Собранието го избриша членот 13 од измените на Законот за јавни набавки

Собранието го усвои амандманот за бришење на членот 13 од измените на Законот за јавни набавки, по укажувањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

25
Собранието го избриша членот 13 од измените на Законот за јавни набавки (Проверено)
Фото: Проверено

Собранието го усвои амандманот за бришење на членот 13 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, со што се прифаќаат укажувањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Амандманот на 129. седница го поднесоа пратениците Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски. Стојаноски рече дека измените се дел од Реформската агенда и дека со дигитални алатки и вештачка интелигенција треба да се унапреди системот на јавни набавки, да се намалат ризиците од корупција и злоупотреби и да се забрза реализацијата на инфраструктурните и другите проекти.

Реклама

„Со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме указите од претседателката и сметаме дека овој закон може непречено да биде усвоен, да го олесниме системот и да го направиме попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелисходен за целата државна управа“, изјави Стојаноски.

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи рече дека опозицијата уште во комисиската расправа предложила бришење на членот 13 и други амандмани. Тој оцени дека законот се носи без јавна расправа и дека требало да биде повлечен, по што да се поднесат нови измени со организирана јавна расправа.

Реклама

„Ова е можеби прв пат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да поднесете нови измени и да има јавна расправа, наместо да велите дека еве, сте ја послушале претседателката зашто таа кажала дека ова е противуставно“, изјави Битиќи.

Претседателката на 4 ноември го извести Собранието дека нема да го потпише указот за измените усвоени на 26 октомври, по анализа и консултации со експерти. Нејзиното вето се однесуваше на одредбата за мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

За предлог-законот се поднесени вкупно 2.158 амандмани, од кои најголемиот дел се од СДСМ.