евра.

За исплатата е потребно одобрение од Советот на Европската Унија, а одлуката се очекува до крајот на ноември.

Шест години од смртта на Шон Конери

Шест години од смртта на Шон Конери
Фото: Нетпрес

На 31 октомври 2020 година, на 90-годишна возраст почина Сер Шон Конери, светски познатиот актер кој се прослави со улогата на Џејмс Бонд.

Легендарниот шкотски актер е познат по многу филмови, вклучувајќи ги „Лов на црвениот октомври“ „Карпата“, „Индијана Џонс и последната крстоносна војна“, „Недопирливите“, „Името на розата“ и многу други. Шон беше првата ѕвезда што ја играше улогата на агентот 007 на големото платно и се појави во седум хит филмови во оваа позната франшиза.

Добитник е на голем број филмски награди, меѓу кои и Оскар за најдобра споредна машка улога во „Недопирливите“ во 1988 година, две награди БАФТА и два Златни глобуси.

Конери доби титула почесен витез од кралицата Елизабета во 2000 година. Но, тој е подеднакво сакан и почитуван од неговите колеги Шкоти.

Поранешниот шкотски премиер Алекс Салмонд реагираше на смртта на Конери, опишувајќи го како „најголемиот Шкотланѓанец во светот, последен од вистинските холивудски sвезди, совршениот Бонд“.

Турски воени авиони го нарушија грчкиот воздушен простор

Турски воени авиони го нарушија грчкиот воздушен простор
Фото: Нетпрес

Во текот на вчерашниот ден во североисточниот, централниот и југоисточниот дел на Егејското Море, биле регистрирани 15 прекршувања на правилата за воздушен сообраќај во ФИР Атина и 13 нарушувања на грчкиот воздушен простор од турски воени авиони, а сите биле пресретнати согласно меѓународните правила и праксата, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците, биле забележани вкупно девет летала: еден формациски состав од два борбени авиони Ф-16 и седум летала што дејствувале поединечно, меѓу кои еден ЦН-235, еден АТР-72 и пет беспилотни летала.

Од двата Ф-16, кои биле вооружени, биле регистрирани две повреди на правилата за воздушен сообраќај.

По едно прекршување извршиле другите два авиони, додека петте беспилотни летала биле одговорни за вкупно 11 прекршувања на правилата за воздушен сообраќај и за 13 нарушувања на грчкиот воздушен простор.

За време на инцидентите биле регистрирани и две воздушни конфронтации меѓу грчки и турски воздухопловни средства, а турските воени авиони биле препознаени и пресретнати согласно меѓународните правила и воспоставената практика.

Пастрмајлија со свинско месо и јајце

Пастрмајлија со свинско месо и јајце
Фото: Slavica Panova, Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Пастрмајлијата е доказ дека три-четири состојки се доволни за празник: тесто, месо, маст и јајце. Целата вештина е во жешката фурна и во рабовите што се премачкуваат со маст за да останат меки. Од оваа количина излегуваат две издолжени пастрмајлии — доволно за четворица гладни.

Време120 минутиПорции4ТежинаСредно

Состојки

  • 500 г мазно брашно
  • 300 мл млака вода
  • 7 г сув квасец
  • 1 лажичка шеќер
  • 1 лажичка сол
  • 500 г свински врат, исечен на коцки од по 1 см
  • 3 лажици свинска маст (или масло)
  • 1 лажичка лут мелен црвен пипер
  • 2 јајца

Подготовка

  1. Разбудете го квасецот во млаката вода со шеќерот. Замесете мазно, меко тесто од брашното, солта и водата со квасецот, па оставете го покриено да стасува околу 60 минути, додека не се удвои.
  2. Во меѓувреме посолете го месото и измешајте го со една лажица маст — така ќе остане сочно во жешката фурна.
  3. Поделете го тестото на два дела и развлечете го секој во издолжена пита дебела околу половина сантиметар, со прсти подигнувајќи ги рабовите. Наредете ги на тава со хартија за печење.
  4. Премачкајте го дното со маст, распоредете го месото и печете во загреана фурна на 250°C околу 15 минути, додека месото не порумени.
  5. Извадете ги питите, скршете по едно јајце врз секоја и вратете ги во фурната уште 4–5 минути — белката да се стегне, а жолчката да остане мека.
  6. На излегување премачкајте ги рабовите со преостанатата маст и посипете лут пипер. Служете веднаш, сечено на прсти.
Совет од кујната: Фурната мора да биде вжештена до крај пред да влезе пастрмајлијата — на послаба температура тестото се суши пред месото да се испече.

Тринаесет лица приведени во пет градови, пронајдени марихуана, дрога во прав и таблети

Тринаесет лица приведени во пет градови, пронајдени марихуана, дрога во прав и таблети
Фото: Опсервер

Вкупно 13 лица на возраст од 18 до 46 години биле лишени од слобода на различни локации во Скопје, Прилеп, Демир Капија, Боговиње и Штип, откако кај нив биле пронајдени марихуана, прашкасти и грутчести материи, таблети и предмети со прашкаста содржина, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Акциите биле спроведени на 30 и 31 октомври годинава.

Во Скопје биле лишени од слобода осум лица на возраст од 18 до 46 години, како и едно лице од населбата Илинден. Кај нив биле пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста и бела грутчеста материја.

Во Прилеп, затворската полиција при преглед на осудено лице пронашла прашкаста материја, повеќе таблети во различни бои и предмети со прашкаста содржина.

Во селото Боговиње бил приведен 44-годишен жител на селото Пирок, кај кого била пронајдена марихуана. Тој бил задржан во полициска станица.

Во Демир Капија, полицијата привела 29-годишен жител на селото Корешница, кај кого при преглед биле пронајдени бела прашкаста материја и таблета. За случајот бил известен јавен обвинител.

Во Штип, пак, бил лишен од слобода 26-годишен скопјанец, откако полициските службеници забележале дека користи марихуана. Тој го фрлил отпушокот, кој бил пронајден и одземен од полицијата.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.