
Од ЛДП посочуваат дека предлог-законот може да биде поднесен до Собранието по скратена постапка уште по следната владина седница, а велат дека на продолжување на роковите за застареност на овие дела бараат веќе пет години.
Партијата го обвини Мицкоски дека одговорноста за состојбите во правосудството ја префрла врз судиите и Врховниот суд, иако, според ЛДП, тој раководи со Владата и го контролира парламентарното мнозинство. Од таму тврдат дека вистинските намери на власта треба да се гледаат во измените на Кривичниот законик што парламентарното мнозинство ги изгласало двапати, без да се интервенира во роковите на застареност.
ЛДП ја критикуваше власта и за честите интервенции во законите, особено за измените на Кривичниот законик по скратена постапка. Партијата обвинува дека Владата и парламентарното мнозинство во еден ден менуваат законски решенија, а потоа повторно ги враќаат одредбите што претходно биле избришани.
Според ЛДП, тоа создава законодавен хаос, ја нарушува правната сигурност и ја засилува недовербата во институциите. Партијата се повикува на последниот извештај на Европската комисија, во кој се укажува дека високата корупција останува широко распространета, а честите и непредвидливи законски измени придонесуваат за перцепцијата на неказнивост.
„ЛДП бара итно запирање на ова законско лудило, повлекување на досегашните штетни интервенции и воспоставување на вистинско владеење на правото, бидејќи Македонија повеќе нема време за губење во рацете на неодговорни политичари“, велат од партијата.







