
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача на Парискиот мировен форум дека ЕУ треба да го забрза пристапниот процес на земјите од Западен Балкан и заради сопствената безбедност и заштита.
На Парискиот мировен форум таа рече дека земјите од Западен Балкан не се периферија на Европа, туку нејзин природен географски, историски и културен дел. Според неа, европската безбедност е поврзана со безбедноста на регионот.
Сиљановска-Давкова посочи дека земјата 21 година има кандидатски статус и зад себе 17 позитивни извештаи, но сè уште не го започнала преговарачкиот процес. Таа порача дека на регионот не му се потребни само повици за трпеливост и отпорност, туку и конкретни чекори за побрза интеграција во ЕУ.
Говорејќи за суверенитетот и демократскиот легитимитет, претседателката рече: „Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“. Таа повика на владеење на правото и почитување на човековите права и слободи.
Сиљановска-Давкова предупреди дека вештачката интелигенција, дигитализацијата и хибридните закани бараат демократска и институционална цврстина. Таа рече дека младите треба да бидат рамноправни учесници во сегашноста и во процесите на одлучување.
На панелот учествуваа и претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.







