Османи: Изјавата на Мицкоски за коалиција со ВРЕДИ е омаловажување на достоинството на Албанците, им врати сеќавање на 100-годишното ропство

Објавувањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ за коалицијата Вреди како посакуван партнер во идната влада пред да се изјасни народот на 8 мај за тоа, според шефот на дипломатијата и претседателски кандидат на ДУИ, Бујар Османи е обид за омаловажување на достоинството на Албанците, но и на граѓаните од заедниците и создава мобилизација невидена подолго време во политиката. 

-Мислам дека г. Мицкоски последните неколку дена успеа да врати едно сеќавање кај Албанците за 100-годишното ропство, омаловажување, потчинување кај секој Албанец, кај секоја Албанка, во секое албанско семејство да иритира нерв којшто мислевме дека е длабоко сокриен, да врати едно сеќавање од времето на Југославија кога југословенски Белград велеше независно што вие ќе посакате Рахман Морина ви е тој што ќе ве претставува. Рахман Морина цинично се смееше. Мислам дека овој обид за омаловажување на достоинството на секој Албанец, на секоја Албанка, но и на граѓаните од заедниците коишто ја имале истата судбина со Албанците низ годините и децениите го мобилизираше народот. И веќе не е прашање на избори помеѓу Европскиот фронт и помеѓу Вреди затоа што тие резултати завршија на 24 април, народот се изјасни. Сега имаме ситуација на мобилизирање на секој против обидот за рушење на достоинството на народите во оваа држава зборувајќи за влада уште пред да се изјасни народот на 8 мај. Е тоа сметам дека ќе создаде една нова ситуација на 8 мај, затоа што ваква мобилизација јас немам видено подолго време во политиката. Мицкоски успеа тоа да го постигне за два дена и одговорот ќе го видите на 8 мај…Едно сакам да ви кажам. Ова нешто нема да се случи. Волјата на народот не може да се згази ниту денес, ниту утре, ниту кога било., рече Османи на новинарско прашање кој е поаскуван коалициски партнер на ДУИ 

Во однос на тоа дали ќе повика на поддршка на еден од двајцата кандидати за претседател на државата во вториот круг Османи кажа дека за тоа ќе се одлучува на ниво на Европскиот фронт којшто се што ги анализира резултатите и новосоздадената ситуација.

По однос на скандирањето УЧК на претседателот на ДУИ Али Ахмети, рече дека Ахмети веќе дал одговор. При тоа укажа на слоганите што беа користени од страна на опозицијата „државата да биде повторно твоја“ што, според него, бил најсрамниот и најшовинистичкиот повик којшто може да се претстави во една мултиетничка држава.

-Каде ќе ја носиме државата ако така размислуваме дека затоа што има премиер Албанец или министер за надворешни  работи Албанец државата била на Албанците па сега на избори ќе треба да ја вратиме на Македонците. Каде ќе ја однесеме државата ако така размислуваме. Затоа, национализмот раѓа национализам. Тоа е еден вициозен круг од којшто мислевме дека се извлековме. За жал, еве овие сили успеаја повторно да го вратат тоа чувство кај Албанците и кај останатите народи, вели Османи на прашање од новинарите на прес-конференцијата по повод 55 години од формирањето на македонската дипломатска служба.

Прочитајте и:  Мицкоски за уставните измени: Не сме ни Бујар, ни Маричиќ, ни Ковачевски да бидеме лековерни и наивни, нема да влегуваме во авантури

Тој не сакаше да изјави за преферирани коалицирања, оти смета дека нема поголемо омаловажување за граѓаните, за демократскиот процес од тоа девет дена пред изборите да се зборува за тоа кој со кого ќе коалицира без да ги знаете резултатите и волјата на граѓаните.

Во однос на изјавата на Изет Меџити како ДУИ веќе не ја симпатизираат ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, посочи дека ДУИ никогаш немала за цел да биде симпатизирана од нив, туку целта на ДУИ и на Европскиот фронт, вели е да биде посакуван претставник од страна на народот.

Прашан за борбата со корупцијата повтори дека за Европскиот фронт најдобро решение е целосен ветинг на сите нивоа и во политичкиот живот и во правосудниот систем, преку формирање на меѓународен борд во којшто ќе бидат НАТО, ЕУ и САД, посочувајќи при тоа дека немаат основа обвинувањата дека тоа ќе ја одзема сувереноста на државата

-Видете, ние сме членка на НАТО. НАТО е наш сојуз, исто и ЕУ. САД се наш стратешки партнер. Ние веќе сме предложиле закон за измена на Законот за рестриктивни мерки, така што апсолутно сметам дека вклучување на тие механизми заедно со нашите институции во една агенција, во еден борд којшто ќе ги пресертифицира сите носители на јавни функции е најдоброто решение за прекин на овој лов на вештерки којшто се активира само пред избори наместо вистинска борба против корупцијата. Никој нема да може да го помине тој филтер без да гарантираат овие институции дека тоа е така, вели Османи.

Подвлече дека „без уставни измени не може да функционира реално која било Влада затоа што без ЕУ не може да функционираме“. Го повтори ставот дека пред државата е историска можност за збразано членство во ЕУ, дека топката е на наш терен и од нас зависи дали тоа ќе го искористиме, оти државата, наведе, веќе игуби дваесет години со прашањето за името. И затоа, додава, нашата позиција е многу јасна до граѓаните дека сега одлуката е нивна дали ќе дозволат да ни се повтори историјата.

-Знаете како велат излажи ме еднаш – срамот нека е твој, излажи ме двапати – срамот да е мој. Не излажаа еднаш – 20 години неодговорни политичари не излажаа. Ако дозволиме уште еднаш да не излажат и да изгубиме уште 20 години со истиот рецепт и истата формула, тогаш се плашам дека ние сме соучесници во иднината и перспективата на оваа држава. Затоа сметам дека сега не е време да се разговара за влади, коалиции, време е да се излезе пред граѓаните и да им се каже дека исправени сте пред одлука историска – дали ќе се изолираме или ќе се интегрираме, дали ќе наметнеме етничка супремација на едни врз други или ќе имаме соживот и перспектива во ЕУ. Граѓаните ќе ја донесат таа одлука на 8 мај., вели мин министерот Османи 

- Реклама -