АХВ ги прифати барањата на ветеринарите по протестот

АХВ ги прифати барањата на ветеринарите по протестот и најави продолжување на земањето мостри, исплата на обврските и промени во методологијата за цените на услугите.

25
АХВ ги прифати барањата на ветеринарите по протестот (Опсервер)
Фото: Опсервер

Агенцијата за храна и ветеринарство ги прифати барањата на Ветеринарната комора по мирниот протест одржан на 9 ноември пред Агенцијата. По протестот, директорот на АХВ Јовица Андовски одржа работна средба со претставници на Комората.

На средбата било договорено во најкус рок да продолжи земањето мостри за лабораториски испитувања согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, а тековно да се исплаќаат обврските за реализираните ветеринарни активности според програмите.

Реклама

Работна група со претставници од АХВ и Ветеринарната комора ќе направи анализа за промена на Методологијата за дефинирање на цените на ветеринарните услуги. Од Комората посочиле дека цените не биле коригирани неколку години.

Протестот беше инициран од доктори по ветеринарна медицина од ветеринарни амбуланти и клиники, со поддршка на Ветеринарната комора на Македонија. Тие укажаа на лошата состојба во секторот, недоволното финансирање и застојот во спроведувањето на превентивните мерки за заштита на здравјето на животните.

Реклама

Од Комората предупредија дека доцнењето на превентивните мерки го отежнува навременото откривање и сузбивање на болестите кај животните, со можни последици за сточарите, прометот со животни, безбедноста на храната и јавното здравје.

На средбата било констатирано дека претстои спроведување вакцинација на овците и козите против сипаници кај овци и кози.

„Прифатени беа неколкуте барања поставени од Комората со цел продолжување на започнатиот дијалог и решавање на актуелните проблеми кои ги истакнаа претставниците на приватната ветеринарна пракса“, соопшти АХВ по состанокот.